СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 49
Воскресението — сигурна надеж!
Имам надеж дека Бог ќе ги воскресне и праведните и неправедните (ДЕЛА 24:15)
ПЕСНА 151 Јехова ќе ги повика
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1-2. Каква прекрасна надеж имаат вистинските Божји слуги?
НАДЕЖТА е многу важна. Некои луѓе се надеваат дека ќе имаат среќен брак, дека децата ќе им бидат живи и здрави или дека ќе закрепнат од некоја тешка болест. И ние како христијани ги посакуваме истите работи. Но, нашата надеж не се сведува само на тоа. Ние се надеваме дека ќе живееме засекогаш и дека нашите најмили кои починале повторно ќе бидат вратени во живот.
2 Апостол Павле рекол: „Имам надеж... дека Бог ќе ги воскресне и праведните и неправедните“ (Дела 24:15). Павле не бил првиот што зборувал за надежта во воскресение. И верниот Божји слуга Јов зборувал за тоа. Тој бил уверен дека Бог ќе се сети на него и дека повторно ќе го врати во живот (Јов 14:7-10, 12-15).
3. Како може да ни помогне 1. Коринќаните, поглавје 15?
3 „Воскресението на мртвите“ е основно учење и дел од темелот на сите христијански верувања (Евр. 6:1, 2). Павле зборува подетално за оваа тема во 1. Коринќаните, поглавје 15. Она што го напишал сигурно многу ги охрабрило христијаните во првиот век. Тоа поглавје може да нѐ охрабри и нас, и да ни ја зајакне надежта во воскресение сеедно колку долго ја имаме.
4. Зошто може да бидеме сигурни дека нашите најблиски што починале ќе воскреснат?
4 Воскресението на Исус Христос е гаранција дека, ако некој од нашите најмили почине, сигурно ќе биде вратен во живот. Тоа било дел од „добрата вест“ што Павле им ја објавил на Коринќаните (1. Кор. 15:1, 2). Всушност, тој рекол дека, ако еден христијанин не верувал во тоа воскресение, неговата вера би била залудна (1. Кор. 15:17). Нашата христијанска надеж е сигурна затоа што се темели на воскресението на Исус.
5-6. Што значат за нас зборовите од 1. Коринќаните 15:3, 4?
5 Кога почнал да пишува за воскресението, апостол Павле спомнал три факти. Тој рекол: 1) „Христос умре за нашите гревови“, 2) „беше погребан“ и 3) „воскресна на третиот ден, како што пишува во Писмата“. (Прочитај 1. Коринќаните 15:3, 4.)
6 Што значи за нас тоа што Христос умрел, бил погребан и потоа воскреснал? Пророкот Исаија претскажал дека Месијата ќе биде „истргнат од земјата на живите“ и дека „гробот ќе му биде меѓу злосторниците“. Но тоа не било сѐ. Исаија додал дека Месијата ќе го „понесе гревот на мнозина“. Исус го сторил тоа така што го дал својот живот како откупнина (Иса. 53:8, 9, 12; Мат. 20:28; Рим. 5:8). Значи, тоа што Христос умрел, бил погребан и потоа воскреснал, за нас е цврста гаранција дека ќе бидеме ослободени од гревот и смртта, и дека повторно ќе бидеме заедно со нашите најмили кои починале.
СВЕДОШТВА ОД МНОГУ ОЧЕВИДЦИ
7-8. Зошто христијаните се сигурни дека Исус воскреснал?
7 Нашата надеж во воскресение е поврзана со воскресението на Исус. Затоа треба да се увериме дека тој навистина воскреснал. Зошто може да бидеме сигурни дека Јехова го вратил својот Син во живот?
8 Имало многу очевидци кои посведочиле дека Исус бил воскреснат (1. Кор. 15:5-7). Првиот сведок што го спомнал Павле бил апостол Петар, односно Кифа. Една група ученици потврдиле дека Петар го видел воскреснатиот Исус (Лука 24:33, 34). Освен тоа, дванаесеттемина, односно апостолите, го виделе Исус откако бил воскреснат. Потоа, во една прилика тој им се појавил на повеќе од 500 браќа. Ова веројатно се однесува на радосната средба што ја имал со нив во Галилеја, која е спомната во Матеј 28:16-20. Исус очигледно му се појавил и на својот полубрат Јаков, кој пред тоа не верувал дека тој е Месијата (Јован 7:5). Откако го видел воскреснатиот Исус, Јаков поверувал во него. Интересно е што околу 55 год. од н.е., кога Павле го напишал ова послание, многу од очевидците на воскресението сѐ уште биле живи. Затоа, секој што се сомневал можел да оди и да ги праша тие веродостојни сведоци.
9. Според Дела 9:3-5, како она што му се случило на Павле е уште еден доказ дека Исус навистина воскреснал?
9 Подоцна Исус му се појавил во видение и на самиот Павле, односно Савле (1. Кор. 15:8). Тој бил на пат за Дамаск кога го слушнал гласот на воскреснатиот Исус. (Прочитај Дела 9:3-5.) Она што му се случило на Павле било уште еден доказ дека Исус навистина воскреснал (Дела 26:12-15).
10. На што бил спремен Павле затоа што бил сигурен дека Исус воскреснал од мртвите?
10 Сведоштвото на Павле може да биде од особена важност за некои луѓе бидејќи тој пред тоа ги прогонувал христијаните. Откако се уверил дека Исус воскреснал, Павле се трудел со сите сили да ги увери и другите во тоа. Тој бил тепан, затворан и преживеал бродолом додека ја ширел вистината дека Исус умрел и дека повторно е жив (1. Кор. 15:9-11; 2. Кор. 11:23-27). Павле бил толку сигурен дека Исус воскреснал од мртвите што бил спремен да го брани ова свое уверување дури и по цена на својот живот. Зарем ова сведоштво на првите христијани не те уверува дека Исус навистина воскреснал? Зарем не ја зајакнува уште повеќе твојата вера во воскресението?
ПОГРЕШНИ ГЛЕДИШТА ЗА ВОСКРЕСЕНИЕТО
11. Зошто можеби некои христијани во Коринт имале погрешни гледишта за воскресението?
11 Некои христијани во грчкиот град Коринт имале погрешно гледиште за воскресението, па дури оделе дотаму што тврделе дека нема воскресение на мртвите. Зошто? (1. Кор. 15:12). Филозофите од еден друг грчки град, Атина, ја исмевале идејата дека Исус воскреснал. Таквото размислување можеби влијаело врз некои христијани во Коринт (Дела 17:18, 31, 32). Други можеби мислеле дека воскресението е само симболично, односно сметале дека некои порано биле „мртви“ во своите гревови, но „оживеале“ кога станале христијани. Сеедно од која причина го отфрлале воскресението, без тоа нивната вера била залудна. Ако Бог не го воскреснал Исус, тогаш не била платена откупнина и немало простување на гревовите. Затоа, оние што не верувале во воскресение немале вистинска надеж (1. Кор. 15:13-19; Евр. 9:12, 14).
12. Во склад со 1. Петрово 3:18, 22, во која смисла воскресението на Исус се разликува од претходните воскресенија?
12 Павле од прва рака знаел дека Христос воскреснал од мртвите. Ова воскресение било подобро од претходните воскресенија. Зошто? Бидејќи луѓето што биле воскреснати пред тоа, подоцна повторно умреле. Павле рекол дека Исус е „првина од оние што умреле“. Во која смисла? Исус бил првиот што бил воскреснат како духовно суштество и првиот човек што се вознел на небото (1. Кор. 15:20; Дела 26:23; прочитај 1. Петрово 3:18, 22).
ОНИЕ ШТО ЌЕ ОЖИВЕАТ
13. Како Павле ја објаснува разликата меѓу последиците од непослушноста на Адам и благословите од жртвата на Исус?
13 Како може преку смртта на еден човек да добијат живот милиони луѓе? Павле дава јасен одговор на ова прашање. Тој ја објаснува разликата меѓу последиците од непослушноста на Адам и благословите од жртвата на Христос. Во врска со Адам, Павле напишал: „Смртта дојде преку човек“. Гревот на Адам значел смрт за него и за неговите потомци. Ние до ден-денес ги чувствуваме страшните последици од неговата непослушност. Но, затоа што Бог го воскреснал својот Син, нѐ очекува прекрасна иднина. „Воскресението на мртвите“ исто така „доаѓа преку човек“ — Исус. Павле напишал: „Зашто, како што во Адам сите умираат, така и во Христос сите ќе оживеат (1. Кор. 15:21, 22).
14. Дали Адам ќе воскресне? Објасни.
14 Што мислел Павле кога рекол дека „во Адам сите умираат“? Тој мислел на потомците на Адам кои наследиле грев и несовршенство од него и затоа умираат (Рим. 5:12). Адам не е еден од оние што „ќе оживеат“. Откупнината на Христос не важи за него затоа што тој бил совршен човек кој намерно не го послушал Бог. Она што му се случило на Адам — „вечна смрт“ — ги очекува и сите други кои „Синот човечки“ ќе ги осуди како јарци (Мат. 25:31-33, 46; Евр. 5:9).
15. Кој спаѓа во „сите“ што „ќе оживеат“?
15 Забележи дека Павле рекол: „Во Христос сите ќе оживеат“ (1. Кор. 15:22). Тој им го напишал своето послание на помазаните христијани во Коринт, кои ќе бидат воскреснати за живот на небото. Овие христијани биле „посветени во единство со Христос Исус, повикани да бидат свети“. Павле ги спомнува и „оние што умреле во единство со Христос“ (1. Кор. 1:2; 15:18; 2. Кор. 5:17). Во едно друго свое послание тој напишал дека оние што се „обединети со [Исус] во смрт слична на неговата“ ќе бидат „обединети со него и во воскресение слично на неговото“ (Рим. 6:3-5). Исус бил воскреснат како духовно суштество и се вознел на небото. Истото тоа ќе се случи и со сите што се „во единство со Христос“, односно со сите помазани христијани.
16. На што укажал Павле кога го нарекол Исус „првина“?
16 Павле напишал дека Христос воскреснал како „првина од оние што умреле“. Имај на ум дека пред тоа некои други, како што бил Лазар, биле вратени во живот на Земјата. Но, Христос бил првиот што воскреснал од мртвите како духовно суштество и првиот што добил вечен живот. Тој може да се спореди со првините од жетвата кои Израелците му ги принесувале на Бог. Исто така, со тоа што го нарекол Исус „првина“, Павле укажал дека подоцна и други ќе бидат воскреснати за небесен живот. Апостолите и другите што се во единство со Христос требало да воскреснат за живот на небото исто како што воскреснал Исус.
17. Кога требало да ја добијат својата небесна награда оние кои се „во единство со Христос“?
17 Кога Павле им го напишал своето послание на Коринќаните, небесното воскресение на оние што се „во единство со Христос“ сѐ уште не било започнато. Всушност, Павле зборувал за нешто што требало да се случи во иднина. Тој рекол: „Секој по својот ред: Христос како првина, а потоа, за време на неговата присутност, оние што се Христови“ (1. Кор. 15:23; 1. Сол. 4:15, 16). Денес живееме во времето на Христовата присутност за која зборувал Павле. Апостолите и другите помазани христијани кои умреле требало да чекаат да дојде тоа време за да ја добијат својата небесна награда и да бидат „обединети со [Исус] во воскресение слично на неговото“.
НАШАТА НАДЕЖ СИГУРНО ЌЕ СЕ ИСПОЛНИ!
18. а) Зошто може да заклучиме дека по небесното воскресение ќе следи уште едно воскресение? б) Според 1. Коринќаните 15:24-26, што ќе се случува на небото?
18 Но, што ќе се случи со сите други верни христијани кои нема да живеат заедно со Исус на небото? И тие имаат надеж во воскресение. Библијата вели дека Павле и другите кои одат на небото имаат удел во „пораното воскресение од мртвите“ (Фил. 3:11). Ова покажува дека ќе има уште едно воскресение. Тоа е во склад со она во што верувал Јов (Јов 14:15). „Оние што се Христови“ ќе бидат со Исус на небото кога тој ќе ги уништи сите влади и секоја власт и сила. Ќе биде уништена дури и смртта „како последен непријател“. Оние што ќе воскреснат на небото никогаш повеќе нема да умрат. Но што ќе се случи со оние што немаат надеж за небесен живот? (Прочитај 1. Коринќаните 15:24-26.)
19. Што можат да очекуваат оние што се надеваат дека ќе живеат на Земјата?
19 Што можат да очекуваат оние што се надеваат дека ќе живеат на Земјата? Тие можат да се охрабрат од следните зборови на Павле: „Имам надеж... дека Бог ќе ги воскресне и праведните и неправедните“ (Дела 24:15). Бидејќи е јасно дека ниту еден неправеден човек не може да оди на небото, овие зборови укажуваат на идно воскресение на Земјата.
20. Како оваа статија ја зајакна твојата надеж во воскресението?
20 Нема никаков сомнеж дека ќе има воскресение. Оние што ќе бидат вратени во живот на Земјата ќе имаат можност да живеат засекогаш. Можеш да бидеш уверен дека ова ветување сигурно ќе се исполни. Тоа може да те утеши кога размислуваш за твоите најмили кои починале. Тие ќе можат да воскреснат кога Христос и другите помазани христијани „ќе царуваат... илјада години“ (Отк. 20:6). И ти можеш да бидеш сигурен дека ќе воскреснеш ако се случи да умреш пред да започне Христовото илјадагодишно владеење. Оваа надеж „нема да разочара“ (Рим. 5:5). Таа може уште сега да ти дава сила и да ти причинува уште поголема радост додека му служиш на Бог. Во следната статија ќе научиме уште нешто од 1. Коринќаните, поглавје 15.
ПЕСНА 147 Ветен ни е вечен живот
a Во 1. Коринќаните, поглавје 15, се зборува за воскресението. Зошто ова учење е важно за нас, и зошто можеме да бидеме сигурни дека Исус воскреснал? Во оваа статија ќе ги разгледаме овие и други важни прашања во врска со воскресението.
b ОПИС НА СЛИКАТА: Исус е првиот што воскреснал за живот на небото (Дела 1:9). Некои негови ученици кои исто така добиле небесен живот се Тома, Јаков, Лидија, Јован, Марија и Павле.
c ОПИС НА СЛИКАТА: На еден брат му починала жената со која долги години му служел на Јехова. Тој е уверен дека таа ќе воскресне, и продолжува верно да му служи на Бог.