Како ти ги решаваш споровите?
Едно несмасно движење — и третиот во редот од пет кинески слона паѓа од рамката на каминот. Фигурата треба да се поправи. Инаку би се нарушила складноста на целата збирка. Меѓутоа постапката е деликатна и ти не се чувствуваш способен. Ќе треба да побараш совет, или дури да најдеш некој стручњак кој ќе го стори тоа.
СКЛАДНОСТА помеѓу духовните браќа и сестри е многу попрефинета од ситните орнаменти. Псалмистот соодветно испеал: „Колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат заедно!“ (Псалм 132:1). Да се реши спор со некој сохристијанин, понекогаш може да биде деликатна работа. Освен тоа, некои не му пристапуваат на тоа на исправен начин. Честопати „поправката“ е непотребно болна или не е многу разумна, и остава грди издајнички белези.
Некои христијани непотребно бараат да ги вклучат наименуваните старешини во работи кои самите би можеле да ги решат. Ова е така можеби затоа што не се сигурни што да прават. „Многумина од нашите браќа не знаат како да ги применат библиските совети за да ги решат нивните несогласувања“, коментирал еден брат кој бил искусен во давање на библиски совети. „Многу често“, продолжил тој, „тие не го следат Исусовиот начин на постапување.“ А, што всушност рекол Исус за тоа, како еден христијанин треба да ги реши несогласувањата со својот брат? Зошто е битно да се биде добро запознаен со овој совет и да се научи како истиот да се применува?
Ситни разидувања
„И така, ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па отиди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот“ (Матеј 5:23, 24).
Кога Исус ги кажал овие зборови, Евреите по обичај принесувале жртви, или дарови на храмскиот олтар во Ерусалим. Ако некој Евреин му згрешел нешто на својот сонародник, виновникот требало да жртвува цела жртва паленица или жртва за грев. Примерот што Исус го спомнал доаѓа до најважната точка. Кога лицето се наоѓа пред олтарот за да го жртвува својот дар на Бог, во тој момент се присетува дека неговиот брат има нешто против него. Да, Израелецот требало да сфати дека помирувањето со неговиот брат би требало да има приоритет во однос на извршувањето на една таква религиозна должност.
Иако таквите жртви биле барање според Мозаитскиот закон, самите по себе немале најголема важност во Божјите очи. Пророкот Самуил му рекол на неверниот цар Саул: „Зар сепалениците и приносите повеќе Му се пријатни на Господа, отколку послушноста на гласот Господов? Послушноста е подобра од жртвата, и покорувањето — подобро отколку овнешкото месо“ (1. Царства 15:22).
Во својата проповед на гората, Исус го повторил овој ред на приоритети на своите ученици и им покажал дека мораат да ги решат меѓусебните спорови пред да ги дадат своите жртви. Денес, жртвите коишто се бараат од христијаните се од духовна природа — „пофална жртва, односно плод од усните, што го прославуваат името Негово“ (Евреите 13:15). Сепак, начелото останува да важи. Апостол Јован на сличен начин покажува дека, ако некој го мрази својот брат, ќе биде залудно да тврди дека го сака Бог (1. Јованово 4:20, 21).
Интересно, лицето кое ќе се сети дека неговиот брат има нешто против него, треба да го преземе првиот чекор. Понизноста што ја покажува на тој начин веројатно ќе роди добри резултати. Очевидно лицето кое било навредено не би одбило да соработува со некој кој доаѓа кај него признавајќи ги своите сопствени грешки. Мозаитскиот закон одредувал секоја неправда потполно да се поправи и кон тоа да се додаде и еден петти дел (3. Мојсеева 6:5). На сличен начин, повторното воспоставување на мирољубиви, складни односи, би било полесно кога виновникот би покажал желба да оди подалеку од она што се бара, во потесна смисла на зборот, да ја поправи било која штета што можеби ја нанел.
Меѓутоа, настојувањата да се обноват мирољубивите односи не се секогаш успешни. Книгата Изреки нѐ потсетува дека е тешко да се решат несогласувањата со некој кој не е спремен на разговор. Изреки 18:19 [НС] вели: „Братот против кого е направен престап е поцврст од силен град, а постојат судири помеѓу нив кои се како ѕидови на моќна тврдина“. Еден друг превод гласи: „Навредениот брат потешко се придобива отколку силен град: А нивните судири се како преградите на замок“ (The Englishman’s Bible). Меѓутоа, со текот на времето искрените и понизни обиди веројатно ќе успеат кога се работи за сохристијани кои се трудат да му угодат на Бог. Но, кога се работи за тежок грев кој не е потврден треба да се примени Исусовиот совет, запишан во Матеј 18. поглавје.
Решавање на сериозни несогласувања
„Ако згреши против тебе братот твој, оди и искарај го насамо; ако те послуша, си го придобил брата си; ако ли не те послуша, поведи со себе уште еден или двајца, па со устата на двајца или тројца сведоци нека се потврди секој збор; ако ли, пак, не ги послуша и нив, кажи ѝ на црквата [собранието НС]; па, ако и црквата не ја послуша, тогаш нека ти биде тој како незнабожец и митник“ (Матеј 18:15-17).
Што ако некој Евреин (или подоцна, христијанин) наидувал на сериозни проблеми со некој сообожавател на Јехова? Поединецот кој мислел дека нему му била нанесена неправда, требало да го преземе првиот чекор. За проблемите требало да разговара насамо со виновникот. Со тоа што не би се обидувал да ја оправда својата ситуација, сигурно би имал повеќе изгледи да го придобие својот брат, особено ако имало само недоразбирање кое требало брзо да се расчисти. Сѐ би се средило многу полесно доколку оние кои биле директно вмешани во случајот, биле и единствените кои знаеле за таа работа.
Меѓутоа, можеби нема да е доволен само првиот чекор. За да се реши таа ситуација, Исус рекол: „Поведи . . . еден или двајца“. Ова би можеле да бидат сведоци од прва рака. Можеби тие чуле како еден од поединците го клевети другиот, или можеби оние кои се поведени биле сведоци на писмениот договор поради кој двете страни сега се разединуваат. Освен тоа, оние кои се поведени ќе станат сведоци кога ќе се појават било какви фактори, како што се писмени или усни искази, со помош на кои ќе се утврди причината за проблемот. Да нагласиме, само најмалиот можен број — „еден или двајца“ — би требало да знаат за проблемот. Ова би го спречило влошувањето на работите, ако проблемот бил само недоразбирање.
Кои мотиви треба да ги има навреденото лице? Дали би требало да се обидува да го понизи или засрами сохристијанинот? Во склад со Исусовиот совет, христијаните не би требало да бидат брзи да ги осудат своите браќа. Ако престапникот ја согледува својата грешка, се извинува и се обидува да ги поправи работите, оној против кого било згрешено ‚го придобил својот брат‘ (Матеј 18:15).
Ако работата не можела да се реши, требало да се изнесе пред собранието. Отпрвин, тоа се однесувало на старешините на Израел, а подоцна на старешините на христијанското собрание. Можеби непокајничкиот престапник требало да биде исклучен од собранието. Тоа било значењето на она, да се смета „како незнабожец или митник“, поединци од кои Евреите требало да се држат на дистанца. Оваа сериозна мерка не смее да ја преземе ниту еден поединец индивидуално. Наименуваните старешини кои го претставуваат собранието, се единствените кои се овластени да преземат таква постапка (Спореди 1. Коринтјаните 5:13).
Можноста еден непокајнички грешник да биде исклучен покажува дека Матеј 18:15-17 не се однесува на ситните недоразбирања. Исус укажувал на сериозни навреди, но сепак од таков вид што би можеле да се решат само помеѓу двајцата поединци на кои се однесува. На пример, навредата може да биде озборување кое сериозно ја погодило репутацијата на жртвата. Или може да се однесува на финансиски работи, зашто стиховите кои следат ја содржат Исусовата споредба за немилосрдниот слуга кому му бил простен голем долг (Матеј 18:23-25). Заем кој не е вратен во одреденото време може да биде само еден поминлив проблем кој би можел лесно да се реши помеѓу двајцата поединци. Но, може да се претвори во сериозен грев, имено кражба, ако позајмувачот тврдоглаво одбива да го исплати она што бил должен.
Други гревови не можат да бидат решени едноставно помеѓу двајца христијани. Под Мозаитскиот закон, сериозни гревови требало да бидат известени (3. Мојсеева 5:1; Изреки 29:24). Слично на тоа, тешки гревови кои влијаат на чистотата на собранието треба да бидат кажани на христијанските старешини.
Меѓутоа, повеќето случаи на судири помеѓу христијаните не спаѓаат под оваа постапка.
Би можел ли едноставно да простиш?
Веднаш откако Исус објаснил како да се решат сериозните спорови, тој дал поука за една друга важна лекција. Читаме: „Тогаш Петар пристапи кон Него и рече: ‚Господи колкупати да му простам на брата си, кога ќе згреши против мене? До седумпати ли?‘ Исус му одговори: ‚Не ти велам до седум, туку до седумдесетпати по седум‘“ (Матеј 18:21, 22). Во една друга прилика Исус им рекол на своите ученици да простуваат „седумпати на ден“ (Лука 17:3, 4). Очигледно, Христовите следбеници биле повикани да ги решаваат несогласувањата со тоа што неограничено ќе си простуваат еден на друг.
Ова е едно подрачје кое бара значителни напори. „Некои браќа едноставно не знаат како да простат“, рекол поединецот, цитиран на почетокот. Тој додал: „Тие се изненадени кога некој ќе им објасни дека би требало да се одлучат да простат, како прво и најбитно да го сочуваат мирот во христијанското собрание“.
Апостол Павле напишал: „Трпете се еден со друг и проштавајте си. Ако некој има поплака на некого, како што Христос [Јехова, НС] ви прости, така и вие направете!“ (Колосјаните 3:13). Затоа, пред да одиме кај братот кој можеби нѐ навредил, би било добро да размислиме за следниве прашања: Дали навредата е вредна да се разговара околу неа? Дали е навистина невозможно да ги заборавам поранешните несогласувања, во вистинскиот дух на христијанството? Кога би бил јас на негово место, зарем не би сакал да ми биде простено? И, ако решам да не простам, дали би можел да очекувам Бог да одговори на моите молитви и да ми прости мене? (Матеј 6:12, 14, 15). Ваквите прашања би можеле да ни помогнат да проштаваме.
Како христијани, една од нашите најважни одговорности е да го зачуваме мирот во собранието на Јеховиниот народ. Затоа, да го примениме Исусовиот совет во пракса. Ова ќе ни помогне да проштеваме неограничено. Таквиот дух на проштевање ќе придонесе кон братската љубов која е знак на распознавање на Исусовите ученици (Јован 13:34, 35).
[Слика на страница 23]
Христијаните можат да ги решат своите спорови следејќи го Исусовиот совет