Христијански семејства — останете будни!
„Да бдееме и да бидеме трезвени“ (1. СОЛ. 5:6)
1, 2. Што е потребно за едно семејство да остане будно во духовен поглед?
ВО ВРСКА СО „големиот и страшен Јеховин ден“, апостол Павле им го напишал следново на христијаните во Солун: „Вие, браќа, не сте во темнина, па тој ден да ве затече како што би затекол крадци, зашто сите вие сте синови на светлината и синови на денот. Ние не ѝ припаѓаме ниту на ноќта ниту на темнината“. А потоа додал: „Затоа, да не спиеме како и останатите, туку да бдееме и да бидеме трезвени“ (Јоил 2:31; 1. Сол. 5:4-6).
2 Овој совет што Павле им го дал на Солуњаните е од посебна важност за христијаните што живеат во „времето на крајот“ (Дан. 12:4). Додека истекуваат последните денови на овој стар свет, Сатана е решен да заведе колку што е можно повеќе слуги на Бог. Затоа е мудро да го земеме присрце советот на Павле и да „бдееме“, односно да останеме духовно будни. За едно христијанско семејство да успее во тоа, важно е секој негов член да ја извршува улогата што му ја дал Јехова во својата Реч. Тогаш, како можат мажите, жените и децата да ги исполнат своите библиски одговорности?
Мажи — следете го примерот на „добриот пастир“
3. Според 1. Тимотеј 5:8, каква одговорност има мажот како поглавар на семејството?
3 „Глава на жената е мажот“, вели Библијата (1. Кор. 11:3). Кои одговорности ги има мажот како поглавар на семејството? Библијата наведува една работа во 1. Тимотеј 5:8, каде што стои: „Ако некој не се грижи за своите, а посебно за домашните, се одрекол од верата и полош е од неверник“. Според тоа, мажот е должен да го издржува семејството. Но, тоа не е доволно. Ако сака неговото семејство да остане духовно будно, треба да се грижи и за духовните потреби на сите членови со тоа што ќе им помага да го зајакнат својот однос со Бог (Изр. 24:3, 4). Како може да го прави ова?
4. Што ќе му помогне на еден маж да го изградува семејството во духовен поглед?
4 Бидејќи „мажот е глава на жената како што е и Христос глава на собранието“, тој треба да го проучи и да го следи примерот кој го оставил Исус како поглавар на собранието (Еф. 5:23). Забележи како Исус го опишал својот однос со учениците. (Прочитај Јован 10:14, 15.) Што може најмногу да му помогне на еден маж да го изградува семејството во духовен поглед? Треба да го проучува она што Исус го кажувал и го правел како „добриот пастир“ и ‚во сѐ да оди по неговите стапки‘ (1. Пет. 2:21).
5. Колку добро го познава Исус своето собрание?
5 Да видиме што можат да научат мажите од Христос, „добриот пастир“. Односот што постои меѓу еден пастир и неговите овци се темели на заемно познавање и доверба. Пастирот знае сѐ за своите овци, а и овците го познаваат и имаат доверба во него. Тие го препознаваат неговиот глас и послушно го следат. Исус рекол: „Ги познавам своите овци, и моите овци ме познаваат мене“. Тој не го познава собранието само површно. Грчкиот збор што овде е преведен со „познава“ значи некого да го познаваш лично и длабоко. Според тоа, Добриот Пастир ја познава секоја своја овца поединечно. Ги знае нејзините јаки и слаби страни, а ги знае и нејзините потреби. Тој е свесен за сѐ што ѝ се случува. И овцата добро го познава пастирот и има доверба во неговото водство.
6. Како можат мажите да го следат примерот на Добриот Пастир?
6 За да биде поглавар како Христос, еден маж мора да научи да се гледа себеси како пастир кој се грижи за своите домашни исто како што пастирот се грижи за овците. Тој треба да се труди добро да го запознае секој член на семејството. Дали ова е можно? Да, ако добро комуницира со сите, ако е спремен да ги ислуша кога нешто ги загрижува и ако предводи во семејните активности. Исто така, треба да мисли на нив кога донесува одлуки во врска со некои работи, како што е семејното проучување, состаноците, службата, рекреацијата и забавата. Христијанскиот сопруг треба добро да ги познава библиските начела, како и потребите на своето семејство, и да ги зема предвид додека ја спроведува својата улога на семеен поглавар. Ако го прави тоа, на другите ќе им биде полесно да го следат неговото водство. Освен тоа, така е поголема веројатноста дека сите ќе продолжат верно да му служат на Јехова. Кој сопруг и татко нема да се радува на такво нешто?
7, 8. Во склад со примерот на Добриот Пастир, како можат мажите да им покажуваат љубов на своите домашни?
7 Еден добар пастир ги сака своите овци. Кога ги проучуваме евангелијата, во кои се зборува за животот и службата на Исус, и дознаваме колку многу ги сакал своите ученици, расте нашето ценење за него. Тој дури и ‚го положил својот живот за овците‘. Мажите треба да го следат во овој поглед и да покажуваат љубов кон членовите на своето семејство. Сопругот на кој му е важно да ја стекне Божјата милост нема грубо да господари со својата жена, туку ќе ја сака исто ‚како што и Христос го сакал собранието‘ (Еф. 5:25). Неговите зборови треба да бидат љубезни и обѕирни бидејќи таа заслужува почит (1. Пет. 3:7).
8 При воспитувањето на децата, семејниот поглавар треба цврсто да се држи за библиските начела. Сепак, не смее да заборави да им покажува наклоност. Кога има потреба да ги исправи, треба да го прави тоа со љубов. На некои деца им треба повеќе време за да сфатат што се очекува од нив. Во таков случај, таткото треба да биде пострплив. Ако секогаш го следат примерот на Исус, сопрузите придонесуваат да владее пријатна семејна атмосфера. Нивното семејство се чувствува згрижено и заштитено во духовен поглед, како што е опишано во Псалм 23:1-6. (Прочитај.)
9. Слично на семејниот поглавар Ное, каква одговорност имаат христијанските сопрузи, и што ќе им помогне да ја исполнат?
9 Друг добар пример за семејните поглавари е Ное. Тој живеел во времето кога Бог му ставил крај на тогашниот свет. Но, Јехова го зачувал заедно ‚со седуммина други, кога донел потоп на безбожниот свет‘ (2. Пет. 2:5). Ное имал одговорност да му помогне на своето семејство да го преживее Потопот. Христијанските семејни поглавари имаат слична одговорност во овие последни денови (Мат. 24:37). Животоважно е да го проучуваат примерот на „добриот пастир“ и да даваат сѐ од себе да го следат!
Жени — ‚изградувајте го својот дом‘
10. Како може жената да му биде подложна на својот маж?
10 Апостол Павле напишал: „Жените нека им бидат подложни на своите мажи како на Господарот“ (Еф. 5:22). Со оваа изјава во никој случај не се потценува улогата на жената. Пред да ја создаде првата жена, Ева, вистинскиот Бог изјавил: „Не е добро човекот да биде сам. Ќе му направам помошничка, како негово дополнение“ (1. Мој. 2:18). Жената има навистина почесна улога. Како „помошничка“ и „дополнение“ на својот маж, таа му дава поддршка додека тој се грижи за своите семејни одговорности.
11. Како една мудра жена ‚го изградува својот дом‘?
11 Мудрата жена прави сѐ за доброто на своето семејство. (Прочитај Изреки 14:1.) За разлика од неразумната жена, која не покажува почит кон поглаварството, мудрата жена многу го цени својот поглавар. Наместо да го одразува непослушниот и независен став кој е вообичаен во светот, таа му е подложна на својот сопруг (Еф. 2:2). Неразумната жена има обичај да зборува лошо за својот маж, но мудрата се труди да ги поттикне своите деца и другите уште повеќе да го почитуваат. Таа внимава да не го потценува поглаварството на мажот така што постојано ќе му приговара, упорно ќе настојува да биде по нејзино или ќе се кара со него. Освен тоа, внимава и како ги троши парите. Неразумната жена знае да се расфрла со тешко заработените пари. Но, жената што го поддржува својот маж не е таква. Таа соработува со него кога е во прашање семејниот буџет и постапува мудро и економично. Не го тера да работи прекувремено.
12. Како може една жена да му помогне на своето семејство да остане духовно будно?
12 Мудрата жена придонесува семејството да остане духовно будно така што му помага на својот маж да ги поучува децата за Јехова (Изр. 1:8). Таа соработува со него додека тој се труди редовно и квалитетно да ја одржуваат Семејната вечер. Освен тоа, го поддржува сопругот кога тој ги советува или ги кара децата. Навистина, мудрите жени се сосема поинакви од жените што не сакаат да соработуваат со своите мажи, и чии деца поради тоа страдаат и физички и духовно!
13. Зошто е важно жената да го поддржува својот маж додека тој извршува разни теократски одговорности?
13 Ако мажот има разни задолженија и одговорности во собранието, како гледа на тоа добрата жена? Таа се радува! Мило ѝ е што тој се троши за браќата, без разлика дали е слуга-помошник, старешина, или можеби член на Одборот за контактирање со болниците или на Одборот за одржување на Салата на Царството. Се разбира, потребно е да биде самопожртвувана за да го поддржува својот маж и со зборови и со дела. Сепак, свесна е дека, со тоа што извршува разни теократски задачи, нејзиниот сопруг дава добар пример и така му помага на целото семејство да остане будно во духовен поглед.
14. а) Што можеби понекогаш нема да ѝ биде лесно на една жена, но што може да ѝ помогне? б) Како може жената да придонесе целото семејство да биде среќно?
14 Можеби на една жена нема да ѝ биде лесно да го поддржува својот маж кога тој ќе донесе одлука со која таа не се согласува. Сепак, дури и тогаш, мудрата жена покажува ‚мирен и благ дух‘ и соработува со него за сѐ да испадне добро (1. Пет. 3:4). Исто така, една добра жена се труди да го следи примерот на богобојазливите жени од минатото, како што биле Сара, Рут, Авигеја и Марија, мајката на Исус (1. Пет. 3:5, 6). Таа го следи и примерот на постарите христијанки денес кои „се однесуваат богобојазливо“ (Тит 2:3, 4). Со тоа што покажува љубов и почит кон својот сопруг, примерната жена многу придонесува нејзиниот брак да биде успешен, и сите во семејството да бидат среќни и да се чувствуваат пријатно и сигурно во домот. За мажот што го сака Јехова и марливо се труди да му служи, ваквата жена е вистинско богатство! (Изр. 18:22).
Млади — ‚гледајте го она што не се гледа‘
15. Како можат младите да соработуваат со родителите за семејството да остане будно во духовен поглед?
15 Млади, како можете да соработувате со своите родители за вашето семејство да остане будно во духовен поглед? Размислете за наградата што ви ја ветува Јехова. Веројатно уште кога сте биле многу мали, родителите ви покажувале слики на рајот во нашата литература. Како што сте растеле, тие веројатно ги користеле Библијата и библиските публикации да ви помогнат да си замислите каков ќе биде животот во новиот свет. Ако службата за Јехова ви е најважна во животот и ако си поставувате духовни цели, ќе успеете да останете духовно будни и така да ја освоите наградата.
16, 17. Како можат младите успешно да трчаат во трката за живот?
16 Добро е сериозно да размислите за зборовите на апостол Павле кои се запишани во 1. Коринќаните 9:24. (Прочитај.) Трчајте ја трката за живот со цел да бидете победници. Изберете да живеете на начин што ќе ви помогне да го освоите вечниот живот. Мнозина дозволиле материјалните работи да им го одвратат вниманието од наградата. Колку неразумно! Трката по материјално богатство нема да ви донесе вистинска среќа. Сѐ што може да се купи со пари е привремено. Многу подобро е да се трудите да го гледате „она што не се гледа“. Зошто? Бидејќи „она што не се гледа е вечно“ (2. Кор. 4:18).
17 Во „она што не се гледа“ спаѓаат и благословите кои ќе ги донесе Божјето Царство. Млади, бидете решени да живеете на начин што ќе ви помогне да ги добиете тие благослови. Ќе бидете вистински среќни ако го користите животот да му служите на Јехова. Постојат многу краткорочни и долгорочни цели што може да си ги поставите.a Реалните духовни цели ќе ви помогнат да останете сконцентрирани на службата за Бог и така да ја освоите наградата — вечен живот (1. Јов. 2:17).
18, 19. Како може еден млад човек да знае дали со сето срце верува во вистината од Библијата?
18 Првиот чекор што треба да го направиш како млад човек е самиот да се увериш дека она што стои во Библијата е вистина. Дали со сето срце веруваш во неа? Прашај се: ‚Дали сум духовна личност или учествувам во теократските активности само кога родителите ме поттикнуваат на тоа? Дали се трудам да развивам особини кои му се допаѓаат на Бог? Дали се трудам редовно да се молам, да проучувам, да одам на состаноците, да проповедам и да учествувам во други духовни активности? Дали станувам сѐ поблизок со Јехова?‘ (Јак. 4:8).
19 Размисли за примерот на Мојсеј. Иако бил изложен на туѓа култура, тој избрал да биде познат како слуга на Јехова и одбил да биде наречен син на фараоновата ќерка. (Прочитај Евреите 11:24-27.) Млади христијани, и вие треба да бидете решени верно да му служите на Јехова. Само така ќе бидете вистински среќни, ќе живеете на најдобриот можен начин уште сега и ќе имате надеж дека ќе ‚го освоите вистинскиот живот‘ (1. Тим. 6:19).
20. Кој ја добива наградата во трката за живот?
20 Во древните игри, само еден од натпреварувачите победувал во трката. Но, тоа не е случај со трката за живот. Бог сака „најразлични луѓе да се спасат и добро да ја запознаат вистината“ (1. Тим. 2:3, 4). Мнозина успешно ја истрчале оваа трка пред тебе, а многу други сега трчаат заедно со тебе (Евр. 12:1, 2). Наградата ќе ја добијат сите што нема да се откажат. Затоа, биди решен да победиш!
21. Што ќе разгледаме во следната статија?
21 „Големиот и застрашувачки Јеховин ден“ сигурно ќе дојде (Мал. 4:5). Тој ден не треба да ги затече христијанските семејства неподготвени. Животоважно е секој член на семејството да ги исполнува своите библиски одговорности. Што друго можете да сторите за да останете духовно будни и да го зајакнете својот однос со Бог? Во следната статија ќе разгледаме три работи кои влијаат врз духовната благосостојба на целото семејство.
[Фуснота]
Што научи?
• Зошто е многу важно христијанските семејства да останат духовно будни?
• Како може еден маж да го следи примерот на Добриот Пастир?
• Како може една мудра жена да му дава поддршка на мажот?
• Како можат младите да придонесат нивните семејства да останат духовно будни?
[Слика на страница 9]
Жената што го поддржува својот маж е скапоцена за него