Слави го Јеховиното величествено име
„Ќе го славам твоето име довека“ (ПС. 86:12)
1, 2. За разлика од црквите на христијанскиот свет, како гледаат Јеховините сведоци на Божјето име?
ОПШТО ЗЕМЕНО, црквите на христијанскиот свет избегнуваат да го користат Божјето име. На пример, во предговорот на еден англиски превод на Библијата се вели дека ‚воопшто не е во ред ниту една христијанска црква да користи какво и да било лично име за единствениот Бог‘ (Revised Standard Version).
2 Од друга страна, Јеховините сведоци се гордеат што го носат и што го слават Божјето име. (Прочитај Псалм 86:12; Исаија 43:10.) Исто така, за нас е чест што го разбираме значењето на името „Јехова“ и што сфаќаме колку е важно тоа да се посвети (Мат. 6:9). Но, за да не изгубиме од вид колку е голема таа чест, да разгледаме три важни прашања: Што значи да го знаеме Божјето име? Како Јехова постапува во склад со своето име? И, како можеме да одиме во Јеховиното име?
ШТО ЗНАЧИ ДА ГО ЗНАЕМЕ БОЖЈЕТО ИМЕ
3. Што значи некој да го знае Божјето име?
3 За некој да каже дека го знае Божјето име, не е доволно само да му биде познат зборот „Јехова“. Оној што вистински го знае Божјето име, всушност, знае каков Бог е Јехова и што вели Библијата за неговите особини и намери, како и за начинот на кој постапувал со своите слуги и со другите луѓе. Додека ја исполнувал својата намера, Јехова фрлал сѐ поголема светлина врз значењето на своето име (Изр. 4:18). На пример, на првите луѓе им кажал како се вика. Ова го знаеме бидејќи Ева го спомнала името „Јехова“ кога го родила Каин (1. Мој. 4:1). Божјето име го знаеле и верните слуги од минатото, како што биле Ное, Авраам, Исак и Јаков. Тие уште подобро го запознавале Јехова додека гледале како тој ги благословува, се грижи за нив и постепено им ја разоткрива својата намера. Подоцна, Јехова му открил на Мојсеј нешто многу важно во врска со своето име.
4. Зошто Мојсеј го прашал Бог како се вика, и зошто со право бил загрижен?
4 Прочитај 2. Мојсеева 3:10-15. Кога Мојсеј имал 80 години, Бог му дал една важна задача. Тој му рекол: „Те праќам кај фараонот да го изведеш од Египет мојот народ, синовите на Израел“. Тогаш Мојсеј со почит му поставил едно многу важно прашање: ‚Ако Израелците ме прашаат како ти е името, што да им одговорам?‘ Со оглед на тоа што дотогаш Божјето име веќе долго време било познато, што всушност сакал да дознае Мојсеј? Очигледно сакал да знае нешто повеќе за личноста што го носела тоа име за да може да ги увери Израелците дека Бог навистина ќе ги избави. Мојсеј со право бил загрижен затоа што Израелците биле робови прилично долго време. Тие веројатно ќе се прашувале дали Богот на нивните прататковци навистина може да ги избави. Всушност, некои од нив дури почнале да им служат на египетските богови! (Езек. 20:7, 8).
5. Како Јехова фрлил уште поголема светлина врз значењето на своето име со одговорот што му го дал на Мојсеј?
5 Како му одговорил Јехова на Мојсеј? Тој рекол: „Вака кажи им на синовите на Израел: ‚ЌЕ СТАНАМ ме испрати кај вас‘“.a А потоа додал: „Јехова, Богот на вашите прататковци... ме испрати кај вас“. Со овие зборови, Бог открил дека ќе стане сѐ што ќе посака за да ја исполни својата намера, и дека секогаш ќе ги исполнува своите ветувања. Затоа, во стих 15 читаме дека самиот Тој рекол: „Тоа е моето име за навек и тоа е мојот спомен од поколение до поколение“. Овие зборови сигурно многу му ја зајакнале верата на Мојсеј и го исполниле со страхопочит!
ЈЕХОВА ПОСТАПУВА ВО СКЛАД СО СВОЕТО ИМЕ
6, 7. Како Јехова постапил во склад со своето име исполнувајќи го сето она што го ветил?
6 Кратко откако му ја дал задачата на Мојсеј, Јехова постапил во склад со своето име, односно го исполнил своето ветување и ‚станал‘ Избавител на Израелците. Го казнил Египет нанесувајќи му десет страшни неволји со кои покажал дека фараонот и египетските богови се немоќни (2. Мој. 12:12). Потоа Јехова го раздвоил Црвеното Море, и Израелците преминале по суво од другата страна, но фараонот и неговата војска се удавиле кога Бог ги вратил водите назад (Пс. 136:13-15). Јехова го чувал својот милионски народ во ‚големата и застрашувачка пустина‘ така што му давал храна и вода. Се погрижил дури и нивната облека и сандали да не се искинат (5. Мој. 1:19; 29:5). Сето ова покажува дека ништо не може да го спречи Јехова да ги исполни своите ветувања. Подоцна тој му рекол на Исаија: „Јас, јас сум Јехова, и освен мене нема спасител“ (Иса. 43:11).
7 Исус Навин, кој го наследил Мојсеј, со свои очи ги видел чудата што Јехова ги направил во Египет и во пустината. Затоа, при крајот на својот живот, тој можел со цврста увереност да им каже на Израелците: „Вие добро знаете со сето ваше срце и со сета ваша душа дека не остана неисполнето ниту едно ветување од сите добри ветувања што ви ги даде Јехова, вашиот Бог. Сѐ ви се исполни. Ниту едно ветување не остана неисполнето“ (Ис. Нав. 23:14). Јехова постапил во склад со своето име и исполнил сѐ што ветил.
8. Како Јехова постапува во склад со своето име во нашево време?
8 Јехова и денес постапува во склад со своето име и ги исполнува своите ветувања. Преку својот Син, тој прорекол дека во овие последни денови пораката за Царството ќе се проповеда „по целиот свет“ (Мат. 24:14). Кој друг освен Семоќниот Бог би можел да прорече едно вакво дело, да се погрижи тоа да се изврши и притоа да користи многу „неуки и обични“ луѓе? (Дела 4:13). Затоа, кога проповедаме, ние всушност имаме удел во исполнувањето на едно библиско пророштво. Со тоа му искажуваме чест на нашиот Татко, и покажуваме дека навистина сакаме да се исполни молитвата: „Да се свети името твое. Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Мат. 6:9, 10).
НЕГОВОТО ИМЕ Е ВЕЛИЧЕСТВЕНО
9, 10. Како Јехова продолжил да фрла светлина врз значењето на своето име со начинот на кој постапувал со Израелците?
9 Кратко откако Израелците го напуштиле Египет, Јехова им открил уште нешто за себе. Преку сојузот на Законот, тој во симболична смисла им станал „маж“ и им ветил дека ќе се грижи за нив како што мажот се грижи за својата жена (Ерем. 3:14). Израел, пак, му станал симболична жена на Јехова, народ за неговото име (Иса. 54:5, 6). Ако Израелците ги слушале неговите заповеди, тој ќе им бил совршен ‚маж‘. Ќе ги благословел, ќе ги чувал и ќе им давал мир (4. Мој. 6:22-27). На тој начин, Божјето големо име ќе било величано меѓу народите и сите ќе знаеле дека нема друг бог како Јехова. (Прочитај 5. Мојсеева 4:5-8; Псалм 86:7-10.) Додека Израелците биле Божји народ, многу туѓинци им се придружиле да му служат на вистинскиот Бог. На некој начин, постапиле исто како Моавката Рут, која ѝ рекла на Ноемина: „Твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог мој Бог“ (Рут 1:16).
10 Во текот на околу 1.500 години, Јехова откривал каков Бог е и со начинот на кој постапувал со Израелците. Иако тие секогаш одново му биле непослушни, тој бил милосрден и бавен на гнев. Јехова покажал огромна стрпливост и долготрпеливост (2. Мој. 34:5-7). Сепак, неговата стрпливост имала граници. Кога Израелците како народ го отфрлиле и го убиле неговиот Син, повеќе не можеле да бидат народ за неговото име (Мат. 23:37, 38). Всушност, тие станале духовно мртви како исушено дрво (Лука 23:31). Како влијаело ова врз нивниот став кон Божјето име?
11. Зошто Израелците престанале да го користат Божјето име?
11 Историјата покажува дека, со текот на времето, Евреите станале суеверни во поглед на Божјето име. Почнале да мислат дека никој не смее да го изговори (2. Мој. 20:7). Како последица на тоа, тие постепено престанале да го користат. Без сомнение, Јехова чувствувал голема болка затоа што постапувале без никаква почит кон неговото име (Пс. 78:40, 41). Библијата вели дека тој е „љубоморен Бог“, кој грижливо го чува и го штити своето име. Затоа немал намера да им дозволи на Израелците да го носат неговото име засекогаш. Бидејќи го отфрлиле како свој Бог, на крајот и тој ги отфрлил нив (2. Мој. 34:14, фус.). Од ова учиме дека е многу важно да постапуваме со голема почит кон името на нашиот Творец.
НОВ НАРОД ШТО ГО НОСИ БОЖЈЕТО ИМЕ
12. Како Јехова избрал нов народ за своето име во склад со пророштвото на Еремија?
12 Јехова открил преку Еремија дека ќе воспостави „нов сојуз“ со еден нов народ — духовниот Израел. Еремија прорекол дека сите учесници во тој сојуз ‚ќе го познаваат Јехова, од најмал до најголем‘ (Ерем. 31:31, 33, 34). Ова пророштво почнало да се исполнува на Педесетница 33 год. од н.е., кога новиот сојуз стапил на сила. Новиот народ, кој се состои и од Евреи и од не-Евреи, е наречен „Израелот Божји“. За нив Јехова вели дека се ‚народ што го носи неговото име‘ (Гал. 6:16; прочитај Дела 15:14-17; Мат. 21:43).
13. а) Дали првите христијани го користеле Божјето име? Објасни. б) Како се чувствуваш кога го користиш Божјето име во службата?
13 Како ‚народ што го носи Божјето име‘, првите христијани го користеле името Јехова, особено кога цитирале од Хебрејските списи.b На пример, апостол Петар неколкупати го употребил Божјето име кога ѝ се обратил на една голема група Израелци и преобратеници во еврејската вера на Педесетница 33 год. од н.е. (Дела 2:14, 20, 21, 25, 34). Бидејќи првите христијани го славеле Јехова, тој ги благословил додека го вршеле проповедничкото дело. Бог нѐ благословува и нас кога гордо им го објавуваме на другите неговото име и кога им го покажуваме, ако е можно, и во нивната сопствена Библија. На тој начин, всушност, им го претставуваме вистинскиот Бог на луѓето. Тоа е навистина огромна чест за нас! А за оние што ќе решат да го запознаат Јехова, тоа може да биде почеток на едно блиско пријателство со него, кое ќе станува сѐ поцврсто и ќе трае засекогаш.
14, 15. Што направил Јехова за да го зачува своето име, и покрај тоа што се раширило отпадништво?
14 Подоцна, особено по смртта на апостолите, во христијанското собрание се раширило отпадништво (2. Сол. 2:3-7). Лажните учители дури почнале да ја следат еврејската традиција и престанале да го користат Божјето име. Но, дали Јехова дозволил неговото име да исчезне? Во никој случај! Иако не знаеме како точно се изговарало, неговото име е познато до ден-денес. Низ годините, тоа било зачувано во разни преводи на Библијата, како и во делата на некои библиски изучувачи. На пример, во 1757 год., Чарлс Питерс напишал дека името „Јехова“ го опишува Бог подобро од која и да било титула која се користи за Него. Во една книга од 1797 год., во која се зборува за обожавањето на Бог, Хоптон Хејнс го започнал седмото поглавје со следнава изјава: „ЈЕХОВА е личното име на БОГ кое го користеле Евреите; Тој е единствениот Бог што го обожавале; истиот Бог го обожавале Христос и неговите апостоли“. Божјето име го користел и Хенри Гру (1781-1862). Тој сфатил дека му било нанесено срам на тоа име и дека мора да се посвети. Џорџ Сторс (1796-1879) и Чарлс Т. Расел, кои биле блиски соработници, исто така го користеле Божјето име.
15 За Божјите слуги особено била значајна 1931 год. Дотогаш тие се нарекувале Меѓународни истражувачи на Библијата, но таа година го прифатиле библиското име Јеховини сведоци (Иса. 43:10-12). Со тоа му објавиле на светот дека се горди што се слуги на единствениот вистински Бог и што се народ кој го носи и го слави неговото име (Дела 15:14). Кога размислуваме како Јехова го зачувал своето име, ни доаѓаат на ум зборовите од Малахија 1:11: „Од сончевиот исток до неговиот запад, моето име ќе биде големо меѓу народите“.
ДА ОДИМЕ ВО ИМЕТО НА ЈЕХОВА
16. Зошто за нас треба да е чест да одиме во името на Јехова?
16 Пророкот Михеј напишал: „Сите народи ќе одат, секој во името на својот бог, а ние ќе одиме во името на Јехова, нашиот Бог, довека, во сета вечност“ (Мих. 4:5). Тоа што Јехова им дозволил на Истражувачите на Библијата да го носат неговото име било огромна чест за нив. Но, било и јасен доказ дека ја имаат Божјата милост. (Прочитај Малахија 3:16-18.) Како е со тебе? Дали и ти даваш сѐ од себе за да ‚одиш во името на Јехова‘? Дали сфаќаш што значи тоа?
17. Што треба да правиме за да одиме во Божјето име?
17 За да „одиме во името на Јехова“ мора да правиме најмалку три работи. Прво, мора да им го објавуваме тоа име на другите, затоа што сфаќаме дека само оние ‚што го повикуваат името на Јехова, ќе бидат спасени‘ (Рим. 10:13). Второ, треба да ги покажуваме Божјите особини, особено љубовта. И трето, треба спремно да се подложуваме на неговите праведни мерила за да не му нанесеме срам на светото име на нашиот Татко (1. Јов. 4:8; 5:3). Дали си решен да ‚одиш во името на Јехова нашиот Бог во сета вечност‘?
18. Зошто сите кои го слават Јеховиното величествено име со радост ја очекуваат иднината?
18 Наскоро, сите што не го признаваат Јехова и што му се противат ќе мора да дознаат кој е тој (Езек. 38:23). Тие се како фараонот, кој рекол: „Кој е Јехова, па да го послушам неговиот глас?“ Не морал да чека долго за да го дознае одговорот! (2. Мој. 5:1, 2; 9:16; 12:29). Но, ние самите сме избрале да го запознаеме Јехова и да бидеме негови пријатели. Горди сме што го носиме неговото име и што сме дел од неговиот послушен народ. Затоа, со нетрпение го очекуваме времето кога ќе се исполни ветувањето запишано во Псалм 9:10: „Оние што го знаат твоето име ќе имаат доверба во тебе, зашто ти нема да ги оставиш оние што те бараат тебе, Јехова“.
a Божјето име е облик на еден хебрејски глагол што значи „стане“. Според тоа, „Јехова“ значи „оној што предизвикува да стане“ (1. Мој. 2:4). (Види во Додаток 1, пасус 1 во Свето писмо — превод Нов свет.)
b Во хебрејскиот текст што го користеле првите христијани го имало Божјето име во облик на тетраграмот ЈХВХ. Доказите покажуваат дека го имало и во најстарите примероци на грчкиот превод на Хебрејските списи наречен Септуагинта.