СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 10
ПЕСНА 13 Исус, нашиот пример
Продолжи да го следиш Исус и по крштавањето
Ако некој сака да оди по мене, нека се одрече од себе и секој ден нека го зема својот маченички столб и нека појде по мене! (ЛУКА 9:23)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Оваа статија може да ни помогне на сите нас да размислиме како заветот што сме му го дале на Јехова влијае врз нашиот начин на живот. Таа особено може да им помогне на оние што неодамна се крстиле да останат верни.
1-2. Откако некој ќе се крсти, како животот му станува подобар?
СЕКОЈ од нас чувствувал голема радост кога се крстил и станал дел од Јеховиното семејство. Оние што ја имаат честа да бидат пријатели со Јехова се согласуваат со зборовите што ги кажал псалмистот Давид, кој рекол: „Среќен е оној кого ти [Јехова] ќе го одбереш и кому му дозволуваш да ти се приближи, за да живее во твоите дворови“ (Пс. 65:4).
2 Кому Јехова му дозволува да живее во неговите дворови, односно да биде негов пријател? Како што видовме во претходната статија, тој избира да се зближи со оние што ќе покажат дека сакаат да бидат блиски со него (Јак. 4:8). Кога ќе му го заветуваш својот живот на Јехова и ќе се крстиш, ти се зближуваш со него на еден посебен начин. Можеш да бидеш сигурен дека, по твоето крштавање, тој ќе ти излее благослов додека не биде доста (Мал. 3:10; Ерем. 17:7, 8).
3. Каква сериозна одговорност имаат оние христијани што му го заветувале својот живот на Јехова и се крстиле? (Проповедник 5:4, 5).
3 Се разбира, крштавањето е само почеток. Откако ќе го направиш тој чекор, ти ќе имаш желба да даваш сѐ од себе за да живееш во склад со твојот завет, дури и кога ќе се соочуваш со искушенија или испити на верата. (Прочитај Проповедник 5:4, 5.) Како ученик на Исус, ти ќе се трудиш тесно да го следиш неговиот пример и да се држиш за неговите заповеди (Мат. 28:19, 20; 1. Пет. 2:21). Оваа статија ќе ти помогне да го правиш тоа.
ПРОДОЛЖИ ДА ГО СЛЕДИШ ИСУС И ПОКРАЈ НЕВОЛЈИТЕ И ИСКУШЕНИЈАТА
4. Во која смисла учениците на Исус носат „маченички столб“? (Лука 9:23).
4 Откако ќе се крстиш, твојот живот нема да биде без проблеми. Напротив, Исус јасно кажал дека неговите ученици ќе носат „маченички столб“. Всушност, тие ќе го прават тоа „секој ден“. (Прочитај Лука 9:23.) Дали Исус сакал да каже дека неговите следбеници секогаш ќе страдаат? Воопшто не. Тој едноставно нагласил дека, освен благослови, тие ќе имаат и тешкотии. Некои од тие тешкотии можат да ни предизвикуваат голема болка (2. Тим. 3:12).
5. Какви благослови им ветил Исус на оние што прават жртви?
5 Можеби си се соочил со противење од семејството или можеби си жртвувал нешто во материјален поглед за да можеш да го ставиш Божјето Царство на прво место во твојот живот (Мат. 6:33). Ако е така, можеш да бидеш сигурен дека Јехова го забележал сето она што си го направил за него (Евр. 6:10). Веројатно и самиот си се уверил во вистинитоста на Исусовите зборови: „Никој не оставил куќа или браќа или сестри или мајка или татко или деца или ниви поради мене и поради добрата вест, а да не прими сега, во ова време, стократно: и куќи и браќа и сестри и мајки и деца и ниви, со прогонства, а во поредокот што доаѓа и вечен живот“ (Мар. 10:29, 30). Благословите што си ги добил се многу поголеми од која и да било жртва што си ја направил (Пс. 37:4).
6. Зошто по крштавањето ќе треба да продолжиш да се бориш со „желбата на телото“?
6 Сепак, по крштавањето сѐ уште ќе треба да се бориш со „желбата на телото“ (1. Јов. 2:16). Тоа е така бидејќи сѐ уште си несовршен потомок на Адам. Понекогаш, можеби ќе се чувствуваш слично како апостол Павле, кој напишал: „Според својот внатрешен човек навистина уживам во Божјиот закон, но во своите делови на телото гледам друг закон, кој војува против законот на мојот ум и ме заробува со законот на гревот, кој е во моите делови на телото“ (Рим. 7:22, 23). Можеби ќе бидеш обесхрабрен затоа што мора да се бориш со погрешни желби. Но, тоа што ќе размислуваш за ветувањето што си му го дал на Јехова кога си му го заветувал својот живот, ќе ти ја зајакне решеноста да се бориш против искушенијата. Всушност, заветот што си го дал ќе ти помогне кога ќе се соочиш со искушенија. Како?
7. Како тоа што ќе му се заветуваш на Јехова ќе ти помогне да му останеш верен?
7 Кога му го заветуваш својот живот на Јехова, ти се одрекуваш од себе. Ова значи дека одлучуваш да ги отфрлиш личните желби и цели кои не му се допаѓаат на Јехова (Мат. 16:24). Затоа, кога ќе се соочиш со некое искушение или тешка ситуација, нема да има потреба да се прашуваш како ќе постапиш. Веќе ќе ги имаш отфрлено сите други опции освен една — да му останеш верен на Јехова. И понатаму ќе бидеш цврсто решен да го радуваш Јехова. Во тој поглед ќе бидеш како Јов. Иако се соочил со исклучително тешки ситуации, тој одлучно рекол: „Нема да отстапам од својата непорочност!“ (Јов 27:5).
8. Како тоа што ќе размислуваш за заветот што си му го дал на Јехова во молитва ќе ти помогне да им се спротивставиш на искушенијата?
8 Тоа што ќе размислуваш за заветот што си му го дал на Јехова во молитва ќе ти даде сила да му се спротивставиш на секое искушение. На пример, дали ќе почнеш да флертуваш со некој што е во брак? Се разбира дека не! Ти веќе си му ветил на Јехова дека никогаш нема да направиш такво нешто. Ако не дозволиш во тебе да се развијат неисправни чувства, подоцна нема да мора да се трудиш да ги искорениш. Со тоа, ќе се тргнеш од „патеката на расипаните луѓе“ (Изр. 4:14, 15).
9. Како тоа што ќе размислуваш за заветот што си му го дал на Јехова во молитва може да ти помогне и понатаму да ги ставаш духовните активности на прво место?
9 Што ако ти биде понудено вработување кое ќе те спречи редовно да присуствуваш на собраниските состаноци? Ти нема да се двоумиш како да постапиш. Уште долго пред да ја добиеш таа понуда, ти веќе си одлучил да не прифаќаш такво вработување. Така, нема да има потреба да се трудиш да ги избегнеш последиците од лошата одлука што си ја донел. Може да ти помогне тоа што ќе размислуваш за примерот на Исус. Тој бил решен да го радува својот Татко. Исто како Исус, биди решен брзо и одлучно да отфрлиш сѐ што не му е по волја на Богот на кого си му дал завет (Мат. 4:10; Јован 8:29).
10. Како Јехова ќе ти помага да продолжиш да го следиш Исус и по крштавањето?
10 Факт е дека неволјите и искушенијата ти даваат можност да покажеш дека си решен да продолжиш да го следиш Исус. Додека го правиш тоа, можеш да бидеш сигурен дека Јехова ќе ти помага. Библијата вели: „Бог е верен и нема да дозволи да бидете искушани повеќе отколку што можете да поднесете, туку ќе направи излез кога ќе дојде искушението за да можете да го издржите“ (1. Кор. 10:13).
ШТО ДА ПРАВИШ ЗА ДА ПРОДОЛЖИШ ДА ГО СЛЕДИШ ИСУС
11. Кој е еден од најдобрите начини да продолжиш да го следиш Исус? (Види ја и сликата.)
11 Исус бил ревносен и останал близок со Јехова така што му се молел (Лука 6:12). Всушност, еден од најдобрите начини да продолжиш да го следиш Исус по крштавањето е така што и понатаму ќе учествуваш во активности кои ќе ти помогнат да се зближиш со Јехова. Библијата вели: „Сеедно колку сме напредувале досега, да продолжиме да одиме со истиот вообичаен чекор“ (Фил. 3:16). Одвреме-навреме, ќе чуеш искуства за браќа и сестри кои решиле да прават повеќе во службата за Јехова. Можеби присуствувале на Школата за полновремени објавители или се преселиле онаму каде што има поголема потреба. Ако околностите ти дозволуваат да си поставиш таква цел, немој да се двоумиш да го сториш тоа. Слугите на Јехова имаат голема желба да прават повеќе за него (Дела 16:9). Но, што ако во моментов не си во можност за такво нешто? Немој да мислиш дека помалку вредиш од оние што имаат таква можност. За нас како христијани е важно да истраеме до крајот (Мат. 10:22). Не заборавај дека Јехова многу се радува кога му служиш во склад со твоите способности и околности. Ова е еден важен начин на кој можеш да продолжиш да го следиш Исус и по крштавањето (Пс. 26:1).
12-13. Што можеш да правиш ако твојата ревност почнала да се намалува? (1. Коринќаните 9:16, 17; види ја и рамката „Остани во трката“.)
12 Што треба да правиш ако забележиш дека твоите молитви станале механички или дека службата на проповедање си почнал да ја извршуваш рутински? Што ако повеќе не уживаш во читањето на Библијата како порано? Ако тоа се случува и со тебе откако си се крстил, немој да заклучиш дека си го изгубил Јеховиниот дух. Бидејќи си несовршен, твоите чувства одвреме-навреме можат да се менуваат. Ако твојата ревност почнува да се намалува, размислувај за примерот на апостол Павле. Иако се трудел да го следи примерот на Исус, тој знаел дека понекогаш нема да има силна желба да го прави она што е потребно. (Прочитај 1. Коринќаните 9:16, 17.) Тој рекол: „Ако го правам тоа против своја волја, сепак ми е доверена задача“. Со други зборови, Павле бил решен да ја извршува својата служба без разлика како можеби се чувствувал во моментот.
13 Слично на тоа, не дозволувај твоите несовршени чувства да влијаат врз твоите одлуки. Биди решен да го правиш она што е исправно без разлика како се чувствуваш. Ако продолжиш да го правиш она што е исправно, со текот на времето твоите чувства можеби ќе се сменат. Дотогаш, тоа што и понатаму ќе имаш добри духовни навики, ќе ти помогне да продолжиш да го следиш Исус и по крштавањето. Освен тоа, кога твоите браќа и сестри ќе видат дека истрајно му служиш на Јехова, ќе бидат охрабрени (1. Сол. 5:11).
„ИСПИТУВАЈТЕ... ПРОВЕРУВАЈТЕ“
14. За кои работи треба редовно да се преиспитуваш, и зошто? (2. Коринќаните 13:5).
14 Откако ќе се крстиш, важно е редовно да се преиспитуваш. (Прочитај 2. Коринќаните 13:5.) Одвреме-навреме, добро е внимателно да размислиш за својот живот и за твоите навики за да видиш дали се молиш секој ден, дали ја читаш и проучуваш Библијата, дали присуствуваш на состаноците и дали учествуваш во службата на проповедање. Обиди се да најдеш начини за уште повеќе да уживаш во овие активности и да извлечеш поголема корист од нив. На пример, поставувај си прашања како што се следниве: „Можам ли на другите да им ги објаснам основните библиски учења? Што би можел да направам за повеќе да уживам во службата на проповедање? Дали моите молитви се конкретни и дали покажуваат дека целосно се потпирам на Јехова? Дали редовно присуствувам на собраниските состаноци? Што ќе ми помогне повнимателно да слушам на состаноците и подобро да коментирам?“
15-16. Што учиме од искуството на брат Роберт?
15 Исто така, добро е искрено да се преиспиташ во врска со твоите слабости. Колку е важно ова, се гледа од искуството на брат Роберт. Тој вели: „Кога имав околу 20 години, работев со скратено работно време. Еден ден после работа, една колешка ме покани кај неа дома. Таа ми рече дека ќе бидеме сами и дека ќе ни биде многу убаво. Во почетокот кажав неколку слаби изговори, но конечно кажав ’не‘ и ѝ објаснив зошто. Роберт му одолеал на искушението и тоа е за пофалба. Но, подоцна, кога размислувал за таа случка сфатил дека можел подобро да се справи со ситуацијата“. Тој признава: „Не ја одбив понудата толку брзо и решително како што Јосиф ја одбил сопругата на Петефри (1. Мој. 39:7-9). Всушност, се изненадив колку ми беше тешко да одбијам. Оваа случка ми помогна да сфатам дека треба да си го зацврстам пријателството со Јехова“.
16 И тебе би можело да ти користи ако се преиспиташ слично како што направил Роберт. Дури и кога ќе успееш да се спротивставиш на некое искушение, прашај се: „Колку долго ми требаше за да кажам ’не‘?“ Ако сфатиш дека има место за подобрување, немој да се обесхрабруваш. Биди среќен што сега си свесен за оваа слабост. Моли го Јехова во врска со тоа и преземи чекори за да ја зајакнеш својата решеност да живееш во склад со Јеховините морални мерила (Пс. 139:23, 24).
17. Како тоа што Роберт останал верен влијаело врз Јеховиното име?
17 Од искуството на Роберт можеме да научиме и нешто друго. Тој вели: „Откако ја одбив понудата на колешката, таа ми кажа: ’Го положи тестот!‘ Ја прашав што мисли со тоа. Таа ми објасни дека еден нејзин пријател, кој порано бил Јеховин сведок, ѝ кажал дека сите млади Сведоци водат двоен живот и дека, доколку им се укаже прилика, би направиле нешто што е неисправно. Таа му кажала на нејзиниот пријател дека ќе провери дали е тоа случај и со мене. Ми беше мило кога сфатив дека не сум му нанел срам на Јеховиното име“.
18. Што си решен да правиш по крштавањето? (Види ја и рамката „Статии во кои ќе уживаш“.)
18 Кога ќе му го заветуваш својот живот на Јехова и ќе се крстиш, ти покажуваш дека сакаш да го посветиш неговото име без разлика што ќе се случи. Можеш да бидеш сигурен дека Јехова е свесен за неволјите низ кои минуваш и за искушенијата на кои им се спротивставуваш. Тој ќе те поддржува додека се трудиш да му останеш верен. Имај доверба дека преку својот свет дух, тој ќе ти ја дава потребната сила за да успееш во тоа (Лука 11:11-13). Со Јеховина помош, ќе можеш да продолжиш да го следиш Исус и по твоето крштавање.
КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?
Во која смисла христијаните „секој ден“ носат „маченички столб“?
Што можеш да правиш за да продолжиш да го следиш Исус и по крштавањето?
Како тоа што ќе размислуваш за заветот што си му го дал на Јехова во молитва ќе ти помогне да му останеш верен?
ПЕСНА 89 Применувај сѐ што учиш