Никогаш немој ‚да му се лутиш на Јехова‘
„Глупавоста на човекот му го искривува патот, а срцето негово му се лути на Јехова“ (ИЗР. 19:3)
1, 2. Зошто не треба да го обвинуваме Јехова за човечките проблеми? Наведи пример.
ЗАМИСЛИ СИ ЈА следнава ситуација: Еден човек кој со години е во среќен брак, се враќа дома една вечер и има што да види — во неговата куќа како да паднала бомба! Мебелот и покуќнината се испокршени, а теписите уништени. Што мислиш, кого ќе го обвини за тоа? Дали ќе извика: „Зошто жена ми направила вакво нешто!?“ Не, туку веројатно ќе праша: „Кој го сторил ова?“ Тој добро знае дека неговата сакана жена никогаш не би направила таков неред.
2 Денес нашата планета — нашиот дом — е во многу лоша состојба. Земјата, водата и воздухот се загадени, а луѓето се насилни и неморални. Но, од Библијата знаеме дека Јехова не ги предизвикува сите тие проблеми. Тој ја создал Земјата за да биде прекрасен рај (1. Мој. 2:8, 15). Јехова е Бог на љубовта (1. Јов. 4:8). Божјата Реч ни открива кој е вистинскиот извор на многу од денешните неволји. Тоа е Сатана Ѓаволот, „владетелот на светот“ (Јован 14:30; 2. Кор. 4:4).
3. Како нашето размислување би можело да се искриви?
3 Сепак, не можеме да го обвинуваме Сатана за сите проблеми. Зошто? Затоа што некои од нив се последица на нашите сопствени грешки. (Прочитај 5. Мојсеева 32:4-6.) Иако можеби го признаваме ова, несовршеноста може да ни го искриви размислувањето и да нѐ наведе да тргнеме во многу опасен правец (Изр. 14:12). Во која смисла? Наместо да се обвинуваме себеси или Сатана за некој проблем, би можеле да го обвиниме Бог. Дури би можеле и ‚да му се лутиме на Јехова‘ (Изр. 19:3).
4, 5. Како некој христијанин би можел ‚да му се лути на Јехова‘?
4 Сигурно никој од нас не би сакал ‚да му се лути на Јехова‘, бидејќи тоа би било бесмислено (Иса. 41:11). Еден поет напишал: „Твојата рака е прекратка за да се тепаш со Бог“. Точно, можеби никогаш нема да кажеме дека му се лутиме на Јехова. Сепак, во Изреки 19:3 пишува дека глупавоста на човекот „му го искривува патот, а срцето негово му се лути на Јехова“. Значи, некој може да биде огорчен и да му се лути на Јехова во своето срце. Ваквиот став би можел постепено да се одрази и врз неговите постапки. На пример, би можел да забави во службата за Јехова или да престане да доаѓа на христијанските состаноци.
5 Зошто би можеле ‚да му се лутиме на Јехова‘? Што ќе ни помогне да не паднеме во таа замка? Многу е важно да го дознаеме одговорот на овие прашања бидејќи од тоа зависи нашиот однос со Јехова Бог.
ЗОШТО БИ МОЖЕЛЕ ‚ДА МУ СЕ ЛУТИМЕ НА ЈЕХОВА‘?
6, 7. Зошто Израелците во времето на Мојсеј почнале да негодуваат против Јехова?
6 Од која причина би можел еден верен слуга на Јехова да почне да го обвинува Бог во своето срце? Во оваа статија ќе разгледаме пет работи кои можат да нѐ наведат ‚да му се лутиме на Јехова‘ и неколку библиски примери што покажуваат како некои во минатото паднале во оваа замка (1. Кор. 10:11, 12).
7 Негативниот говор на другите може да влијае врз нас. (Прочитај 5. Мојсеева 1:26-28.) Размисли што сторил Јехова за Израелците. Тој со чудо им нанел десет неволји на Египќаните, а потоа го уништил фараонот и неговата војска во Црвеното Море. Конечно, Израелците биле ослободени од ропството во Египет! (2. Мој. 12:29-32, 51; 14:29-31; Пс. 136:15). Како Божји народ, тие стоеле на прагот на Ветената земја. Но, токму во тој пресуден момент, почнале да негодуваат против Јехова. Зошто покажале таков недостиг на вера? Тие се исплашиле затоа што некои од извидниците кои се вратиле од Ханаан почнале да им зборуваат лошо за таа земја (4. Мој. 14:1-4). Како резултат на тоа, Јехова не му дозволил на целото тоа поколение да влезе во „добрата земја“ (5. Мој. 1:34, 35). Што учиме од ова? Негативниот говор на другите може да ја ослабне нашата вера и да нѐ наведе да приговараме на водството кое ни го дава Јехова.
8. Зошто Божјиот народ во времето на Исаија го обвинувал Јехова за своите проблеми?
8 Проблемите и неволјите би можеле да нѐ обесхрабрат. (Прочитај Исаија 8:21, 22.) Во времето на Исаија, Јудејците се нашле во многу тешка ситуација. Од сите страни биле опкружени со непријатели, немало храна и луѓето гладувале. Уште пострашно било тоа што во земјата владеел духовен глад (Амос 8:11). Но, наместо да го молат Јехова да им помогне во нивните неволји, тие ‚го проколнувале‘ својот цар и својот Бог. Со други зборови, го обвинувале Јехова за своите проблеми. Ако се соочуваме со неволји или лични проблеми, дали и ние би можеле да се обесхрабриме и да си кажеме во срцето, ‚Каде беше Јехова кога најмногу ми требаше?‘
9. Зошто Израелците во времето на Езекиел имале погрешен став?
9 Не ги знаеме сите факти. Затоа што не ги знаеле сите факти, Израелците во времето на Езекиел мислеле дека Јеховиниот пат „не е прав“ (Езек. 18:29). Тие си зеле за право да му судат на Бог со тоа што ги ставиле своите сопствени мерила за правда над неговите и му суделе според своето ограничено познавање на работите. Можеби и ние понекогаш не разбираме во потполност некој библиски извештај или не сфаќаме зошто нешто ни се случува. Дали тогаш помислуваме во срцето дека Јехова постапува неправедно, односно дека неговиот пат „не е прав“? (Јов 35:2).
10. Како некој би можел да го следи лошиот пример на Адам?
10 Вината за нашите гревови и грешки ја префрламе на некој друг. Првиот човек, Адам, го обвинил Бог за својот грев (1. Мој. 3:12). Иако знаел дека го крши Божјиот закон и дека Бог ќе го казни за гревот, тој ја префрлил вината на Јехова. Со други зборови, Адам рекол дека Јехова е виновен за неговиот грев затоа што му дал лоша жена. Оттогаш и други го следат неговиот лош пример и го обвинуваат Бог за своите грешки. Добро е да се прашаме: ‚Дали тоа што сум разочаран или незадоволен поради моите грешки ме тера да мислам дека Јехова има престроги мерила?‘
11. Што учиме од примерот на Јона?
11 Мислиме само на себе. Пророкот Јона му се налутил на Јехова кога Тој покажал милост кон жителите на Ниневија (Јона 4:1-3). Зошто? Очигледно се плашел дека ќе го сметаат за лажен пророк бидејќи нивниот град не бил уништен како што им претскажал. По сѐ изгледа, поважен му бил личниот углед отколку животот на тие луѓе. Дали и кај нас би можеле да се јават слични чувства како кај Јона? Ако мислиме само на себе, би можеле да заборавиме на потребите на другите луѓе. На пример, можеби со децении проповедаме дека Јеховиниот ден е близу. Но, кога другите ни се потсмеваат затоа што крајот сѐ уште не дошол, дали би можеле да станеме нестрпливи и да му се лутиме на Јехова? (2. Пет. 3:3, 4, 9).
ШТО ЌЕ НИ ПОМОГНЕ ДА НЕ ‚МУ СЕ ЛУТИМЕ НА ЈЕХОВА‘
12, 13. Што ќе ни помогне да не му се лутиме на Јехова ако во срцето не се согласуваме со она што тој го прави или го дозволува?
12 Што ако во срцето не се согласуваме со она што Јехова го прави или го дозволува? Да имаме на ум дека не е мудро да размислуваме на таков начин. Изреки 19:3 нѐ потсетува дека, поради нашата неразумност, би можеле да го обвиниме Јехова за проблемите што самите си ги правиме. Затоа, да разгледаме пет работи што ќе ни помогнат никогаш да не го обвинуваме Јехова за она што ни се случува во животот.
13 Зачувај го својот однос со Јехова. Ако останеме блиски со Бог, нема да паднеме во замка да му се лутиме. (Прочитај Изреки 3:5, 6.) Треба да имаме доверба во него. Освен тоа, не треба да мислиме само на себе ниту, пак, да сметаме дека сме многу мудри (Изр. 3:7; Проп. 7:16). Таквиот став ќе ни помогне да не го обвинуваме Јехова кога ќе се случи нешто лошо.
14, 15. Што ќе ни помогне да се заштитиме од негативниот говор на другите?
14 Не дозволувај негативниот говор на другите да влијае врз тебе. Израелците во времето на Мојсеј имале многу причини да веруваат дека Јехова ќе им помогне да влезат во Ветената земја (Пс. 78:43-53). Но, кога десетте неверни извидници им дале лош извештај, тие не ‚се сетиле на неговата рака‘ (Пс. 78:42). Ако длабоко размислуваме за прекрасните работи што Јехова ги направил за нас, ќе станеме уште поблиски со него. Како резултат на тоа, нема да дозволиме негативниот говор на другите да создаде јаз меѓу нас и Бог (Пс. 77:11, 12).
15 Но, што ако имаме негативен став кон нашите соверници? Тоа би можело да ни го наруши односот со Јехова (1. Јов. 4:20). На пример, Израелците мрмореле кога Арон бил поставен за првосвештеник. За Јехова тоа било исто како да негодуваат против него лично (4. Мој. 17:10). Слично на ова, ако почнеме да приговараме и да негодуваме против оние што Јехова ги користи да го предводат земниот дел на неговата организација, тоа би значело дека, всушност, се буниме против Него (Евр. 13:7, 17).
16, 17. Што треба да имаме на ум кога ќе се соочиме со проблеми?
16 Имај на ум дека Јехова не ги предизвикува нашите проблеми. Иако Израелците во времето на Исаија се одвратиле од Јехова, Тој сепак сакал да им помогне (Иса. 1:16-19). Утешно е што знаеме дека Бог се грижи и за нас, и дека сака да ни помогне сеедно со какви проблеми се соочуваме (1. Пет. 5:7). Тој ветува дека ќе ни ја даде потребната сила за да истраеме (1. Кор. 10:13).
17 Ако сме жртва на некоја неправда — како што бил и верниот Божји слуга Јов — треба да имаме на ум дека Јехова не е тој што ни ја причинува. Тој ја мрази неправдата, а ја сака праведноста (Пс. 33:5). Треба да бидеме како Елиу, пријателот на Јов, кој рекол: „Не е можно вистинскиот Бог да прави зло, Семоќниот да постапува неправедно!“ (Јов 34:10). Јехова не ги предизвикува нашите проблеми. Напротив, тој е извор на „секој добар дар и секој совршен подарок“ (Јак. 1:13, 17).
18, 19. Зошто никогаш не треба да се сомневаме во Јехова? Наведи пример.
18 Никогаш не се сомневај во Јехова. Бог е совршен, и неговите мисли се повисоки од нашите (Иса. 55:8, 9). Ако сме понизни и скромни, ќе си признаеме дека нашето разбирање е ограничено (Рим. 9:20). Многу ретко ги знаеме сите факти за некоја ситуација. Без сомнение, и самиот си се уверил во вистинитоста на следнава изрека: „Кој е прв во својата парница, праведен е, а потоа доаѓа неговиот ближен и со испитување ги побива неговите зборови“ (Изр. 18:17).
19 Ако некој наш добар пријател направи нешто што ни изгледа чудно или несфатливо, дали веднаш ќе го осудиме поради тоа или сепак ќе покажеме доверба во него, особено ако го познаваме со години? Веројатно ќе помислиме дека не ги знаеме сите факти. Ако сме спремни да постапиме на ваков начин со нашите несовршени пријатели, сигурно треба спремно да му веруваме и на нашиот небесен Татко, чии патишта и мисли се многу повозвишени од нашите!
20, 21. Зошто е важно да ја препознаеме вистинската причина за проблемите?
20 Препознај ја вистинската причина за проблемот. Треба да си признаеме дека за некои проблеми можеби сме си виновни самите ние (Гал. 6:7). Не треба да го обвинуваме Јехова за нив. Зошто тоа не би било разумно? Да земеме еден пример: Некој автомобил може да се движи со многу голема брзина. Но, дали производителот ќе биде виновен ако се случи несреќа затоа што возачот влегол во кривина со преголема брзина? Се разбира дека не! Слично на тоа, Јехова нѐ создал со слободна волја. Сепак, ни дал и упатства за да донесуваме мудри одлуки. Тогаш, зошто би го обвинувале Творецот за нашите сопствени грешки?
21 Точно е дека сите проблеми не се резултат на нашите грешки или погрешни одлуки. Некои работи се последица на ‚непредвидени настани‘ (Проп. 9:11). Но, никогаш не смееме да заборавиме дека Сатана Ѓаволот е главната причина за злото во светот (1. Јов. 5:19; Отк. 12:9). Тој е нашиот непријател, а не Јехова! (1. Пет. 5:8).
ЦЕНИ ГО СВОЈОТ СКАПОЦЕН ОДНОС СО ЈЕХОВА
22, 23. На што треба да мислиме ако се обесхрабриме од нашите проблеми?
22 Кога ќе се соочиш со тешкотии и проблеми, сети се на примерот на Исус Навин и Халев. За разлика од другите десет извидници, овие двајца верни луѓе дале позитивен извештај (4. Мој. 14:6-9). Тие покажале вера во Јехова. Сепак, морале 40 години да талкаат во пустината заедно со другите Израелци. Дали Исус Навин и Халев станале огорчени и се жалеле, сметајќи дека трпат неправда? Не. Тие имале доверба во Јехова. Дали биле благословени поради тоа? Се разбира! Иако целото поколение што излегло од Египет умрело во пустината, тие двајца на крајот влегле во Ветената земја (4. Мој. 14:30). Исто како нив, Јехова ќе нѐ благослови и нас ако неуморно ја вршиме неговата волја (Гал. 6:9; Евр. 6:10).
23 Што треба да правиш ако си обесхрабрен поради некои проблеми, поради слабостите на другите или поради твоите сопствени слабости? Размислувај за Јеховините прекрасни особини. Замисли си како ќе се исполни надежта што ни ја дал. Прашај се: ‚Каде би бил јас без Јехова?‘ Остани близок со него, и никогаш не дозволувај твоето срце да му се лути!