Библиската географија — дали е точна?
СОНЦЕТО штотуку заоѓа над Палестина, 1799. После маршот во жежок ден, француската армија се улогорува, а нејзиниот врховен заповедник Наполеон се одмора во својот шатор. При трепет на светлина од свеќа, еден од неговите слуги ја чита на глас француската Библија.
Очевидно, ова се случувало често за време на Наполеоновиот воен поход на Палестина. „Кога логорувавме над урнатините на овие древни градови“, се присеќавал подоцна во своите мемоари, „тие ја читаа Библијата секоја вечер на глас . . . Аналогијата и вистинитоста на описите беа неверојатни: тие сѐ уште одговараат на околината после толку многу векови и промени.“
Навистина, патниците на Блискиот Исток можат со леснотија да ги вклопат библиските настани во денешните локации. Пред француската армија да го освои Египет, мал број странци знаеле за оваа древна земја. Природонаучниците и учените луѓе кои Наполеон ги довел во Египет, на светот почнале да му ги откриваат деталите од некогашната величина на Египет. Тоа допринело полесно да се предочат ‚тешките работи [ропство, New World Translation of the Holy Scriptures]‘ на кои Израелците некогаш им биле подложни (2. Мојсеева 1:13, 14).
Ноќта кога биле ослободени од Египет, Израелците се собрале кај Рамзес и тргнале кон „крајот на пустињата“ (2. Мојсеева 12:37; 13:20). Од таму, Бог им заповедал да „свртат“ и „да се утаборат . . . крај морето“. Овој ненадеен маневар бил протолкуван дека тие „заскитале во земјата“, и египетскиот цар тргнал со својата војска и со 600 бојни коли повторно да ги зароби своите поранешни робови (2. Мојсеева 14:1-9).
Исходот
Според Јосиф, историчар од првиот век н. е., египетската војска ги довела Израелците во „теснина“ и ги фатила во стапица „меѓу непристапни бездни и морето“. Точното место каде што Израелците го преминале Црвеното Море денес не се знае со сигурност. Меѓутоа, лесно може да се предочи настанот од врвот на планинскиот венец со поглед на северниот крај на Црвеното Море. Занимливо, планината е наречена Јебел Атака, што значи „Планина на ослободувањето“. Помеѓу овој ланец и Црвеното Море се наоѓа малечка рамнина која се стеснува до местото каде подножјето речиси навлегува во морето. На спротивната страна од Црвеното Море се наоѓа една оаза, со многу извори наречени ‚Ајун Муса‘, што значи „Мојсееви врутоци“. Морското дно помеѓу овие две точки се спушта доста постепено, додека на други места нагло паѓа со длабочина од 9 и 18 метри.
Безверните теолози на т.н. христијанство се обиделе да го дискредитираат чудото кое го извел Бог кога ги разделил водите на Црвеното Море и им овозможил на Израелците да побегнат на сува земја. Тие го преместиле настанот на едно плитко мочуриште, односно бара северно од Црвеното Море. Но тоа не одговара на библискиот запис кој повеќе пати наведува дека преминувањето било низ Црвеното Море на место каде што имало изобилство вода да ги потопи фараонот и целата негова војска, да, да ги проголта (2. Мојсеева 14:26-31; Псалми 135:13-15; Евреите 11:29).
Пустината Синај
Суровите услови кои постоеле на Синајскиот полуостров живописно се насликани во библискиот извештај за Израеловото талкање (5. Мојсеева 8:15). Затоа, дали можело цела една нација да се собере на подножјето на планината Синај да го прими Божјиот Закон и после тоа да отстапат и да ‚се оддалечат малку‘? (2. Мојсеева 19:1, 2; 20:18). Дали постои толку големо место за да се изведе такво движење на едно мноштво кое броело три милиони?
Еден патник и библиски научник од 19. век, Артур Стенли, го посетил подрачјето на планината Синај и ја опишал глетката која се простирала откако се искачил на Рас Сафсафа: „Впечатокот што го добивме, како и секој кој тоа го видел и опишал, беше моментален . . . Пред нас се простираше длабока, широка и жолта рамнина која се ширеше надолу до самото подножје на карпите . . . Ако се земе предвид дека ваков спој на рамнина со планина речиси не постои во овој регион, ова е навистина важен доказ за вистинитоста на расказот, дека една ваква поврзаност може да се најде, и тоа во соседството на традиционалниот Синај“.
Ветената земја
Во четириесеттата година од Израеловото талкање по пустината, Мојсеј го дал следниов опис за карактеристиките на земјата во која тие требало да влезат: „Зашто Господ, твојот Бог, те води во добра и богата земја, каде што по полињата и планините, течат потоци, а има и извори и езера“ (5. Мојсеева 8:7).
Точноста на ова ветување набргу била доживеана кога целата нација се собрала заедно — мажи, жени, деца и странци — во добро наводнетата долина на Сихем, помеѓу планината Гевал и планината Гаризим. На подножјето на планината Гаризим стоеле шест племиња. Останатите шест племиња се собрале на спротивната страна од долината на подножјето на планината Гевал за да слушнат за божествените благослови кои ќе ги ужива нацијата доколку го послуша Јеховиниот Закон и за проклетствата кои ќе се случат доколку не го држи Божјиот Закон (Исус Навин 8:33-35). Но дали имало доволно место да се соберат во тесната долина? И како сите слушнале без денешната звучна опрема?
Јехова Бог би можел на чудесен начин да ги зголеми гласовите на Левитите. Меѓутоа, такво чудо не се случило затоа што не било ни потребно. Акустичноста на оваа долина е одлична. „Сите патници“, пишувал Алфред Едершим, библиски научник од 19. век, „се согласуваат со две работи: 1) дека не постоела потешкотија да се слушне јасно сѐ што било изговорено во долината како од Гевал така и од Гаризим; 2) дека овие две планини овозможуваат доволно место да застане целиот Израел.“
Уште еден библиски научник од 19. век, Вилијам Томсон, го опишал своето доживување во оваа долина во својата книга The Land and the Book: „Викав за да си го чујам ехото, и тогаш си претставив како изгледало кога силниот глас на Левитите објавил . . . ‚Проклет да е оној човек, што ќе направи изрезан или излиен идол, одвратност пред Господа‘. И тогаш, силно АМИН! од огромното собрание, десетпати посилно, се крева и шири и повторно се враќа во вид на ехо од Гевал до Гаризим и од Гаризим до Гевал“. (Спореди 5. Мојсеева 27:11-15.)
Долината Језраел
На север од Сихем лежи една друга плодна долина која се искачува од ниското морско ниво и се отвора во пространа рамнина. Целиот овој регион е наречен Долината Језраел, според градот Језраел. На северот од долината се ритчињата на Галилеја каде е сместен градот во кој Исус одраснал, Назарет. „Назарет“, објаснува Џорџ Смит во својата книга The Historical Geography of the Holy Land, „лежи во котлина помеѓу ридје; но во моментот кога ќе се искачите до крајот на оваа котлина, . . . каков видик само се простира! [Долината Језраел] се протега пред вас, со нејзините . . . бојни полиња . . . Таа е мапа на Старозаветната историја.“
Во оваа низина археолозите ископале урнатини од градовите-царства кои ги освоил Израел во времето на Исус Навин, имено Танак, Магедон, Јекнам и веројатно Кедес (Исус Навин 12:7, 21, 22). Во истиот овој регион, во времето на судиите Барак и Гедеон, Јехова на чудесен начин го ослободил својот народ од далеку помоќните непријателски народи (Судии Израилеви 5:1, 19-21; 6:33; 7:22).
Со векови подоцна, цар Јуј ја прејавал долината до градот Језраел за да ја изврши Јеховината пресуда над Језавела и отпадничкиот дом на Ахав. Од стражарската кула во Језраел лесно можело да се види кон исток приближувањето на трупите на Јуј на раздалеченост од 19 километри. Затоа цар Јорам имал доволно време да испрати најнапред еден, а потоа уште еден гласник на коњ и конечно израелскиот цар Јорам и јудејскиот цар Охозија да ги впрегнат колите и да се сретнат со Јуј пред тој да дојде во градот Језраел. Јуј веднаш го погубил Јорам. Охозија побегнал, но подоцна бил ранет и умрел во Магедон (4. Царства 9:16-27). Во врска со градовите жаришта, како што се гореспоменатите, Џорџ Смит пишува: „Изненадува тоа што во ниеден расказ . . . не се јавува невозможност од географски аспект“.
Без сомнение, Исус честопати гледал на долината Језраел и медитирал за возбудливите победи кои се извојувале овде, знаејќи дека тој, ветениот Месија, бил одреден да ја исполни улогата на Поголемиот Исус Навин, Поголемиот Варак, Поголемиот Гедеон и Поголемиот Јуј во оправдувањето на Јеховиниот суверенитет. Всушност, Библијата го зема Магедон, најстратешкиот град во оваа низина, како симбол за локацијата на Божјата војна од Армагедон (што значи „планина Магедон“). Тоа ќе биде битка по целата земја во која Исус Христос, како Цар над царевите, ќе ги уништи сите непријатели на Бог, како и на христијанското собрание, Божјиот вистински народ (Откровение 16:16; 17:14).
Библијата раскажува дека разлутените Евреи од Назарет еднаш се обиделе да го фрлат Исус од „врвот од еден рид, каде што беше соѕидан нивнот град, за да Го турнат одозгора“ (Лука 4:29). Занимливо, на југозапад од денешниот град Назарет се наоѓа карпа висока 12 метри каде овој настан можеби се одиграл. Исус се извлекол од своите непријатели и, додава Библијата дека, „слезе во Капернаум“ (Лука 4:30, 31). Навистина, Капернаум на Галилејското Море се наоѓа на многу пониско ниво.
Овие, како и многу други детали придонеле и други освен Наполеон да изразат чудење за точноста на библиската географија. „Зебелешките [на Библијата] за топографијата се многубројни и наполно задоволувачки“, пишувал Томсон во The Land and the Book. „Не е можно, а да не се биде воодушевен од постојаното совпаѓање помеѓу запишаната историја и природната географија како на Стариот така и на Новиот Завет“, коментира Стенли во Sinai and Palestine.
Зачудувачката точност на Библијата во поглед на географските поими е само еден доказ дека таа не е книга која има обично човечко потекло. Претходните три броја на Стражарска кула содржеа поврзани статии во врска со Библијата. Ти предлагаме да ги набавиш и да уживаш во останатите три дела од оваа серија.
[Карта на страница 7]
(Види во публикацијата)
ДОЛИНАТА ЈЕЗРАЕЛ
Језраел
Назарет
Танак
Магедон
Јакнем
Кедес
С
ГАЛИЛЕЈСКО МОРЕ
ГОЛЕМО МОРЕ
милји
километри
5
10
10
20
[Извор на слика]
Темелено на карта со авторски права кај Pictorial Archive (Near Eastern History) Est. and Survey of Israel
[Слика на страница 5]
Израел го примил Законот на планината Синај
[Извор на слика]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.