„Чекајте Ме“
„И така, чекајте Ме, вели Господ“ (СОФОНИЈА 3:8).
1. Какво предупредување дал пророкот Софонија, и од каков интерес е тоа за луѓето кои живеат денес?
„БЛИЗУ е денот велик на Господа.“ Овој предупредувачки повик го изрекол пророкот Софонија кон средината на седмиот век пр. н. е. (Софонија 1:14). Пророштвото било исполнето после 40 или 50 години, кога дошол денот за извршување на Јеховините пресуди врз Ерусалим и врз оние народи кои му пркоселе на Јеховиниот суверенитет со тоа што го малтретирале неговиот народ. Зошто ова треба да ги интересира луѓето кои живеат на крајот од XX век? Ние живееме во времето кога Јеховиниот конечен ‚голем ден‘ брзо се приближува. Исто како во времето на Софонија, ‚јароста‘ на Јеховиниот ‚гнев‘ ќе пламне против современиот еквивалент на Ерусалим — т. н. христијанство — и против сите народи кои го малтретираат Јеховиниот народ и кои ѝ пркосат на Неговата универзална сувереност (Софонија 1:4; 2:4, 8, 12, 13; 3:8; 2. Петрово 3:12, 13).
Софонија — храбар сведок
2, 3. а) Што знаеме за Софонија и што покажува дека тој бил храбар сведок на Јехова? б) Кои факти ни овозможуваат да го одредиме времето и местото на Софонииното пророкување?
2 За пророкот Софонија, чие име (на хебрејски: Цефања́) значи „Јехова сокрил (Сочувано)“, малку се знае. Меѓутоа, за разлика од останатите пророци, Софонија го навел своето родословје до четвртата генерација, сѐ до ‚Езекиј‘ (Софонија 1:1; спореди Исаија 1:1; Јеремија 1:1; Језекиил 1:3). Ова е толку невообичаено што повеќето коментатори го идентификуваат неговиот прапрадедо со верниот цар Езекиј. Ако бил, тогаш Софонија имал царско потекло, а тоа би додало поголема тежина на неговата строга осуда на кнезовите на Јуда и би покажало дека тој бил храбар сведок и пророк на Јехова. Неговото блиско познавање на топографијата на Ерусалим и на она што се случувало на кралскиот двор, укажува на тоа дека тој можеби ги објавувал Јеховините судови во самиот главен град. (Види Софонија 1:8-11, НС, фусноти.)
3 Вредно е да се забележи фактот што, додека Софонија објавувал божествени судови против граѓанските ‚кнезови‘ на Јуда (благородниците, односно племенските поглавари) и против „синовите на царот“, тој во својата критика никогаш не го споменал самиот царa (Софонија 1:8; 3:3). Ова укажува на тоа дека младиот цар Јосија веќе покажал склоност кон чистото обожавање, иако, со оглед на ситуацијата што ја озлогласил Софонија, тој очигледно сѐ уште не ги имал започнато своите религиозни реформи. Сето ова укажува на тоа дека Софонија пророкувал во Јуда во текот на раните години од владеењето на Јосија, кој владеел од 659 до 629 година пр. н. е. Енергичното пророкување на Софонија несомнено ја зголемило свесноста на младиот Јосија за идолопоклонството, насилството и корупцијата кои преовладувале во Јуда во тоа време, и дало поддршка на неговата подоцнежна кампања против идолопоклонството (2. Летописи 34:1-3).
Причини за Јеховиниот огнен гнев
4. Со кои зборови Јехова го изразил својот гнев против Јуда и Ерусалим?
4 Јехова имал добра причина да чувствува гнев против водачите и жителите на Јуда и против нејзиниот главен град Ерусалим. Преку својот пророк Софонија, тој изјавил: „И ќе ја протегнам раката Своја врз Јудеја и врз сите жители на Ерусалим; ќе ги истребам од тоа место остатоците на Ваала, името на жреците со свештениците, и оние, кои на покривите се поклонуваат на небесната војска, и од поклониците оние што се колнат во Господа и се колнат во својот цар [во Малкам, НС]“ (Софонија 1:4, 5).
5, 6. а) Каква била религиозната ситуација во Јуда во времето на Софонија? б) Каква била состојбата на Јудините граѓански водачи и на нивните потчинети?
5 Јуда била извалкана со деградирачки ритуали на плодноста во обожавањето на Ваал, со демонска астрологија и со обожавање на паганскиот бог Малкам. Доколку Малхом е исто што и Молох, како што укажуваат некои, тогаш лажното обожавање на Јуда вклучувало и гнасно жртвување на деца. Таквите религиозни практики биле одвратни во Јеховини очи (3. Царства 11:5, 7; 14:23, 24; 4. Царства 17:16, 17). Тие уште повеќе си го навлекле неговиот гнев со тоа што идолопоклониците сѐ уште се колнеле во Јеховино име. Тој не сакал повеќе да ја толерира таквата религиозна нечистотија и затоа сакал да ги погуби и паганските и отпадничките свештеници.
6 Освен тоа, Јудините граѓански водачи биле корумпирани. Нејзините кнезови биле како грабливи „лавови што рикаат“, а нејзините судии биле споредени со изгладнети „волци“ (Софонија 3:3). Нивните потчинети биле обвинети дека ‚го исполниле домот на својот Господ [на своите господари, НС] со насилство и измама‘ (Софонија 1:9). Бил раширен материјализмот. Многумина ја искористиле ситуацијата за да си натрупаат богатство (Софонија 1:13).
Сомневања околу Јеховиниот ден
7. Колку долго пророкувал Софонија пред ‚великиот ден на Господа‘, и каква била духовната состојба на многу Евреи?
7 Како што веќе видовме, катастрофалната религиозна ситуација која преовладувала во времето на Софонија, покажува дека тој го извршувал своето дело како сведок и пророк уште пред царот Јосија да ја почне својата кампања против идолопоклонството, околу 648 година пр. н. е. (2. Летописи 34:4, 5). Според тоа, Софонија веројатно пророкувал најмалку 40 години пред да дојде ‚великиот ден на Господа‘ врз царството Јуда. Во меѓувреме, многу Евреи негувале сомневања и ‚отстапиле‘ од служењето на Јехова па станале рамнодушни. Софонија зборува за оние кои ‚не Го барале Господа ниту прашувале за Него‘ (Софонија 1:6). Очигледно, поединци во Јуда биле апатични и не се секирале за Бог.
8, 9. а) Зошто требало Јехова да ги испита ‚мажите кои се вкочанувале врз својот талог‘? б) На кои начини требало Јехова да им обрне внимание на жителите на Јуда и на нивните граѓански и религиозни водачи?
8 Јехова ја дал на знаење својата намера дека ќе ги испита оние кои тврдат дека се негов народ. Меѓу оние кои се декларирале како негови обожаватели, тој би ги побарал оние кои во своите срца негувале сомневања во поглед на неговата способност или намера да интервенира во човечките прилики. Тој изјавил: „А во тоа време Јас ќе го разгледам Ерусалим со светило и ќе ги казнам оние, кои седат на своите стражарски места [мажите кои се вкочануваат врз својот талог, НС] и велат во срцето свое: ‚Господ не прави ни добро ни лошо‘“ (Софонија 1:12). Изразот „мажите кои се вкочануваат врз својот талог“ (укажува на правењето вино) се однесува на оние кои се средиле, како талогот на дното од некоја бочва и кои не сакаат да бидат вознемирувани со некаква објава за претстојна божествена интервенција во приликите на човештвото.
9 Јехова би им обрнал внимание на жителите на Јуда и Ерусалим и на свештениците кои своето обожавање го имале измешано со паганизам. Доколку се чувствувале сигурни, како под плаштот на ноќта меѓу ѕидините на Ерусалим, тој би ги барал како со светли ламби кои би ја продреле духовната темнина во која тие се засолниле. Тој би ги потресол од нивната религиозна апатија, првин преку застрашувачки пораки на суд, а потоа преку извршување на тие судови.
„Близу е денот велик на Господа“
10. Како го опишал Софонија ‚великиот ден на Господа‘?
10 Јехова го инспирирал Софонија да објави: „Близу е денот велик на Господа, близу е — и многу брза: веќе и се слуша гласот на денот Господен [Звукот на Јеховиниот ден е горчлив, НС]“ (Софонија 1:14). Навистина претстоеле горчливи денови за сите — за свештениците, кнезовите и луѓето — кои одбивале да го послушаат предупредувањето и да се вратат на чистото обожавање. Опишувајќи го тој ден на извршување на суд, пророштвото понатаму вели: „Тој ден е ден на гневот, ден на жалост и на тескоба, ден на запустување и уривање, ден на темнина и на мрак, ден облачен и маглив, ден на труба и на боен повик против утврдените градови и високите кули“ (Софонија 1:15, 16).
11, 12. а) Каква осудувачка порака била објавена против Ерусалим? б) Дали материјалната благосостојба можела да ги спаси Евреите?
11 За само неколку кратки децении, вавилонските војски требало да навлезат во Јуда. Ерусалим не можел да го избегне тоа. Неговите станбени и деловни квартови требало да бидат опустошени. „И во тој ден, вели Господ, ќе има вик при Рибните порти и ридање при другите порти, а и големо уривање на ридови. Плачете жители од долниот дел на градот [од Мактеш, НС, фуснота, дел од Ерусалим], оти ќе исчезнат сите трговци; истребени ќе бидат сите што носат сребро“ (Софонија 1:10, 11).
12 Одбивајќи да поверуваат дека Јеховинот ден е близу, многу Евреи биле длабоко вплеткани во доходовни деловни потфати. Но, преку својот пророк Софонија, Јехова прорекол дека нивното богатство ќе биде „пљачка и куќите нивни ќе се запустат“. Тие немало да го пијат виното што го произвеле, а ‚ни среброто нивно, ниту златото нивно не ќе можело да ги спаси во денот на гневот Господен‘ (Софонија 1:13, 18).
Другите народи осудени
13. Каква осудувачка порака објавил Софонија против Моав, Амон и Асирија?
13 Преку својот пророк Софонија, Јехова го изразил својот гнев и против нациите кои го малтретирале неговиот народ. Тој изјавил: „Го чув хулењето од Моава и навредите од синовите Амонови, како се подигруваат со Мојот народ и како се шират во пределите негови. Но жив сум Јас, вели Господ Саваот, Бог Израилев: Моав ќе биде како Содом, и синовите на Амона ќе бидат како Гомор, земја на коприви, соларник, пустиња за навек; . . . Господ ќе ја протегне раката своја на север, ќе го уништи Асур, а Ниневија ќе ја претвори во урнатини, во место суво како пустиња“ (Софонија 2:8, 9, 13).
14. Каков доказ постои дека странските нации ‚се правеле важни‘ наспроти Израелците и наспроти нивниот Бог, Јехова?
14 Моав и Амон биле традиционални Израелови непријатели. (Спореди Судии 3:12-14.) Моавскиот камен во музејот Лувр во Париз носи еден натпис кој содржи фалбаџиска изјава од моавскиот цар Моса. Тој горделиво раскажува како зазел неколку израелски градови со помошта на својот бог Хамос (4. Царства 1:1). Јеремија, современик на Софонија, зборувал за окупацијата на израелската територија Гад од страна на Амонците, во името на нивниот бог Малхом (Јеремија 49:1). Што се однесува до Асирија, царот Салманасар V ја опседнал и ја зазел Самарија околу еден век пред времето на Софонија (4. Царства 17:1-6). Нешто подоцна, царот Сенахерим ја нападнал Јуда, зазел многу нејзини утврдени градови, а му се заканувал дури и на Ерусалим (Исаија 36:1, 2). Асирскиот царев говорник навистина се правел важен наспроти Јехова кога барал Ерусалим да се предаде (Исаија 36:4-20).
15. Како Јехова би ги понижил боговите на нациите кои се правеле важни наспроти неговиот народ?
15 Псалм 82 споменува извесен број нации, вклучувајќи ги Моав, Амон и Асирија, кои се правеле важни наспроти Израел и кои фалбаџиски изјавиле: „Да отидеме и да го истребиме меѓу народите, па да не се спомнува повеќе името Израил“ (Псалм 82:4). Пророкот Софонија храбро објавил дека сите овие горделиви нации и нивните богови ќе бидат понижени од Јехова на војските. „Тоа ќе им биде за гордоста нивна, оти се подигруваа и се ширеа над [се правеа важни наспроти, НС] народот на Господа Саваот. Страшен ќе биде за нив Господ: Он ќе ги истреби сите земни богови, и Нему ќе Му се поклонат — сите од своите места, сите острови на народите“ (Софонија 2:10, 11).
„Чекајте Ме“
16. а) За кого било извор на радост приближувањето на Јеховиниот ден, и зошто? б) Каков возбудлив повик бил упатен до овој верен остаток?
16 Додека меѓу водачите и многумина од жителите на Јуда и Ерусалим преовладувала духовна дремливост, скептицизам, идолопоклонство, корупција и материјализам, некои верни Евреи изгледа ги послушале Софониините предупредувачки пророштва. Тие биле ожалостени поради гнасните обичаи на Јудините кнезови, судии и свештеници. Софониините објави биле извор на утеха за овие лојални лица. Далеку од тоа да претставува причина за страв, приближувањето на Јеховиниот ден за нив било извор на радост, затоа што тоа требало да им стави крај на таквите одвратни обичаи. Овој верен остаток го послушал Јеховиниот возбудлив повик: „И така, чекајте Ме, вели Господ, до оној ден кога ќе се кренам на опустошување; зашто Јас одлучив да ги соберам народите, да ги свикам царствата, за да го излијам врз нив Моето негодување, сета јарост на Мојот гнев“ (Софонија 3:8).
17. Кога и како почнале врз нациите да се исполнуваат Софониините пораки на суд?
17 Оние кои го послушале тоа предупредување, не биле изненадени. Мнозина живееле за да го видат исполнувањето на Софонииното пророштво. Во 632 година пр. н. е., Ниневија била заземена и уништена од страна на една коалиција од Вавилонци, Меди и орди од север, веројатно Скити. Историчарот Вил Дјурант раскажува: „Една армија од Вавилонци предводена од Набополасар, обединети со една армија од Меди предводена од Сијаксарес и една орда Скити од Кавказ, и со зачудувачка леснотија и брзина ги освоиле тврдините на северот. . . . Со еден удар, Асирија исчезнала од историјата“. Тоа било точно онака како што прорекол Софонија (Софонија 2:13-15).
18. а) На кој начин бил извршен божествен суд над Ерусалим, и зошто? б) Како се исполнило Софонииното пророштво во врска со Моав и Амон?
18 Многу Евреи кои го очекувале Јехова, исто така живееле за да ги видат неговите судови извршени над Јуда и Ерусалим. Во врска со Ерусалим, Софонија прорекол: „Тешко на непокорен, осквернет и насилнички град! Не слуша глас, не прифаќа поука, не се надева на Господа, не се приближува до Својот Бог“ (Софонија 3:1, 2). Поради својата неверност, Ерусалим бил двапати опколуван од Вавилонците и во 607 година пр. н. е. конечно бил заземен и уништен (2. Летописи 36:5, 6, 11-21). А што се однесува до Моав и Амон, според еврејскиот историчар Јосип, во петтата година по падот на Ерусалим, Вавилонците воделе војна против нив и ги поробиле. По тоа, тие престанале да постојат, како што било проречено.
19, 20. а) Како ги наградил Јехова оние кои го очекувале него? б) Зошто овие настани нѐ засегаат нас, и што ќе биде разгледувано во следната статија?
19 Исполнувањето на овие и други детали од Софонииното пророштво било едно искуство кое ја зајакнало верата на Евреите и не-Евреите кои го очекувале Јехова. Меѓу оние кои го преживеале уништувањето што ги снашло Јуда и Ерусалим, биле Јеремија, Етиопјанинот Авдемелех и домот на Јонадав Рехавовецот (Јеремија 35:18, 19; 39:11, 12, 16-18). Верните Евреи во изгнанство и нивното потомство, кое продолжило да го чека Јехова, станале дел од радосниот остаток кој бил ослободен од Вавилон во 537 година пр. н. е. и кој се вратил во Јуда за повторно да го воспостави чистото обожавање (1. Ездра 2:1; Софонија 3:14, 15, 20).
20 Што значи сето ова за нашево време? Во многу погледи, ситуацијата од времето на Софонија се совпаѓа со гнасните работи што се случуваат денес во т. н. христијанство. Освен тоа, различните ставови на Евреите во тие времиња имаат сличност со ставовите кои можат да се најдат и денес, а понекогаш дури и меѓу Јеховиниот народ. Овие работи ќе бидат обработени во следната статија.
[Фуснота]
a Се чини дека изразот „синовите на царот“ се однесува на сите кралски кнезови, затоа што Јосиините синови биле многу млади во тоа време.
Да повториме
◻ Каква била религиозната ситуација во Јуда во времето на Софонија?
◻ Какви услови преовладувале меѓу граѓанските водачи, и каков бил ставот на многумина од народот?
◻ На кој начин нациите се правеле важни наспроти Јеховиниот народ?
◻ Какво предупредување им дал Софонија на Јуда и на другите нации?
◻ Како биле наградени оние кои го очекувале Јехова?
[Слика на страница 9]
Моавскиот камен потврдува дека моавскиот цар Моса зборувал навредливи зборови против древниот Израел
[Извор на слика]
Моавскиот камен: Musée du Louvre, Париз
[Слика на страница 10]
Поддржувајќи го Софонииното пророштво, оваа плоча со клинесто писмо на Вавилонската хроника известува за уништувањето на Ниневија од страна на една коалиција од армии
[Извор на слика]
Плоча со клинесто писмо: Со љубезна дозвола од Британскиот музеј