Тој му бил претходник на Месијата
ЕДЕН широк кожен каиш ја истакнувал неговата кожа потемнета од сонцето. Облечен во облека од камилски влакна, тој навистина изгледал како пророк. На реката Јордан многумина биле привлечени кон него. Таму, овој фасцинантен човек храбро објавувал дека е спремен да ги крсти покајничките грешници.
Луѓето биле вчудовидени! Кој бил овој човек? Која била неговата намера?
За него Исус Христос рекол: „Па, што излеговте да видите? Пророк ли? Да, ви велам, и повеќе од пророк. . . . Меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јована Крстител (Матеј 11:9-11). Зошто бил Јован еден толку несекојдневен човек? Затоа што тој му бил претходник на Месијата.
Неговата мисија била проречена
Повеќе од 700 години пред Јовановото раѓање, Јехова објавил дека тој ќе разгласува во пустината: „Пригответе Му пат на Господа, прави направете ги во пустињата патеките за нашиот Бог“ (Исаија 40:3; Матеј 3:3). Повеќе од 400 години пред Јовановото раѓање, Севишниот Бог објавил: „Ете, Јас ќе го пратам при вас пророкот Илија, пред да настапи денот Господен — големиот и страшниот“ (Малахија 4:5). Фактот дека Јован Крстител бил роден околу шест месеци пред Исус, не било само некаква случајност ниту, пак, ова се случило едноставно по природен пат на репродукција. Како раѓањето на ветеното дете Исак, така и Јовановото раѓање било чудо, бидејќи и двајцата негови родители, Захарија и Елисавета, ги поминале вообичаените години за раѓање деца (Лука 1:18).
Дури и пред Јовановото зачнување, неговиот налог, делото и начинот на живот биле откриени преку ангелот Гавриил. Со енергичноста и духот на Илија, Јован ќе ги врати непослушните од патот на смртта и ќе ги подготви да го прифатат Исус како Месија. Од самото раѓање, Јован требало да биде Назореј, целосно посветен на Бог, и не смеел да пие ниту вино ниту жесток пијалак. Навистина, неговата храна во пустината се состоела од „скакулци и див мед“ (Марко 1:6; 4. Мојсеева 6:2, 3; Лука 1:13-17). Како и Самуил, Јован уште од детството бил посебно одвоен за величествената служба на Највишиот Бог (1. Царства 1:11, 24-28).
Дури и името Јован било одбрано од Бог. Хебрејското име предадено со „Јован“ значи „Јехова покажа милост; Јехова беше милостив“.
На осмиот ден, кога детето било обрезано, татко му Захарија бил божествено инспириран да објави: „А ти, младенче, ќе се наречеш пророк на Севишниот, оти ќе одиш пред лицето на Господа за да Му ги приготвиш патиштата Негови; и да го вразумиш народот Негов за спасение, преку проштавање на гревовите нивни, заради големата милост на нашиот Бог, со која нѐ посети Исток од висините“ (Лука 1:76-78). Јовановата јавна служба требала да биде од првенствена важност во неговиот живот. Во споредба со тоа, сите други работи биле неважни. Оттука, првите 30 години од Јовановиот живот Писмото ги опфаќа само во еден стих: „А детето растеше и крепнеше со духот, и остана во пустиња до денот, кога им се јави на Израилците“ (Лука 1:80).
Глас во пустината
Во 15-тата година од владеењето на цезарот Тибериј, кога Понтиј Пилат бил прокуратор на Јудеја, Јован Крстител се појавил во пустината со оваа возбудлива порака: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно!“ (Матеј 3:2; Марко 1:4; Лука 3:1, 2). Населението од целата област било разбудено. Таа храбра објава ги допрела срцата на луѓето кои копнееле по сигурна надеж. Јовановата објава ја ставила на испит понизноста на лицето бидејќи повикувала на искрено каење. Неговата искреност и увереност поттикнале мноштво искрени и чесни луѓе да гледаат на него како на човек испратен од Бог.
Гласот за Јован брзо се проширил. Како Јеховин пророк, тој бил лесно препознатлив по својата облека и посветеност (Марко 1:6). Дури и свештениците и Левитите патувале од Ерусалим за да откријат што било тоа што го разгорувало сиот овој интерес. Покајување? Зошто, и поради што? Кој бил овој човек? Тие сакале да знаат. Јован објаснил: „,Не сум јас Христос‘. И го прашаа: ‚А што си? Илија ли си ти?‘ Одговори: ‚Не сум‘. ‚Пророк ли си?‘ И одговори: ‚Не‘. А тие му рекоа: ‚Па кој си, за да можеме да им одговориме на оние, што нѐ испратија; што велиш за себе?‘ Тој рече: ‚Јас сум глас на оној што вика во пустињата: израмнете го патот на Господа, како што вели пророкот Исаија‘. А испратените беа од фарисеите; и го запрашаа, велејќи: ‚Зошто тогаш крштаваш, кога не си Христос, ни Илија, ниту пророк?‘“ (Јован 1:20-25).
Покајанието и крштевањето биле неопходни чекори за оние кои сакале да влезат во Царството. Поради тоа, Јован одговорил: ‚Јас крштавам покајнички грешници со вода; но иде посилен од мене, Кому не сум достоен да Му ги одврзам ни ремчињата на обувките Негови: Он ќе ве крсти со Дух Свети и со оган. И внимавајте! Нему му е лопатата во раката Негова и Он ќе го собере житото во житницата Своја, а плевата ќе ја изгори‘ (Лука 3:15-17; Дела 1:5). Навистина, светиот дух ќе биде подарен на следбениците на Месијата, а неговите непријатели ќе го искусат огнот на уништувањето.
„Луѓе од сите видови“ се предупредени
Многумина искрени Евреи биле длабоко поттикнати од Јовановите зборови и отворено ги признале своите гревови на неверност спрема Заветниот закон. Тие јавно го покажале своето каење, допуштајќи му на Јован да ги крсти во реката Јордан (Матеј 3:5, 6). Како резултат на тоа, нивните срца биле во исправна состојба да го дочекаат Месијата. Задоволувајќи ја нивната жед за спознание на Божјите праведни барања, Јован радосно ги поучувал како свои ученици, учејќи ги дури и како да се молат (Лука 11:1).
Што се однесува до овој претходник на Месијата, апостол Јован напишал: „Тој дојде за сведоштво, да сведочи за Светлината, та сите [луѓе од сите видови, НС] да поверуваат преку него“ (Јован 1:7). Така и било, луѓе од сите видови дошле да го слушнат Јован Крстителот додека му ‚проповедал на сиот израилски народ покајно крштавање‘ (Дела 13:24). Тој ги предупредил собирачите на данок да не прибегнуваат кон изнудување. Ги предупредил војниците да не бидат груби со никого или да не прават лажни обвинувања. А на побожните, лицемерни фарисеи и садукеи им рекол: „Породи змиини, кој ви кажа да бегате од гневот што иде? Направете плод достоен за каење и немојте да говорите во себе: ‚Наш татко е Авраам‘, зашто Бог може, ви велам, и од овие камења да му издигне чеда на Авраама“ (Матеј 3:7-9; Лука 3:7-14).
Како класа, религиозните водачи од Јованово време одбиле да му веруваат и дури лажно го обвиниле дека бил демонизиран. Тие го отфрлиле патот на праведноста кој води до вечен живот. Од друга страна, грешните собирачи на данок и проститутките, кои поверувале во Јовановото сведоштво, се покајале и биле крстени. Со текот на времето, тие го прифатиле Исус Христос како Месија (Матеј 21:25-32; Лука 7:31-33).
Месијата е претставен
За шест месеци — од пролетта до есента 29 н. е. — Божјиот верен Сведок Јован го насочил вниманието на Евреите кон Месијата кој требало да дојде. Време било да се појави Месијанскиот Цар. Но, кога се појавил, тој дошол до истата таа вода, на реката Јордан, и замолил да биде крстен. На почетокот, Јован приговарал, но потоа се согласил. Претстави си ја само неговата среќа кога светиот дух слегол врз Исус и се слушнал Јеховиниот глас како му изразува одобрување на Својот Син (Матеј 3:13-17; Марко 1:9-11).
Јован бил првиот кој го препознал Исус како Месија, и ги запознал своите ученици со овој Помазаник. „Еве Го“, рекол Јован, „Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе!“ Тој исто така објавил: „Овој е, за Кого реков: по мене иде Човек, Кој пред мене беше, оти постоеше порано од мене. Јас не Го познавав, но дојдов да крштавам со вода, за да биде Он објавен на Израилот“ (Јован 1:29-37).
Јовановото дело продолжило напоредно со Исусовата служба околу шест месеци. Секој од нив ја сфатил работата што ја извршувал другиот. Јован се гледал себе си како пријателот на Младоженецот и се радувал да види како Христос расте додека тој и неговото дело се смалувале (Јован 3:22-30).
Исус го идентификувал Јован како свој претходник, претставен со Илија (Матеј 11:12-15; 17:12). Во една прилика, Исус рекол: „Законот и Пророците беа до Јована; а оттогаш царството Божјо се благовестува и секој со усилие влегува во него“ (Лука 16:16).
Верен до крајот
Јован бил фатен и затворен бидејќи храбро ја објавувал вистината. Тој не ја избегнал својата одговорност да го открие дури и гревот на царот Ирод, кој го повредил Божјиот закон со тоа што живеел во прељуба со Иродијада, сопругата на својот сопствен брат. Јован храбро проговорил за да може човекот да се покае и да добие Божја милост.
Каков само пример на вера и љубов бил Јован! По цена на личната слобода, тој ја докажал својата верност кон Јехова Бог и својата љубов кон ближните. По едногодишен затвор, на Јован му била отсечена главата, како резултат на една сплетка инспирирана од Ѓаволот, а предводена од злобната Иродијада, која се „озлобила“ против него (Марко 6:16-19; Матеј 14:3-12). Но, претходникот на Месијата ја зачувал својата беспрекорност кон Јехова и наскоро ќе биде воскреснат од мртвите за да се радува на живот во Божјиот нов свет на праведност (Јован 5:28, 29; 2. Петрово 3:13).