Брачни несогласувања — како да се решаваат
ИАКО ниедна разумна жена или маж не ужива да се кара со брачниот другар, сепак брачните расправии се честа појава. Најчесто тие започнуваат така што едниот ќе каже нешто што ќе го изнервира другиот. Разговорот продолжува на повисок тон, атмосферата полека се вжештува и избувнува кавга во која и од двете страни, под дејство на усвитени емоции, летаат зајадливи зборови. А потоа — штама. Ни едниот ни другиот не е спремен да попушти и да прозбори прв. Сепак, како што тече времето, лутината полека стивнува и тие се извинуваат еден на друг. Повторно има мир во куќата — барем до следното несогласување.
Брачните препирки се тема на безброј вицови и телевизиски програми, но реалноста воопшто не е смешна. Всушност, една библиска пословица вели: „Непромислениот збор како меч ранува“ (Пословици 12:18, Радосна вест). Да, острите зборови можат да остават емоционални лузни што остануваат долго откако караницата ќе заврши. Кавгите можат да завршат и со насилство (Излез 21:18).
Се разбира, бидејќи се работи за несовршени луѓе, одвреме-навреме сигурно ќе се појави некој проблем во бракот (Битие 3:16; 1. Коринќаните 7:28). Меѓутоа, честите и жестоки кавги не треба да се сметаат за нешто нормално. Истражувачите забележуваат дека секојдневните кавги ја зголемуваат веројатноста кога-тогаш брачната двојка да се разведе. Затоа е многу важно ти и твојот брачен другар да научите да ги решавате несогласувањата на мирен начин.
Процени ја состојбата
Ако кавгите се редовна појава во твојот брак, обиди се да одредиш дали секогаш почнуваат на ист начин. Што обично се случува кога ти и твојот брачен другар не се сложувате во врска со некоја работа? Дали разговорот брзо излегува од контрола и се претвора во рафал од навреди и обвиненија? Ако ова е случај кај вас, што можете да сторите?
Прво, биди искрен со себеси и размисли на кој начин можеби ти лично придонесуваш за проблемот. Дали е лесно човек да те испровоцира? Дали си секогаш спремен за кавга? Кога би го прашале твојот сопружник дали си таков, што би рекол тој? Особено е важно да размислиш за последново прашање, бидејќи можеби ти и твојот брачен другар имате различно мислење за тоа што значи да се биде кавгаџија.
На пример, да речеме дека твојот сопружник по природа е порезервиран а ти ги кажуваш работите отворено и со многу емоции. Можеби велиш: „Јас пораснав во семејство во кое сите разговараа на ваков начин. Тоа не е карање!“ И, можеби за тебе и не е. Но, можеби она што за тебе е отворен и директен разговор за твојот сопружник е навредливо и кавгаџиско расправање. Ако и двајцата сте свесни дека секој од вас ги кажува работите на поинаков начин, можеби нема ни да дојде до недоразбирање.
Освен тоа, имај на ум дека некој може да се расправа и без да вика. Павле им пишал на христијаните: „Нека се отстрани од вас . . . викање и навредлив говор“ (Ефешаните 4:31). ‚Викањето‘ е поврзано со повишување на тонот, а ‚навредливиот говор‘ се однесува на смислата на кажаното. Според ова, дури и зборови кажани со шепот можат да водат до расправија доколку се навредливи и понижувачки.
Сега, имајќи на ум сѐ што беше кажано, размисли уште еднаш како ги средуваш несогласувањата со твојот сопружник. Дали си секогаш спремен за кавга? Како што видовме, вистинскиот одговор на ова прашање главно зависи од мислењето на твојот сопружник. Наместо веднаш да го етикетираш како преосетлив, обиди се да се видиш со негови очи, и направи ги потребните промени. Павле напишал: „Никој да не ја бара својата корист, туку користа на другиот“ (1. Коринќаните 10:24).
„Обрнете внимание на тоа како слушате“
Исус кажал што друго е важно за да се решат несогласувањата: „Обрнете внимание на тоа како слушате“ (Лука 8:18). Се разбира, Исус овде не зборувал за комуникација во бракот. Сепак, начелото што го изнел може да се примени и во овој случај. Колку добро го слушаш твојот сопружник? Дали воопшто го слушаш? Или, пак, постојано го прекинуваш вадејќи од ракав решенија за проблемите кои всушност не ги ни разбираш во потполност? „Кој одговара пред да чуе, тоа му е лудост и срам“, вели Библијата (Пословици 18:13). Затоа, кога ќе дојде до несогласување, ти и твојот сопружник треба да разговарате за работите и навистина да се слушате еден со друг.
Наместо да го потценуваш гледиштето на другиот, труди се да покажеш „сочувство“ (1. Петрово 3:8). Во оригиналниот грчки јазик, овој збор главно значи да ја чувствуваш маката на другиот. Ако твојот сопружник е загрижен за нешто, и ти треба да се чувствуваш така. Труди се да гледаш на работата од негова гледна точка.
Очигледно, побожниот Исак го сторил токму тоа. Библијата ни кажува дека неговата жена, Ревека, била длабоко вознемирена во врска со еден семеен проблем што се однесувал на нивниот син Јаков. „Ми здодеа мојот живот заради овие жени Хетејки“, му рекла таа на Исак. „Ако и Јаков се ожени со некоја Хетејка, какви што се домороткиве, зошто ми е тогаш животот!“ (Битие 27:46).
Се разбира, бидејќи била вознемирена, Ревека најверојатно ги преувеличувала работите. На крајот на краиштата, зарем навистина ѝ здодеал животот? Дали навистина ќе сакала да умре ако нејзиниот син се оженел со некоја Хетејка? Веројатно не. Сепак, Исак не ги потценил чувствата на Ревека. Напротив, увидел дека таа со право била загрижена, и презел соодветни мерки (Битие 28:1). Стори го истото и ти следниот пат кога твојот сопружник ќе биде загрижен во врска со нешто. Наместо да ја отфрлиш неговата загриженост како нешто безначајно, слушај го твојот сопружник, почитувај го неговото гледиште, и постапи на сочувствителен начин.
Слушањето и разбирањето
Една библиска пословица гласи: „Благоразумието [Разбирањето, NW] го запира човекот од гнев“ (Пословици 19:11). Кога расправијата ќе се вжешти, многу е лесно да реагираш импулсивно на секој остар збор што ќе го каже твојот сопружник. Но, обично со тоа само додаваш дрва на огнот што веќе пламти. Затоа, кога твојот сопружник зборува, постави си за цел да не ги слушаш само зборовите што ти ги кажува туку да ги разбереш чувствата што стојат зад тие зборови. Тоа што ќе разбереш како се чувствува ќе ти помогне да гледаш зад она што тебе лично те нервира и да сфатиш што, всушност, е сржта на проблемот.
На пример, да речеме дека сопругата ти вели: „Ти никогаш немаш време за мене!“ Можеш лесно да се изнервираш и да го побиеш тоа со факти. „Па, нели пред неколку недели бев со тебе цел ден!“ — можеби ќе ѝ одговориш. Но, ако слушаш внимателно, веројатно ќе сфатиш дека твојата сопруга, всушност, не бара да ѝ посветиш повеќе минути или часови. Наместо тоа, можеби само бара внимание и сака да ти каже дека се чувствува запоставена и несакана.
Или, да речеме дека ти си сопругата и дека твојот сопруг е вознемирен поради некоја работа што си ја купила неодамна. „Како си можела да дадеш толку пари за тоа?“ — прашува, не можејќи да поверува дека си направила такво нешто. Твојата прва реакција можеби ќе биде да се браниш така што ќе му изнесеш факти во врска со семејните финансии или така што ќе го споредиш она што си го купила со некоја работа што ја купил тој. Меѓутоа, ако имаш разбирање, ќе сфатиш дека твојот маж, всушност, не зборува за пари. Напротив, можеби е вознемирен затоа што не си го прашала за мислење кога си решила да дадеш толку пари за нешто.
Се разбира, секоја двојка се договара на свој начин колку време ќе минува заедно или како ќе одлучува што ќе купи. Поентата на примерот е дека, кога ќе дојде до расправија за некоја работа, разбирањето ќе ти помогне да не реагираш брзо со гнев туку да сфатиш што, всушност, е вистинскиот проблем. Наместо да реагираш импулсивно, послушај го советот на библискиот писател Јаков кој рекол ‚да бидеме брзи на слушање, бавни на зборување, бавни на гнев‘ (Јаков 1:19).
А кога зборуваш, не заборавај дека е важно и како му ги кажуваш работите на твојот сопружник. Библијата вели дека „јазикот на мудрите е исцелување“ (Пословици 12:18). Кога ќе избувне расправија меѓу тебе и твојот сопружник, дали твоите зборови повредуваат или исцелуваат? Дали ставаш барикади на патот или, пак, го расчистуваш за да стигнете до целта, односно да се помирите? Како што веќе видовме, зборовите кажани во лутина или избрзано можат само да ја разгорат кавгата.
Ако несогласувањето премине во вербален бокс-меч, тогаш вложи поголем напор да се вратиш на вистинскиот проблем. Фокусирај се на причината за кавгата а не на другата личност. Нека ти биде поважно што е право, односно исправно, а не кој е во право. Внимавај со своите зборови да не додадеш дрва на огнот. Библијата вели: „Грубиот збор го зголемува гневот“ (Пословици 15:1). Да, она што ќе го кажеш и начинот на кој ќе го кажеш може многу да влијае врз тоа дали ќе наидеш на соработка од твојот сопружник или не.
Гледај да расчистиш, а не да победиш
Кога ќе дојде до расправија, целта е да се најде решение, а не да се биде победник. Како можете да најдете решение? Најсигурниот начин е да побарате совети од Библијата и да ги примените. Особено сопрузите треба да преземат иницијатива да го сторат ова. Наместо веднаш догматично да го изнесеш своето мислење за работата или проблемот со кој се соочувате, зошто не испиташ како Јехова гледа на тоа? Моли му се и барај мир од него за да ги зачува вашите срца и вашето здраво расудување (Ефешаните 6:18; Филипјаните 4:6, 7). Труди се искрено да се грижиш не само за себе, туку и за она што го засега твојот сопружник (Филипјаните 2:4).
Она што честопати ја влошува и онака лошата ситуација е кога ќе им дозволиш на твоите повредени чувства и неконтролирани емоции да управуваат со твоите мисли и постапки. Но, од друга страна, ако си спремен да направиш промени во склад со советите од Божјата реч, ќе имаш мир, слога и благослов од Јехова (2. Коринќаните 13:11). Затоа, нека те води „мудроста одозгора“, покажувај особини што му се угодни на Бог и пожнеј ги користите што се наменети за „оние кои творат мир“ (Јаков 3:17, 18).
Навистина, сите треба да научиме да се справуваме со несогласувањата на мирен начин, дури и ако тоа значи да се откажеме од нешто што ние го сакаме (1. Коринќаните 6:7). Примени го советот од Павле и отфрли ги ‚гневот, лутината, злобата, погрдниот говор . . . Соблечи ја старата личност со нејзините постапки и облечи ја новата личност‘ (Колошаните 3:8-10).
Секако, одвреме-навреме ќе кажеш нешто за кое подоцна ќе се каеш (Јаков 3:8). Кога ќе се случи вакво нешто, извини му се на сопружникот. Продолжи и понатаму да работиш на случајот. Голема е веројатноста ти и твојот сопружник, со текот на времето, да видите дека многу подобро ги решавате несогласувањата.
[Рамка/слика на страница 22]
Три чекори за да се смири кавгата
• Слушај го твојот сопружник. Пословици 10:19
• Почитувај го неговото гледиште. Филипјаните 2:4
• Постапувај со љубов. 1. Коринќаните 13:4-7
[Рамка/слика на страница 23]
Што можеш да сториш сега
Постави му ги на твојот сопружник следниве прашања, а потоа слушај што ќе ти одговори без да го прекинуваш. Потоа тој нека те праша, а ти одговори му нему.
• Дали сум секогаш спремен за кавга?
• Дали навистина те слушам кога ми зборуваш или брзо одговарам пред да се доискажеш?
• Дали кога ти зборувам ти звучам бесчувствително? Дали мислиш дека се карам?
• Што можеме и двајцата да сториме за да го подобриме начинот на кој комуницираме — особено ако не се сложуваме во врска со нешто?
[Слика на страница 21]
Дали слушаш?
[Слика на страница 22]
„Ме запоставуваш и не ме сакаш“
[Слика на страница 22]
„Ти никогаш немаш време за мене!“
[Слика на страница 22]
„Па, нели пред неколку недели бев цел ден со тебе!“