Кој ја следи светлината на светот?
„Светите како светила во светот“ — ФИЛИПЈАНИТЕ 2:15.
1. Што вели Библијата за лажните религиозни светила?
БИБЛИЈАТА јасно го идентификува Исус како „голема светлина“, „Светлина на светот“ (Исаија 9:2; Јован 8:12). Сепак, релативно малку луѓе го следеле кога тој бил на Земјата. Повеќето од нив избрале да следат лажни светила, кои всушност биле носители на темнина. За нив Божјата Реч вели: „Таквите се лажни апостоли, лукави работници, кои се преобразуваат во Христови апостоли. И не е за чудење; бидејќи самиот сатана се преобразува во ангел на светлината; та затоа не е голема работа, ако и слугите негови му се преобразуваат како слуги на правдата; но нивниот крај ќе им биде според делата нивни“ (2. Коринтјаните 11:13-15).
2. Што рекол Исус дека ќе биде темелот за судење на луѓето?
2 Затоа, сите луѓе не ја сакаат светлината, па колку и да е прекрасна. Исус рекол: „Овој суд е за тоа што Светлината дојде на светот, но на луѓето им омиле повеќе мракот, отколку светлината, оти нивните дела беа лоши. Зашто секој, што прави зло, ја мрази светлината и не оди кон светлината, за да не бидат осудени неговите дела“ (Јован 3:19, 20).
Љубители на темнина
3, 4. Како религиозните водачи од времето на Исус покажале дека не сакале да ја следат светлината?
3 Да разгледаме како тоа било случај кога Исус бил на Земјата. Бог го ополномоштил Исус да врши возбудливи чуда за да потврди дека бил Месијата. На пример, на еден сабатен ден му го вратил видот на некој човек кој бил слеп од раѓање. Каков прекрасен гест на милост! Колку бил благодарен човекот! За првпат во својот живот можел да гледа! Но, како реагирале религиозните водачи? Јован 9:16 раскажува: „Некои од фарисеите рекоа [за Исус]: ‚Не е од Бога Овој Човек, штом не ја уважува саботата‘“. Колку биле изопачени нивните срца! Се случило извонредно оздравување, но наместо да изразат радост поради некогашниот слепец и ценење спрема оној кој го оздравел, тие го осудиле Исус! Со тоа без сомнение згрешиле против манифестирањето на светиот дух, што било неопростив грев (Матеј 12:31, 32).
4 Подоцна, кога тие лицемери го испрашувале поранешниот слепец за Исус, човекот рекол: „Тоа и е за чудење, што вие не знаете од каде е [Исус], а мене, сепак, ми ги отвори очите. Знаеме дека Бог не слуша грешници: но оној што Го почитува Бога и ја исполнува Неговата волја, него го слуша. Откако е веков, не се чуло некој да отворил очи на слепроден. И ако Он [Исус] не беше од Бога, не можеше да направи ништо“. Како одговориле религиозните водачи? „Одговорија и му рекоа: ‚Сиот си во гревови роден, па зар ти нас ќе нѐ учиш?‘ И го испадија надвор“. Колкав недостиг на сочувство! Имале срца од камен. Затоа Исус им рекол дека, иако можеле да гледаат со нивните физички очи, духовно биле слепи (Јован 9:30-41).
5, 6. Што сториле религиозните водачи од I век кое покажува дека ја сакале темнината?
5 Дека тие религиозни лицемери грешеле против Божјиот дух се видело и во една друга прилика, кога Исус го воскреснал Лазар од мртвите. Поради тоа чудо мнозина од обичните луѓе поверувале во Исус. Но, забележи што сториле религиозните водачи. „Тогаш првосвештениците и фарисеите се собраа на совет и рекоа: ‚Што да правиме? Овој Човек прави многу чудеса. Ако Го оставиме така, сите ќе поверуваат во Него и ќе дојдат Римјаните, па ќе ни ја одземат и земјата и народот‘“ (Јован 11:47, 48). Тие биле загрижени за положбата и угледот. По секоја цена сакале да им угодат на Римјаните. И што направиле? „Од тој ден, пак, се согласија да Го убијат [Исус]“ (Јован 11:53).
6 Дали тоа било сѐ? Не. Она што потоа го сториле покажува колку тие ја сакале темнината. „А првосвештениците се договорија да го убијат и Лазара, зашто мнозина од Јудејците се одделуваа поради него и веруваа во Исуса“ (Јован 12:10, 11). Колкава неверојатна злоба! Иако сето тоа го сториле за да си ја заштитат положбата, што се случило? Уште во истата таа генерација се побуниле против Римјаните кои дошле против нив во 70. г. н. е., им ги одзеле местата, народот, па дури и животите! (Исаија 5:20; Лука 19:41-44).
Исусовото сочувство
7. Зошто љубителите на светлината се собираат кај Исус?
7 Така и во наше време сите не сакаат духовно просветлување. Но, оние кои ја љубат вистината сакаат да дојдат кон светлината. Сакаат Бог да биде нивни Суверен, и горливо се свртуваат кон Исус, кого Бог го испратил да објасни што е светлината, и го следат. Токму тоа го правеле понизните луѓе кога Исус бил на Земјата. Се собирале кај него. Дури и фарисеите морале да го признаат тоа. Тие се жалеле: „Светот тргна по Него“ (Јован 12:19). Луѓето слични на овци го сакале Исус затоа што тој бил сушта спротивност на себичните, арогантни религиозни водачи кои биле гладни за моќ, за кои Исус рекол: „Врзуваат бремиња тешки и мачни за носење и ги клаваат врз плеќите на луѓето, а сами не сакаат ни со прст да ги помрднат; и сите свои дела ги прават, за да ги видат луѓето“ (Матеј 23:4, 5).
8. Спротивно на религиозните лицемери, каков став имал Исус?
8 Наспроти тоа, забележи го сочувствителниот став на Исус: „А штом виде многу народ, се сожали, зашто беа изморени и прснати како овци без пастир“ (Матеј 9:36). И што направил тој во таа ситуација? На оние кои биле експлоатирани од Сатановиот систем, им рекол: „Дојдете при мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам; земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши; зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно“ (Матеј 11:28-30). Исус го сторил она што било проречено за него во Исаија 61:1, 2 (NW), кое гласи: „Јехова ме помаза да им ја објавувам добрата вест на кротките. Ме испрати да ги превијам оние со скршени срца, да им објавам слобода на заробените и широко отворање на очите дури и на затворениците; да ја објавам годината на добра волја од Јехова и денот на одмазда од нашиот Бог; да ги утешам сите жалосни“.
Собирање на носителите на светлина
9. Каков значаен настан се одиграл во 1914?
9 По своето вознесување на небото Исус, требало да чека додека не дојде времето Бог да му даде царска моќ. Тогаш требало да ги одвои „овците“ од „јарците“ (Матеј 25:31-33; Псалми 109:1, 2). Тоа време дошло кога во 1914 започнале „последните денови“ (2. Тимотеј 3:1-5). Исус, овластен како Цар на Божјето небесно Царство, почнал на својата десна страна на наклоност да ги собира оние кои сакале да ја следат светлината. По I Светска војна тоа дело на собирање продолжило со уште поголем полет.
10. Кое прашање може да се постави за оние коишто Исус ги употребува во делото на собирање?
10 Под водството на Христос Исус, делото на собирање било крунисано со огромен успех. Никогаш порано во историјата не се случило толку многу луѓе од сите нации да бидат собрани заедно во просветлено вистинско обожавање. А кои се денес тие што ја следат светлината која доаѓа од Бог и Христос? Кои се тие за кои Филипјаните 2:15 велат дека ‚светлат како светила во светот‘ и ги повикуваат другите да ‚дојдат и да земат од водата на животот дарум [бесплатно, NW]‘? (Откровение 22:17).
11. Каков е ставот на христијанството по однос на духовната светлина?
11 Дали христијанството го прави тоа? Христијанството со неговите поделени религии сигурно не светли како светило. Всушност, свештениците се како религиозните водачи од Исусово време. Тие не ја одразуваат вистинската светлина од Бог и Христос. Пред триесет и три години, во списанието Theology Today пишуваше: „Со жалење мора да се признае дека оваа светлина не светли во Црквата со импресивен сјај. . . . Црквата тежнее да стане сѐ повеќе и повеќе слична на заедниците со кои е опкружена. Таа не е толку светлина на светот колку што е одразувач на светлините кои светат во самиот свет“. А состојбата на христијанството денес е уште полоша. Таканаречената светлина што таа ја одразува од светот всушност претставува темнина, затоа што тоа е сѐ што Сатана и неговиот свет можат да понудат. Не, од завојуваните и потполно световни религии на т. н. христијанство не доаѓа никаква светлина на вистина.
12. Кој денес ја сочинува вистинската организација која носи светлина?
12 Со сигурност може да се рече дека општеството на новиот свет на Јеховини сведоци е вистинската организација која денес носи светлина. Обединето, сите нејзини членови — мажи, жени и млади — светлат пред целиот свет. Минатата година, во скоро 70.000 собранија на Јеховини сведоци по целиот свет, преку четири милиони носители на светлина активно им кажуваа на другите за Бог и неговите намери. А секоја година гледаме како продолжува огромното собирање на луѓе кои исто така сакаат да бидат духовно просветлени. Стотици илјади се крштеваат откако ја проучиле Библијата и дошле до точно спознание на вистината. Навистина, Божја волја е „сите [видови на, NW] луѓе да се спасат и да ја познаат вистината“ (1. Тимотеј 2:4).
13. Со што може да се спореди светлината која доаѓа од Јехова?
13 Просветлувањето кое сега доаѓа од Јехова би можеле да го споредиме со она што се случило кога Божјиот народ од старо време го напуштил Египет: „[Јехова, NW] Бог ги водеше по патот: дење во столб од облак, а ноќе во столб во оган, светејќи им“ (2. Мојсеева 13:21, 22). Облакот од Бог дење и оганот ноќе биле сигурни водичи. Тие биле толку сигурни како што е сигурно сонцето кое Бог го создал за да ни ја дава дневната светлина. Затоа, исто така можеме да бидеме уверени во Јехова дека тој и понатаму духовно ќе им го осветлува патот на трагачите по вистината во овие зли последни дни. Соломоновите изреки 4:18 ни гарантираат: „Патеката на праведните е како болскава светлина, која свети сѐ повеќе и повеќе дури не настане ден“.
Одразување на светлината на Царството
14. Што мора да биде главната цел на носителите на светлина?
14 Иако Јехова е Изворот на просветлување, а Христос Главниот Одразувач на таа светлина, Исусовите следбеници мораат исто така да ја одразуваат. За нив тој рекол: „Вие сте светлината на светот. . . . Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесни“ (Матеј 5:14, 16). А која била централната тема на оваа светлина којашто неговите следбеници требало да ја пуштат да светли пред човештвото? За што требало да поучуваат во оваа кулминација во светската историја? Исус не рекол дека неговите следбеници треба да проповедаат демократија, диктаторство, здружување на Црквата и државата или некоја друга световна идеологија. Наместо тоа, во Матеј 24:14 тој прорекол дека и покрај противењето ширум светот, „ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“. Затоа, носителите на светлина денес им кажуваат на другите за Божјето Царство кое ќе му стави крај на Сатановиот свет и ќе служи како увод во праведниот нов свет (1. Петрово 2:9).
15. Каде ќе се свртат оние кои ја сакаат светлината?
15 Оние кои ја сакаат светлината нема да бидат одвратени од ваквите светски тврдења и цели. Сите тие тврдења и цели наскоро ќе исчезнат затоа што овој свет се ближи кон својот крај. Наместо тоа, љубителите на праведноста ќе сакаат да се свртат кон добрата вест што ја објавуваат оние кои пуштаат светлината на Божјето Царство да светли до најоддалечените делови на Земјата. Тие се оние кои се проречени во Откровение 7:9, 10, кое вели: „Потоа видов, и ете, големо мноштво народ, кое што никој не можеше да го преброи, — од сите племиња и колена, народи и јазици; тие стоеја пред престолот [на Бог] и пред Агнецот [Христос] . . . И воскликнуваа со висок глас, велејќи: ‚За спасението наше слава на нашиот Бог, Кој седи на престолот, и на Агнецот!‘“ Стихот 14 гласи: „Тие се што дојдоа од големи маки [од големата неволја, ДК]“. Да, тие ќе го преживеат крајот на овој свет и ќе влезат во бескрајниот нов свет под Божјето Царство.
Просветлениот нов свет
16. Што ќе се случи со Сатановиот свет во големата неволја?
16 Новиот свет наскоро ќе биде обвиен во сјајната светлина на вистината. Всушност, да разгледаме каква ќе биде ситуацијата на денот откако Бог ќе му стави крај на овој систем на ствари. Сатана, неговите демони и неговите политички, комерцијални и религиозни системи ќе исчезнат — сите заедно! Целокупната Сатанова пропагандна машинерија исто така ќе исчезне. Така, после големата неволја никогаш повеќе нема да биде отпечатен ниту еден весник, списание, книга, брошура или леток кој ќе го поддржува овој зол свет. Нема да има расипувачко влијание кое ќе се емитува преку световната телевизија или радиостаниците. Целокупната отровна околина на Сатановиот свет ќе биде очистена со само еден моќен удар! (Матеј 24:21; Откровение 7:14, ДК; 16:14-16; 19:11-21).
17, 18. Како би ја опишал духовната околина по завршетокот на Сатановиот свет?
17 Колкаво огромно олеснување ќе биде тоа! Од тој ден па натаму, на човештвото ќе влијае само здравата, облагородувачка духовна светлина која доаѓа од Јехова и неговото Царство. Исаија 54:13 прорекува: „Сите твои синови ќе бидат научени од Господа [Јехова, NW], и голем мир ќе има меѓу синовите твои“. Со Божјата влада која ќе преовладува на целата Земја, тој ветува дека, како што стои во Исаија 26:9, ‚жителите на светот ќе се учат на правда‘.
18 Наскоро, целокупната душевна и духовна околина ќе се промени на подобро. На дневен ред ќе бидат изградувачки работи, а не депресивни, неморални работи кои сега се толку раширени. Секој кој тогаш ќе живее ќе биде поучен за вистината за Бог и неговите намери. Во потполна смисла на зборот ќе се исполни пророштвото од Исаија 11:9, кое вели: „Земјата ќе биде полна со познавање на Господа [Јехова, NW], како што водите го полнат морето“.
Итно е да се следи светлината
19, 20. Зошто оние кои сакаат да ја следат светлината треба да останат будни?
19 Сега, во последните години од овој зол систем, итно треба да се следи светлината на светот. А ние треба да бидеме будни зашто постои жестока борба да бидеме спречени да не одиме во светлината. Тоа противење доаѓа од силите на темнината — од Сатана, неговите демони и неговата земска организација. Затоа, апостолот Петар предупредува: „Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да го проголта“ (1. Петрово 5:8).
20 Сатана ќе им поставува секакви препреки на патеката на оние кои доаѓаат во контакт со светлината затоа што сака да ги задржи во темнина. Тоа може да биде притисок од роднините или поранешните пријатели кои се противат на вистината. Тоа можат да бидат сомневања во Библијата затоа што некој самиот бил заслепен од учењата на лажната религија или од пропагандата на безверните атеисти и агностици. Тоа може да бидат личните грешни склоности кои ти отежнуваат да живееш според божествените барања.
21. Каква акција треба да преземат сите оние кои сакаат да живеат во Божјиот нов свет?
21 Какви и да се препреките, дали сакаш да уживаш во животот во еден нов свет без сиромаштија, криминал, неправда или војна? Дали сакаш да се радуваш на совршено здравје и вечен живот на рајска Земја? Тогаш, прифати го и следи го Исус како светлина на светот и слушај ја пораката на оние кои цврсто се држат за „речта на животот“ (NW) и кои ‚светлат како светила на светот‘ (Филипјаните 2:15, 16).
Како би одговорил?
◻ Како религиозните водачи покажале дека биле љубители на темнината?
◻ Каков став имал Исус спрема луѓето?
◻ Како продолжило собирањето на носители на светлина?
◻ Какви значајни промени ќе се случат наскоро?
◻ Зошто е итно денес да ја следиме светлината на светот?
[Слика на страници 14 и 15]
Тврдокорните фарисеи го отфрлиле човекот на кого Исус му ги отворил очите