Направи ја својата младост успешна
ЖИТЕЛИТЕ на една европска земја биле замолени да изберат една од следниве три работи: убавина, богатство или младост. На прво место при изборот била младоста. Да, луѓето од сите старосни групи ги сметаат тинејџерските и раните 20-ти години за посебен период од животот. И секој сака младите да направат успешен премин од деца во возрасни луѓе. Но, како?
Може ли да помогне Библијата? Одговорот дефинитивно е „да“. Да испитаме две подрачја на кои Божјата реч може посебно да им помогне на младите — можеби повеќе на младите отколку на која и да е друга старосна група.
Добро сложување со другите
Jugend 2000 е извештај за една опсежна анкета за ставовите, вредностите и однесувањето на повеќе од 5.000 млади луѓе во Германија. Анкетата открива дека кога младите се занимаваат со слободни активности — на пример, кога слушаат музика, учествуваат во спортови или само денгубат — речиси секогаш се со други луѓе. Можеби повеќе од која и да е друга старосна група, младите сакаат да бидат со своите врсници. Оттука произлегува дека една од тајните за успешна младост е доброто сложување со другите.
Но, не е секогаш лесно добро да се сложуваш со другите. Навистина, меѓучовечките односи се едно подрачје за кое младите мажи и жени признаваат дека често имаат проблеми. Во тој поглед Библијата може да биде од вистинска помош. Божјата реч содржи основно водство за младите во градењето урамнотежени односи. Што вели Библијата?
Едно од најважните начела во меѓучовечките односи е наречено Златно правило: „Секогаш постапувај со другите така како што сакаш тие да постапуваат со тебе“. Ако постапуваш со другите со почит, достоинство и љубезност, тоа ќе ги охрабри и тие да постапуваат со тебе на ист начин. Љубезното однесување може да ублажи атмосфера на несогласување и стрес. Доколку станеш познат по обѕирното однесување со другите, веројатно ќе бидеш признат и прифатен од нив. Зар не се чувствуваш добро кога си прифатен од другите? (Матеј 7:12).
Библијата те советува да го ‚љубиш ближниот како себеси‘. Треба да се љубиш себеси во смисла да се грижиш за себеси и да имаш самопочит во разумна мера, ни премногу ни премалку. Зошто помага тоа? Па, ако немаш самопочит, можеш да станеш претерано критизерски настроен кон другите, а тоа ги попречува добрите односи. Но, урамнотежената самопочит е подлога на која можеш да градиш цврсти пријателства (Матеј 22:39).
Штом ќе се развие, пријателството треба да се зацврстува со обострани напори. Вложувањето време во пријателството треба да те направи среќен, затоа што „повеќе среќа има во давањето, отколку во примањето“. Еден облик на давање е простувањето, а тоа вклучува да ги превидуваш ситните грешки и да не очекуваш совршеност од другите. Библијата ни кажува: „Вашата разумност нека им биде позната на сите луѓе“. Навистина, „колку што зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе“. Што ако пријателот ти укаже на некоја слабост? Како реагираш? Размисли за овој практичен совет од Библијата: „Не брзај со гнев“, затоа што „ударите од пријателот се искрени“. Зар не е вистина дека пријателите влијаат врз твоите мисли, говор и однесување? Затоа Библијата предупредува: „Лошите друштва ги расипуваат корисните навики“. Од друга страна, пак, „кој се состанува со мудри, мудар ќе биде“ (Дела 20:35; Филипјаните 4:5; Римјаните 12:17, 18; Проповедник 7:9; Пословици 13:21, СП; 27:6; 1. Коринќаните 15:33).
Марко зборува во името на многу млади мажи и жени кога вели: „Библиските начела многу ми помагаат да се сложам со другите. Некои луѓе што ги познавам живеат само за себеси и за она што можат да го извлечат од животот. Библијата нѐ учи да не размислуваме толку за себеси, туку за другите. Колку што можам да видам, тоа е најдобриот начин да се постигнат добри меѓучовечки односи“.
Она што младите луѓе, како Марко, го учат од Библијата не им помага само во младоста туку и во годините што следат. А во врска со иднината, наоѓаме и друг начин на кој Библијата може посебно да ѝ помогне на помладата генерација.
Вознемиреност околу иднината
Многу млади луѓе имаат љубопитен ум. Можеби повеќе од која и да е друга старосна група, тие сакаат да знаат што се случува и зошто. А Библијата, повеќе од која и да е друга книга, ги објаснува причините за светските околности и ни кажува што да очекуваме во иднина. Тоа, всушност, е она што сака да го знае помладата генерација. Зошто можеме да бидеме сигурни во ова?
Па, иако нашироко се верува дека младите живеат само за денешнината, некои анкети откриваат малку поинаква слика. Тие покажуваат дека младите честопати внимателно набљудуваат што се случува околу нив и потоа извлекуваат сопствени заклучоци за тоа каков ќе биде веројатно животот во иднина. Доказ за тоа е фактот што 3 од секои 4 млади мажи и жени за иднината размислуваат „често“ или „многу често“. Иако младите, во глобала, се оптимистични, поголемиот дел од нив гледаат на иднината со вознемиреност.
Зошто со вознемиреност? Многумина од следната генерација возрасни луѓе веќе имаат проблеми со криминалот, насилството и злоупотребата на дрога. Младите се загрижени околу добивањето постојано работно место во општество каде што има висока конкуренција. Се наоѓаат под притисок да добијат добри оценки на училиште или да бидат многу успешни на работа. Една 17-годишна девојка се жалела: „Живееме во општество на жестока конкуренција. Секој се обидува да прави што сака. Секогаш мораш да се докажуваш што можеш да правиш, а мене ми се гади од тоа“. Еден друг млад човек, на возраст од 22 години, рекол: „Успешните напредуваат во животот и можат удобно да живеат. Кандидатите што немаат среќа и што од оваа или од онаа причина не можат да бидат во чекор со нив, едноставно заостануваат“. Зошто во животот има толкава конкуренција? Дали засекогаш ќе биде така?
Реалистично објаснување
Кога на општеството гледаат со толкава вџашеност или растревоженост, младите свесно или несвесно се сложуваат со Библијата. Божјата реч покажува дека денешното „општество со жестока конкуренција“ е знак за времињата. Во писмо до еден млад човек по име Тимотеј, апостол Павле за нашево време напишал: „Критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“. Зошто критични, и зошто тешко ќе се излегува на крај? Затоа што, како што понатаму напишал Павле, луѓето ќе бидат „себељубиви, љубители на пари, вообразени, надуени . . . неблагодарни, нелојални . . . свирепи“. Зар не е ова точен опис на однесувањето на многу луѓе денес? (2. Тимотеј 3:1-3).
Библијата вели дека овие критични времиња ќе настапат „во последните денови“, пред да бидат предизвикани големи промени во целото човечко општество. Овие промени ќе ги погодат сите, и млади и стари. Какви промени? Наскоро една небесна влада ќе го преземе владетелството над човечките работи и поданиците ќе уживаат „во изобилен мир“ насекаде. „Праведните ќе ја наследат земјата и ќе живеат довека на неа.“ Чувствата на вознемиреност и растревоженост ќе бидат минато (Псалм 37:11, 29).
Само Библијата дава веродостоен увид во иднината. Кога знае што да очекува во следните неколку години, еден млад човек може да се подготви за настаните, да се чувствува сигурен и да има поголема контрола над својот живот. Ова чувство го намалува стресот и вознемиреноста. Тоа е, всушност, начинот на кој Библијата се зафаќа со посебната потреба на помладата генерација — да го разбере општеството и да знае што ќе донесе иднината.
Успешна младост
Кој е критериумот за успешна младост? Високото образование, материјалните поседи и широкиот круг пријатели? Многумина можеби мислат така. Тинејџерските и раните 20-ти години треба да дадат добар почеток за подоцнежниот живот. Со други зборови, успешната младост може да биде показател за тоа како ќе биде подоцна.
Како што видовме, Библијата може да му помогне на младиот човек да биде успешен во помладите години. Многу млади веќе увиделе дека тоа е случај во нивниот живот. Тие секој ден ја читаат Божјата реч и го применуваат наученото. (Види „Совет од еден млад Јеховин слуга“, на 6. страница.) Навистина, Библијата е книга за младите луѓе денес бидејќи може да им помогне да ‚бидат потполно способни, целосно опремени за секое добро дело‘ (2. Тимотеј 3:16, 17).
[Истакната мисла на страница 5]
Една од тајните за успешна младост е сложувањето со другите
[Истакната мисла на страница 6]
Можеби повеќе од која и да е друга старосна група, младите сакаат да знаат што се случува и зошто
[Рамка на страници 6 и 7]
Совет од еден млад Јеховин слуга
Александар има 19 години. Пораснал во семејство на Јеховини сведоци и од сѐ срце ја практикува својата вера. Но, не било отсекогаш така. Александар објаснува:
„Верувале или не, бев поврзан со Јеховините сведоци како некрстен младинец повеќе од седум години. Во тоа време, моето обожавање беше со половина срце, чисто рутинска работа. Мислам дека немав храброст чесно да се преиспитам себеси“.
Потоа, ставот на Александар се променил. Тој продолжува:
„Моите родители и пријателите во собранието цело време ме поттикнуваа секој ден да ја читам Библијата, да го запознаам Јехова лично. Конечно, решив да се обидам. Затоа, го скратив гледањето телевизија и читањето на Библијата стана дел од мојата рутина рано наутро. Конечно, почнав да сфаќам што е, всушност, Библијата. Увидов како може да ми помогне како личност. И — што е најважно од сѐ — сфатив дека Јехова сака да го запознаам. Штом го зедов тоа при срце, мојот личен однос со Јехова почна да се продлабочува, а се подобрија и пријателствата во собранието. Колку само голем ефект во мојот живот имаше Библијата! Му препорачувам на секој млад Јеховин слуга секој ден да ја чита Библијата“.
Низ целиот свет има милиони млади што се поврзани со Јеховините сведоци. Дали си и ти еден од нив? Дали би сакал да извлечеш корист од редовното читање на Библијата? Зошто не го следиш примерот на Александар? Скрати од помалку важните активности и нека читањето на Библијата стане дел од твојата секојдневна рутина. Сигурно ќе извлечеш корист.