Кој навистина има небесен позив
ЈЕХОВА го љуби човечкиот род. Па, таа љубов е толку голема што го дал својот Син, Исус Христос, како откупнина да го откупи она што нашиот прататко Адам го изгубил! А што било тоа? Вечен, совршен човечки живот со сите права и изгледи (Јован 3:16). Откупнината исто така била израз на Исусовата љубов кон човештвото (Матеј 20:28).
Божествената љубов се покажала со отворањето на две надежи дадени од Бог на темел на заслугата на Исусовата откупна жртва (1. Јованово 2:1, 2). Пред Исус да умре како човек, единствената надеж за оние кои имале божествено одобрување бил животот во земскиот рај (Лука 23:43). Меѓутоа, после Пентакост 33, н. е., на едно ’мало стадо‘ Јехова му дал небесна надеж (Лука 12:32). Но што се случило во поново време? Од 1931, Царската порака повеќе обрнувала внимание на ’другите овци‘, а од 1935. наваму, Бог привлекол кон себе едно ’големо мноштво‘ од луѓе слични на овци преку Христос (Јован 10:16; Откровение 7:9). Бог ја ставил во нивните срца надежта во вечен живот во земскиот рај. Тие сакаат да јадат совршена храна, да владеат над животните со љубов и засекогаш да се радуваат на друштвото со другите праведни луѓе.
Сочувствителни свештеници и цареви
Бидејќи љубовта го поттикнала Исус да го даде својот живот како откупнина, тој сигурно ќе биде сочувствителен небески Цар. Сепак, Исус нема сам да го доведе човештвото до совршенство во текот на неговото Илјадагодишно Владетелство. Јехова направил подготовки за други сочувствителни цареви на небото. Да, тие ”ќе бидат свештеници на Бог и на Христос, и ќе владеат како цареви со него илјада години“ (Откровение 20:1-6, NW).
Колку совладари ќе има Христос, и како ќе бидат избрани за таква предност која влева стравопочитување? Апостол Јован видел 144 000 на небесната Гора Сион со Јагнето, Исус Христос. Како ’откупени од човештвото‘, тие ќе знаат што значи да се доживеат искушенија, да се поднесе товарот на несовршеноста, да се страда и да се умре како човек (Откровение 14:1-5, NW; Јов 14:1). Според тоа, ќе бидат сочувствителни цареви-свештеници.
Сведоштвото на духот
Овие 144 000 ’се помазани од светиот‘, Јехова (1. Јованово 2:20). Тоа е помазание за небеска надеж. Бог ’ставил печат на нив и им дал залог за она што ќе дојде, то ест духот, во нивните срца‘ (2. Коринтјаните 1:21, 22, NW).
Да, оние со небесен позив за тоа го имаат сведоштвото на Божјиот дух. Во врска со тоа, Павле во Римјаните 8:15-17 напишал: ”Оти вие не примивте дух на ропство, за да бидете во страв, туку Го примивте Духот на посинувањето, преку Кого велиме: Ава, Оче! Самиот Дух му сведочи на нашиот дух, дека ние сме чеда Божји. А ако сме, пак, чеда, ние сме и наследници Христови, но само ако со Него страдаме, та со Него и да се прославиме“. Со помош на Божјиот дух или делотворната сила, тие помазаници извикуваат ’Ава, Оче!‘
Главниот доказ дека некој бил помазан за небесен позив е духот, или доминантното чувство на посинување (Галатјаните 4:6, 7). Така лицето во потполност е сигурно дека било родено од Бог за духовно посинување како еден од 144 000 сонаследници на небесното Царство. Тој може да посведочи дека неговата небесна надеж не е негова сопствена желба која ја негувал или негова фантазија; тоа доаѓа од Јехова како последица на дејствувањето на Божјиот дух на него (1. Петрово 1:3, 4).
Под влијание на Божјиот свет дух, духот или ставот кој преовладува кај помазаните дејствува како движечка сила. Тоа ги тера позитивно да реагираат на она што Божјата Реч го кажува за небесната надеж. Тие исто така позитивно реагираат на Јеховиното постапување преку светиот дух. Според тоа, сигурни се дека се Божји духовни деца и наследници.
Кога помазаните читаат што кажува Божјата Реч за неговите духовни деца и небесната надеж, тие се склони спонтано да кажат во себеси ’Тоа се однесува на мене!‘ Да, радосно реагираат кога Речта на нивниот Татко им ветува небесна награда. Тие велат: ’Тоа се однесува на мене‘ кога читаат: ”Возљубени, сега сме чеда Божји!“. (1. Јованово 3:2). Освен тоа, кога помазаните читаат дека Бог довел луѓе ”да бидат одредени првенци од неговите творби“, тие се склони во себе да реагираат: ’Да, тој ме родил за таа цел‘ (Јаков 1:18, NW). Тие знаат дека биле ’крстени во Христос Исус‘ и во неговата смрт (Римјаните 6:3). Затоа се цврсто уверени дека се дел од Христовото духовно тело, негуваат надеж да доживеат смрт слична на неговата и дека ќе воскреснат во небесен живот.
За да го наследат небесното Царство, помазаните мораат ’да го прават најдоброто што можат за да го осигураат својот позив и избор‘ (2. Петрово 1:5-11, NW). Тие одат со вера и постојано духовно напредуваат, како што прават и оние со земска надеж. Значи, што уште му припаѓа на сведоштвото на духот?
Зошто ги земаат симболите
Помазаните христијани не сакаат да одат на небо затоа што се незадоволни со денешниот земски живот (Спореди Јуда 3, 4, 16.). Наместо тоа, светиот дух му сведочи на нивниот дух дека се Божји деца. Тие исто така се сигурни дека се земени во новиот сојуз. Учесници во овој сојуз се Јехова Бог и духовниот Израел (Еремија 31:31-34; Галатјаните 6:15, 16; Евреите 12:22-24). Овој сојуз, кој станал делотворен со Исусовата пролиена крв, избира народ за Јеховино име и ги прави овие помазани христијани дел од Аврахамовото ’семе‘ (Галатјаните 3:26-29; Дела на апостолите 15:14). Новиот сојуз останува да важи сѐ додека духовните Израелци не бидат воскреснати во бесмртен живот на небото.
Понатаму, оние кои вистински имаат небесен позив не се сомневаат дека се исто така во сојузот за небесно Царство. Исус укажал на овој сојуз помеѓу него самиот и неговите следбеници кога рекол: ”Вие сте тие кои истрајавте со мене во моите искушенија; и јас склопувам сојуз со вас, како што мојот Татко склопи сојуз со мене, за царство, да јадете и пиете на мојата маса во моето царство и да седите на престоли за да ги судите дванаесетте племиња Израелови“ (Лука 22:28-30, NW). Овој сојуз почнал да дејствува на Исусовите ученици со нивното помазание со свет дух на ден Пентакост 33. н. е. Тој ќе продолжи да дејствува помеѓу Христос и неговите придружени цареви во сета вечност (Откровение 22:5).
Оние кои имаат небесен позив се сигурни дека се во новиот сојуз и сојузот за Царство. Затоа, со право учествуваат во земањето на симболичниот леб и вино на годишните сеќавања на Господовата вечера, односно свеченоста во спомен на смртта на Исус Христос. Бесквасниот леб го симболизира Исусовото безгрешно човечко тело, а виното неговата совршена крв пролиена при смртта, со која е озаконет новиот сојуз (1. Коринтјаните 11:23-26).
Ако Јехова развил во тебе непобитна надеж за небесен живот, тогаш си сигурен во тоа. Изговараш молитви кои ја изразуваат таа надеж. Тоа те обзема, и ти не можеш да се ослободиш од тоа. Поседуваш изразити духовни тежнеења. Но ако си поделен и несигурен, тогаш навистина не би требало да земаш од симболите на Господовата вечера.
Зошто погрешни земања?
Некои можат погрешно да земаат од симболите на Спомен-свеченоста бидејќи вистински не признаваат дека помазанието ’не зависи од оној, кој пожелува, ниту од оној, кој трча, туку од Бога‘ (Римјаните 9:16). Не е до поединецот да одлучи дали тој или таа би сакала да биде земена во новиот сојуз и да стане сонаследник со Христос во небесното Царство. Меродавен е Јеховиниот избор. Во стариот Израел Бог ги избирал оние кои ќе служат како негови свештеници, а го погубил Кореј поради дрското барање на свештеничка служба, која била од Бог наменета за Ароновото семејство (2. Мојсеева 28:1; 4. Мојсеева 16:4-11, 31-35; 2. Дневници 26:18; Евреите 5:4, 5, NW). Слично на тоа, на Јехова не би му се допаднало ако некој би се прикажувал како да е повикан меѓу небесните цареви и свештеници, кога Бог не му доделил таков позив (Спореди 1. Тимотеј 5:24, 25, NW).
Некој може погрешно да претпоставува дека има небесен позив поради силните емоции кои произлегуваат од тешките проблеми. Смртта на брачниот другар или некоја друга трагедија може да предизвика лицето да го изгуби интересот во живот на Земјата. Или некој близок пријател може да го наведе дотичниот на размислување дека и тој е од помазаните, и на тој начин лицето може да ја посака истата судбина. Таквите фактори можеби ќе го натераат на размислување дека животот на небото е за него. Меѓутоа, тоа не е Божји начин на давање на духот за посинување на било кој. Би се покажало недостиг на ценење за Божјата намера во врска со Земјата ако би посакал да оди на небо поради непожелните околности или емоционалните проблеми поврзани со земскиот живот.
Исто така, поранешните религиозни погледи можат кај некое лице да доведат до погрешен заклучок дека има небесен позив. Можеби некогаш бил поврзан со лажната религија која ветувала небесен живот како единствена надеж за верните. Според тоа, христијанинот треба да се чува да не биде понесен од чувствата или поранешните погрешни гледишта.
Неопходно е внимателно испитување
Апостол Павле истакнал многу значајна мисла кога напишал: ”Затоа, оној што недостојно јаде од овој леб и пие од чашата Господова, виновен ќе биде спрема телото и крвта на Господа. Но, човекот да се испита самиот себе и потоа да јаде од овој леб и да пие од оваа чаша. Зашто, кој јаде и пие недостојно, тој го јаде и пие своето осудување, бидејќи не го разликува телото Господово“ (1. Коринтјаните 11:27-29). Затоа, крстениот христијанин кој во последните години почнал сериозно да размислува во врска со небескиот позив, би требало темелно и во молитва да ја разгледа таа работа.
Таквиот може исто така да се запраша: ”Дали другите влијаеле на мене да ја негувам мислата за небесен живот?“ Тоа би било неисправно, бидејќи Бог никого не одредил да придобива други за таква предност. Склоноста кон фантазирање не би можела да биде знак за помазание од Бог, ниту ги помазал царските наследници така што предизвикал да слушнат во себе гласови со пораки за таа цел.
Некои би можеле да се запрашаат: ’Дали пред да станам христијанин сум бил вплеткан во злоупотреба на дрога? Дали употребувам лекови кои влијаат на чувствата? Дали сум се лекувал од душевни или емоционални проблеми?‘ Некои рекле дека прво се бореле против она што го сметале за небеска надеж. Други рекле дека некое време Бог им ја одзел нивната земска надеж и конечно им дал небесна. Меѓутоа, таквото постапување е во спротивност со божествените постапки. Уште повеќе, верата не е несигурна; таа е сигурна (Евреите 11:6).
Некој би можел исто така да се запраша: ’Дали сакам да се истакнувам? Дали сакам авторитетна положба сега или како еден од царевите и свештениците здружени со Христос?‘ Во првиот век од н. е. кога е упатен главниот повик за влегување во небесното Царство, не заземале сите помазани христијани одговорни положби како членови на водечкото тело, како старешини или слуги помошници. Имало многу жени кои немале посебен авторитет; ниту пак духовното помазание донесувало извонредно разбирање на Божјата Реч, зашто Павле видел дека е потребно да ги поучува и советува некои од помазаните (1. Коринтјаните 3:1-3; Евреите 5:11-14). Оние со небески позив не се сметаат себеси за истакнати личности и не го свртуваат вниманието на тоа дека се помазаници. Напротив, тие покажуваат понизност која со право се очекува од оние кои имаат ’Христов ум‘ (1. Коринтјаните 2:16). Тие исто така сфаќаат дека Божјите праведни барања мора да се однесуваат на сите христијани, било нивната надеж да е небеска или земска.
Јавното изјавување на лицето дека има небески позив не му донесува посебни откровенија. Бог има канал за комуникација преку кој обезбедува духовна храна за својата земска организација (Матеј 24:45-47). Затоа никој не би требало да мисли дека христијанското помазание му дава мудрост која е надмоќна над онаа од ”големото мноштво“ со земска надеж (Откровение 7:9). Духовното помазување не се покажува преку вештината во сведочењето, одговарањето на библиските прашања или библиските говори, затоа што и христијаните со земска надеж се исто така многу добри во овие погледи. Како помазаниците, и тие живеат примерен христијански живот. Што се однесува до тоа, Самсон и другите од претхристијанската ера имале Божји дух и биле исполнети со ревност и разбирање. Сепак, ниту еден од тој ’голем облак од сведоци‘ немал небеска надеж (Евреите 11:32-38; 12:1, NW; 2. Мојсеева 35:30, 31; Судиите 14:6, 19; 15:14; 1. Самоилова 16:13; Езекиел 2:2).
Запомни кој го прави изборот
Ако некој соверник поставува прашања во врска со небескиот позив, помазаниот старешина или друг зрел христијанин може да го разгледа тоа прашање со него. Меѓутоа, никој не може да донесе одлука за некој друг, и Јехова е тој кој дава небеска надеж. Лицето кое навистина има небески позив никогаш не треба да ги прашува сохристијаните дали тој има таква надеж. Помазаниците се ”наново родени, не од распадливо, туку од нераспадливо семе: преку речта на живиот и вечен Бог“ (1. Петрово 1:23, NW). Преку својот дух и Речта, Бог го всадува ’семето‘ кое лицето го прави ’нова творба‘, со небеска надеж (2. Коринтјаните 5:17, NW). Да, Јехова го прави изборот.
Затоа, кога се проучува Библијата со новите, не е добро да им се укажува да се обидат да одлучат дали имаат небески позив. Но, што ако некој помазан христијанин се покаже неверен и ако е потребна замена? Тогаш би било разумно да се заклучи дека Бог ќе му даде небески позив на некој кој многу години бил примерен во извршувањето верна служба на нашиот небесен Татко.
Денес главната цел на Божјата порака не е луѓето да станат членови на Христовата невеста на небото. Наместо тоа, ”Духот и невестата велат: ’Дојди!‘“ Тоа е покана за живот во земскиот рај (Откровение 22:1, 2, 17). Додека помазаниците го преземаат водството во оваа активност, тие покажуваат ’понизност на мислите‘ и се трудат ’да го зајакнат својот позив и избор‘ (Ефесјаните 4:1-3; 2. Петрово 1:5-11, NW).