Како Исус нѐ води денес
„Излезе победувајќи и тргна во конечна победа“ (ОТК. 6:2)
1, 2. а) Каков опис дава Библијата на активностите на Христос откако станал Цар во 1914 год.? б) Што направил Исус откако бил устоличен?
ХРИСТОС бил устоличен како Цар на Јеховиното месијанско Царство во 1914 год. Како си го претставуваме денес? Како замислен цар што седи на престол и погледнува одвреме-навреме кон Земјата за да види како му оди на неговото собрание? Ако имаме таква претстава за Исус, тогаш треба да си го смениме мислењето. Псалмите и книгата Откровение го опишуваат како ревносен цар и јавач на бел коњ, кој ‚тргнува во конечна победа‘ и ‚успешно ја извршува својата задача‘ (Отк. 6:2; Пс. 2:6-9; 45:1-4).
2 Првото нешто што го направил Христос по своето устоличување како Цар била неговата победа над ‚змејот и неговите ангели‘. Како архангел Михаел и заповедник на своите ангели, Христос го исфрлил Сатана и неговите демони од светите небеса и го ограничил нивното движење во близина на Земјата (Отк. 12:7-9). Потоа, во улога на Јеховин ‚гласник на сојузот‘, Исус дошол со својот Татко за да го прегледа духовниот храм (Мал. 3:1). Тој му пресудил на христијанскиот свет, делот од „Големиот Вавилон“ кој носи најголема одговорност, и утврдил дека е виновен за крвопролевање и за духовна прељуба со политичкиот систем од овој свет (Отк. 18:2, 3, 24).
Христос го пречистува својот роб на Земјата
3, 4. а) Која задача ја исполнил Христос како Јеховин ‚гласник‘? б) Што се утврдило со прегледувањето на храмот, и, како Глава на собранието, кого го поставил Исус над целиот свој имот?
3 Кога го прегледале земниот двор на тој духовен храм, Јехова и неговиот ‚гласник‘ утврдиле дека постои и една група вистински христијани, кои не припаѓале на ниту една црква од христијанскиот свет. Но, дури и на овие помазани христијани — симболичните ‚синови на Леви‘ — им било потребно пречистување. Се случило токму она што го претскажал пророкот Малахија: „[Јехова] ќе седне како оној што топи и пречистува сребро, па ќе ги очисти синовите на Леви. Ќе ги пречисти како злато и како сребро, и тие ќе му принесуваат на Јехова жртвен дар во праведност“ (Мал. 3:3). Јехова ги пречистил овие духовни Израелци со помош на својот ‚гласник на сојузот‘, Христос Исус.
4 Сепак, Христос видел дека истите овие верни помазани христијани даваат сѐ од себе за да обезбедат навремена духовна храна за неговите верни слуги. Од 1879 год. наваму, во добро и во зло, тие не престанале да ги печатат библиските вистини за Божјето Царство на страниците на ова списание. Исус прорекол дека во времето „на свршетокот на овој поредок“, кога „ќе дојде“ да ги провери своите слуги, ќе најде еден роб што им дава „храна во вистинско време“. Тој рекол дека ќе го прогласи тој роб за среќен и дека ќе „го постави над целиот свој имот“ на Земјата (Мат. 24:3, 45-47). Како Глава на христијанското собрание, Христос го користи овој ‚верен и разборит роб‘ за да управува со сите работи на Земјата кои се поврзани со Царството. Преку своето Водечко тело, тој роб им дава водство на помазаните „слуги“ и на нивните придружници од ‚другите овци‘ (Јован 10:16).
Земната жетва
5. Во видението кое го добил, што видел Јован дека прави месијанскиот Цар?
5 Апостол Јован имал видение на уште нешто што ќе го направел месијанскиот Цар во „денот на Господарот“, откако ќе бил устоличен во 1914 год. Јован напишал: „Видов, и гледај — бел облак, а на облакот седеше некој како синот човечки, со златна круна на главата и со остар срп во раката“ (Отк. 1:10; 14:14). Потоа Јован чул како еден Јеховин ангел му вели на овој Жетвар да замавне со српот бидејќи „земната жетва е зрела“ (Отк. 14:15, 16).
6. Што рекол Исус дека ќе се појави со текот на времето?
6 Оваа ‚земна жетва‘ нѐ потсетува на споредбата за пченицата и за каколот што ја кажал Исус. Во неа, тој се споредил со човек кој посеал семе на својата нива со намера еден ден да пожнее богат род од добра пченица, која, всушност, ги претставува „синовите на царството“, односно вистинските христијани помазани да владеат со него во неговото Царство. Но, под превезот на ноќта, еден непријател, односно „Ѓаволот“, посеал какол на нивата, кој ги претставува „синовите на Злобниот“. Сејачот им рекол на работниците да остават пченицата и каколот да растат заедно сѐ до жетвата, односно до „свршетокот на овој поредок“. Тогаш тој ќе ги испрател своите ангели да ја одвојат пченицата од каколот (Мат. 13:24-30, 36-41).
7. Како Христос ја спроведува „земната жетва“?
7 Исус го исполнува видението што му било дадено на Јован на тој начин што предводи во една меѓународна жетва. „Земната жетва“ започна со собирањето на остатокот од 144.000-те ‚синови на царството‘, односно „пченицата“ од споредбата на Исус. Разликата помеѓу вистинските и лажните христијани стана уште појасна по завршувањето на Првата светска војна. Тоа помогна и во собирањето на другите овци во вториот дел од „земната жетва“. Овие не се „синовите на царството“ туку едно „големо мноштво“ од послушни поданици на тоа Царство. Тие се собрани од сите „народи, племиња и јазици“ и му се подложуваат на месијанското Царство, кое го сочинуваат Христос Исус и 144.000-те ‚свети слуги‘ кои, заедно со него, се дел од таа небесна влада (Отк. 7:9, 10; Дан. 7:13, 14, 18).
Христос ги води собранијата
8, 9. а) Од што се гледа дека Христос не го набљудува само однесувањето на собранието како целина туку и животот на неговите поединечни членови? б) Според сликата на 26. страница, во кои „длабочини на Сатана“ не треба да навлегуваме?
8 Во претходната статија видовме колку будно Христос ја следел духовната состојба на поединечните собранија во првиот век од н.е. Во нашево време, како владејачки Цар на кого му е дадена „сета власт на небото и на земјата“, нашиот Водач Христос активно ги предводи собранијата и нивните надгледници во целиот свет (Мат. 28:18; Кол. 1:18). Јехова го ‚направил глава над сѐ за доброто на собранието‘ од помазани христијани (Еф. 1:22). Бидејќи служи во тоа својство, за него не останува незабележано ништо од она што се случува во секое од над 100.000-те собранија на Јеховините сведоци.
9 На собранието во древната Тијатира, Исус му ја испратил следнава порака: „Ова го вели Синот Божји, оној кому очите му се како огнен пламен... ‚Ги знам твоите дела‘“ (Отк. 2:18, 19). Тој укорил некои членови на тоа собрание затоа што живееле неморално и самопопустливо, и им рекол: „Јас сум оној што ги испитува бубрезите и срцата, и ќе му дадам секому од вас според неговите дела“ (Отк. 2:23). Од оваа изјава гледаме дека Христос не го набљудува само однесувањето на целото собрание туку гледа како живеат и одделните членови на собранијата. Тој ги пофалил христијаните во Тијатира „што не ги запознале таканаречените ‚длабочини на Сатана‘“ (Отк. 2:24). И денес се радува кога Божјите слуги, сеедно дали се млади или стари, одбиваат да навлезат во ‚длабочините на Сатана‘ преку интернет или насилни видеоигри, или со тоа што би се препуштиле на самопопустливите ставови што владеат во светот. Тој е многу среќен кога гледа какви напори и какви жртви прават многу христијани денес кои даваат сѐ од себе да го следат неговото водство во сите аспекти на својот живот!
10. Како се гледа од книгата Откровение дека Христос ги води собраниските старешини, но што треба да признаат тие?
10 Христос со љубов ги надгледува своите собранија на Земјата преку наименуваните старешини (Еф. 4:8, 11, 12). Во првиот век, сите надгледници биле помазани со дух. Во книгата Откровение, тие се претставени како ѕвезди во Христовата десна рака (Отк. 1:16, 20). Денес, повеќето собраниски старешини се од другите овци. Тие се именувани под молитва и водство на светиот дух и затоа може да се каже дека Христос ги предводи и нив, односно дека се во неговата рака (Дела 20:28). Сепак, признаваат дека Христос користи мала група од помазани христијани во улога на Водечко тело за да ги води и да им дава упатства на своите ученици на Земјата. (Прочитај Дела 15:6, 28-30.)
„Дојди, Господару Исусе!“
11. Зошто копнееме нашиот Водач да дојде брзо?
11 Во откровението што му било дадено на апостол Јован, Исус неколку пати рекол дека доаѓа брзо (Отк. 2:16; 3:11; 22:7, 20). Без сомнение, тој мислел на своето доаѓање да изврши суд над Големиот Вавилон и над останатиот дел од злобниот поредок на Сатана (2. Сол. 1:7, 8). Желно исчекувајќи да го види исполнувањето на прекрасните настани што биле проречени, остарениот апостол Јован извикал: „Амин! Дојди, Господару Исусе!“ И ние што живееме во времето на крајот на овој злобен поредок копнееме да видиме како нашиот Водач и Цар ќе дојде со царска моќ да го посвети името на својот Татко и да го оправда како Севишен Господар.
12. Која задача ќе ја заврши Христос пред да бидат пуштени ветровите на уништувањето?
12 Пред Исус да ја уништи видливата организација на Сатана, последните од 144-те илјади членови на духовниот Израел ќе добијат конечно запечатување. Библијата јасно кажува дека ветровите што ќе го уништат Сатановиот свет нема да бидат пуштени пред да биде завршено ова запечатување на 144-те илјади (Отк. 7:1-4).
13. Како Христос ќе ја покаже својата присутност во првата фаза од ‚големата неволја‘?
13 Повеќето жители на Земјата воопшто не ја забележуваат Христовата „присутност“, која започнала во 1914 год. (2. Пет. 3:3, 4). Но, наскоро, кога ќе почне да ги извршува Јеховините судови над различните делови од Сатановиот поредок, на сите ќе им стане јасно дека е присутен. Со уништувањето на „човекот на беззаконието“, односно свештенството на христијанскиот свет, Исус јасно ќе ја покаже ‚својата присутност‘. (Прочитај 2. Солуњаните 2:3, 8.) Тоа ќе биде непобитен доказ дека Христос дејствува како Судија поставен од Јехова. (Прочитај 2. Тимотеј 4:1.) Уништувањето на највиновниот дел од Големиот Вавилон ќе му претходи на целосното уништување на тоа злобно светско царство на лажната религија. Јехова ќе им стави во срцето на политичките лидери да ја опустошат оваа духовна блудница (Отк. 17:15-18). Тоа ќе биде првата фаза од ‚големата неволја‘ (Мат. 24:21).
14. а) Зошто ќе биде скратен првиот дел од големата неволја? б) Што ќе значи „знакот на Синот човечки“ за Јеховиниот народ?
14 Исус рекол дека дните на таа неволја ќе се скратат „заради избраните“, односно заради остатокот од помазани христијани кои сѐ уште ќе бидат на Земјата (Мат. 24:22). Јехова нема да дозволи во неговото уништување на лажната религија да бидат збришани помазаните христијани и нивните придружници од другите овци. Исус додал дека „по неволјата на тие дни“ ќе има знаци на сонцето, месечината и ѕвездите, и „тогаш на небото ќе се појави знакот на Синот човечки“. Ова ќе ги натера народите на Земјата ‚да заплачат‘, но не и помазаните, кои имаат небесна надеж, ниту нивните придружници, кои се надеваат дека ќе живеат вечно на Земјата. Тие ќе ‚се исправат и ќе ги подигнат главите бидејќи се приближи нивното избавување‘ (Мат. 24:29, 30; Лука 21:25-28).
15. Што ќе стори Христос кога ќе дојде?
15 Пред да извојува конечна победа, Синот човечки ќе дојде и на еден друг начин. Тој прорекол: „Кога Синот човечки ќе пристигне во својата слава и сите ангели со него, тогаш ќе седне на својот славен престол. И сите народи ќе се соберат пред него, и тој ќе ги одвои луѓето едни од други, како што пастирот ги одвојува овците од јарците. Ќе ги постави овците од својата десна страна, а јарците од левата“ (Мат. 25:31-33). Овде станува збор за Христовото доаѓање како Судија кој ќе ги подели луѓето од „сите народи“ во две групи: на ‚овци‘, односно оние што покажале на дело дека ги поддржуваат неговите духовни браќа (помазаните христијани на Земјата) и на ‚јарци‘, односно оние што „не ѝ се покоруваат на добрата вест за нашиот Господар Исус“ (2. Сол. 1:7, 8). Овците, кои се наречени ‚праведници‘, ќе добијат „вечен живот“ на Земјата, но јарците „ќе отидат во вечна смрт“, или уништување (Мат. 25:34, 40, 41, 45, 46).
Исус тргнува во конечна победа
16. Како нашиот водач Христос ќе извојува конечна победа?
16 Откако Исус ќе го запечати целосниот број на цареви-свештеници кои ќе владеат со него и ќе ги одвои овците ставајќи ги од својата десна страна за да добијат спасение, Христос ќе ‚тргне во конечна победа‘ (Отк. 5:9, 10; 6:2). На чело на војската која ќе се состои од моќни ангели и, без сомнение, од неговите воскреснати браќа, тој ќе го уништи целокупниот Сатанов политички, воен и трговски систем на Земјата (Отк. 2:26, 27; 19:11-21). Христос ќе извојува конечна победа кога ќе го уништи злобниот свет на Сатана. Потоа ќе го фрли Ѓаволот и неговите демони во бездна каде што ќе останат затворени илјада години (Отк. 20:1-3).
17. Каде ќе ги води Христос своите други овци во текот на илјадагодишното Царство, и на што треба да бидеме решени?
17 Во врска со ‚големото мноштво‘ од други овци, кои ќе ја преживеат големата неволја, апостол Јован прорекол дека „Јагнето, кое е среде престолот, ќе ги пасе и ќе ги води на извори на води на животот“ (Отк. 7:9, 17). Во текот на своето илјадагодишно Царство, Христос ќе продолжи да ги води другите овци, кои навистина го слушаат неговиот глас, и ќе им даде вечен живот. (Прочитај Јован 10:16, 26-28.) Да го следиме верно нашиот Цар и Водач — сега и во новиот свет што ни го ветил Јехова!
За повторување
• Што презел Христос откако бил устоличен?
• Кого го користи Христос на Земјата за да ги води собранијата?
• На кои начини нашиот водач Христос треба допрва да дојде?
• Како Христос ќе продолжи да нѐ води во новиот свет?
[Слика на страница 29]
Кога ќе биде уништен Сатановиот злобен свет, сите ќе станат свесни за Христовата присутност