Дали Библијата си противречи?
АВТОРОТ Хенри Ван Дајк еднаш напишал: „Родена на Исток и облечена во ориентална форма и сликовитост, Библијата оди по сите патишта на светот со познати стапки и влегува од една земја во друга за да си го најде своето место насекаде. Таа научила да зборува стотици јазици до срцето на човекот. Децата ги слушаат нејзините приказни со чудење и восхитување, а мудрите луѓе размислуваат за нив како за параболи за животот. Злобните и горделивите треперат пред нејзините предупредувања, но за ранетите и покајниците таа има мајчински глас. . . . Ниеден којшто го поседува ова богатство не е сиромав или напуштен.“
Библијата навистина „научила да зборува стотици јазици“. Барем една од нејзините 66 книги е преведена на околу 1.970 јазици. Милиони луѓе Библијата ја сметаат за дар од Бог и ја читаат со задоволство и имаат корист од неа. Меѓутоа, други велат дека таа содржела противречности и дека затоа била несигурна. Што открива грижливото истражување?
Како што покажува насловната слика, Бог употребил верни мажи да ја напишат Библијата. Навистина, грижливото анализирање на Библијата открива дека ја пишувале околу 40 мажи во период од 16 столетија. Дали биле тоа професионални писатели? Не. Меѓу нив можеш да најдеш овчар, рибар, порезник, лекар, изработувач на шатори, пророк и цар. Нивните списи честопати споменуваат луѓе и обичаи кои ни се непознати нам во 20. век. Всушност, библиските писатели и самите секогаш не го сфаќале значењето на она што го пишувале (Даниел 12:8-10). Затоа не треба да бидеме изненадени ако наидеме на извесни тешкотии кога ја читаме Библијата.
Можат ли таквите потешкотии да се решат? Дали Библијата е противречна? За да го дознаеме тоа, да разгледаме некои примери.
Дали се тоа вистински потешкотии?
▪ Откаде Каин зел жена? (1. Мојсеева 4:17)
Некој би можел да помисли дека, по убиството на Авел, на Земјата останале само неговиот виновен брат Каин и неговите родители, Адам и Ева. Меѓутоа, Адам и Ева имале големо семејство. Според 1. Мојсеева 5:3, 4 (NW), Адам имал син по име Сет. Извештајот додава: „А Адамовите денови потоа, откако стана татко на Сет, достигнаа осумстотини години. Во меѓувреме, стана татко на синови и ќерки“. Така Каин се оженил со своја сестра или можеби со некоја од своите внуки. Бидејќи човештвото тогаш било толку близу до човечко совршенство, таквиот брак очигледно не претставувал ризик за здравјето кој денес би го загрозил потомството на една таква заедница.
▪ Кој го продал Јосиф во Египет?
Во 1. Мојсеева 37:27 стои дека Јосифовите браќа одлучиле да го продадат на некои Исмаилци. Но, следниот стих вели: „Па кога трговците Мадијамски минуваа покрај нив, тие [Јосифовите браќа] го извадија Јосифа од јамата и им го продадоа на Исмаилците за дваесет златници; а овие го одведоа Јосифа во Египет“. Дали Јосиф им бил продаден на Исмаилци или на Мадијамци? Па, Мадијамците можеби исто така биле нарекувани Исмаилци, со кои биле поврзани преку нивниот прататко Авраам. Или можеби мадијамските трговци патувале со некој исмаилски караван. Во секој случај, Јосифовите браќа го продале, и подоцна тој можел да им рече: „Јас сум Јосиф, братот ваш, кого го продадовте во Египет“ (1. Мојсеева 45:4).
▪ Колкумина Израелци умреле заради неморалните односи со Моавките, и затоа што се впуштиле во обожавањето на Вел–Фегор?
Во 4. Мојсеева 25:9 пишува: „А умрените од помор [од Бог заради нивното злобно однесување] беа дваесет и четири илјади“. Меѓутоа, апостолот Павле рекол: „Ниту, пак, да блудствуваме, како некои од нив што блудствуваа, и во еден ден загинаа дваесет и три илјади“ (1. Коринтјаните 10:8). Можеби бројот на закланите бил помеѓу 23.000 и 24.000, така што и едната и другата бројка би била доволна. Но, книгата Броеви особено покажува дека судиите ги убиле „сите началници народни“ коишто биле вклучени во овој грев (4. Мојсеева 25:4, 5). Тие виновни „началници“ [„главари“, NW] можеби биле 1.000, кои, кога ќе се додадат на оние 23.000 што ги спомнал Павле, сочинуваат вкупно 24.000. Со оглед на тоа, очигледно 23.000 биле директни жртви на казната од Бог, а сите 24.000 искусиле Јеховина казна затоа што секој од нив умрел по неговата одлука за неповолен суд (5. Мојсеева 4:3).
▪ Бидејќи Агаг бил современик на израелскиот цар Саул, дали не е отстапување тоа што Валаам многу порано се осврнал на еден амаликијски владетел со такво име?
Околу 1473 п. н. е., Валаам прорекол дека еден цар на Израел ќе биде „повисок од Агаг“ (4. Мојсеева 24:7, NW). Подоцна немало никакво осврнување на Агаг сѐ до владетелството на цар Саул (1117-1078 п. н. е.) (1. Царства 15:8). Меѓутоа, тоа не е отстапување, затоа што „Агаг“ можеби била царска титула слична на онаа на Фараонот во Египет. Исто така е можно Агаг да било лично име кое амаликијските владетели често го употребувале.
▪ Кој го натерал Давид да ги изброи Израелците?
Втора Самоилова [2. Царства] 24:1 наведува: „И повторно се разгоре гневот Јеховин против Израел, кога еден го раздразни Давид [или: „кога Давид беше раздразнет“, фуснота NW] против нив, велејќи: ‚Оди, изброј ги Израел и Јуда.‘“ Но не бил Јехова тој кој го навел цар Давид на грев, бидејќи 1. Летописи 21:1 вели: „Се крена сатаната [или: „оној кој пружа отпор“, фуснота NW] против Израилот и го поттикна Давида да ги преброи Израилците“. Бог не бил задоволен со Израелците и затоа му дозволил на Сатана Ѓаволот да го донесе овој грев врз нив. Од таа причина, 2. Царства 24:1 се сфаќа како Бог самиот да го сторил тоа. Интересно е дека преводот од Џозеф Б. Ротерхам гласи: „Гневот на Јахве се распали против Израел, така што му допушти на Давид да биде натеран против нив, велејќи: ‚Оди, преброј ги Израел и Јуда.‘“
▪ Како можат да се доведат во склад различните бројки кои се дадени за Израелците и Јудејците во Давидовото пребројување?
Во 2. Царства 24:9 бројките се 800.000 Израелци и 500.000 Јудејци, додека 1. Летописи 21:5 набројува 1.100.000 израелски и 470.000 јудејски борци. Во редовна царска служба биле 288.000 војници, поделени во 12 одделенија од по 24.000, при што секоја група служела еден месец во годината. Имало додатни 12.000 кои им служеле на 12-те племенски кнезови, така што сочинувале вкупно 300.000. Очигледно бројот 1.100.000 од 1. Летописи 21:5 ги вклучува овие 300.000 кои веќе биле во служба, додека 2. Царства 24:9 не (4. Мојсеева 1:16; 5. Мојсеева 1:15; 1. Летописи 27:1-22). Во поглед на Јуда, 2. Царства 24:9 очигледно вклучувала 30.000 мажи во војска за извидување која била стационирана на филистејските граници, но кои не биле вклучени во бројката од 1. Летописи 21:5 (2. Царства 6:1). Ако се сетиме дека 2. Царства и 1. Летописи биле пишувани од двајца мажи со различни погледи и цели, лесно можеме да ги доведеме бројките во склад.
▪ Кој бил таткото на Шеалтиел?
Извесни стихови покажуваат дека Јехонија (цар Јојахин) бил телесниот татко на Салатиил (Шеалтиел) (1. Летописи 3:16-18; Матеј 1:12). Но евангелистот Лука го нарекол Салатиил „син Нириев“ (Лука 3:27). Очигледно Нири му ја дал својата ќерка на Салатиил за жена. Бидејќи Евреите обично на зетот се осврнувале како на син, особено во родословните набројувања, Лука со право можел Салатиил да го нарече син на Нири. Слично на тоа, Лука се осврнал на Јосиф како на син Илиев, којшто всушност бил татко на Јосифовата жена, Марија (Лука 3:23).
Ускладување на стиховите кои се однесуваат на Исус
▪ Од колку луѓе Исус Христос ги истерал демоните кои влегле во еден голем булук свињи?
Евангелистот Матеј споменува двајца луѓе, но Марко и Лука се осврнуваат само на еден (Матеј 8:28; Марко 5:2; Лука 8:27). Очигледно, Марко и Лука го свртеле вниманието само на еден човек опседнат од демони затоа што Исус му зборувал и неговиот случај бил поистакнат. Веројатно тој човек бил понасилен или подолго време страдал под влијание на демони. Подоцна, можеби само тој сакал да му се придружи на Исус (Марко 5:18-20). Некако во паралелна ситуација Матеј зборувал за двајца слепи кои Исус ги оздравел, додека Марко и Лука споменале само еден (Матеј 20:29-34; Марко 10:46; Лука 18:35). Ова не е противречно, затоа што имало барем еден таков човек.
▪ Каква била бојата на облеката што ја носел Исус на денот на својата смрт?
Според Марко (15:17, NW) и Јован (19:2, NW), војниците на Исус му ставиле пурпурна облека. Но Матеј (27:28) ја нарекол „скерлетна наметка“, нагласувајќи го нејзиното црвенило. Бидејќи секоја боја којашто има компоненти и од црвената и од сината се вика пурпурна, Марко и Јован се согласуваат дека наметката имала црвен прелив. Можеби отсјајот и позадината ѝ давале различни нијанси на облеката, а евангелистите ја спомнале бојата којашто им била најјака ним или на оние од коишто ги добиле своите информации. Незначителната варијација ја покажува индивидуалноста на писателите и докажува дека немало некаков таен договор.
▪ Кој го носел Исусовиот маченички столб?
Јован (19:17, NW) рекол: „Носејќи го сам маченичкиот столб, [Исус] отиде на таканаречното Место на черепи, кое на хебрејски се вика Голгота“. Но Матеј (27:32), Марко (15:21) и Лука (23:26) велат дека ‚кога излегле, го натерале Симон од Кирена во служба, да го носи маченичкиот столб‘. Како што навел Јован, Исус го носел својот маченички столб. Меѓутоа, во својот концизен извештај, Јован не го додал моментот дека Симон подоцна бил натеран на служба да го носи маченичкиот столб. Затоа, извештаите од Евангелијата се во склад во овој поглед.
▪ Како умрел Јуда Искариотски?
Матеј 27:5 наведува дека Јуда се обесил самиот, додека во Дела на св. апостоли 1:18 се вели дека ‚паднал ничкум, прснал по средината, и се истурила целата негова утроба‘. Додека Матеј изгледа дека се задржува на начинот на кој се обидел да се самоубие, Дела на апостолите го опишуваат резултатот. Јуда очигледно заврзал јаже за гранката од едно дрво, ја ставил јамката околу вратот и се обидел да се обеси скокајќи од една стрмна карпа. Изгледа дека или јажето или дрвото се прекинало така што се струполил и се распрснал на карпите долу. Топографијата околу Ерусалим покажува дека овој заклучок е разумен.
Како ќе гледаш на работите?
Ако наидеме на привидни отстапувања во Библијата, добро е да признаеме дека луѓето честопати велат дека работите кои изгледаат противречни, лесно можат да се објаснат или сфатат. На пример, еден деловен човек може да се допишува со некој така што ѝ диктира писмо на својата секретарка. Ако настане недоразбирање, ќе рече дека тој го испратил писмото. Но, бидејќи неговата секретарка го отчукала и испратила, таа може да рече дека таа го испратила писмото. Слично на тоа, не е противречно што Матеј (8:5) рекол дека еден воен офицер дошол да го замоли Исус, додека Лука (7:2, 3) рекол дека тој човек испратил претставници.
Претходните примери покажуваат дека библиските тешкотии можат да се решат. Затоа, постои добра причина да имаме позитивен став кон Светото писмо. Таков дух се препорачува во овие зборови што се појавуваат во една семејна Библија издадена во 1876 година:
„Исправниот дух со којшто треба да се пристапува кон овие тешкотии, е да ги оддалечиме колку што е можно подалеку, а да се држиме и да се подложиме на вистината, дури и кога од неа не може јасно да се расчисти секој облак. Би требало да го имитираме примерот на апостолите, кои, кога некои од учениците биле навредени од она коешто тие го нарекувале ‚тешки зборови‘ така што се одрекле од Исус, секој приговор го завршувале со зборовите: ‚Господе, кај кого би оделе? Ти ги имаш зборовите на вечен живот, и ние сме сигурни дека Ти си Христос, Синот на живиот Бог.‘ . . . Кога ќе видиме дека некоја вистина е во привидна противречност со некоја друга вистина, да се обидеме да ги ускладиме и така ускладени да им ги покажеме на сите“ (Јован 6:60-69).
Дали ќе заземеш таков став? Откако испитавме само неколку примери кои ја покажуваат складноста на Светото писмо, се надеваме дека ќе се сложиш со псалмистот кој рекол за Бог: „Суштината на твојата реч е вистина“ (Псалми 119:160, NW). Јеховините сведоци имаат такво гледиште за целата Библија и радо би ги навеле причините за својата вера во неа. Зошто не разговараш за оваа неспоредлива книга со нив? Нејзината охрабрувачка порака може да те исполни со вистинска надеж и среќа.
[Слика на страница 7]
Си ги прашал ли Јеховините сведоци зошто тие имаат вера во Библијата?