Избавување од прангите на ропството — некогаш и денес
Блесингa добила лажно ветување дека ќе работи како фризерка во Европа. Но кога стигнала, ја тепале 10 дена по ред, ѝ се заканувале дека ќе ѝ го нападнат семејството дома и ја присилиле да работи како проститутка. Сопственичката на борделот барала да заработува по 200-300 евра на вечер за да отплаќа долг од 40.000 евра за трошоците до Европа.
Таа вели: „Често помислував да избегам, но се плашев дека ќе му направат нешто на моето семејство. Не гледав никаков излез“. Приказната на оваа жена ја делат околу 4 милиони лица кои се робови на глобалната секс-индустрија.
Пред речиси 4.000 години, еден тинејџер по име Јосиф бил продаден во ропство од сопствените браќа. Тој завршил како слуга кај едно угледно семејство во Египет. За разлика од Блесинг, неговиот господар отпрвин не го малтретирал. Но, бидејќи господарката не успеала да го натера Јосиф да има односи со неа, таа неправедно го обвинила дека пробал да ја силува. Потоа бил фрлен в затвор и ставен во окови (1. Мојсеева 39:1-20; Псалм 105:17, 18).
Јосиф бил роб во старо време. Блесинг е роб во 21 век. Заедничко им е тоа што биле жртви на трговија со луѓе, стар бизнис во кој луѓето се третирани како обична трговска стока и каде што е важна само заработката.
ПРОФИТАБИЛЕН БИЗНИС
Војните биле најлесен начин една држава да дојде до робови. Се вели дека египетскиот цар Тутмос III донел 90.000 заробеници по еден воен поход во Ханаан. Египќаните ги принудиле на ропска работа во рудниците, при изградба на храмови и за копање канали.
И во Римското Царство, војните овозможиле да има многу робови. Понекогаш до војни водела и самата побарувачка за робови. Се проценува дека до првиот век, половина од жителите во градот Рим биле робови. Робовите во Египет и Рим биле безмилосно експлоатирани. На пример, просечниот животен век на робовите во римските рудници бил 30-ина години.
Дури ни со векови подоцна, ситуацијата на робовите не се сменила на подобро. Од 16 до 19 век, трговијата со робови меѓу Африка и Америка била еден од најпрофитабилните бизниси во светот. Според еден извештај на УНЕСКО, „се проценува дека 25-30 милиони мажи, жени и деца биле грабнати и продадени“. Се вели дека стотици илјади не го преживеале патувањето преку Атлантскиот Океан. Олауда Еквијано, еден од преживеаните робови, рекол: „Пискањето на жените и офкањето на оние што умираа ја правеа ситуацијата толку ужасна што не може да се опише“.
За жал, ропството не е само црна дамка во историјата. Според Меѓународната организација на трудот, околу 21 милион мажи, жени и деца работат како робови кои не можат да се ослободат. Обично земаат многу мала плата или воопшто не се платени. Денешните робови работат во рудници, конфекции, циглани, јавни куќи и приватни домови. Иако е незаконско, ваквото ропство е во подем.
БОРБА ЗА СЛОБОДА
Бруталноста навела многу робови да се борат за слобода. Во првиот век пр.н.е., гладијаторот Спартак со уште 100.000 робови кренал неуспешно востание против Рим. Во 18 век, робовите на карипскиот остров Хиспаниола се кренале против своите господари. Стравичните услови на робовите на шеќерните плантажи довеле до граѓанска војна што траела 13 долги години и на крај завршила со независност на Хаити во 1804 год.
Меѓутоа, излегувањето на Израелците од Египет се смета за најголема победа над ропството. Од ропството во Египет биле ослободени околу 3 милиони луѓе — еден цел народ. Нивната слобода била повеќе од заслужена. Библијата вели дека биле сурово присилувани на секаква ропска работа (2. Мојсеева 1:11-14). Еден фараон дури дал заповед да бидат убиени сите новороденчиња за да го спречи порастот на Израелци (2. Мојсеева 1:8-22).
Ослободувањето на Израелците од неправедното страдање во Египет било уникатно затоа што Бог се вмешал. Тој му рекол на Мојсеј: „Добро ги знам нивните болки. Затоа слегов да ги избавам“ (2. Мојсеева 3:7, 8). До ден-денес, Евреите низ целиот свет секоја година ја слават Пасхата во чест на овој настан (2. Мојсеева 12:14).
КОЈ ЌЕ МУ СТАВИ КРАЈ НА РОПСТВОТО?
Библијата вели: „Кај Јехова, нашиот Бог, нема... неправда“. Таа нѐ уверува и дека тој не се менува (2. Летописи 19:7; Малахија 3:6). Бог го испратил Исус да проповеда ослободување на заробените и да ги пушти на слобода угнетените (Лука 4:18). Дали ова значело слобода за секој роб? Очигледно не. Исус бил пратен да ги ослободи луѓето од ропството на гревот и смртта. Подоцна тој рекол: „Вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:32). Дури и денес, вистината за која поучувал Исус ги ослободува луѓето на многу начини. (Види ја рамката „Избавување од едно поинакво ропство“.)
Бог им помогнал на Јосиф и на Блесинг да побегнат од ропството на поинаков начин. Впечатливата животна приказна на Јосиф е запишана во поглавја 39-41 од библиската книга 1. Мојсеева. Но исто толку впечатливо било и она што го доживеала Блесинг.
Откако била протерана од една европска земја, Блесинг заминала за Шпанија. Таму се запознала со Јеховините сведоци и почнала да ја проучува Библијата со нив. Решена да си го среди животот, нашла пристојна работа и ја убедила сопственичката на борделот да ѝ ги намали месечните рати. Еден ден, сопственичката ѝ се јавила на Блесинг. Сакала да ѝ го поништи долгот и побарала прошка. На што се должело тоа? И таа почнала да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци! „Вистината те ослободува на многу начини“, вели Блесинг.
За Јехова Бог било многу болно кога гледал што доживуваат израелските робови во Египет. Сигурно минува низ слични чувства и поради денешната неправда. Се разбира, за да се искорени ропството, потребна е огромна промена во општеството. Но, Бог ветил дека ќе направи токму таква промена. „Според неговото ветување очекуваме нови небеса и нова земја во кои ќе живее праведноста“ (2. Петрово 3:13).
a Името е сменето.