Поглавје 14
Современо неверие — треба ли потрагата да продолжи?
„Бог повеќе не е од вообичаен интерес за човечките суштества. Сѐ помалку и помалку се сеќаваат на него додека им минуваат деновите или кога донесуваат одлуки . . . Бог го замениле други вредности: приходот и продуктивноста. Некогаш на него се гледало како на извор на смисла за сите човечки активности, но денес е протеран во тајните зандани на историјата . . . Бог исчезнал од свеста на човечките суштества“ (The Sources of Modern Atheism — Изворите на современиот атеизам).
1. (Вклучувајќи го уводот.) а) Како книгата Изворите на современиот атеизам го опишува верувањето во Бог кај луѓето денес? б) На кој начин современото неверие е во остра спротивност со условите од пред не многу години?
НЕ ТОЛКУ одамна, Бог беше во голема мера дел од животот на луѓето во западниот свет. За да биде прифатен во општеството, човек мораше да покаже дека има вера во Бог, дури и ако секој не го практикуваше искрено она што тврдеше дека го верува. Секој сомнеж или несигурност дискретно се чуваше за себе. Ќе беше шокантно тие да се изразат јавно и веројатно ќе ги изложеше дури и на јавна критика.
2. а) Зошто многу луѓе престанале да трагаат по Бог? б) Кои прашања мора да се постават?
2 Меѓутоа, денес ситуацијата е обратна. Човекот со цврсти религиозни уверувања го сметаат за ограничен, догматичен, па дури и за фанатичен. Сведоци сме на тоа дека во многу земји преовладува рамнодушност, односно недостиг на интерес за Бог и религија. Повеќето луѓе веќе не трагаат по Бог затоа што или не веруваат или не се сигурни дека тој постои. Всушност, за да ја опишат нашата ера некои го користат терминот „постхристијанска“. Затоа, мора да се постават некои прашања: Како се случило идејата за Бог да се оддалечи толку многу од животот на луѓето? Кои сили ја предизвикале таа промена? И, има ли здрави причини за да се продолжи со потрагата по Бог?
Противударот на реформацијата
3. Кој бил еден од исходите на протестантската реформација?
3 Како што видовме во поглавје 13, протестантската реформација во 16 век довела до значајна промена во начинот на кој луѓето гледале на авторитетот, сеедно дали станувало збор за религиозен или за некој друг. Инсистирањето на сопствените права и слобода на изразување ги замениле конформизмот и покорноста. Иако повеќето луѓе останале во рамките на традиционалната религија, некои тргнале во порадикални правци, доведувајќи ги во прашање догмите и фундаменталните учења на установените цркви. Други пак, увидувајќи ја улогата што религијата ја одиграла во војните, страдањата и неправдите низ историјата, станале скептични кон религијата во целост.
4. а) Како извештаите од 16 и 17 век ја опишуваат раширеноста на атеизмот во Англија и Франција во тоа време? б) Кој избил на површината како резултат на напорите да се отфрли папскиот јарем, направени за време на реформацијата?
4 Уште во 1572, еден извештај со наслов Discourse on the Present State of England (Говор за сегашната состојба на Англија) забележал: „Кралството е поделено на три партии: папистичка, атеистичка и протестантска. Сите три се подеднакво прифатени: првата и втората затоа што се бројни, па не се осмелуваме да ги повредиме“. Една друга проценка ја навела бројката од 50.000 како број на атеисти во Париз во 1623, иако тој термин се користел прилично слободно. Во секој случај, јасно е дека реформацијата, во својот напор да ја отфрли доминацијата на папскиот авторитет, исто така овозможила да избијат на површина оние кои ја доведувале во прашање положбата на установените религии. Како што Вил и Ариел Дјурант се изразуваат во The Story of Civilization: Part VII—The Age of Reason Begins (Историја на цивилизацијата: Дел VII — Почнува векот на разумот): „Мислителите на Европа — авангардата на европскиот ум — повеќе не дискутирале за авторитетот на папата; тие дебатирале за постоењето на Бог“.
Напад со наука и филозофија
5. Кои сили го забрзале подемот на неверието во Бог?
5 Покрај расцепкувањето на самиот христијански свет, имало и други сили кои понатаму ја ослабнувале неговата положба. Науката, филозофијата, секуларизмот и материјализмот одиграле своја улога во сеењето сомнежи и во поттикнувањето скептицизам кон Бог и кон религијата.
6. а) Како влијаело ширењето на научното спознание врз многу црковни учења? б) Што направиле некои кои себеси се сметале за модерни?
6 Ширењето на научното спознание довело во прашање многу црковни учења кои се засновале врз погрешни толкувања на библиски пасуси. На пример, астрономските откритија на луѓе како Коперник или Галилеј претставувале директен предизвик за црковната геоцентрична доктрина, дека Земјата е центар на универзумот. Освен тоа, со разбирањето на природните закони кои управуваат со функционирањето на физичкиот свет повеќе немало потреба дотогашните мистериозни феномени, како што се грмотевицата и молњата, па дури и изгледот на извесни ѕвезди и комети, да се припишуваат на Божјата рака или на провидението. Под сомнеж се нашле и „чудата“ и „божествените интервенции“ во човечките работи. Наеднаш, на многумина Бог и религијата им станале старомодни, па некои од оние кои се сметале за модерни му свртеле грб на Бог и се собрале да ја обожаваат светата крава — науката.
7. а) Кој бил, без сомнение, најтешкиот удар за религијата? б) Како реагирале црквите на дарвинизмот?
7 Најтешкиот удар за религијата, без сомнение, била теоријата на еволуција. Во 1859, англискиот природонаучник Чарлс Дарвин (1809—1882) ја објавил својата книга Потеклото на видовите и директно го оспорил библиското учење за создавањето од страна на Бог. Како реагирале црквите? Отпрвин, свештенството во Англија и на други места ја осудило оваа теорија. Но противењето наскоро ослабнало. Изгледа дека Дарвиновите шпекулации биле токму тој изговор што им бил потребен на многу свештеници кои тајно негувале сомневања. Па така, уште додека Дарвин бил жив, „повеќето сериозни и речити свештеници го извеле заклучокот дека еволуцијата е во потполн склад со просветленото разбирање на Писмото“, вели The Encyclopedia of Religion (Енциклопедија на религијата). Наместо да застане во одбрана на Библијата, христијанскиот свет попуштил под притисокот на научното мислење и се придружил во она што било популарно. Со таквата постапка ја поткопал верата во Бог (2. Тимотеј 4:3, 4).
8. а) Што довеле во прашање критичарите на религијата од 19 век? б) Кои се некои од популарните теории што ги изнеле критичарите на религијата? в) Зошто многу луѓе брзо ги прифатиле антирелигиозните идеи?
8 Како што одминувал 19 век така критичарите на религијата станувале сѐ похрабри во својот напад. Незадоволни од тоа само да укажуваат на пропустите на црквите, почнале да го доведуваат во прашање самиот темел на религијата. Поставувале прашања како на пример: Што е Бог? Зошто има потреба од Бог? Како влијае врз човечкото општество верувањето во Бог? Луѓе како Лудвиг Фоербах, Карл Маркс, Сигмунд Фројд и Фридрих Ниче ги понудиле своите аргументи со филозофски, психолошки и социолошки термини. Теориите од типот: ‚Бог не е ништо друго освен проекција на човековата фантазија‘, ‚Религијата е опиум за народот‘ и ‚Бог е мртов‘, звучеле толку ново и возбудливо во споредба со здодевните и неразбирливи догми и традиции на црквите. Изгледа дека на крајот многумина нашле еден артикулиран начин да ги изразат своите двоумења и сомнежи кои демнеле во нивната потсвест. Брзо и спремно ги прифатиле тие идеи како нова непобитна вистина.
Големиот компромис
9. а) Кога науката и филозофијата ги нападнале црквите, што направиле тие? б) Кои биле резултатите од компромисот на црквите?
9 Што направиле црквите кога биле нападнати и испитувани од страна на науката и филозофијата? Наместо да заземат став за она што го поучува Библијата, попуштиле под притисокот и се компромитирале дури и за такви темелни членови на верата како што е создавањето од Бог и автентичноста на Библијата. Со каков резултат? Црквите на христијанскиот свет почнале да ја губат веродостојноста, и многу луѓе почнале да ја губат верата. Пропустот на црквите да се бранат, широко ги отворил вратите за масите да излезат од нив. За многумина, религијата станала само социолошка реликвија, нешто со кое ги одбележуваат врвните точки во животот — раѓањето, венчавката, смртта. Многу луѓе скоро потполно се откажале од потрагата по вистинскиот Бог.
10. Кои итни прашања мора да се разгледаат?
10 Соочени со сето ова, логично е да прашаме: Дали науката и филозофијата навистина му потпишале смртна пресуда на верувањето во Бог? Дали неуспехот на црквите значи неуспех на она што тие тврделе дека го поучуваат, имено, Библијата? Навистина, треба ли потрагата по Бог да продолжи? Ајде накратко да ги разгледаме овие спорни прашања.
Основа за верување во Бог
11. а) Кои две книги се долго време основа за верувањето во Бог? б) Како влијаеле овие книги врз луѓето?
11 Се вели дека има две книги кои ни зборуваат за постоењето на Бог — „книгата“ на создавање, односно природата околу нас, и Библијата. Тие им биле основа за верување на милиони луѓе и во минатото и сега. На пример, еден цар од 11 век пр.н.е., импресиониран од она што го набљудувал на ѕвезденото небо, поетично извикнал: „Небесата ја раскажуваат Божјата слава, небесниот свод го навестува делото на Неговите раце“ (Псалм 19:1). Во 20 век, еден астронаут, посматрајќи ја спектакуларната глетка на Земјата од својот вселенски брод додека ја обиколувал Месечината, бил наведен да цитира: „Во почеток Бог ги создаде небото и земјата“ (Битие 1:1).
12. На кој начин се нападнати книгата на создавањето и Библијата?
12 Меѓутоа, оние кои тврдат дека не веруваат во Бог ги напаѓаат овие две книги. Тие велат дека научните истражувања на светот околу нас докажале дека животот настанал не преку интелигентно создавање туку преку слепа случајност и преку случаен процес на еволуција. Затоа, образложуваат дека нема Творец, од што произлегува дека прашањето за Бог е излишно. Освен тоа, многумина од нив веруваат дека Библијата е едноставно застарена и нелогична и, затоа, не е достојна да се верува во неа. Според тоа, за нив повеќе нема некаква основа за верување во постоењето на Бог. Дали е вистина сето ова? Што покажуваат фактите?
Случајно или дизајнирано?
13. Што би требало да се случи за животот да настане случајно?
13 Ако нема Творец, тогаш животот мора да започнал спонтано и случајно. За да настане животот, исправните хемиски супстанции некако би требало да се спојат во исправна количина, на исправна температура, под исправен притисок и под други контролирачки фактори, и сите би морале да се одржуваат како такви во текот на точно определено време. Освен тоа, за животот да започне и да се одржува на Земјата, овие случајни настани би требало да се повторуваат илјадници пати. Но, колкава е веројатноста да се случи макар еден ваков настан?
14. а) Колку е мала веројатноста случајно да се формира еден едноставен молекул на протеин? б) Како влијаат математичките пресметки врз идејата за спонтан настанок на животот?
14 Еволуционистите признаваат дека веројатноста исправните атоми и молекули да се најдат на своето место за да формираат само еден едноставен молекул на протеин е 1 спрема 10113, или 1 после кој следат 113 нули. Тој број е поголем од проценетиот вкупен број на атоми во вселената! Сѐ што може да се случи со веројатност помала од 1 спрема 1050, математичарите го отфрлаат како неизведливо. Но, за живот не е доволен само еден едноставен молекул на протеин. Потребни се 2.000 различни протеини за само една клетка да ја одржува својата активност, а шансата сите тие да се појават случајно е 1 спрема 1040.000! „Кога човек не би имал предрасуди поради општествените верувања или поради тоа што е научно воспитуван да верува дека животот на Земјата настанал [спонтано], оваа едноставна пресметка потполно би ја исфрлила од игра таа идеја“, вели астрономот Фред Хојл.
15. а) Што откриле научниците во своите проучувања на физичкиот свет? б) Што вели еден професор по физика за законите во природата?
15 Од друга страна, пак, со проучување на физичкиот свет, од најситните субатомски честички до огромните галаксии, научниците откриле дека сите познати природни феномени изгледа следат извесни основни закони. Со други зборови, тие откриле логика и ред во сѐ што се случува во универзумот, и оваа логика и ред можат да ја изразат со едноставни математички термини. „Малку се тие научници што нема да ги импресионира скоро несфатливата едноставност и елеганција на овие закони“, пишува професорот по физика Пол Дејвис, во списанието New Scientist.
16. а) Кои се некои од фундаменталните константи во законите на природата? б) Што би се случило кога вредностите на овие константи би се промениле макар за малку? в) Што заклучил еден професор по физика за универзумот и за нашето постоење?
16 Меѓутоа, во врска со овие закони најмногу фасцинира фактот дека во нив има извесни фактори чии вредности мора да бидат прецизно фиксирани за универзумот да постои онаков каков што го познаваме. Меѓу овие фундаментални константи се единицата на електричен полнеж на протоните, масите на извесни основни честички и Њутновата универзална константа на гравитација, обично означена со буквата g. Во врска со ова, професор Дејвис продолжува: „Дури и најмали варијации во вредноста на некои од нив драстично би го промениле изгледот на универзумот. На пример, Фриман Дајсон укажува дека кога силите помеѓу нуклеоните (протони и неутрони) би биле само за неколку проценти поголеми, универзумот би немал водород. Ѕвезди како Сонцето, а да не ја спомнуваме водата, не би можеле да постојат. Животот, барем онаков каков што го познаваме, би бил невозможен. Брендон Картер покажал дека далеку помали промени во g би ги претвориле сите ѕвезди или во сини џинови или во црвени џуџиња, со подеднакво ужасни последици за животот“. Така, Дејвис заклучува: „Во овој случај, можеме да сфатиме дека постои само еден можен универзум. Ако е тоа така, впечатлива е мислата дека нашето сопствено постоење како свесни суштества е неизбежна последица на логика“ (Курзивот е од нас).
17. а) Што покажуваат јасно дизајнирањето и намерата на универзумот? б) Како ова е потврдено во Библијата?
17 Што можеме да заклучиме од сето ова? Прво, ако универзумот го управуваат закони тогаш мора да има еден интелигентен законодавец кој ги формулира, или ги поставува тие закони. Освен тоа, бидејќи законите што управуваат со функционирањето на универзумот изгледа се создадени како да се очекувало живот и услови погодни за негово одржување, јасно е дека е вклучена намера. Дизајнирање и намера — ова не се карактеристики на слепа случајност; тие се токму она што би го покажал еден интелигентен Творец. И тоа е токму она на кое укажува Библијата кога изјавува: „Бидејќи она што може да се знае за Бог е видливо меѓу нив, зашто Бог им го направи видливо. Зашто неговите невидливи својства, дури и неговата вечна моќ и Божество, јасно се гледаат од создавањето на светот па наваму, бидејќи се согледуваат по она што е направено“ (Римјаните 1:19, 20; Исаија 45:18; Еремија 10:12).
Изобилни докази околу нас
18. а) Во што друго се видливи дизајнирање и намера? б) Кои познати примери на интелигентно дизајнирање можеш да ги наведеш?
18 Се разбира, дизајнирање и намера се гледа не само во уредното функционирање на универзумот туку и во начинот на кој живите суштества, едноставни и сложени, ги вршат своите секојдневни активности, како и во начинот на кој тие делуваат заемно и со околината. На пример, скоро во секој дел од човечкото тело — мозокот, окото, увото, раката — се гледа толку сложено дизајнирање што современата наука не може во потполност да го објасни. Исто така, постои животински и растителен свет. Годишната миграција на извесни птици преку илјадници километри над копно и море, процесот на фотосинтеза кај билките, развојот на едно оплодено јајце во комплексен организам со милиони различни клетки со специјализирани функции — што се само неколку примери — се истакнат доказ за интелигентно дизајнирање.a
19. а) Дали научното објаснување за тоа како некои работи функционираат докажува дека нема интелигентно дизајнирање или дизајнер? б) Што можеме да научиме ако го проучуваме светот околу нас?
19 Меѓутоа, некои упорно тврдат дека зголеменото спознание на науката дава објасненија за голем број од овие достигнувања. Вистина, науката објаснила, до извесен степен, многу работи кои некогаш биле мистерија. Но тоа што едно дете открило како работи часовникот не е доказ дека никој не го дизајнирал и направил тој часовник. Слично на тоа, нашето разбирање на чудесниот начин на кој многу работи во физичкиот свет функционираат не е доказ дека зад нив не стои интелигентен дизајнер. Напротив, колку повеќе знаеме за светот околу нас толку повеќе имаме докази дека постои еден интелигентен Творец, Бог. Така, со отворен ум, можеме да се согласиме со она што го признал псалмистот: „Колку се бројни Твоите дела, о Господи! со мудрост направи сѐ: земјата е полна со Твои созданија“ (Псалм 104:24).
Библијата — можеш ли да ѝ веруваш?
20. Што покажува дека верувањето во Бог не е доволно за да поттикне некого да трага по него?
20 Верувањето дека постои Бог, сепак, не е доволно за да ги поттикне луѓето да го бараат. Денес постојат милиони луѓе кои не го отфрлиле во потполност верувањето во Бог, но тоа пак не ги поттикнало да трагаат по Него. Американскиот анкетар Џорџ Галуп Помладиот забележува дека „навистина, кога станува збор за мамење, избегнување даноци и ситни кражби, не може да се види голема разлика меѓу луѓето кои се поврзани со некоја црква и оние кои не се, поради тоа што постои многу формалистичка религија“. Тој додава дека „многумина едноставно си прават своја религија која им годи, пријатно ги возбудува и не е задолжително тешка. Некои ја нарекуваат религија а ла карт. Средишната слабост на христијанството во оваа земја [САД] денес е тоа: верувањето нема цврстина“.
21, 22. а) Што ја прави Библијата истакната книга? б) Кој е основниот доказ за автентичноста на Библијата? Објасни.
21 Таа ‚средишна слабост‘ во голема мера е резултат на недостиг на спознание и вера во Библијата. Но врз каква основа да се верува во Библијата? Пред сѐ, треба да се забележи дека низ вековите, веројатно ниту една друга книга не била толку неправедно критизирана, злоупотребувана, омразена и нападната како што била Библијата. Сепак, таа го преживеала сето тоа и станала најпреведуваната и најраспространетата книга во историјата. Самото тоа ја прави Библијата истакната книга. Но има и изобилни, убедливи докази дека Библијата е книга инспирирана од Бог и дека е достојна да ѝ веруваме. (Види рамка, страници 340, 341.)
22 И покрај тоа што многумина, помалку или повеќе, претпоставуваат дека Библијата е ненаучна, противречна и застарена, фактите покажуваат нешто друго. Единственоста на нејзиниот автор, нејзината историска и научна точност и нејзините непогрешливи пророштва — сите тие укажуваат на еден неминовен заклучок: Библијата е инспирираната реч Божја. Како што рекол апостол Павле: „Целото Писмо е инспирирано од Бог и корисно“ (2. Тимотеј 3:16).
Соочени со предизвикот на неверието
23. Што можеме да заклучиме во врска со Библијата кога ги земаме предвид сите факти?
23 Откако ги разгледавме доказите од книгата на создавањето и од Библијата, што ќе заклучиме? Едноставно, дека овие книги се важечки денес исто толку колку што биле важечки отсекогаш. Кога сме спремни да гледаме на работата објективно, наместо да се колебаме поради однапред смислени идеи, ќе откриеме дека секаков приговор може да се надмине на разумен начин. Одговорите се тука, само ако сме спремни да ги бараме. Исус рекол: „Постојано барајте, и ќе најдете“ (Матеј 7:7; Дела 17:11).
24. а) Зошто многумина се откажале од својата потрага по Бог? б) Со што можеме да се утешиме? в) Што ќе се разгледува во преостатанатиот дел од оваа книга?
24 На крајот на краиштата, повеќето луѓе кои се откажале од потрагата по Бог не го сториле тоа затоа што внимателно ги испитале за себе доказите и откриле дека Библијата е невистинита. Наместо тоа, многумина од нив се одвратиле поради пропустот на христијанскиот свет да го претстави вистинскиот Бог на Библијата. Како што навел францускиот писател П. Валадие: „Христијанската традиција е таа што го дала атеизмот како свој плод; таа водела до убивање на Бог во свеста на луѓето затоа што го претставила како Бог во кој не може да се верува“. Како и да е, можеме да се утешиме со зборовите на апостол Павле: „Тогаш, за што се работи? Ако некои не изразиле вера, дали можеби нивниот недостиг на вера ќе ја направи Божјата верност неделотворна? Никогаш да не се случи тоа! Туку Бог нека се најде вистинит, макар секој човек се покажува лажливец“ (Римјаните 3:3, 4). Да, постојат изобилство причини да продолжиме со потрагата по вистинскиот Бог. Во преостанатите поглавја од оваа книга, ќе видиме како потрагата успешно дошла до крајот и каква иднина му претстои на човештвото.
[Фуснота]
a За подетално објаснување на овие докази за постоењето на Бог, види ја книгата Животот — како настанал? Со еволуција или со создавање?, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc., 1999, страници 142—178.
[Рамка на страници 340 и 341]
Докази за автентичноста на Библијата
Единственост на авторот: Од својата прва книга, Битие, до последната, Откровение, Библијата се состои од 66 книги кои ги напишале околу 40 писатели со многу различна општествена, образовна и професионална заднина. Пишувањето се одвивало во период од 16 века, од 1513 пр.н.е. до 98 н.е. Сепак, крајниот резултат е една книга која е хармонична и поврзана, и го осликува логичниот развој на една важна тема — оправдувањето на Бог и на неговата намера преку Месијанското Царство. (Види рамка, страница 241.)
Историска точност: Настаните кои се запишани во Библијата се во потполн склад со докажаните историски факти. Книгата A Lawyer Examines the Bible (Еден адвокат ја испитува Библијата) забележува: „Додека бајките, легендите и лажните сведоштва внимателно ги поместуваат настаните за кои зборуваат во некое далечно место и во некое неодредено време . . . библиските раскази со крајна прецизност ни го даваат датумот и местото на работите за кои се зборува“ (Езекиел 1:1—3). А The New Bible Dictionary вели: „[Писателот на Дела] го става својот расказ во рамките на тогашната историја; неговите страници се полни со осврти на градски магистрати, провинциски гувернери, вазални цареви и слично, а овие осврти секогаш одново се покажуваат вистинити во однос на местото и времето за кое станува збор“ (Дела 4:5, 6; 18:12; 23:26).
Научна точност: Законите за карантин и за хигиена им биле дадени на Израелците во книгата Левит во време кога околните нации не знаеле ништо за такви практики. Циклусот на врнежи и испарување на океанот, непознат во древни времиња, е опишан во Проповедник 1:7. Во Исаија 40:22 и Јов 26:7 стои дека Земјата е сферична и виси во просторот, нешто што не било потврдено од науката сѐ до 16 век. Повеќе од 2.200 години пред Вилијам Харви да ги објави своите пронајдоци во врска со циркулацијата на крвта, Пословици 4:23 укажува на улогата на човечкото срце. Значи, иако Библијата не е научен прирачник, кога допира теми што се однесуваат на науката, покажува длабоко разбирање кое ја става далеку пред своето време.
Непогрешливи пророштва: Уништувањето на древниот Тир, падот на Вавилон, повторната изградба на Ерусалим, подемот и падот на царевите на Медо-Персија и Грција биле проречени во такви детали што критичарите, иако залудно, тврделе дека тие се напишани отпосле (Исаија 13:17—19; 44:27—45:1; Езекиел 26:3—7, Даниел 8:1—7, 20—22). Пророштвата за Исус, кои биле изречени со векови пред да се роди, се исполниле во детали. (Види рамка, страница 245.) Исусовите сопствени пророштва за уништувањето на Ерусалим биле точно исполнети (Лука 19:41—44; 21:20, 21). Пророштвата за последните денови што ги дале Исус и апостол Павле се исполнуваат во наше време (Матеј 24; Марко 13; Лука 21; 2. Тимотеј 3:1—5). Сепак, сите пророштва Библијата ги припишува на еден Извор, Јехова Бог (2. Петрово 1:20, 21).
[Слики на страница 333]
Дарвин, Маркс, Фројд, Ниче и други предложиле теории кои ја поткопале верата во Бог
[Слики на страница 335]
„Книгата“ на создавањето и Библијата ја даваат основата за верување во Бог
[Слики на страница 338]
Колку повеќе знаеме за светот околу нас толку повеќе докази имаме за еден интелигентен Творец
[Графикон/слика на страница 337]
Животот и универзумот не би биле можни ако извесни фактори на планирање би биле макар за делче поинакви
[Графикон]
(Види во публикацијата)
ДЕЛОВИ НА ВОДОРОДНИОТ АТОМ
електронска обвивка
Протон + јадро
ЕЛЕКТРОН