Иако слаби, сепак силни
СОПСТВЕНИТЕ слабости можат да те обесхрабрат. Можат да бидат како пијавици од кои човек не може лесно да се ослободи. Можеби си мислиш дека никогаш нема да ги надминеш или се чувствуваш безвредно кога се споредуваш со другите и доаѓаш до заклучок дека се многу подобри од тебе. Или, пак, можеби се бориш со некоја болест која ти ги црпи силата и желбата за живот. Сеедно од која причина имаш вакви чувства, веројатно ти се чини дека немаш никаков излез. Можеби се чувствуваш исто како Јов, кој рекол: „О, да ме скриеше во гробот, да ме скриеше додека не ти мине гневот, да ми одредеше рок и потоа да се сетеше на мене!“ (Јов 14:13).
Има ли излез од ваквиот очај? Колку и да ти изгледа тешко, мора барем на моменти да ги тргнеш мислите од своите проблеми. На пример, би можел да размислиш за прашањата што Јехова му ги поставил на својот верен слуга Јов: „Каде беше ти кога ѝ ги поставив темелите на земјата? Кажи ми, ако го разбираш тоа! Знаеш ли кој ѝ ги одреди мерките и кој го растегна над неа мерното јаже?“ (Јов 38:4, 5). Кога размислуваме за вакви прашања, веројатно сме поттикнати да признаеме дека Јехова има ненадминлива мудрост и сила. Значи, мора да има и добра причина зошто дозволува овој свет и понатаму да постои.
„Трн во телото“
Апостол Павле, кој исто така бил верен Божји слуга, го молел Јехова да му отстрани еден „трн во телото“, односно некој проблем што постојано го притискал. Тој трипати го молел Бог да му ја отстрани маката што ја имал. Сеедно за што станувало збор, како некој непријатен трн, овој проблем можел да му ја одземе на апостолот радоста што ја чувствувал додека му служел на Јехова. Павле рекол дека тој трн постојано го удира. Сепак, одговорот од Јехова бил: „Доволна ти е незаслужената доброта што ти ја покажувам, зашто мојата сила се покажува во потполност кога си слаб“. Јехова не му го отстранил трнот во телото. Павле морал и понатаму да се бори со него. И покрај тоа, тој рекол: „Кога сум слаб, тогаш сум силен“ (2. Кор. 12:7-10). Што сакал да каже со ова?
Бог не направил чудо за да го отстрани проблемот на Павле. Сепак, тоа не го спречило овој апостол да му служи на Јехова на извонреден начин. Павле се потпирал на Јехова и постојано го молел за помош (Фил. 4:6, 7). Кон крајот на својот живот на Земјата, тој можел да каже: „Добро се борев, трката ја истрчав до крај, верата ја зачував“ (2. Тим. 4:7).
Јехова користи несовршени луѓе за да ја извршат неговата волја и покрај нивните недостатоци и проблеми, и затоа сета чест со право му припаѓа нему. Тој може да им даде водство и мудрост за да се справат со своите неволји и да ја задржат радоста додека му служат. Всушност, Јехова може да користи несовршени луѓе да прават извонредни дела и покрај нивните слабости.
Павле кажал зошто Бог не му го отстранил трнот во телото: „За да не се возгордеам“ (2. Кор. 12:7). ‚Трнот‘ го потсетувал Павле на неговите ограничувања и му помагал да остане понизен. Тоа е во склад со она што го поучувал Исус: „Кој се возвишува, ќе биде понижен, а кој се понизува, ќе биде возвишен“ (Мат. 23:12). Неволјите можат да ги научат Божјите слуги на понизност и да им помогнат да сфатат дека мораат да се потпираат на Јехова ако сакаат верно да истраат до крајот. Затоа, исто како апостол Павле, и тие можат ‚да се фалат со Јехова‘ (1. Кор. 1:31).
Скриени слабости
Можеби некои имаат слабости за кои не се свесни или, пак, не сакаат да си ги признаат. На пример, некој може да има преголема самодоверба, односно да се потпира на себеси (1. Кор. 10:12). Друга слабост што често ја имаат несовршените луѓе е желбата да се истакнуваат пред другите.
Јоав, кој станал генерал на војската на цар Давид, бил храбар, решителен и способен човек. Сепак, бил виновен за сериозни престапи што укажувале дека е исто така дрзок и амбициозен. Тој свирепо убил двајца други воени генерали. Во првиот случај го убил Авенир за да се одмазди. Подоцна, преправајќи се дека се поздравува со својот братучед Амаса, го фатил со десницата за брадата како да сака да го бакне и му го забил в стомак мечот кој го држел во левата рака (2. Сам. 17:25; 20:8-10). Давид го поставил Амаса за генерал на својата војска наместо Јоав, и затоа Јоав ја искористил оваа можност да го отстрани својот соперник, веројатно со надеж дека Давид пак ќе го стави него за генерал. Јасно е дека Јоав не се контролирал ниту себеси ниту својата себична амбиција. Тој постапил сурово и не покажал никаков знак на каење. Кога веќе му наближила смртта, цар Давид му заповедал на својот син Соломон да се погрижи Јоав да плати за злото што го направил (1. Цар. 2:5, 6, 29-35).
Ние во никој случај не смееме да им попуштиме на погрешните желби. Можеме да ги контролираме своите слабости. Но, прво мора да ги увидиме и да си ги признаеме. Потоа треба да преземеме чекори да ги надминеме. Можеме редовно да му се молиме на Јехова барајќи од него да ни помогне да ги совладаме тие слабости, и марливо да ја проучуваме неговата Реч за да откриеме како успешно да се бориме со таквите склоности (Евр. 4:12). Иако можеби ќе треба постојано да водиме битка со своите маани, да не се обесхрабриме! Оваа битка може да трае сѐ додека сме несовршени. Павле признал дека следново важи за него: „Не го правам она што го сакам, туку она што го мразам, тоа го правам“. Но, како што и самиот знаеш, Павле не кренал раце како да нема никаква контрола над своите постапки. Напротив, продолжил да се бори со своите слабости потпирајќи се на помошта што Бог му ја давал преку Исус Христос (Рим. 7:15-25). На едно друго место, Павле рекол: „Го тепам своето тело и го држам во покорност како роб, за да не бидам самиот отфрлен откако им проповедав на другите“ (1. Кор. 9:27).
Сите ние имаме обичај да си бараме изговори. Сепак, можеме да се бориме против таквата склоност ако се трудиме да гледаме на работите од Јеховина гледна точка, односно ако го послушаме следниов совет што Павле им го дал на христијаните: „Мразете го злото, држете се за доброто“ (Рим. 12:9). Во нашата битка против слабостите, мора да бидеме чесни, истрајни и самодисциплинирани. Давид го молел Јехова: „Прочисти ми ги бубрезите и срцето“ (Пс. 26:2). Тој знаел дека Бог може точно да ги процени нашите најдлабоки склоности и да ни даде помош кога ќе ни треба. Ако го прифатиме водството што Јехова ни го дава преку својата Реч и својот свет дух, можеме постепено да се избориме со нашите недостатоци.
Можеби некои ги мачат работи со кои им изгледа невозможно да се справат сами. Собраниските старешини сигурно можат со љубов да им помогнат и да ги охрабрат овие лица (Иса. 32:1, 2). Но, мудро е да имаме реални очекувања. Некои проблеми едноставно не можат целосно да се решат во сегашниов свет. Сепак, мнозина научиле да се справуваат со нив, и тоа им помогнало да водат исполнет живот.
Јехова нѐ уверува дека ќе ни помага
Сеедно со какви проблеми ќе се соочиме во овие тешки времиња, можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе нѐ води и ќе ни помага. Библијата нѐ поттикнува: „Понизете се под моќната Божја рака за да ве возвиши кога ќе дојде време, и сите свои грижи фрлете ги на него, зашто тој се грижи за вас“ (1. Пет. 5:6, 7).
Кети, која долги години служела во Бетел, дознала дека нејзиниот маж има Алцхајмерова болест. Мислела дека нема да може да го издржи она што следи. Имала потреба секојдневно да го моли Јехова за мудрост и за емоционална сила. Додека здравјето на маж ѝ постепено се влошувало, повеќе браќа со љубов се заинтересирале како може да се негува лице што е болно од таа болест, а грижливите сестри ѝ дале емоционална поддршка. Преку овие христијани, всушност, самиот Јехова ѝ дал зајакнувачка помош, и така Кети можела да го негува својот маж сѐ до неговата смрт, 11 години подоцна. Таа вели: „Горливо и со солзи му благодарев на Јехова за сета негова помош — таа ми даде сила да не се откажам. Воопшто не бев свесна дека можам да издржам толку долго и покрај тоа што бев исцрпена од умор!“
Помош да надминеме некои скриени слабости
Кога некој се чувствува безвредно, можеби си мисли дека Јехова нема да го слушне неговиот повик за помош кога е во неволја. Токму тогаш е добро да размисли за она што го рекол Давид кога се каел за тешкиот грев што го направил со Витсавеа: „Срце скршено и здробено, о Боже, нема да презреш“ (Пс. 51:17). Давид се каел од дното на душата и знаел дека може да му се обрати на Бог, кој сигурно ќе биде милосрден кон него. Исус е исто толку грижлив колку и Јехова. Матеј, еден од писателите на евангелијата, ги применил на Исус следниве зборови од Исаија: „Згмечена трска нема да здроби и фитилот што тлее нема да го угасне“ (Мат. 12:20; Иса. 42:3). Додека бил на Земјата, Исус бил сочувствителен кон бедните и обесправените. Може да се каже дека тој не ја гаснел последната искра живот во лицата што биле како фитил на светилка, кој само што не згаснал. Напротив, нежно се грижел за оние што страдале и се трудел да им го разгори животниот пламен. Таков бил кога се наоѓал меѓу луѓето на Земјата. Зарем се сомневаш дека Исус и сега е таков и дека сочувствува со твоите слабости? Забележи дека токму ова е потврдено во Евреите 4:15, каде што стои дека тој е Оној што „може да сочувствува со нас во нашите слабости“.
Кога пишувал за својот „трн во телото“, Павле рекол дека Христовата сила е „како засолниште“ над него (2. Кор. 12:7-9). Тој чувствувал дека Бог го штити преку Христос, исто како што човек во засолниште се чувствува заштитен од невреме. Слично на Павле, и ние не мораме да им попуштиме на нашите слабости и проблеми. За да останеме духовно јаки, треба да го користиме сето она што Јехова ни го дава преку своето собрание на Земјата. Би било добро да направиме сѐ што можеме од човечка гледна точка и потоа да чекаме на Јехова, целосно уверени дека тој ќе ги води нашите чекори. Кога ќе почувствуваме како Божјата сила ни помага да се бориме со нашите слабости, ќе можеме да го кажеме истото она што го рекол и Павле: „Кога сум слаб, тогаш сум силен“ (2. Кор. 12:10).
[Слика на страница 3]
Павле постојано барал од Јехова да му даде водство за да ја изврши својата служба
[Слика на страница 5]
Цар Давид го поставил Јоав над својата војска
[Слика на страница 5]
Јоав го убил својот соперник, Амаса
[Слика на страница 6]
Старешините со љубов ни даваат водство преку Библијата за да се справиме со нашите проблеми