Поглавје 15
Враќање кај вистинскиот Бог
„Ви давам нова заповед, да се љубите еден со друг; како што јас ве љубев, и вие да се љубите еден со друг. По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“ (Јован 13:34, 35).
1, 2. Како треба да влијае љубовта меѓу вистинските христијани?
СО ОВИЕ зборови, Исус поставил критериум за оние кои тврдат дека се негови вистински следбеници. Христијанската љубов би морала да ги надмине сите расни, племенски и национални поделби. Таа од вистинските христијани би барала да „не се дел од светот“, како што Исус ниту бил ниту е „дел од светот“ (Јован 17:14, 16; Римјаните 12:17—21).
2 Како покажува еден христијанин дека ‚не е дел од светот‘? На пример, како треба да реагира на бурната политика, револуциите и војните од наше време? Христијанскиот апостол Јован, во склад со горенаведените Исусови зборови, напишал: „Секој кој не врши праведност, не потекнува од Бог, како и оној кој не го љуби својот брат. Зашто ова е пораката што сте ја чуле од почетокот, дека треба да имаме љубов еден кон друг“. И самиот Исус објаснил зошто не треба неговите ученици да се борат за да го ослободат, кога рекол: „Моето царство не е дел од овој свет. Ако беше моето царство дел од овој свет, моите слуги ќе се бореа . . . Но моето царство не е одовде“. Дури и кога бил во прашање Исусовиот живот, тие слуги не се впуштиле да го решаваат спорот на воинствен начин како што прави светот (1. Јованово 3:10—12; Јован 18:36).
3, 4. а) Што прорекол Исаија во врска со „последните денови“? б) Кои прашања изискуваат одговор?
3 Повеќе од 700 години пред Христос, Исаија прорекол дека луѓе од сите нации ќе се соберат во Јеховиното вистинско обожавање и повеќе нема да учат да војуваат. Тој рекол: „Ќе се случи на крајот на деновите: Гората на Господовиот Дом ќе биде поставена над сите гори . . . Кон неа ќе одат сите народи, ќе се втурнат многу племиња и ќе речат: ‚Ајде, да се искачиме на Господовата Гора, да отидеме во Домот на Јакововиот Бог. Тој ќе нѐ научи на Своите патишта, ќе одиме по Неговите патеки.‘ Зашто Законот ќе дојде од Сион, Господовото слово од Ерусалим. Тој ќе им биде судија на народите, ќе им суди на многу племиња, кои ќе ги прековаат мечевите во плугови, а копјата во српови. Нема повеќе народ да дига меч против народ, ниту ќе се учи веќе на војување“a (Исаија 2:2—4).
4 Од сите религии на светот, која се истакнува со тоа што ги задоволува овие барања? Кој одбил да учи да војува и покрај затвори, концентрациони логори и смртни пресуди?
Христијанска љубов и неутралност
5. Какво досие за христијанска неутралност изградиле Јеховините сведоци како поединци, и зошто?
5 Јеховините сведоци се познати во целиот свет по својот личен совесен став на христијанска неутралност. Тие поднеле затвори, концентрациони логори, мачење, депортации и прогонства во текот на 20 век затоа што одбиле да ја жртвуваат својата љубов и единство како светско собрание на христијани кои се привлечени кон Бог. Во нацистичка Германија, од 1933 до 1945, околу илјада Сведоци умреле и илјадници биле затворени затоа што одбиле да соработуваат во воените напори на Хитлер. Слично на тоа, под Франко, во поранешна фашистичка Шпанија, стотици млади Сведоци отишле в затвор, и многумина поминале во просек по десет години во воени затвори, наместо да се учат да војуваат. До денешен ден, во неколку земји, многу млади Сведоци на Јехова чмаат по затвори заради својот став на христијанска неутралност. Меѓутоа, Јеховините сведоци не им се мешаат на владите во нивните воени програми. Непоколебливата христијанска неутралност во политичките работи, што ја имаат Сведоците, била една од константите на нивните верувања низ сите конфликти и војни во 20 век. Тоа ги одбележува како вистински следбеници на Христос и ги одделува од религиите на христијанскиот свет (Јован 17:16; 2. Коринќаните 10:3—5).
6, 7. Што сфаќаат Јеховините сведоци во врска со христијанството?
6 Со тоа што се придржуваат кон Библијата и кон примерот на Христос, Јеховините сведоци покажуваат дека практикуваат обожавање на вистинскиот Бог, Јехова. Тие ја признаваат Божјата љубов, одразена во животот и во жртвата на Исус. Сфаќаат дека вистинската христијанска љубов доведува до едно неразделиво светско братство, кое ги надминува политичките, расните и националните поделби. Со други зборови, христијанството не е само интернационално; тоа е супранационално, затоа што ги надминува сите национални граници, власти и интереси. Тоа го гледа човечкиот род како една фамилија со заеднички прататко и со заеднички Творец, Јехова Бог (Дела 17:24—28; Колошаните 3:9—11).
7 Додека скоро сите други религии биле вовлечени во војни — братоубиствени и човекоубиствени — Јеховините сведоци покажале дека го земаат при срце пророштвото од Исаија 2:4, што го цитиравме претходно. ‚Но‘, би можел да прашаш, ‚како настанале Јеховините сведоци? Како функционираат?‘
Долга низа од Божји сведоци
8, 9. Кој повик му го упатил Бог на човештвото?
8 Пред повеќе од 2.700 години, пророкот Исаија исто така го упатил следниов повик: „Барајте Го Господа додека може да се најде, повикувајте Го додека е близу! Безбожниот нека го остави својот пат, а неправедникот своите замисли. Нека се врати при Господа, Кој ќе му се смилува, кон нашиот Бог, зашто Тој ќе го умножи опростувањето“ (Исаија 55:6, 7).
9 Со векови подоцна, во Атина, на оние Грци кои ‚се плашеле од [митолошки] божества‘ христијанскиот апостол Павле им објаснил: „Од еден човек [Бог] ја создаде секоја човечка нација да живее по целата површина на земјата, и ги постави одредените времиња и поставените граници за живеење на луѓето, за да го бараат Бог, та некако да го напипаат и навистина да го најдат, иако, всушност, тој не е далеку од никого од нас“ (Дела 17:22—28).
10. Како знаеме дека Бог не бил далеку од Адам и Ева и од нивните деца?
10 Бог сигурно не бил далеку од своите човечки творби Адам и Ева. Тој зборувал со нив, соопштувајќи им ги своите заповеди и желби. Освен тоа, Бог не се скрил од нивните синови Каин и Авел. Го советувал исполнетиот со омраза Каин кога тој покажал завист кон жртвата што брат му му ја принел на Бог. Меѓутоа, наместо да го промени својот начин на обожавање, Каин покажал љубомора, религиозна нетолеранција и го убил својот брат Авел (Битие 2:15—17; 3:8—24; 4:1—16).
11. а) Што значи зборот „маченик“? б) Како станал Авел првиот маченик?
11 Авел, со својата верност на Бог до смрт, станал првиот маченик.b Исто така, тој бил првиот сведок на Јехова и првиот од долгата низа сведоци што ги имало низ целата историја, а кои го чувале својот интегритет. Така, Павле можел да рече: „Со вера Авел му принесе на Бог жртва со поголема вредност отколку Каин, и со вера доби сведоштво дека е праведен, бидејќи Бог посведочи за неговите дарови; и со неа тој, иако умре, сѐ уште зборува“ (Евреите 11:4).
12. Кои се натамошни примери за Јеховини верни сведоци?
12 Во истото писмо до Евреите, Павле наведува цела низа верни мажи и жени, како Ное, Авраам, Сара и Мојсеј, кои, поради своето досие на интегритет, сочинувале „голем облак со сведоци [грчки: мартирон]“ и служат како примери и охрабрување за други кои сакаат да го запознаат и да му служат на вистинскиот Бог. Тие биле мажи и жени кои имале добар однос со Јехова Бог. Го барале и го нашле (Евреите 11:1—12:1).
13. а) Зошто е Исус истакната манифестација на Божјата љубов? б) На кој посебен начин Исус е пример за своите следбеници?
13 Истакнат меѓу таквите сведоци бил оној што е опишан во книгата Откровение, „Исус Христос, ‚Верниот сведок‘“. Исус е уште еден јасен доказ за Божјата љубов бидејќи, како што напишал Јован: „Сами сме виделе и сведочиме дека Таткото го испратил својот Син како Спасител на светот. Кој признава дека Исус Христос е Син Божји, Бог останува во обединетост со таквиот и тој во обединетост со Бог. И сами сме ја спознале и сме поверувале во љубовта која Бог ја има во нашиот случај“. Роден како Евреин, Исус бил вистински сведок и умрел како маченик верен на својот Татко, Јехова. Христовите вистински следбеници низ вековите ќе бидат исто така сведоци за него и за вистинскиот Бог, Јехова (Откровение 1:5; 3:14; 1. Јованово 4:14—16; Исаија 43:10—12; Матеј 28:19, 20; Дела 1:8).
14. Кое прашање сега бара одговор?
14 Пророштвото на Исаија покажало дека враќањето кај вистинскиот Бог, Јехова, ќе биде одлика на „крајот на деновите“, или како што други делови од Библијата го нарекуваат „последните денови“.c Со оглед на религиозната разновидност и збрканост што ја опишавме во оваа книга, се поставува прашањето: Кој, во овие последни денови во кои живееме, навистина трагал по вистинскиот Бог за да му служи „со дух и со вистина“? За да одговориме на ова прашање, мораме прво да обрнеме внимание на некои настани од 19 век (Исаија 2:2—4; 2. Тимотеј 3:1—5; Јован 4:23, 24).
Еден млад човек трага по Бог
15. а) Кој бил Чарлс Тејз Расел? б) Кои биле некои од неговите религиозни сомневања?
15 Во 1870, Чарлс Тејз Расел (1852—1916), еден ревен млад човек, почнал да поставува многу прашања околу традиционалните учења на христијанскиот свет. Како младич, работел во продавницата за облека и придружен прибор на татка си во раздвижениот индустриски град Алегени (сега дел од Питсбург), Пенсилванија, САД. Што се однесува до религиозното потекло, припаѓал на презвитеријанската и конгрегационалната црква. Меѓутоа, го вознемирувале некои учења како предодреденоста и вечното мачење во огнен пекол. Кои биле причините за неговото сомневање во овие основни доктрини на некои религии на христијанскиот свет? Тој напишал: „Еден Бог кој ќе ја користи својата моќ да создаде човечки суштества за кои однапред ќе знае и ќе ги предодреди да бидат вечно мачени, не би бил ниту мудар, ниту праведен, ниту би имал љубов. Неговите мерила би биле пониски од мерилата на многу луѓе“ (Еремија 7:31; 19:5; 32:35; 1. Јованово 4:8, 9).
16, 17. а) Кои учења длабоко ја интересирале Раселовата група за проучување на Библијата? б) Која голема несогласица настанала и како одговорил Расел?
16 Сѐ уште во доцните тинејџерски години, Расел и една група младичи започнале секоја седмица да се собираат за да ја проучуваат Библијата. Тие почнале да ги анализираат библиските учења и на други теми, како што е бесмртноста на душата, Христовата откупна жртва и неговото повторно доаѓање. Во 1877, на возраст од 25 години, Расел го продал својот дел од напредниот бизнис на татка си и започнал со кариера на полновремено проповедање.
17 Во 1878, Расел имал голема несогласица со еден од своите соработници кој го отфрлил учењето дека Христовата смрт може да биде искупување за грешници. Побивајќи го тоа гледиште, Расел напишал: „Христос постигнал различни добри работи за нас со својата смрт и воскресение. Нѐ заменил што се однесува до смртта; умрел праведник за неправедници — сите биле неправедници. Исус Христос преку милоста на Бог ја искусил смртта за секој човек . . . Станал изворот на вечно спасение за сите кои му се послушни“. Тој продолжил: „Да откупиш значи да купиш назад. Што купил Исус назад за сите луѓе? Живот. Ние сме го изгубиле преку непослушноста на првиот Адам. Вториот Адам [Христос] го купил назад со својот сопствен живот“ (Марко 10:45; Римјаните 5:7, 8; 1. Јованово 2:2; 4:9, 10).
18. а) Што следело после несогласицата околу откупнината? б) Кој образец го следеле Библиските студенти во врска со донациите?
18 Како непоколеблив застапник на доктрината за откупнина, Расел ги прекинал сите врски со овој поранешен соработник. Во јули 1879, Расел започнал да ја издава Сионска стражарска кула и гласник на Христовата присутност, денес позната во целиот свет како Стражарска кула — го објавува Јеховиното царство. Во 1881 тој, заедно со други предадени христијани, основал непрофитно библиско друштво. Било наречно Zion’s Watch Tower Tract Society, денес познато како Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania, правно застапништво кое дејствува во корист на Јеховините сведоци. Од самиот почеток, Расел инсистирал да нема собирање прилози на собраниските состаноци ниту нивно изнудување преку публикациите на Watch Tower. Луѓето кои му се придружиле на Расел во длабокото проучување на Библијата станале познати едноставно како Библиски студенти.
Враќање кон библиската вистина
19. Кои учења на христијанскиот свет ги отфрлиле Библиските студенти?
19 Како резултат на нивното проучување на Библијата, Расел и неговите придружници ги отфрлиле учењата на христијанскиот свет за мистериозната „Пресвета Троица“, за вродена бесмртна човечка душа и за вечно мачење во пеколен оган. Ја отфрлиле и потребата од одделена свештеничка класа обучувана на семинарии. Сакале да се вратат на едноставните корени на христијанството, со духовно оспособени старешини кои ќе го водат собранието без да мислат на плата или хонорар (1. Тимотеј 3:1—7; Тит 1:5—9).
20. Што откриле Библиските студенти во врска со Христовата парусија и 1914 година?
20 Во своето истражување на Божјата реч, тие Библиски студенти биле живо заинтересирани за пророштвата на Христијанските грчки списи во врска со „свршетокот на светот“ и со Христовото „доаѓање“ (Матеј 24:3, СП). Кога обрнале внимание на грчкиот текст, откриле дека Христовото „доаѓање“ всушност е „парусија“ или невидлива присутност. Затоа, Христос на своите ученици им дал информации за доказите за невидливата присутност во времето на крајот, а не за идно видливо доаѓање. Покрај ова проучување, Библиските студенти имале горлива желба да ја разберат библиската хронологија во врска со Христовата присутност. Без да ги разберат сите детали, Расел и неговите соработници сфатиле дека 1914 ќе биде пресуден датум во човечката историја (Матеј 24:3—22; Лука 21:7—33, Int).
21. Која одговорност ја чувствувале Расел и неговите соверници?
21 Расел знаел дека треба да се изврши едно големо дело на проповедање. Бил свесен за зборовите на Исус што ги запишал Матеј: „И оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целата населена земја за сведоштво на сите нации; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14; Марко 13:10). Пред 1914, во активноста на тие Библиски студенти постоело чувство на итност. Тие верувале дека нивната проповедничка активност ќе достигне кулминација таа година, и затоа сметале дека треба да ги зголемат целокупните напори за да им помогнат на другите да ја запознаат „оваа добра вест за царството“. На крајот, библиските проповеди на Ч. Т. Расел биле објавени во илјадници весници по целиот свет.
Испити и промени
22-24. а) Каква била реакцијата на повеќето Библиски студенти кога умрел Ч. Т. Расел? б) Кој го наследил Расел како претседател на Watch Tower Society?
22 Во 1916, на возраст од 64 години, за време на едно проповедничко патување низ Соединетите Американски Држави, Чарлс Тејз Расел ненадејно умрел. Сега, што ќе се случи со Библиските студенти? Дали потполно ќе пропаднат како да биле следбеници на обичен човек? Како ќе се соочат со испитите на Првата светска војна (1914—1918), во чии колежи наскоро ќе бидат вовлечени и Соединетите Американски Држави?
23 Реакцијата на повеќето Библиски студенти може да се претстави со зборовите на В. Е. Ван Амбург, службеник на Watch Tower Society: „Ова големо светско дело не е дело на еден човек. Тоа е премногу големо за да биде такво. Тоа е Божје дело и не се менува. Бог користел многу слуги во минатото и Тој без сомнение ќе користи многумина во иднината. Ние не сме се посветиле на човек, или на човечко дело, туку сме се посветиле на вршење на волјата Божја, онака како што Тој ќе ни ја открие преку Својата Реч и преку милосрдно водство. На кормилото сѐ уште е Бог“ (1. Коринќаните 3:3—9).
24 Во јануари 1917, Џозеф Ф. Ратерфорд, адвокат и горлив истражувач на Библијата, бил избран за втор претседател на Watch Tower Society. Тој бил човек со динамична личност и ништо не можело да го исплаши. Знаел дека треба да се проповеда за Божјето Царство (Марко 13:10).
Обновена ревност и ново име
25. Како реагирале Библиските студенти на предизвикот во годините после Првата светска војна?
25 Watch Tower Society организирало конгреси во Соединетите Американски Држави во 1919 и во 1922. После прогонството во Првата светска војна во Соединетите Американски Држави, конгресите биле скоро како втор Пентекост за неколкуте илјади Библиски студенти во тоа време (Дела 2:1—4). Наместо да попуштат поради страв од човек, со уште поголема одлучност го прифатиле библискиот повик да одат и да им проповедаат на нациите. Во 1919, Watch Tower Society почнало да го издава придружното списание на Стражарска кула наречено Златен век, денес познато во целиот свет како Разбудете се! Ова послужило како моќна алатка за да ги разбуди луѓето за значењето на времињата во кои живееме и да изгради доверба во ветувањето на Творецот за еден мирољубив нов свет.
26. а) На која одговорност Библиските студенти ставале сѐ поголем нагласок? б) Со кое појасно разбирање на Библијата се здобиле Библиските студенти?
26 Во текот на 1920-тите и 1930-тите, Библиските студенти ставале сѐ поголем нагласок на методот на проповедање на раните христијани — од куќа до куќа (Дела 20:20). Секој верник ја имал одговорноста да им посведочи на колку што е можно повеќе луѓе во врска со Христовото владеење во Царството. Од Библијата јасно увиделе дека големото спорно прашање пред човештвото било прашањето за универзална сувереност, и дека Јехова Бог ќе го реши со тоа што ќе го уништи Сатана и сите негови разорни дела на Земјата (Римјаните 16:20; Откровение 11:17, 18). Во контекст на ова спорно прашање, сфатиле дека спасението на човекот било второстепено во однос на оправдувањето на Бог како законски Суверен. Затоа, на Земјата ќе мора да има верни сведоци кои ќе бидат спремни да посведочат во врска со Божјите намери и неговата превласт. Како ќе се задоволи оваа потреба? (Јов 1:6—12; Јован 8:44; 1. Јованово 5:19, 20).
27. а) Кој значаен настан се случил во 1931 година? б) Кои се некои од карактеристичните верувања на Сведоците?
27 Во јули 1931, Библиските студенти одржале конгрес во Колумбус, Охајо, на којшто илјадници присутни усвоиле една резолуција. Во неа тие радосно го прифатиле „името кое устата на Господ Бог го именувала“ и објавиле: „Сакаме да бидеме познати и нарекувани со тоа име, односно, ‚Јеховини сведоци‘“. Од тој датум, Јеховините сведоци станале познати по целиот свет не само по своите карактеристични верувања туку и по својата ревност во службата од куќа до куќа и на улица. (Види страници 356, 357; Исаија 43:10—12; Матеј 28:19, 20; Дела 1:8.)
28. Со кое појасно разбирање се здобиле Сведоците во 1935 во врска со владата на Царството?
28 Во 1935, Сведоците стекнале појасно разбирање во врска со небесната класа на Царството, која ќе владее со Христос, и во врска со нивните поданици на Земјата. Тие веќе знаеле дека бројот на помазаните христијани повикани да владеат со Христос од небото ќе биде само 144.000. Тогаш, каква ќе биде надежта за остатокот од човештвото? На една влада ѝ се потребни поданици за да биде оправдано нејзиното постоење. Оваа небесна влада, Царството, исто така ќе има милиони послушни поданици овде на Земјата. Тие ќе го сочинуваат ‚големото мноштво, коешто ниеден човек не може да го изброи, од сите нации и племиња и народи и јазици‘ кое извикува: „Спасението му го должиме на нашиот Бог [Јехова], кој седи на престолот, и на Јагнето [Исус Христос]“ (Откровение 7:4, 9, 10; 14:1—3; Римјаните 8:16, 17).
29. Кој предизвик го забележале и го прифатиле Сведоците?
29 Ова разбирање во врска со големото мноштво им помогнало на Јеховините сведоци да увидат дека се соочуваат со огромен предизвик — да ги пронајдат и да ги поучат сите тие милиони кои ќе трагаат по вистинскиот Бог и кои ќе го сочинуваат ‚големото мноштво‘. Тоа ќе вклучува меѓународна образовна кампања. Ќе изискува оспособени говорници и слуги. Ќе бидат потребни школи. Сето ова го предвидел наредниот претседател на Watch Tower Society.
Светска потрага по оние кои трагаат по Бог
30. Кои настани во 1930-тите и 1940-тите влијаеле врз Сведоците?
30 Во 1931 имало помалку од 50.000 Сведоци во помалку од 50 земји. Настаните во 1930-тите и 1940-тите не им го олесниле проповедањето. Овој период го доживеал подемот на фашизмот и нацизмот и избивањето на Втората светска војна. Во 1942 умрел Џ. Ф. Ратерфорд. На Watch Tower Society му требало енергично водство со цел да му даде натамошен замав на проповедањето на Јеховините сведоци.
31. Што почнало да функционира во 1943 за да се прошири проповедањето на добрата вест?
31 Во 1942, на возраст од 36 години, Натан Х. Нор бил избран за трет претседател на Watch Tower Society. Тој бил енергичен организатор со јасен увид во потребата да се проповеда добрата вест во целиот свет колку што е можно побрзо, и покрај тоа што нациите сѐ уште биле вплеткани во Втората светска војна. Како резултат на тоа, веднаш го реализирал планот за една школа која ќе оспособува мисионери, наречена Библиска школа Гилеад на Watchtower.d Првите сто студенти, сите полновремени слуги, биле запишани во јануари 1943. Тие интензивно ја проучувале Библијата и темите поврзани со службата шест месеци пред да бидат испратени на своите доделби, главно во странски земји. До 1999, дипломирале 106 класа и неколку илјади слуги излегле од Гилеад да служат по целиот свет.
32. Каков напредок постигнале Јеховините сведоци од 1943 наваму?
32 Во 1943, имало само 126.329 Сведоци кои проповедале во 54 земји. И покрај сурово противење во текот на Втората светска војна од страна на нацизмот, фашизмот, комунизмот и Католичката акција, како и од таканаречените демократии, до 1946 Јеховините сведоци достигнале највисок број од преку 176.000 објавители на Царството. Педесет и три години подоцна, имало скоро шест милиони активни Сведоци во преку 230 земји, острови и територии. Без сомнение, нивната јасна идентификација по име и по дела послужила да станат познати по целиот свет. Но биле вклучени и други фактори кои многу влијаеле врз нивата делотворност (Захарија 4:6).
Библиска образовна организација
33. Зошто Јеховините сведоци имаат Сали на Царството?
33 Јеховините сведоци одржуваат седмични состаноци за проучување на Библија во своите Сали на Царството кои им служат на околу 90.000 собранија по целата Земја. Овие состаноци не се засноваат на ритуали или на емоции туку на стекнување точно спознание за Бог, за неговата Реч и неговите намери. Затоа, Јеховините сведоци се состануваат три пати седмично за да го зголемат своето разбирање на Библијата и да научат како да им проповедаат на другите и да ги поучуваат за пораката на Библијата (Римјаните 12:1, 2; Филипјаните 1:9—11; Евреите 10:24, 25).
34. Која е целта на Теократската школа за служба?
34 На пример, состанокот во текот на седмицата ја вклучува Теократската школа за служба, во која можат да се запишат членовите на собранието. Оваа школа, што ја води еден квалификуван христијански старешина, служи да оспособи мажи, жени и деца во уметноста на поучување и да ги поучи како да се изразуваат во склад со библиските начела. Апостол Павле рекол: „Вашиот збор секогаш нека биде угоден, зачинет со сол, за да знаете како треба секому да одговорите“. На своите христијански состаноци, Сведоците учат и како да ја изнесат пораката на Царството „со благ нарав и со длабока почит“ (Колошаните 4:6; 1. Петрово 3:15).
35. Кои се некои други состаноци што ги одржуваат Сведоците, и од каква корист се тие?
35 На друг ден, Сведоците исто така се состануваат за 45-минутен библиски говор после кој следи едночасовно собраниско разгледување (со прашања и одговори) на една библиска тема поврзана со христијанската наука или однесување. Членовите на собранието можат слободно да учествуваат. Секоја година, Сведоците присуствуваат и на три поголеми состаноци, собири и конгреси кои траат од еден до четири дена, каде што обично се собираат илјадници за да слушаат библиски предавања. Како резултат на овие и на други бесплатни состаноци, секој Сведок го продлабочува своето спознание за Божјите ветувања за Земјата и за човештвото, покрај тоа што стекнува извонредно образование за христијански морал. Секој е привлечен поблиску до вистинскиот Бог, Јехова, со тоа што ги следи учењата и примерот на Христос Исус (Јован 6:44, 65; 17:3; 1. Петрово 1:15, 16).
Како се организирани Сведоците?
36. а) Дали Сведоците имаат платена свештеничка класа? б) Тогаш, кој го презема водството во собранието?
36 Логично, ако Јеховините сведоци одржуваат состаноци и се организирани да проповедаат тогаш мора да има некој што ќе го преземе водството. Меѓутоа, тие немаат платена свештеничка класа ниту имаат некаков харизматски водач на пиедестал (Матеј 23:10). Исус рекол: „Бесплатно добивте, бесплатно давајте“ (Матеј 10:8; Дела 8:18—21). Во секое собрание има духовно квалификувани старешини и слуги помошници, од кои многумина имаат световно вработување и се грижат за семејство, а доброволно го преземаат водството во поучување и насочување на собранието. Ова е токму тој модел што го поставиле христијаните од првиот век (Дела 20:17; Филипјаните 1:1; 1. Тимотеј 3:1—10, 12, 13).
37. Како се наименуваат старешини и слуги помошници?
37 Како се наименувани овие старешини и слуги помошници? Нивното наименување се врши под надзор на едно водечко тело од помазани старешини од различни земји чија функција е слична на функцијата на телото од апостоли и старешини во Ерусалим кои го презеле водството во раното христијанско собрание. Како што видовме во 11. поглавје, ниту еден апостол немал примат над другите. Тие ги донесувале одлуките како тело, и биле почитувани од страна на собранијата кои биле распрснати низ древниот римски свет (Дела 15:4—6, 22, 23, 30, 31).
38. Како функционира Водечкото тело?
38 Истото уредување важи и за Водечкото тело на Јеховините сведоци денес. Тие одржуваат седмични состаноци во светската централа во Бруклин, Њујорк, а оттаму им се испраќаат упатства на Одборите на подружниците по целиот свет кои ја надгледуваат активноста на службата во секоја земја. Со следење на примерот на најраните христијани, Јеховините сведоци можат да опфатат големи делови од Земјата со проповедањето на добрата вест за Божјето Царство. Тоа дело продолжува во глобални размери (Матеј 10:23; 1. Коринќаните 15:58).
Собирање кај вистинскиот Бог
39. а) Зошто Сведоците заземаат неутрален став во политичките прашања? б) Како напредувале Сведоците под забрана?
39 Во текот на 20 век, Јеховините сведоци напредувале по целиот свет. Ова важи и за земјите каде што биле под забрана или ограничување. Овие забрани ги имаат наметнато главно режими кои не успеале да го разберат неутралниот став на Јеховините сведоци во врска со политичката и националистичката приврзаност на овој свет. (Види рамка, страница 347.) Сепак, во такви земји, десетици илјади луѓе се свртеле кон Божјето Царство како кон единствената вистинска надеж за мир и сигурност на човештвото. Во повеќето нации е дадено огромно сведоштво, и сега има милиони активни Сведоци насекаде. (Види ја табелата, страница 361.)
40, 41. а) Што очекуваат сега Јеховините сведоци? б) Уште на кое прашање мора да се одговори?
40 Со својата христијанска љубов и со својата надеж за „ново небо и нова земја“, Јеховините сведоци со нетрпение ја очекуваат блиската иднина кога ќе се одиграат настаните што ќе го потресат овој свет и наскоро ќе ѝ стават крај на сета неправда, корупција и неправедност на оваа Земја. Од таа причина тие ќе продолжат да ги посетуваат своите соседи во искрени напори да ги доведат луѓето со чесни срца поблиску до вистинскиот Бог, Јехова (Откровение 21:1—4; Марко 13:10; Римјаните 10:11—15).
41 Во меѓувреме, според библиското пророштво, што носи иднината за човештвото, за религијата и за оваа загадена Земја? Нашето последно поглавје ќе одговори на ова битно прашање (Исаија 65:17—25; 2. Петрово 3:11—14).
[Фусноти]
a Последниве две реченици се наоѓаат на „Ѕидот на Исаија“ пред зградата на ОН, како и на една статуа во паркот на ОН и, всушност, нивното исполнување е една од целите на ОН.
b Грчкиот збор мартир, од кој во некои јазици е изведен зборот „маченик“ („оној кој сведочи со својата смрт“, An Expository Dictionary of New Testament Words [Толковен речник на новозаветни зборови], од В. Е. Вајн), всушност значи „сведок“ („оној кој докажува, или кој може да докаже, што видел или чул самиот или дознал на некој друг начин“, A Greek—English Lexicon of the New Testament, од Џ. Х. Таер).
c За детално разгледување на „последните денови“, види ја книгата Спознание кое води до вечен живот, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc., 1995, поглавје 11.
d Гилеад е изведено од Галед на хебрејски, што значи „куп сведоштво“. Види, исто така, Увид во писмото, том 1, страници 882, 942 (Битие 31:47—49).
[Рамка на страница 347]
Христијанска неутралност во паганскиот Рим
Во согласност со начелата на љубов и мир за кои поучувал Исус, и на темел на своето лично проучување на Божјата реч, раните христијани не учествувале во војни ниту се обучувале за нив. Исус рекол: „Моето царство не е дел од овој свет. Ако беше моето царство дел од овој свет, моите слуги ќе се бореа за да не им бидам предаден на Евреите. Но моето царство не е одовде“ (Јован 18:36).
На толку подоцнежен датум како што е 295 н.е., Максималијан од Тевесте, син на римски воен ветеран, бил регрутиран за воена служба. Кога проконзулот го прашал за името, тој одговорил: „Па, зошто сакате да ми го знаете името? Јас одбивам воена служба поради совеста: Јас сум христијанин . . . Не можам да служам; не можам да грешам против својата совест“. Проконзулот го предупредил дека ќе го загуби животот ако не послуша. „Нема да служам. Можете да ми ја отсечете главата, но нема да им служам на силите на Овој Свет; јас ќе му служам на мојот Бог“ (An Historian’s Approach to Religion — Пристапот на еден историчар кон религијата, од Арнолд Тојби).
Во современа доба, личната студија на Библијата навела поедини Јеховини сведоци од сите делови на светот да го следат гласот на совеста и да донесат одлука да заземат сличен став. Во некои земји многумина ја платиле највисоката цена, особено во нацистичка Германија, каде што, за време на Втората светска војна, ги убивале со стрелање, бесење и отсекување на глава. Но нивното единство по целиот свет, темелено на христијанска љубов, никогаш не било скршено. Никој никогаш не умрел во војна од рацете на христијански Сведок на Јехова. Колку поинаква би била светската историја ако секој кој тврди дека е христијанин исто така би живеел според Христовото правило на љубовта! (Римјаните 13:8—10; 1. Петрово 5:8, 9).
[Рамка/слики на страници 356 и 357]
Што веруваат Јеховините сведоци
Прашање: Што е душа?
Одговор: Според Библијата, душа (хебрејски: нефеш; грчки: психе) е лице, или животно, или животот што лицето или животното го поседува.
„И Бог рече понатаму: ‚Земјата нека даде живи души по своите видови, домашни животни и животни кои се движат и диви животни од земјата по својот вид.‘ И Јехова зеде да го прави човекот од земјен прав и му дувна во носниците здив на живот, и човекот стана жива душа“ (Битие 1:24; 2:7, NW).
Животните и човекот СЕ живи души. Душата не е нешто што постои одделно. Таа може да умре и умира. „Ете, сите души се Мои; како душата на таткото, така и душата на синот се Мои: која душа греши, таа ќе умре“ (Езекиел 18:4, СП).
Прашање: Дали Бог е тројство?
Одговор: Јеховините сведоци веруваат дека Јехова е неспоредлив Суверен Господ на универзумот. „Чуј, Израелу! Господ е наш Бог, Господ е Еден“ (Второзаконие 6:4). Христос Исус како Реч бил духовно суштество, а на Земјата дошол послушен на волјата на Татка си. Тој е во подложност на Јехова. „А кога ќе му биде [на Христос] подложено сѐ, тогаш и самиот Син ќе му се подложи на Оној кој му подложил сѐ, за Бог да биде сѐ на сите“ (1. Коринќаните 15:28; види и Матеј 24:36; Марко 12:29; Јован 1:1—3, 14—18; Колошаните 1:15—20).
Светиот дух е Божјата активна сила, или енергија во акција, а не личност (Дела 2:1—4, 17, 18).
Прашање: Дали Јеховините сведоци обожаваат или длабоко почитуваат идоли?
Одговор: Јеховините сведоци не практикуваат никаков облик на идолопоклонство, сеедно дали се работи за идоли, личности или организации.
„Знаеме дека идолот не е ништо на светот, и дека нема Бог освен еден. Зашто иако има такви кои се нарекуваат ‚богови‘, било на небото било на земјата, како што има многу ‚богови‘ и многу ‚господи‘, за нас, всушност, има еден Бог, Таткото, од кого е сѐ, и ние за него; и еден Господ, Исус Христос, преку кого е сѐ, и ние преку него“ (1. Коринќаните 8:4—6; види и Псалм 135:15—18).
Прашање: Дали Јеховините сведоци служат Миса или Причесна?
Одговор: Јеховините сведоци не веруваат во римокатоличкото учење за трансупстанцијација. Ја слават Господовата вечера на датумот кој одговара на еврејскиот 14 нисан (обично во март или април) како годишен меморијал на Христовата смрт. На овој состанок во собранието се подава од рака на рака бесквасен леб и црвено вино како симбол на Христовото безгрешно тело и жртвена крв. Само оние што имаат надеж да владеат со Христос во неговото небесно Царство земаат од овие симболи (Марко 14:22—26; Лука 22:29; 1. Коринќаните 11:23—26; Откровение 14:1—5).e
[Слики]
Јеховините сведоци редовно се состануваат во Салите на Царството за да ја проучуваат Библијата
Сали на Царството: градот Ичихара, Јапонија (претходна страница), и Боитува, Бразил
[Фуснота]
e За натамошно разгледување на оваа тема види Расправљање на темељу Писма, кое во 1991 го издаде Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc., страници 225—229; 377—381.
[Табела на страница 361]
Некои од земјите во кои Сведоците проповедаат
земја активни Сведоци
Австралија 61.000
Аргентина 121.000
Бразил 528.000
Британија 127.000
Венецуела 85.000
Германија, Ф.Р. 168.000
Грција 27.000
Ел Салвадор 28.000
Замбија 107.000
Индија 21.000
Италија 229.000
Јапонија 223.000
Јужна Африка 67.000
Канада 111.000
Колумбија 103.000
Кореја 87.000
Либан 3.500
Мексико 527.000
Нигерија 226.000
Полска 124.000
Порторико 26.000
Португалија 47.000
САД 980.000
Унгарија 21.000
Финска 20.000
Франција 118.000
Филипини 133.000
Шпанија 103.000
29 под забрана 25.000
Податоци од светот за 1999 89.985 собранија 5.912.000 Сведоци
[Слики на страница 346]
На статуата на мирот на ОН пишува: „Ќе ги прековаме мечевите во плугови“; на „Ѕидот на Исаија“ стои библискиот текст
[Слика на страница 351]
Јеховините сведоци веруваат во Христовата откупна жртва за гревовите на човештвото
[Слики на страница 363]
Собирни сали на Јеховините сведоци: Поглед одозгора на салата во Ист Пениниз, Англија
Собирна сала, Форт Ладердејл, Флорида, САД, се користи за програми на англиски, шпански и француски
[Слики на страница 364]
Главната централа на Watch Tower Society, Бруклин, Њујорк; (од горе лево) канцеларии, фабрики и станови (истакнати)
[Слики на страница 365]
Подружници на Watch Tower (од горе лево) во Јужна Африка, Шпанија и Нов Зеланд