Се ближи триумфот на вистинското обожавање
„Господ ќе биде Цар над целата земја“ (ЗАХАРИЈА 14:9).
1. Што доживеале помазаните христијани за време на I светска војна, и како тоа било проречено?
ЗА ВРЕМЕ на Првата светска војна, помазаните христијани претрпеле многу тешкотии и затворања од рацете на завојуваните нации. Нивните жртви на фалба за Јехова биле строго ограничени, а тие западнале во една духовно заробеничка состојба. Сето тоа било проречено во Захарија 14:2, каде е опишан еден меѓународен напад врз Ерусалим. Градот од ова пророштво е „небесниот Ерусалим“, Божјето небесно Царство и локација на „престолот на Бога и на Агнецот“ (Евреите 12:22, 28; 13:14; Откровение 22:3). Божјите помазаници на Земјата го претставувале тој град. Верните меѓу нив го преживеале нападот, одбивајќи да си дозволат да бидат протерани „од градот“.a
2, 3. а) Како триумфирало Јеховиното обожавање од 1919 година наваму? б) Каков развој имало од 1935 година?
2 Во 1919 година, верните помазаници биле ослободени од нивната заробеничка состојба и веднаш го искористиле периодот на мир што настапил по војната. Како амбасадори на небесниот Ерусалим, тие ја зграпчиле големата прилика да ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство и да помагаат во собирањето на последните членови од 144-те илјади (Матеј 24:14; 2. Коринтјаните 5:20). Во 1931 година, го усвоиле прикладното библиско име Јеховини сведоци (Исаија 43:10, 12).
3 Оттогаш, Божјите помазани Сведоци никогаш не погледнувале наназад. Ниту Хитлер со својата нацистичка воена машинерија не можел да ги замолчи. И покрај прогонувањето ширум светот, нивното дело дало плод по целата Земјина топка. Особено од 1935 година, ним им се придружило меѓународното „големо мноштво“, проречено во книгата Откровение. И тие се предадени, крстени христијани кои ‚ги испрале облеките свои и ги избелиле со крвта на Агнецот‘, Исус Христос (Откровение 7:9, 14). Меѓутоа, тие не се помазаници, со надеж за небесен живот. Нивната надеж е да го наследат она што го изгубиле Адам и Ева, имено, совршен човечки живот на рајска Земја (Псалм 36:29; Матеј 25:34). Денес, големото мноштво брои преку пет милиони души. Вистинското обожавање на Јехова триумфира, но конечниот триумф допрва треба да дојде.
Туѓинци во Божјиот духовен храм
4, 5. а) Каде големото мноштво го обожава Јехова? б) Какви предности ужива тоа, и во исполнување на кое пророштво?
4 Како што било проречено, големото мноштво „го обожава [Бог] дење и ноќе во неговиот храм“ (Откровение 7:15, НС, фуснота). Поради тоа што тие не се духовни, свештенички Израелци, Јован веројатно ги видел како стојат во храмот во надворешниот двор на паганите (1. Петрово 2:5). Колку само славен станал Јеховиниот духовен храм, чиешто подрачје се исполнува со ова огромно мноштво кое Го фали заедно со остатокот од духовниот Израел!
5 Големото мноштво не му служи на Бог во состојбата што е претставена со внатрешниот свештенички двор. Тие не се прогласени за праведни со цел да бидат Божји усвоени, духовни синови (Римјаните 8:1, 15). Меѓутоа, со тоа што покажуваат вера во Исусовата откупнина, тие имаат чиста состојба пред Јехова. Прогласени се за праведни со цел да бидат негови пријатели. (Спореди Јаков 2:21, 23.) И тие ја имаат предноста да принесуваат прифатливи жртви на Божјиот духовен олтар. На тој начин, во врска со ова огромно мноштво се случува славно исполнување на пророштвото од Исаија 56:6, 7: „Синовите на другоплемениците [туѓинците, НС], што се присоединиле кон Господа, за да Му служат и да го сакаат името на Господа . . . Јас ќе ги одведам на Мојата света гора и ќе ги зарадувам во Мојот дом за молитва: сепалениците нивни и жртвите нивни ќе бидат благопријатни врз Мојот жртвеник, зашто Мојот дом ќе се нарече молитвен дом за сите народи“.
6. а) Какви жртви принесуваат туѓинците? б) На што ги потсетувал садот со вода во свештеничкиот двор?
6 Меѓу жртвите што ги принесуваат овие туѓинци е ‚плодот на усните [како фино подготвени приноси од жито] кои даваат јавна изјава за [Божјето] име‘ и ‚прават добро и делат со другите‘ (Евреите 13:15, 16, НС). Огромниот сад со вода што морале да го користат свештениците за да се мијат, исто така претставува важен потсетник за овие туѓинци. И тие мораат да се потчинат на духовно и морално чистење додека постепено им се појаснува Божјата Реч.
Светињата и нејзините предмети
7. а) Како гледа големото мноштво на предностите на светото свештенство? б) Какви додатни предности примиле некои туѓинци?
7 Дали Светињата и нејзините предмети имаат некакво значење за ова големо мноштво од туѓинци? Па, тие нема никогаш да бидат во состојбата што е претставена со Светињата. Тие не се повторно родени како духовни синови Божји со небесно граѓанство. Дали тоа ги прави да се чувствуваат завидливи или алчни? Не. Напротив, тие се радуваат на својата предност да го поддржуваат остатокот од 144.000 и покажуваат длабоко ценење за Божјата намера да ги усвои овие духовни синови, кои ќе учествуваат со Христа во подигањето на човештвото до совршенство. Исто така, големото мноштво од туѓинци ја цени Божјата голема незаслужена љубезност што им дава земна надеж на вечен живот во Рај. На некои од овие туѓинци, како на Нетинејците од старо време, им се дадени предности на надгледување во помагањето на светото свештенствоb (Исаија 61:5). Од нив Исус поставува „кнезови по целата земја“ (Псалм 44:16).
8, 9. Каква корист извлекува големото мноштво од разгледувањето на предметите на Светињата?
8 Иако тие нема никогаш да влезат во современата Светиња, големото мноштво од туѓинци учи вредни поуки од нејзините предмети. Исто како што на свеќникот му била потребна постојана резерва од масло така на туѓинците им е потребен свет дух за да им помогне да ги сфатат напредните вистини од Божјата Реч, посредувани преку ‚верниот и разумен роб‘ (Матеј 24:45—47, НС). Освен тоа, Божјиот дух им помага да се оѕвијат на следнава покана: „Духот и невестата [помазаниот остаток] велат: ‚Дојди!‘ И кој чуе, нека каже: ‚Дојди!‘ И кој е жеден, нека дојде, и кој сака, нека земе од водата на животот дарум“ (Откровение 22:17). На тој начин, свеќникот претставува потсетник за големото мноштво во поглед на нивната обврска да светлат како христијани и да избегнуваат секаков став, мисла, збор или дело што би го ожалостило Божјиот свет дух (Ефесјаните 4:30).
9 Масата со лебови за предложение го потсетува големото мноштво дека, за да останат духовно здрави, мораат редовно да земаат од духовниот леб од Библијата и од публикациите на ‚верниот и разумен роб‘ (Матеј 4:4). Олтарот за кадење ги потсетува на важноста од сериозното молење до Јехова за помош за да го сочуваат својот интегритет (Лука 21:36). Нивните молитви треба да вклучуваат срдечни изрази на фалба и благодарност (Псалм 106:1, НС). Олтарот за кадење исто така ги потсетува на потребата да го фалат Бог и на други начини, како на пример преку нивното сесрдно пеење песни на Царството на христијанските состаноци и преку нивното добро подготвување за делотворно да дадат „јавна изјава за спасение“ (Римјаните 10:10, НС).
Потполниот триумф на вистинското обожавање
10. а) Кој величествен изглед можеме со нетрпение да го очекуваме? б) Каков настан мора најпрво да се случи?
10 Денес, „многу народи“ од сите нации се слеваат кон Јеховиниот дом на обожавање (Исаија 2:2, 3). Потврдувајќи го ова, Откровение 15:4 наведува: „Кој нема да се уплаши од Тебе, Господи, и не ќе го прослави името Твое? Оти само Ти си свет; зашто сите народи ќе дојдат и ќе се поклонат пред Тебе; бидејќи Твоите судови станаа јавни!“ Захарија, поглавје 14, опишува што следи. Во блиска иднина, лошиот став на повеќето луѓе на Земјата ќе достигне кулминација додека се собираат за последен пат за да водат војна против Ерусалим — претставниците на небесниот Ерусалим кои се на Земјата. Тогаш Јехова ќе дејствува. Како Бог-Воин, ‚ќе излезе и ќе се сврти против тие народи‘ кои се осмелуваат да го извршат овој напад (Захарија 14:2, 3).
11, 12. а) Како ќе одговори Јехова на идниот глобален напад врз обожавателите во неговиот храм? б) Каков ќе биде исходот од Божјата војна?
11 „Ете какво ќе биде поразувањето со кое Господ ќе ги порази сите народи, кои војувале против Ерусалим — телото на секого од нив ќе се исуши уште додека стои на нозете свои, и очите ќе му се стопат во длабнатините, и јазикот ќе му се исуши во устата негова. И во тој ден ќе завладее голем смут од Господа, така што еден друг ќе се фаќаат за раката своја и секој ќе ја подига раката своја против раката на ближниот свој“ (Захарија 14:12, 13).
12 Дали тоа поразување ќе биде дословно или симболично, ќе мораме да чекаме и да видиме. Меѓутоа, едно е сигурно. Додека Божјите непријатели се движат кон извршување на својот глобален напад врз Јеховините слуги, ќе бидат запрени од страшни покази на Божјата семоќна сила. Нивните усни ќе бидат замолчени. Тоа ќе биде како нивните јазици на пркосење да изгниле. Нивната обединета цел ќе се помати во нивниот вид, како очите да им изгниле. Нивните физички сили што ги охрабриле да го извршат нападот, ќе малаксаат. Збунети, ќе се свртат еден против друг со голем колеж. На тој начин, сите земни непријатели на Божјето обожавање ќе бидат избришани. Најпосле, сите нации ќе бидат присилени да ја признаат Јеховината универзална сувереност. Ќе се исполни пророштвото: „Господ ќе биде Цар над целата земја“ (Захарија 14:9). Потоа, Сатана и неговите демони ќе бидат врзани додека Илјадагодишното Христово владеење не отпочне со големите благослови што го чекаат човештвото (Откровение 20:1, 2; 21:3, 4).
Земното воскресение
13. Кои се тие што ‚преостануваат од сите нации‘?
13 Во 14. поглавје, стих 16 (НС), Захарииното пророштво продолжува: „Мора да се случи, што се однесува до секој кој преостанува од сите нации кои доаѓаат спроти Ерусалим, да мораат и тие да одат горе од година в година за да му се клањаат на Царот, Јехова над војските и да го слават празникот сеници“. Според Библијата, сите живи луѓе денес кои ќе продолжат да живеат до крајот на овој зол систем и кои ќе бидат просудени како непријатели на вистинското обожавање, ќе подлегнат на ‚казна со вечна погибел‘ (2. Солунјаните 1:7—9; види и Матеј 25:31—33, 46). Тие нема да бидат воскреснати. Според тоа, во оние ‚кои преостануваат‘ веројатно спаѓаат и членовите на нациите кои умреле пред Божјата финална војна и за кои постои библиски темелена надеж за воскресение. „Иде часот“ — ветил Исус — „кога сите, кои што се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји, и ќе излезат: кои правеле добро — ќе воскреснат за живот, а кои правеле зло, ќе воскреснат за осудување“ (Јован 5:28, 29).
14. а) Што мораат да сторат воскреснатите за да постигнат вечен живот? б) Што ќе се случи со оние кои ќе одбијат да му се предадат на Јехова и да го практикуваат вистинското обожавање?
14 Сите овие воскреснати мораат да сторат нешто за нивното воскресение да се покаже како воскресение за живот, а не неповолна осуда. Тие мораат да дојдат во земните дворови на Јеховиниот храм и да му се поклонат во предание на Бог преку Исус Христос. Сите воскреснати кои одбиваат да го сторат тоа, ќе го претрпат истото поразување што ги снаоѓа денешните нации (Захарија 14:18). Којзнае колкумина воскреснати радо ќе му се придружат на големото мноштво во прославувањето на современиот празник Сеници? Несомнено, ќе има многу, а како резултат на тоа, Јеховиниот голем духовен храм ќе стане уште пославен!
Современиот празник Сеници
15. а) Кои биле некои истакнати одлики на древниот израелски празник Сеници? б) Зошто за време на празникот биле принесувани 70 бикови?
15 Секоја година, од древниот Израел се барало да го слави празникот Сеници. Тој траел една седмица и се паѓал на крајот од собирањето на нивната жетва. Тоа било радосно време на благодарност. Во текот на седмицата, тие морале да живеат во привремени натстрешници покриени со лисја од дрвја, особено со палмови гранчиња. Овој празник ги потсетувал Израелците на тоа како Бог ги избавил нивните прататковци од Египет и како се грижел за нив кога живееле во сеници додека 40 години се селеле низ пустината, сѐ додека не стигнале до Ветената земја (3. Мојсеева 23:39—43). За време на празникот, на храмскиот олтар биле жртвувани 70 бикови. Очигледно, оваа одлика на празникот била пророчка за совршеното и потполно животоспасувачко дело што го извршил Исус Христос. На крајот, благословите од неговата откупна жртва ќе се излеат на безброј потомци од 70-те семејства на човештвото што водат потекло од Ное (1. Мојсеева 10:1—29; 4. Мојсеева 29:12—34; Матеј 20:28).
16, 17. а) Кога започнал современиот празник Сеници, и како продолжил? б) На кој начин големото мноштво учествува во прославата?
16 На тој начин, древниот празник Сеници укажувал на радосното собирање на откупените грешници во Јеховиниот голем духовен храм. Современото исполнување на овој празник почнало на Пентакост во 33 година н. е., со започнувањето на радосното собирање на духовните Израелци во христијанското собрание (Дела 2:41, 46, 47). Овие помазаници го ценеле тоа што сега се „гости [привремени жители, НС]“ во Сатановиот свет, затоа што нивното вистинско „живеалиште [граѓанство, НС] е на небесата“ (1. Петрово 2:11; Филипјаните 3:20). Радосниот празник привремено бил засенет од отпадот што довел до формирањето на т. н. христијанство (2. Солунјаните 2:1—3). Меѓутоа, празникот бил обновен во 1919 година со радосното собирање на последните членови од 144.000 духовни Израелци, по што следувало собирањето на меѓународното големо мноштво од Откровение 7:9.
17 Големото мноштво е опишано како има палмови гранчиња во своите раце, што покажува дека и тие се радосни славители на современиот празник Сеници. Како предадени христијани, тие радосно учествуваат во работата на собирањето на уште обожаватели во Јеховиниот храм. Освен тоа, како грешници, сфаќаат дека немаат трајни права на живеење на Земјата. Заедно со идните воскреснати, тие мораат да продолжат да покажуваат вера во Христовата откупна жртва сѐ додека не достигнат човечка совршеност на крајот од Илјадагодишното Христово владеење (Откровение 20:5).
18. а) Што ќе се случи на крајот од Илјадагодишното владеење на Исус Христос? б) Како ќе триумфира на крајот вистинското обожавање на Јехова?
18 Потоа, обожавателите на Бог што се на Земјата ќе застанат пред Него во човечка совршеност, без потреба од небесно свештенство. Тогаш ќе биде време кога Исус Христос „ќе Му го предаде на Бога и Отецот царството“ (1. Коринтјаните 15:24). Сатана ќе биде пуштен „за малку време“ за да го стави на испит совршеното човештво. Секој неверен засекогаш ќе биде уништен, заедно со Сатана и неговите демони. На оние кои ќе останат верни, ќе им биде даден вечен живот. Тие ќе станат трајни жители во земниот Рај. На тој начин, современиот празник Сеници ќе дојде до славен, успешен завршеток. Вистинското обожавање ќе триумфира на Јеховина вечна слава и на вечна среќа на човештвото (Откровение 20:3, 7—10, 14, 15).
[Фусноти]
a За коментар стих по стих кон Захарија 14. поглавје, види ја книгата Paradise Restored to Mankind—By Theocracy! (Рајот обновен за човештвото — преку теократија!), издадена во 1972 година од Библиското и трактатно Друштво Стражарска кула од Њујорк, инк., поглавја 21 и 22.
b За повеќе информации во врска со современите Нетинејци, види Стражарска кула од 15 април 1992 година, страница 16.
Прашања за повторување
◻ На кој начин „Ерусалим“ бил под напад во текот на Првата светска војна? (Захарија 14:2).
◻ Што му се случило на Божјиот народ од 1919 година?
◻ Кој денес учествува во прославувањето на современиот празник Сеници?
◻ На кој начин вистинското обожавање потполно ќе триумфира?
[Слика на страница 23]
При прославувањето на празникот Сеници биле користени палмови гранчиња