Поглавје тринаесет
Едно големо мноштво пред Јеховиниот престол
1. а) Пред да ја добијат својата награда било претхристијанските слуги на Бог било 144-те илјади, што мораат да искусат? б) Што ќе биде можно за едно „големо мноштво“ кое живее во ова време?
ВЕРНИТЕ Божји слуги, од Авел па до Јован Крстител, го ставале вршењето на Божјата волја на прво место во својот живот. Сепак, сите тие умреле и чекаат на воскресение во живот на Земјата во Божјиот нов свет. 144-те илјади, кои ќе владеат со Христос во Божјето небесно Царство, исто така мораат да умрат пред да ја добијат својата награда. Меѓутоа, Откровение 7:9 покажува дека во овие последни денови ќе има „големо мноштво“ од сите нации, кое нема да искуси смрт, туку ќе го има изгледот засекогаш да живее на Земјата. Дали си ти меѓу нив?
Идентификување на големото мноштво
2. Што довело до јасно разбирање на идентитетот на големото мноштво од Откровение 7:9?
2 Во 1923, Јеховините слуги распознале дека „овците“ од Исусовата парабола што се наоѓа во Матеј 25:31—46 и ‚другите овци‘, на кои се осврнал според Јован 10:16, се луѓе кои ќе ја имаат приликата да живеат засекогаш на Земјата. Во 1931 исто така било разбрано дека оние што се опишани во Езекиел 9:1—11 како означени на своите чела, се лицата со земна надеж. Потоа, во 1935 се дознало дека големото мноштво сочинува дел од класата на другите овци за кои зборувал Исус. Денес, ова повластено големо мноштво брои милиони.
3. Зошто изразот ‚стојат пред престолот‘ не се однесува на некоја небесна класа?
3 Во Откровение 7:9, големото мноштво не се гледа на небо. Тоа што „стои пред престолот“ Божји не бара тие да бидат на небо. Едноставно, тие се пред очите на Бог (Псалм 11:4). Фактот дека големото мноштво ‚коешто ниеден човек не можел да го изброи‘ не е небесна класа, се гледа од споредувањето на неговиот неодреден број со оној што е запишан во Откровение 7:4—8 и Откровение 14:1—4. Таму е откриено дека бројот на оние што се земени од Земјата на небото изнесува 144.000.
4. а) Што е ‚големата неволја‘ која ја преживува големото мноштво? б) Како што е наведено во Откровение 7:11, 12, кој го набљудува големото мноштво и учествува со него во обожавањето?
4 Во врска со големото мноштво, Откровение 7:14 вели: „Тоа се оние кои доаѓаат од големата неволја“. Тие ја преживуваат најлошата неволја во човечката историја (Матеј 24:21). Кога тие благодарно ќе им го припишат своето спасение на Бог и на Христос, тогаш сите верни суштества на небото ќе се обединат со нив велејќи: „Амин! Благослов и слава и мудрост и благодарност и чест и моќ и сила на нашиот Бог во сета вечност. Амин“ (Откровение 7:11, 12).
Да се покажат достојни
5. Како можеме да одредиме што се бара за да бидеме дел од големото мноштво?
5 Сочувувањето на големото мноштво низ големата неволја се одвива во склад со Јеховините праведни мерила. Ознаките за препознавање на оние што ќе бидат избавени, јасно се наведени во Библијата. Затоа, можно е љубителите на праведноста сега да постапуваат така што ќе се докажат достојни за преживување. Што мораат да прават тие?
6. Зошто може големото мноштво соодветно да се спореди со овци?
6 Овците се со благ нарав и се подложни. Затоа, кога Исус рекол дека има други овци што не се од небесната класа, мислел на луѓето кои не само што ќе сакаат да живеат засекогаш на Земјата туку ќе бидат и подложни на неговите учења. „Моите овци го слушаат мојот глас, и јас ги знам, и тие ме следат“, рекол тој (Јован 10:16, 27). Тоа се луѓе кои навистина слушаат и послушно го прават она што го вели Исус, станувајќи негови ученици.
7. Кои особини треба да ги развиваат следбениците на Исус?
7 Кои други особини ќе треба да ги развие секој од овие Исусови следбеници? Божјата реч одговара: „Да ја соблечете старата личност која се приспособува кон вашиот поранешен начин на однесување и . . . да ја облечете новата личност која е создадена по Божја волја во вистинска праведност и лојалност“ (Ефешаните 4:22—24). Тие развиваат особини што го засилуваат единството на Божјите слуги — „љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост, самосовладување“ (Галатите 5:22, 23).
8. Со што ќе се соочува големото мноштво додека го поддржува остатокот?
8 Големото мноштво го поддржува малиот број на оние со небесна надеж, кои го преземаат водството во делото на проповедање (Матеј 24:14; 25:40). Другите овци ја даваат оваа поддршка иако знаат дека ќе се соочуваат со противење, затоа што во почетокот од овие последни денови Христос Исус и неговите ангели ги исфрлиле Сатана и неговите демони од небото. Ова значело „тешко на земјата . . . зашто Ѓаволот слегол кај вас со голем гнев, знаејќи дека има кратко време“ (Откровение 12:7—12). Затоа, Сатана го засилува противењето на Божјите слуги додека се ближи крајот на овој систем.
9. Колку се успешни Божјите слуги во проповедањето на добрата вест, и зошто?
9 И покрај злобното прогонување, делото на проповедање продолжува да напредува. Од само неколку илјади проповедници на Царството на крајот од I светска војна, сега има милиони, бидејќи Јехова ветил: „Секое оружје што ќе биде создадено против тебе, нема да има успех“ (Исаија 54:17, NW). Дури и еден член на еврејскиот висок суд признал дека Божјето дело не може да се порази. Во врска со учениците, на фарисеите во првиот век тој им рекол: „Оставете ги; (зашто, ако оваа замисла или ова дело е од луѓе, ќе пропадне; но ако е од Бог, не ќе можете да ги уништите;) инаку би можеле да се најдете како борци против самиот Бог“ (Дела 5:38, 39).
10. а) Што значи ‚знакот‘ на оние од големото мноштво? б) Како Божјите слуги го слушаат ‚гласот од небото‘?
10 Оние од големото мноштво се опишани како означени за преживување (Езекиел 9:4—6). „Знакот“ е доказот дека му се предадени на Јехова, крстени како ученици на Исус и дека се стремат да негуваат личност слична на Христовата. Тие го слушаат ‚гласот од небото‘, кој во врска со Сатановата светска империја на лажната религија вели: „Излезете од неа, народе мој, ако не сакате да учествувате во нејзините гревови и ако не сакате да примите дел од нејзините неволји“ (Откровение 18:1—5).
11. На кој важен начин оние од големото мноштво покажуваат дека се Јеховини слуги?
11 Исто така, Исус на своите следбеници им рекол: „По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“ (Јован 13:35). Спротивно на ова, членовите на религиите на овој свет убиваат други членови во војна, честопати само поради тоа што се од друга националност! Божјата реч наведува: „Децата Божји и децата на Ѓаволот се познаваат по ова: Секој кој не врши праведност, не потекнува од Бог, како и оној кој не го љуби својот брат . . . Треба да имаме љубов еден кон друг; не како Каин, кој потекнуваше од злобниот и го уби својот брат“ (1. Јованово 3:10—12).
12. Како ќе постапи Јехова во големата неволја со религиозните ‚дрвја‘ кои родиле безвреден плод?
12 Исус изјавил: „Секое добро дрво дава добар плод, а секое гнило дрво дава безвреден плод; добро дрво не може да раѓа безвреден плод, ниту гнило дрво може да дава добар плод. Секое дрво кое не дава добар плод се сече и се фрла в оган. Навистина, по нивните плодови ќе ги препознаете тие луѓе“ (Матеј 7:17—20). Плодот што го родиле религиите на овој свет ги идентификува како гнили ‚дрвја‘, кои наскоро ќе бидат уништени од Јехова во големата неволја (Откровение 17:16).
13. Како покажува големото мноштво дека обединето „стои пред престолот“ на Јехова?
13 Откровение 7:9—15 го свртува вниманието на факторите што водат до сочувување на големото мноштво. Овие лица се прикажани како обединето ‚стојат пред престолот‘ на Јехова, поддржувајќи ја неговата универзална сувереност. Тие ги ‚испрале своите долги облеки и ги обелиле во крвта на Јагнето‘, покажувајќи дека ја признаваат гревоискупувачката жртва на Исус (Јован 1:29). Му се предале на Бог и го симболизирале ова со потопување во вода. Затоа уживаат чиста положба пред Бог, претставена со белите долги облеки, и му вршат „света служба ден и ноќ“. Дали постојат начини на кои можеш уште поцелосно да го доведеш твојот живот во склад со она што е опишано тука?
Сегашните користи
14. Кои се некои од уникатните користи што ги имаат Јеховините слуги уште сега?
14 Веројатно си ги забележал уникатните користи што уште сега ги уживаат оние што му служат на Јехова. На пример, кога си дознал за Јеховините праведни намери, си разбрал дека постои светла надеж за иднината. Затоа, сега имаш вистинска смисла во животот — да му служиш на вистинскиот Бог со радосен изглед за вечен живот на рајска Земја. Да, Царот Исус Христос ‚ќе го води [големото мноштво] на извори на води на животот‘ (Откровение 7:17).
15. На кој начин Јеховините сведоци извлекуваат корист од тоа што се држат за библиските начела во поглед на политиката и моралот?
15 Една прекрасна корист што ја ужива големото мноштво е љубовта, единството и хармонијата што ги има меѓу Јеховините слуги низ целата Земја. Бидејќи сите се храниме од истата духовна храна, сите ние ги слушаме истите закони и начела што се наоѓаат во Божјата реч. Затоа не сме поделени со политички или национални идеологии. Исто така, ги задржуваме високите морални мерила што ги бара Бог од својот народ (1. Коринќаните 6:9—11). На тој начин, наместо да доживува кавги, неединство и неморал што преовладуваат во светот, Јеховиниот народ го ужива она што може да се нарече духовен рај. Забележи како ова е опишано во Исаија 65:13, 14.
16. И покрај проблемите што се вообичаени за животот, каква надеж имаат оние од големото мноштво?
16 Не, Јеховините човечки слуги не се совршени. И тие се погодени од проблемите што се вообичаени за животот во овој свет, како што е соочување со тешки времиња или, пак, паѓаат како невини жртви во војните на нациите. И тие се соочуваат со болест, страдање и смрт. Но, имаат вера дека во новиот свет Бог „ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага ни пискот ни болка“ (Откровение 21:4).
17. Без оглед на тоа што би можело да ни се случи сега, каква величествена иднина ги очекува оние што го обожаваат вистинскиот Бог?
17 Дури и ако сега го изгубиш својот живот поради старост, болест, несреќа или прогонство, Јехова ќе те воскресне во живот во Рајот (Дела 24:15). Тогаш ќе продолжиш да уживаш во духовна гозба во текот на Христовото илјадагодишно владеење. Твојата љубов кон Бог ќе се продлабочува додека гледаш како неговите намери се обистинуваат на величествен начин. А физичките благослови што Јехова тогаш ќе ги излее, уште повеќе ќе ја продлабочуваат твојата љубов кон него (Исаија 25:6—9). Каква само величествена иднина го очекува Божјиот народ!
ДИСКУСИЈА ЗА ПОВТОРУВАЊЕ
• Со кој извонреден настан го поврзува Библијата големото мноштво?
• Ако навистина сакаме да бидеме вклучени во тоа големо мноштво повластено од Бог, што мораме да правиме сега?
• Колку ти се важни благословите што големото мноштво ги ужива сега и што допрва ќе ги ужива во Божјиот нов свет?
[Слика на страница 123]
Милиони од големото мноштво обединето го обожаваат вистинскиот Бог