Што поучувал Исус за пеколот?
„Ако и твоето око те соблазнува“, рекол Исус, „извади го! Подобро е за тебе да влезеш во Божјото Царство со едно око, отколку да бидеш со двете очи фрлен во пеколот, каде нивниот црв не умира, и огнот не изгорува“ (МАРКО 9:47, 48, Превод на д-р Д. Х. Константинов).
Во друга прилика, Исус зборувал за едно време на суд кога ќе им рече на злобните: „Одете од Мене, проклети, во вечен оган, приготвен за ѓаволот и неговите ангели“. Исто така, рекол дека „тие ќе отидат во вечна мака“ (МАТЕЈ 25:41, 46, Превод на МПЦ).
НА ПРВ поглед можеби изгледа дека овие зборови на Исус го поткрепуваат учењето за пекол. Сепак, Исус немал намера да каже нешто спротивно на она што е речено во Божјата реч, во која јасно стои: „Мртвите ништо не знаат“ (Проповедник 9:5, Превод на МПЦ).
Тогаш, на што мислел Исус кога рекол дека некој ќе биде фрлен „во пеколот“? Дали ‚вечниот оган‘ што го спомнал Исус е дословен или симболичен? Во која смисла злобните ‚одат во вечна мака‘? Да ги разгледаме овие прашања едно по едно.
На што мислел Исус кога рекол дека некој ќе биде фрлен „во пеколот“? Оригиналниот грчки збор преведен со „пекол“ во Марко 9:47 е ге́ена. Овој збор доаѓа од хебрејскиот збор ге хином, што значи „долината на Еном“. Долината на Еном лежела покрај ѕидините на древниот Ерусалим. Во времето на израелските цареви, во оваа долина Израелците жртвувале деца — одвратен обичај што Бог го осудувал. Бог рекол дека ќе ги погуби сите што го правеле овој ритуал за да им угодат на лажни богови. Тогаш долината на Еном ќе била наречена „Долина на Колежи“, каде што ќе лежеле непогребани „мртвите тела на овој народ“ (Еремија 7:30-34, ДХК). Со тоа Јехова прорекол дека долината на Еном ќе стане место каде што ќе се фрлаат мртви тела, а не место каде што ќе се мачат живи луѓе.
Во времето на Исус, жителите на Ерусалим ја користеле Долината на Еном како буниште. Труповите на некои закоравени криминалци ги фрлале на ова буниште, каде што постојано одржувале оган за да изгорат отпадот и лешевите.
Кога зборувал за бесмртните црви и за неугасливиот оган, Исус очигледно мислел на Исаија 66:24. Во врска со „труповите на луѓето што отстапиле од [Бог]“, Исаија рекол дека „црвот нивни нема да умре, ниту огнот нивни ќе угасне“ (Превод на МПЦ). Исус и луѓето што го слушале знаеле дека тие зборови на Исаија се однесуваат на она што се правело со мртвите тела на луѓето што не биле достојни за погреб.
Значи, Исус ја употребил Долината на Еном, односно геената, како соодветен симбол за смрт без никаква надеж за воскресение. Тој ја нагласил оваа мисла кога рекол дека Бог „може да ги погуби и душата и телото во геената“ (Матеј 10:28). Геената е симбол за вечна смрт, а не за вечно мачење.
Дали ‚вечниот оган‘ за кој зборувал Исус е дословен или симболичен? Забележи дека ‚вечниот оган‘ што го спомнал Исус, како што е запишано во Матеј 25:41, бил подготвен за „ѓаволот и за неговите ангели“. Мислиш ли дека тие духовни суштества би можеле да изгорат во дословен оган? Зар Исус не го употребил зборот „оган“ во симболична смисла? Секако дека „овците“ и „јарците“ што се спомнати во истиот говор не се дословни, туку се сликовит опис на две групи луѓе (Матеј 25:32, 33). Вечниот оган за кој зборувал Исус потполно ги гори злите во симболична смисла.
Во која смисла злобните ‚одат во вечна мака‘? Иако повеќето преводи го користат зборот „мака“ во Матеј 25:46, основното значење на грчкиот збор ко́ласин е „да се држи под контрола растот на дрвјата“, односно да се кројат, или отсечат непотребните гранки. Затоа, додека оние што се слични на овци добиваат вечен живот, непокајниците што се слични на јарци ќе трпат „вечна мака“, засекогаш отсечени, односно лишени од животот.
Што мислиш ти?
Исус никогаш не поучувал дека луѓето имаат бесмртна душа. Меѓутоа, многу често зборувал дека ќе има воскресение на мртвите (Лука 14:13, 14; Јован 5:25-29; 11:25). Зошто Исус би рекол дека мртвите ќе воскреснат ако верувал дека нивните души не умреле?
Исус не поучувал дека Бог злобно ќе ги мачи лошите луѓе во сета вечност. Наместо тоа, рекол: „Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ (Јован 3:16, Превод на МПЦ). Зошто Исус би рекол дека оние што не веруваат во него ќе умрат? Ако навистина мислел дека ќе живеат вечно, трпејќи страшни маки во пекол, зар не би го кажал тоа отворено?
Верувањето дека пеколот е место каде што луѓето се мачат не се темели на Библијата. Напротив, тоа е паганско верување скриено зад христијанска маска. (Види ја рамката „Кратка историја на пеколот“ на 6. страница.) А Бог воопшто не ги мачи луѓето вечно во пекол. Како влијае врз твојот став кон Бог вистината за пеколот?
[Рамка на страница 6]
КРАТКА ИСТОРИЈА НА ПЕКОЛОТ
КОРЕНИ ВО ПАГАНСКИТЕ ВЕРУВАЊА: Древните Египќани верувале во пекол. Во една книга од 1375 год. пр.н.е., се зборува за оние што „ќе бидат фрлени главечки во јами со оган; и... нема да излезат од нив и... нема да можат да ги избегнат пламењата“ (The Book Ȧm-Ṭuat). Еве што напишал грчкиот филозоф Плутарх (о. 46-120 год. од н.е.) за оние во подземниот свет: „Силно лелекаат додека трпат ужасни маки и срамни и тешки казни“.
НАВЛЕГОЛ И ВО ЈУДЕЈСКИТЕ СЕКТИ: Историчарот Јосиф (од 37 до о. 100 год. од н.е.) известил дека Есените, еврејска секта, верувале дека „душите се бесмртни и живеат вечно“. Тој додал: „Тоа е исто како гледиштето на Грците... Тие сметаат дека лошите души одат во темна и ужасна јама, каде што ги чека бескрајно страдање“.
ВОВЕДЕН ВО „ХРИСТИЈАНСТВОТО“: Во 2 век од н.е., во апокрифната книга Апокалипсата на Петар (Apocalypse of Peter) го пишувало следново за злобните луѓе: „За нив гори неугаслив оган“. Во неа стоело и следново: „Езраел, ангелот на бесот, носи мажи и жени запалени до половината и ги фрла во темнина, во пеколот одреден за луѓето; а еден гневен дух ги казнува“. Во истиот период, писателот Теофил од Антиохија ја цитирал грчката пророчица Сибила која претскажала казни за злобните: „Врз вас ќе дојде распален оган и вечно ќе горите во неговите пламења“. Теофил рекол дека овие зборови се „вистинити, корисни и исправни, и треба да ги знаат сите луѓе“.
ПЕКОЛОТ СЕ КОРИСТЕЛ ЗА ДА СЕ ОПРАВДА НАСИЛСТВОТО ВО СРЕДНИОТ ВЕК: Се вели дека Мери I, кралицата на Англија (1553-1558), позната како „Крвавата Мери“ затоа што наредила да се запалат на столб околу 300 протестанти, рекла: „Бидејќи душите на еретиците се на другиот свет за да горат вечно во пеколот, сосема е во ред јас да се угледам на Божјата одмазда и да ги запалам додека сѐ уште се на Земјата“.
ПОНОВА ДЕФИНИЦИЈА: Во последниве години, некои религии воведоа промени во своето учење за пеколот. На пример, во 1995 год., Одборот за доктринални прашања на Англиканската црква рече: „Пеколот не е вечно мачење, туку конечна и неотповиклива одлука да се прифати начин на живот кој е во толкава мера спротивен со Бог што неминовно води до потполно непостоење“.
[Рамка/слика на страница 7]
ШТО Е ‚ОГНЕНОТО ЕЗЕРО‘?
Во Откровение 20:10 стои дека Ѓаволот ќе биде „фрлен во огнено... езеро“, каде што ќе ‚биде мачен дење и ноќе во веки веков‘ (Превод на МПЦ). Ако Ѓаволот биде мачен во сета вечност, Бог ќе мора да го остави жив, но Библијата вели дека Исус ќе „го уништи“ (Евреите 2:14, ДХК). Ова симболично огнено езеро ја претставува „втората смрт“ (Откровение 21:8). Тоа не е смртта што првпат се спомнува во Библијата — смрт поради Адамовиот грев — смрт од која може да се биде ослободен со воскресение (1. Коринќаните 15:21, 22). Бидејќи Библијата не вели дека оние што се во ‚огненото езеро‘ ќе бидат ослободени, „втората смрт“ мора да претставува една поинаква смрт, односно смрт од која нема враќање.
Во која смисла оние што се во ова ‚огнено езеро‘ ќе бидат вечно мачени? Понекогаш, глаголот „мачи“ може да значи „ограничува“. Еднаш, кога Исус им се спротивставил на демоните, тие извикале: „Зар си дошол тука предвреме да нѐ мачиш [да нѐ ограничиш во бездната]?“ (Матеј 8:29; Лука 8:30, 31, Превод на МПЦ). Значи, сите оние што се во тоа „езеро“ ќе трпат ‚мачење‘ во таа смисла што ќе бидат вечно ограничени, односно ги чека „втората смрт“.