Јеховините слуги имаат вистинска надеж
„Јакововиот Остаток ќе биде меѓу бројните народи, како роса што доаѓа од Господа . . . [која] не го чека човекот“ (МИХЕЈ 5:7).
1. На кој начин духовниот Израел е извор на освежување?
ЈЕХОВА е величествениот Творец на дождот и росата. Залудно е да се надеваме на луѓето да ни дадат роса или дожд. Пророкот Михеј напишал: „Јакововиот Остаток ќе биде меѓу бројните народи, како роса што доаѓа од Господа, како капки на дождот на тревата кој не го чека човекот ниту се колеба за човечките синови“ (Михеј 5:7). Кој е тој ‚Јаковов Остаток‘ во денешно време? Тоа се духовните Израелци, остатокот од „Израелот Божји“ (Галатите 6:16). За ‚многубројните народи‘ на земјата, тие се како освежувачка „роса што доаѓа од Господа“ и „капки на дождот на тревата“. Да, помазаните христијани денес се благослов од Бог за луѓето. Како објавители на Царството, Јехова ги користи за да им ја даде на луѓето својата порака на вистинска надеж.
2. Зошто имаме вистинска надеж и покрај тоа што живееме во овој свет оптоварен со проблеми?
2 Не би требало да нѐ изненадува тоа што овој свет нема вистинска надеж. Политичка нестабилност, морален распад, криминал, економски кризи, тероризам, војни — вакви работи се за очекување во свет со кој владее Сатана Ѓаволот (1. Јованово 5:19). Многу луѓе се плашат од она што може да го донесе иднината. Меѓутоа, како обожаватели на Јехова, ние не се плашиме бидејќи имаме сигурна надеж за иднината. Оваа надеж е вистинска затоа што се темели на Божјата реч. Имаме вера во Јехова и во неговата Реч затоа што она што го вели тој секогаш се исполнува.
3. а) Зошто Јехова ќе презел акција против Израел и Јуда? б) Зошто зборовите на Михеј важат и денес?
3 Пророштвото на Михеј, инспирирано од Бог, нѐ зајакнува да одиме во Јеховиното име и ни дава основа за вистинска надеж. Во осмиот век пр.н.е., кога пророкувал Михеј, Божјиот народ на сојузот бил поделен на две нации — Израел и Јуда. И двете го занемариле Божјиот сојуз. Како последица од тоа дошло до морален распад, религиозен отпад и голем материјализам. Затоа, Јехова предупредил дека ќе преземе акција против нив. Се разбира, Божјите предупредувања им биле упатени на луѓето што живееле во времето на Михеј. Меѓутоа, денешната ситуација е толку слична на ситуацијата од времето на Михеј што неговите зборови важат и за нашево време. Ова ќе стане очигледно додека разгледуваме некои врвни точки од седумте поглавја на книгата Михеј.
Што ни открива еден општ преглед
4. Какви информации ни дава книгата Михеј во поглавја 1 до 3?
4 Да ја разгледаме накратко содржината на книгата Михеј. Во 1. поглавје, Јехова ја разоткрива бунтовноста на Израел и Јуда. Поради нивните злодела, Израел ќе биде уништен а казната на Јуда ќе стигне дури до портите на Ерусалим. Второто поглавје открива дека богатите и моќните ги угнетуваат слабите и беспомошните. Сепак, има и едно ветување од Бог. Божјиот народ ќе биде собран заедно. Третото поглавје известува за Јеховините објави против националните водачи и престапничките пророци. Водачите ја извртуваат правдата, а пророците кажуваат лаги. И покрај ова, Михеј е зајакнат од светиот дух да го објавува Јеховиниот претстоен суд.
5. Што е суштината на Михеј, поглавја 4 и 5?
5 Четвртото поглавје претскажува дека во завршниот дел од деновите, сите нации ќе дојдат на возвишената планина на Јеховиниот дом за да бидат поучени од него. Пред тоа, Јуда ќе биде одведена во изгнанство во Вавилон, но Јехова ќе ја избави. Петтото поглавје открива дека Месијата ќе се роди во Витлеем Јудејски. Тој ќе го пасе својот народ и ќе го избави од угнетувачките нации.
6, 7. Кои мисли се изнесени во поглавја 6 и 7 од пророштвото на Михеј?
6 Во Михеј 6. поглавје се запишани Јеховините обвиненија против неговиот народ како да станува збор за судски спор. Што сторил Тој за да го наведе својот народ да се бунтува? Ништо. Всушност, неговите барања се многу разумни. Тој сака неговите обожаватели да постапуваат праведно, да покажуваат доброта и да одат скромно со него. Наместо да го прават тоа, Израел и Јуда следеле правец на побуна и ќе треба да ги трпат последиците.
7 Во последното поглавје од своето пророштво, Михеј ја осудува злобата на своите современици. Меѓутоа, тој не се обесхрабрува, бидејќи е одлучен ‚да чека‘ на Јехова (Михеј 7:7). Книгата завршува со израз на доверба дека Јехова ќе му се смилува на својот народ. Историјата сведочи дека оваа надеж се исполнила. Во 537 пр.н.е., кога Јехова завршил со дисциплинирањето на својот народ, милостиво вратил еден остаток во неговата земја.
8. Како би ја изнел во кратки црти содржината на книгата Михеј?
8 Колку убави информации открива Јехова преку Михеј! Оваа инспирирана книга дава предупредувачки примери за тоа како постапува Бог со оние што тврдат дека му служат, но се неверни. Таа претскажува настани што се случуваат денес. Исто така, ни дава совет од Бог за тоа како треба да се однесуваме во овие тешки времиња за да ја зацврстиме нашата надеж.
Суверениот Господ Јехова зборува
9. Според Михеј 1:2, што имал намера да направи Јехова?
9 Да ја разгледаме сега подетално книгата Михеј. Во Михеј 1:2 читаме: „Чујте, народи, вие сите! Слушај земјо и сѐ што те исполнува! Господ Бог ќе сведочи против вас — Господ од Својот свет Храм!“ Да си живеел ти во времето на Михеј, овие зборови несомнено ќе го пленеле твоето внимание. Всушност, тие и сега го пленуваат твоето внимание затоа што Јехова зборува од својот свет храм и им се обраќа не само на Израел и Јуда туку и на луѓето насекаде. Во времето на Михеј, луѓето премногу долго го игнорирале Суверениот Господ Јехова. Наскоро, тоа требало да се промени. Јехова одлучил да преземе решителна акција.
10. Зошто се важни за нас зборовите од Михеј 1:2?
10 Истото важи и за нашево време. Откровение 14:18—20 покажува дека Јехова повторно праќа пораки од својот свет храм. Наскоро ќе преземе решителна акција и човештвото повторно ќе го потресат значајни настани. Овој пат, злобната ‚земна лоза‘ ќе биде фрлена во големото винско гмечало на Јеховиниот гнев, и со тоа Сатановиот систем на работи ќе биде целосно уништен.
11. Што значат зборовите од Михеј 1:3, 4?
11 Слушни што ќе направи Јехова. Во Михеј 1:3, 4 стои: „Еве: Господ излегува од Своето свето место, слегува и оди по земските височини. Горите се растопуваат под Неговите чекори и долините се распукуваат под Неговите чекори и долините се распукуваат како восок пред оган, како водата што се разлева низ стрмнината“. Дали Јехова ќе го напушти своето небесно живеалиште и дословно ќе чекори по планините и долините на Ветената земја? Не. Не мора да го прави тоа. Тој само ќе треба да го насочи своето внимание кон земјата за да се изврши неговата волја. Освен тоа, од работите што ги опишавме нема да страда дословната земја туку нејзините жители. Кога ќе дејствува Јехова, резултатот ќе биде катастрофален за неверните — исто како планините да се стопиле како восок и како долините да се распукале од земјотрес.
12, 13. Во склад со 2. Петрово 3:10—12, што ја прави сигурна нашата надеж?
12 Пророчките зборови од Михеј 1:3, 4 можеби ќе те потсетат на едно друго инспирирано пророштво во кое се претскажани катастрофални настани на земјата. Како што стои во 2. Петрово 3:10, апостол Петар напишал: „Јеховиниот ден ќе дојде како крадец, во кој небесата ќе поминат со писклив звук, а вжарените елементи ќе се распаднат, а земјата и делата на неа ќе бидат откриени“. Слично на пророштвото на Михеј, зборовите на Петар не се однесуваат на дословните небеса и земја. Тие се однесуваат на една голема неволја што доаѓа врз овој безбожен систем на работи.
13 И покрај таа претстојна катастрофа, христијаните можат да имаат доверба во иднината, исто како што имал Михеј. Како? Така што ќе го следат советот што се наоѓа во понатамошните стихови од писмото на Петар. Апостолот извикнува: „Какви личности тогаш треба да бидете во делата на свето однесување и на побожна оддаденост, очекувајќи и цврсто држејќи ја во мислите присутноста на Јеховиниот ден!“ (2. Петрово 3:11, 12). Нашата надеж за иднината ќе биде сигурна ако имаме послушно срце и ако се погрижиме нашето однесување да биде свето и нашиот живот да биде исполнет со дела на побожна оддаденост. За да ја осигураме нашата надеж, не смееме да заборавиме дека Јеховиниот ден сигурно ќе дојде.
14. Зошто Израел и Јуда заслужуваат казна?
14 Јехова објаснува зошто неговиот древен народ заслужува да биде казнет. Во Михеј 1:5 стои: „Сѐ е тоа Јакововото злосторство и за гревовите на Израелевиот дом. Кое е Јакововото злосторство? Не е ли Самарија? Кои се Јудините високи места? Не е ли Ерусалим?“ Израел и Јуда му го должат своето постоење на Јехова. Сепак, тие се побуниле против него и нивната побуна достига дури до нивните престолнини, Самарија и Ерусалим.
Изобилуваат злобни практики
15, 16. За кои злобни дела биле виновни луѓето што живееле во времето на Михеј?
15 Еден пример за злобата на луѓето што живееле во времето на Михеј е живо опишан во Михеј 2:1, 2: „Тешко им . . . на оние што смислуваат беззаконие и што подготвуваат зло на своите постели! Штом ќе се раздени, тие го извршуваат, зашто силата е во нивната рака. Посакаат ли полиња, ги одземаат и куќи, ги земаат; им прават насилство на човекот и на неговата куќа, на сопственикот и на неговото наследство“.
16 Лакоми поединци лежат будни ноќе кроејќи планови како да ги приграбат полињата и куќите на своите ближни, а наутро брзаат да ги извршат своите планови. Тие не би вршеле такви злобни дела кога би мислеле на Јеховиниот сојуз. Мојсеевиот закон содржи подготовки за да се заштитат сиромашните. Според него, ниедно семејство не треба трајно да ја изгуби сопственоста над своето наследство. Меѓутоа, тоа не ги интересира овие лакоми поединци. Тие ги игнорираат зборовите од Левит 19:18, каде што стои: „Љуби го својот ближен како себеси“.
17. Што може да се случи кога оние што тврдат дека му служат на Бог ги ставаат материјалните работи на прво место во животот?
17 Ова покажува што може да се случи кога луѓето што тврдат дека му служат на Бог ќе ги изгубат од вид духовните цели и најнапред ќе ги бараат материјалните работи. Павле ги опоменал христијаните од неговото време: „Оние кои се решени да се збогатат, паѓаат во искушение и замка и во бројни безумни и штетни желби, кои ги туркаат луѓето во уништување и пропаст“ (1. Тимотеј 6:9). Кога главна цел во животот на едно лице ќе стане стекнувањето пари, тоа, всушност, обожава еден лажен бог — Мамон, односно Богатството. Овој лажен бог не дава сигурна надеж за иднината (Матеј 6:24).
18. Што требало да им се случи на материјалистите во времето на Михеј?
18 Многу луѓе од времето на Михеј научиле од лично лошо искуство дека потпирањето на материјалните работи е чиста суета. Според Михеј 2:4, Јехова вели: „Во оној ден ќе биде составена пословица за вас, ќе се запее тажачка и ќе се рече: ‚Пропадна! Сосем сме запустени, наследството на мојот народ е отуѓено, и никој да му го врати, нашите ниви поделени им се на другите народи [неверниот, NW]‘“. Да, тие крадци на домови и ниви ќе го изгубат сопственото семејно наследство. Ќе бидат протерани во туѓа земја, а нивните поседи ќе станат плен на „неверниот“, односно на луѓето од нациите. Сите надежи за среќна иднина ќе бидат срушени.
19, 20. Што доживеале Евреите кои имале доверба во Јехова?
19 Меѓутоа, оние што имаат доверба во Јехова нема да се разочараат затоа што се надеваат на него. Јехова е верен на своите сојузи со Авраам и Давид, и има милост кон оние што, како Михеј, го сакаат и жалат поради тоа што нивните земјаци се отуѓиле од Бог. Заради праведните, ќе дојде до обнова во време одредено од Бог.
20 Тоа се случува во 537 пр.н.е., по падот на Вавилон и кога еден остаток од Евреи се враќа во својата татковина. Во тоа време, зборовите од Михеј 2:12 имаат прво исполнување. Јехова вели: „Ќе те соберам сиот, Јакове, ќе го соберам Израелевиот Остаток! Ќе ги сместам заедно [обединам, NW] како овци во кошара, како стадо на пасиште — голема врева ќе направат од мноштво на луѓе“. Колкава само љубов покажува Јехова! Откако го дисциплинира својот народ, тој дозволува еден остаток да се врати и да му служи во земјата што им ја дал на нивните прататковци.
Впечатливи паралели во нашево време
21. Каква сличност постои помеѓу денешните услови и условите во времето на Михеј?
21 Додека ги разгледувавме првите две поглавја на Михеј, дали ти падна в очи колку се слични работите и денес? Исто како што било во времето на Михеј, и денес многу луѓе тврдат дека му служат на Бог. Меѓутоа, како Јуда и Израел, тие се поделени, па дури и воделе војни меѓу себе. Многу од богатите луѓе во христијанскиот свет ги угнетуваат сиромашните. Сѐ почесто верските водачи преминуваат преку практиките што се јасно осудени во Библијата. Не е ни чудо што на христијанскиот свет наскоро ќе му дојде крај заедно со останатиот дел од „Големиот Вавилон“, светското царство на лажната религија! (Откровение 18:1—5). Меѓутоа, според образецот од времето на Михеј, на земјата сѐ уште ќе има верни слуги на Јехова.
22. Кои две групи ја положиле својата надеж во Божјето Царство?
22 Во 1919, верните помазани христијани потполно се одвоиле од христијанскиот свет и почнале да им ја објавуваат на сите народи добрата вест за Царството (Матеј 24:14). За почеток, тие ги барале преостанатите од духовниот Израел. Потоа почнале да се собираат „други овци“ и овие две групи станале „едно стадо, еден пастир“ (Јован 10:16). Иако сега му служат на Бог во 234 земји, сите овие верни обожаватели на Јехова навистина се ‚обединети‘. Досега, во трлото со овци има ‚голема врева на луѓе‘, односно мажи, жени и деца. Тие не полагаат надеж во овој систем на работи туку во Божјето Царство, кое наскоро ќе донесе рај на земјата.
23. Зошто си убеден дека твојата надеж е сигурна?
23 Во врска со верните обожаватели на Јехова, последниот стих од Михеј 2. поглавје вели: „Пред нив ќе оди нивниот цар, Господ ќе биде на чело“. Дали се гледаш себеси во таа триумфална поворка, како го следиш твојот Цар, Исус Христос, со самиот Јехова на чело? Ако е така, можеш да бидеш уверен дека победата е сигурна и дека твојата надеж е сигурна. Ова ќе стане уште поочигледно додека разгледуваме други врвни точки од пророштвото на Михеј.
Како би одговорил?
• Зошто во времето на Михеј Јехова одлучил да преземе акција против Јуда и Израел?
• Што може да се случи кога оние што тврдат дека му служат на Бог ги ставаат материјалните интереси на прво место во животот?
• Откако ги разгледа 1. и 2. поглавје од Михеј, зошто си убеден дека твојата надеж е сигурна?
[Слика на страница 9]
Пророштвото на Михеј може да нѐ зајакне духовно
[Слики на страница 10]
Исто како еврејскиот остаток во 537 пр.н.е., духовните Израелци и нивните придружници го унапредуваат вистинското обожавање