Јеховината реч е жива
Избрани стихови од книгата Матеј
ПРВИОТ што напишал возбудлив извештај за Исусовиот живот и служба е Матеј — близок пријател на Исус Христос и поранешен даночник. Евангелието по Матеј било напишано на хебрејски јазик, а потоа било преведено на грчки. Завршено е со пишување некаде во 41 год. од н.е. и служи како мост меѓу Хебрејските и Христијанските грчки списи.
Изгледа дека првенствено било наменето за еврејските читатели. Ова трогателно и содржајно Евангелие покажува дека Исус е ветениот Месија, Божјиот Син. Ако внимателно ја разгледаме неговата порака, ќе ни се зајакне верата во вистинскиот Бог, во неговиот Син и во неговите ветувања (Евр. 4:12).
„СЕ ПРИБЛИЖИ НЕБЕСНОТО ЦАРСТВО“
Матеј најмногу пишува за Царството и за Исусовите учења, иако при тоа отстапува од строго хронолошкиот редослед. На пример, Проповедта на гората е раскажана некаде во почетокот на книгата, иако Исус ја кажал во средината на својата служба.
Додека ја извршува службата во Галилеја, Исус прави чуда, ги поучува 12-те апостоли како да проповедаат, ги осудува фарисеите и раскажува споредби за Царството. Потоа заминува од Галилеја и доаѓа до „граничното подрачје на Јудеја, од онаа страна на Јордан“ (Мат. 19:1). По патот, Исус им вели на своите ученици: ‚Одиме во Ерусалим, и Синот човечки ќе биде осуден на смрт, а на третиот ден тој ќе воскресне‘ (Мат. 20:18, 19).
Одговорени библиски прашања:
3:16 — Во кој поглед ‚небесата се отвориле‘ кога се крстил Исус? Изгледа дека, во тие моменти, на Исус му се вратило сеќавањето за неговото претчовечко постоење на небото.
5:21, 22 — Дали е посериозно да се истури гневот отколку само да тлее? Исус предупредил дека оној што чувствува прикриен гнев кон својот брат прави сериозен грев. Меѓутоа, да се истури гневот со навредливи зборови е уште посериозно, и таквиот е одговорен пред суд повисок од локалниот суд.
5:48 — Дали е навистина можно да бидеме „совршени, како што е совршен [нашиот] небесен Татко“? Да, во релативна смисла. Овде Исус зборувал за љубовта и им рекол на оние што го слушале да се угледаат на Бог и да бидат совршени, односно целосни, во својата љубов (Мат. 5:43-47). Како? Така што ќе ги сакаат и своите непријатели.
7:16 — По кои „плодови“ се познава вистинската религија? Во овие плодови не спаѓа само нашето однесување. Во нив спаѓаат и нашите верувања — учењата за кои се држиме.
10:34-38 — Дали библиската порака е причина за неслоги во многу семејства? Воопшто не. Напротив, до неслоги доаѓа поради ставот на членовите на семејството што не се соверници. Тие одлучуваат да не го прифатат или да се противат на христијанството, што води до поделби во фамилијата (Лука 12:51-53).
11:2-6 — Ако Јован веќе знаел дека Исус е Месијата, бидејќи го чул Божјиот глас како го потврдува тоа, зошто прашал дали Исус е „оној што треба да дојде“? Јован можеби го поставил ова прашање за да добие потврда лично од Исус. Но, освен тоа, Јован сакал да знае дали требало да има „некој друг“ што ќе дојде со царска власт и ќе го исполни сето тоа на кое се надевале Евреите. Одговорот на Исус покажал дека не требало да дојде никој друг.
19:28 — Што е претставено со „дванаесетте Израелови племиња“ што ќе бидат судени? Тие не ги претставуваат 12-те племиња на духовниот Израел (Гал. 6:16; Отк. 7:4-8 ). Апостолите на кои им зборувал Исус требало да бидат дел од духовниот Израел, а не негови судии. Исус ‚склучил со нив сојуз за царство‘ и тие требало да бидат ‚царство и свештеници на Бог‘ (Лука 22:28-30; Отк. 5:10). Оние што му припаѓаат на духовниот Израел треба да „му судат на светот“ (1. Кор. 6:2). Значи, „дванаесетте Израелови племиња“, на кои им судат оние што седат на небесните престоли, очигледно ги претставуваат луѓето што не припаѓаат на таа царска, свештеничка класа, и кои се претставени со 12-те племиња на Денот на искупувањето (3. Мој., 16. погл.).
Поуки за нас:
4:1-10. Од овој извештај учиме дека Сатана е реална личност, а не злобата како особина. Тој ја користи „желбата на телото и желбата на очите и истакнувањето на својот имот“ за да нѐ искуша. Сепак, тоа што ќе ги применуваме библиските начела ќе ни помогне да му останеме верни на Бог (1. Јов. 2:16).
5:1 — 7:29. Биди свесен за своите духовни потреби. Биди мирољубив. Отфрли ги неморалните мисли. Стој си на зборот. Кога се молиш, поважни нека ти бидат духовните од материјалните работи. Биди богат пред Бог. Барај го најнапред Царството и Божјата праведност. Не суди. Извршувај ја Божјата волја. Навистина практични поуки од Проповедта на гората!
9:37, 38. Треба да постапуваме во склад со нашата молба до Господарот „да испрати работници на својата жетва“. Тоа ќе го сториме ако и самите ревносно правиме ученици (Мат. 28:19, 20).
10:32, 33. Никогаш не треба да се плашиме да зборуваме за својата вера.
13:51, 52. Кога некој ќе ги сфати вистините за Царството, има одговорност да ги поучува другите за нив и да им помогне да ги разберат.
14:12, 13, 23. Моментите кога некој е сам се многу битни за длабоко размислување (Мар. 6:46; Лука 6:12).
17:20. Потребна ни е вера за да ги совладаме препреките што ни изгледаат како планини, а кои нѐ кочат во духовниот напредок и во борбата со проблемите. Не треба да запоставиме да ја градиме и да ја зајакнуваме нашата вера во Јехова и во неговите ветувања (Мар. 11:23; Лука 17:6).
18:1-4; 20:20-28. Поради човечката несовршеност и поради тоа што пораснале во религија која придавала големо значење на високата положба, на Исусовите ученици им била премногу важна таквата положба. За да не подлегнеме на грешните склоности и за да задржиме исправно гледиште за одговорните задачи во собранието, треба да работиме на својата понизност.
„СИНОТ ЧОВЕЧКИ ТРЕБА ДА БИДЕ ПРЕДАДЕН“
‚Седнат на магаре‘, Исус влегува во Ерусалим на 9 нисан 33 год. од н.е. (Мат. 21:5). Следниот ден доаѓа во храмот и го чисти. На 11 нисан поучува во храмот, ги осудува книжниците и фарисеите, а потоа им го дава на своите ученици „знакот на [својата] присутност и на свршетокот на овој поредок“ (Мат. 24:3). Следниот ден им вели: „Знаете дека по два дена е Пасхата, и Синот човечки треба да биде предаден и прикован на столб“ (Мат. 26:1, 2).
Доаѓа 14 нисан. Откако ја воведува Спомен-свеченоста по повод својата претстојна смрт, Исус е предаден, уапсен, сослушуван и прикован на столб. На третиот ден е воскреснат од мртвите. Пред да се вознесе на небото, воскреснатиот Исус им ја дава следнава заповед на своите следбеници: „Одете и правете ученици од луѓето од сите народи“ (Мат. 28:19).
Одговорени библиски прашања:
22:3, 4, 9 — Кога биле упатени трите покани за да се дојде на свадбата? Првата покана да се собере класата на невестата била упатена кога Исус и неговите следбеници почнале да проповедаат во 29 год. од н.е., и важела сѐ до 33 год. од н.е. Втората покана била упатена кога бил излеан светиот дух на Педесетница 33 год. од н.е. и важела до 36 год. од н.е. Двете покани им биле упатени само на Евреите, на еврејските прозелити и на Самарјаните. Меѓутоа, третата покана им била упатена на луѓето на патиштата надвор од градот, односно на необрежаните не-Евреи, во 36 год. од н.е. кога се преобратил римскиот стотник Корнелиј, а оваа покана важи и ден-денес.
23:15 — Зошто еден преобратеник на фарисеите ‚ја заслужувал геената двапати повеќе‘ отколку самите фарисеи? Некои што станале преобратеници на фарисеите можеби претходно биле големи грешници. Меѓутоа, со тоа што се преобратиле во фанатизмот на фарисеите, тие не се поправиле туку станале уште полоши и веројатно станале уште поголеми фанатици од нивните осудени учители. Затоа ‚ја заслужувале геената‘ двапати повеќе во споредба со еврејските фарисеи.
27:3-5 — За што чувствувал грижа на совеста Јуда? Ништо не покажува дека грижата на совест што ја чувствувал Јуда била вистинско каење. Наместо да го моли Бог да му прости, тој им го признал својот грев на главните свештеници и на старешините. Бидејќи направил „грев кој води во смрт“, Јуда со право го измачувале чувства на вина и очај (1. Јов. 5:16). Совеста го печела затоа што се чувствувал безнадежно.
Поуки за нас:
21:28-31. Во Јеховини очи е најважно да ја вршиме неговата волја. На пример, треба ревносно да проповедаме за Царството и да правиме ученици (Мат. 24:14; 28:19, 20).
22:37-39. Колку кратко и јасно е кажано во двете најголеми заповеди она што Бог го бара од луѓето што му служат!
[Слика на страница 31]
Дали ревносно учествуваш во жетвата?
[Извор на слика]
© 2003 BiblePlaces.com
[Слика на страница 31]
Матеј најмногу пишува за Царството