Што ќе стори Божјето Царство
„Нека дојде царството твое. Нека биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (МАТЕЈ 6:10).
1. Што ќе значи доаѓањето на Божјето Царство?
КОГА ги поучил своите следбеници да се молат за Божјето Царство, Исус знаел дека неговото доаѓање ќе стави крај на илјадите години човечко владеење независно од Бог. Во текот на целото тоа време, Божјата волја, општо земено, не се вршела на Земјата (Псалми 147:19, 20). Но, по воспоставувањето на Царството на небото, Божјата волја ќе се врши насекаде. Времето за овој премин што влева страв, од човечко владеење кон владеењето на Божјето небесно Царство, е сѐ поблизу.
2. Што ќе го означи преминот од човечко владеење кон владеењето на Царството?
2 Овој премин ќе го означи временскиот период кој Исус го нарекол „голема неволја каква што не се случила од почетокот на светот па досега, не, ниту повеќе ќе се случи“ (Матеј 24:21). Библијата не кажува колку долг ќе биде тој временски период, но несреќите кои ќе се случат во него ќе бидат поголеми од сето она што дотогаш го доживеал светот. Во почетокот на големата неволја ќе се случи нешто што ќе биде голем шок за повеќето луѓе на Земјата: уништување на целокупната лажна религија. Тоа нема да биде шок за Јеховините сведоци зашто тие долго време го очекуваат ова (Откровение 17:1, 15—17; 18:1—24). Големата неволја ќе заврши во Армагедон кога Божјето Царство ќе го разбие целокупниот сатански систем (Даниел 2:44; Откровение 16:14, 16).
3. Како Еремија го опишува исходот за непослушните?
3 Што ќе значи ова за луѓето „кои не го познаваат Бог и оние кои не се послушни на добрата вест“ за неговото небесно Царство во рацете на Христос? (2. Солуњаните 1:6—9). Библиското пророштво ни кажува: „Еве, несреќата веќе зафаќа народ по народ: страшно невреме веќе се подига, од краиштата на земјата. Во оној ден ќе бидат истепани од Господа од едниот крај на светот до другиот. По нив никој не ќе тажи, ниту некој ќе ги собере и погребе; ќе останат како гној по земјата“ (Еремија 25:32, 33).
Крај на злобата
4. Зошто Јехова има право да стави крај на овој зол систем?
4 Јехова Бог веќе илјади години ја толерирал злобата, доволно долго за поединците со исправно настроени срца да увидат дека човечката влада е катастрофална. На пример, според еден извор, само во 20 век биле убиени повеќе од 150 милиони луѓе во војни, револуции и во други граѓански немири. Човековата свирепост се видела особено во II светска војна кога биле убиени околу 50 милиони луѓе, а многу од нив умреле со ужасна смрт во нацистичките концентрациони логори. Токму како што претскажала Библијата, во нашево време „злите луѓе и измамниците ќе напредуваат од лошо на полошо“ (2. Тимотеј 3:1—5, 13). Денес земаат замав неморалот, криминалот, насилството, корупцијата и презирот кон Божјите мерила. Затоа Јехова има потполно право да стави крај на овој зол систем.
5, 6. Опиши ја злобата што постоела во древниот Ханан.
5 Ситуацијата сега е слична на онаа во Ханан, пред околу 3.500 години. Библијата вели: „На Господа Му е гнасно и замразено сѐ она што тие им правеа на своите богови. Зашто ги изгоруваа своите синови и ќерки во чест на своите богови“ (Второзаконие 12:31). Јехова ја информирал нацијата Израел: „Заради опакоста на оние народи ги изгонува нив пред тебе“ (Второзаконие 9:5). Библискиот историчар Хенри Х. Хели забележал: „Обожавањето на Ваал, Астарта и на други ханански богови се состоело од најекстравагантни оргии; нивните храмови биле центри на разврат“.
6 Хели покажал колку огромна станала нивната злоба, зашто на едно од многуте такви подрачја археолозите „нашле голем број ќупови во кои имало остатоци од деца жртвувани на Ваал“. Тој рекол: „Се покажа дека целото тоа подрачје е гробница на новороденчиња . . . Хананејците обожавале преку оддавање на неморал како религиозен обред, во присуство на своите богови; а потоа преку убивање на своите првородени деца, како жртва на истите овие богови. Се чини дека, во голема мера, земјата Ханан станала еден вид Содом и Гомор во национални рамки . . . Дали една цивилизација со таква одвратна гнасотија и бруталност имала некакво право и понатаму да постои? . . Археолозите кои копаат во урнатините на хананските градови се чудат како Бог не ги уништил уште пред тоа“.
Наследување на Земјата
7, 8. Како Бог ќе ја исчисти Земјата?
7 Исто како што Бог го исчистил Ханан, тој наскоро ќе ја исчисти и целата Земја и ќе им ја даде на оние кои ја вршат неговата волја. „Само праведните ќе ја населат земјата и непорочните ќе останат на неа; а беззакониците ќе бидат збришани од земјата“ (Пословици 2:21, 22). А псалмистот вели: „Уште малку и ќе го снема безбожникот . . . Кротките ќе ја наследат земјата, тие ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалми 37:10, 11). Ќе биде отстранет и Сатана „за повеќе да не ги заведува нациите додека не завршат илјадата години“ (Откровение 20:1—3). Да, „светот поминува, а и неговата желба, но оној кој ја врши Божјата волја останува засекогаш“ (1. Јованово 2:17).
8 Резимирајќи ја величествената надеж за оние кои сакаат да живеат засекогаш на Земјата, Исус рекол: „Среќни се оние со благ нарав, бидејќи ќе ја наследат земјата“ (Матеј 5:5). Веројатно укажувал на Псалми 37:29 каде е претскажано: „Праведните ќе ја наследат земјата и ќе живеат довека на неа“. Исус знаел дека Јеховината намера е лицата со исправно настроени срца да живеат засекогаш на рајска Земја. Јехова вели: „Јас, со својата сѐсилна сила . . . ги создадов земјата, луѓето и животните на земјата. И Јас му го давам тоа кому што сакам“ (Еремија 27:5).
Прекрасен нов свет
9. Каков свет ќе воведе Божјето Царство?
9 По Армагедон, Божјето Царство ќе ја воведе прекрасната „нова земја“ во која „ќе престојува праведност“ (2. Петрово 3:13). Какво огромно олеснување ќе биде за преживеаните од Армагедон да се ослободат од овој угнетувачки зол систем на работи! Колку ќе бидат восхитени што ќе можат да влезат во праведниот нов систем под владата на небесното Царство со изглед за прекрасни благослови и вечен живот! (Откровение 7:9—17).
10. Кои лоши работи повеќе нема да постојат под владеењето на Царството?
10 На луѓето повеќе нема да им се заканува војна, криминал, глад, дури ниту грабливи животни. „Ќе склучам со [мојот народ] Завет на мир, и ќе ги отстранам од земјата сите диви ѕверови . . . И полските дрва ќе донесуваат плодови, а земјата ќе го даде својот род. И тие ќе живеат мирно во Својата земја.“ „Своите мечеви ќе ги исковаат во паличници, а своите копја во српови. Народ не ќе дига меч против народ, ниту веќе ќе се вежбаат за војна. Секој ќе седи мирно под виновата лоза, и под својата смоква, и никој не ќе го плаши“ (Езекиел 34:25—28; Михеј 4:3, 4).
11. Зошто можеме да имаме доверба дека физичките болести ќе исчезнат?
11 Болестите, тагата, па дури и смртта ќе бидат отстранети. „Ниеден жител нема да рече: ‚Болен сум!‘ На народот што живее таму, ќе му се прости беззаконието“ (Исаија 33:24). „[Бог] ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага ни пискот ни болка. Поранешните работи поминаа . . . ‚Гледај, јас правам сѐ ново‘“ (Откровение 21:4, 5). Кога бил на Земјата, Исус ја покажал својата способност да ги прави тие работи преку моќта што му ја дал Бог. Со поддршка од светиот дух, Исус одел низ земјата лекувајќи ги куците и болните (Матеј 15:30, 31).
12. Каква е надежта за мртвите?
12 Исус правел и повеќе од тоа. Подигал мртви. Како реагирале понизните луѓе? Кога воскреснал едно 12-годишно девојче, нејзините родители ‚биле вон од себеси од големо восхитување‘ (Марко 5:42). Тоа бил уште еден пример за она што ќе го направи Исус ширум Земјата под владеењето на Царството, зашто тогаш „ќе има воскресение и на праведните и на неправедните“ (Дела 24:15). Замисли си го големиот восхит кога мртвите, група по група, ќе се враќаат во живот и повторно ќе се обединат со своите сакани! Несомнено ќе има големо образовно дело под надзор на Царството така што „земјата ќе се исполни со знаење за Господа, како што морињата се полнат со вода“ (Исаија 11:9).
Јеховиниот суверенитет оправдан
13. Како ќе се покаже исправноста на Божјето владеење?
13 До крајот на илјадата години на владеењето на Царството, човечкото семејство ќе биде обновено до совршенство на умот и телото. Земјата ќе биде глобална градина Еден, рај. Ќе се постигне мир, среќа, безбедност и човечко општество полно со љубов. Никогаш порано во човечката историја пред владеењето на Царството не било видено вакво нешто. Каков само огромен контраст ќе се покаже тогаш меѓу изминатите илјади години мизерно владеење од страна на луѓето и величественото владетелство под Божјето небесно Царство од илјада години! Владеењето на Бог преку неговото Царство ќе се покаже потполно супериорно во секој поглед. Целосно ќе се оправда Божјето право да владее, неговиот суверенитет.
14. Што ќе се случи со бунтовниците кога ќе завршат илјадата години?
14 Откако ќе завршат илјадата години, Јехова ќе дозволи совршените луѓе да го употребат својот слободен избор во однос на тоа кому сакаат да му служат. Библијата покажува дека „Сатана ќе биде пуштен од својот затвор“. Тој повторно ќе се обиде да ги заведе луѓето, и некои ќе изберат да бидат независни од Бог. За да спречи ‚неволјата да се подигне двапати‘ Јехова ќе ги истреби Сатана, неговите демони и сите кои се бунтуваат против Јеховиниот суверенитет. Никој не би можел да приговори дека некои луѓе, кои тогаш ќе бидат уништени за вечност, немале шанса или дека нивниот погрешен правец се должел на несовршеност. Не, тие ќе бидат како совршените Адам и Ева, кои доброволно избрале да се побунат против Јеховиното праведно владеење (Откровение 20:7—10; Наум 1:9).
15. Каков ќе биде односот на лојалните со Јехова?
15 Од друга страна, пак, веројатно огромно мнозинство од луѓето ќе изберат да го возвишуваат Јеховиниот суверенитет. Со истребувањето на сите бунтовници, праведните ќе застанат пред Јехова, откако го минале последниот испит на лојалност. Тогаш Јехова ќе ги прифати овие лојални како свои синови и ќерки. После тоа, тие ќе се вратат во оној однос со Бог кој го имале Адам и Ева пред да се побунат. Со тоа ќе се исполни Римјаните 8:21: ‚Самото создание [човештвото] ќе биде ослободено од ропството на распадливоста и ќе ја има славната слобода на Божјите деца‘. Пророкот Исаија претскажува: „[Бог] ќе ја уништи смртта засекогаш, И Господ Бог ќе ја избрише солзата од секое лице“ (Исаија 25:8).
Надеж за вечен живот
16. Зошто е исправно желно да ја очекуваме наградата вечен живот?
16 Каков само прекрасен изглед ги очекува верните — да знаат дека Бог засекогаш ќе ги опсипува со изобилство од духовни и материјални користи! Псалмистот со право рекол: „Ти ја отвораш Твојата рака, и ја наситуваш желбата [исправна] на сѐ живо“ (Псалми 145:16). Јехова ги охрабрува оние од земната класа да ја негуваат оваа надеж за живот во Рајот како дел од својата вера во него. Иако спорното прашање за Јеховиниот суверенитет е поважно, тој не бара луѓето да му служат без изглед за награда. Низ страниците на Библијата, лојалноста кон Бог и надежта за вечен живот се нераздвојно испреплетени како неопходни нишки од верата во Бог што ја има еден христијанин. „Оној кој му пристапува на Бог мора да верува дека тој постои и дека ги наградува оние кои сесрдно го бараат“ (Евреите 11:6).
17. Како Исус покажал дека е исправно да бидеме поткрепувани од нашата надеж?
17 Исус рекол: „Ова значи вечен живот, да примаат спознание за тебе, единствениот вистински Бог, и за оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3). Овде тој го поврзал познавањето на Бог и на неговите намери со наградата што ја донесува тоа. На пример, кога еден престапник го замолил Исус да се сети на него откако ќе влезе во своето Царство, Исус му рекол: „Ќе бидеш со мене во Рајот“ (Лука 23:43). Тој не му кажал на човекот да има вера дури и ако не добие награда. Знаел дека Јехова сака неговите слуги да имаат надеж за вечен живот на рајска Земја, која ќе ги крепи додека се соочуваат со различните испити во овој свет. Според тоа, желното очекување на наградата е од витална помош за да се истрае како христијанин.
Иднината на Царството
18, 19. Што ќе се случи со Царот и со Царството кога ќе заврши милениумското владеење?
18 Со оглед на тоа што Царството било споредна влада која Јехова ја употребил за да ги доведе Земјата и нејзините човечки жители во совршенство и да ги помири со себе, каква ќе биде улогата на Царот Исус Христос и на 144.000-те цареви и свештеници после Милениумот? „Потоа крајот, кога ќе му го предаде царството на својот Бог и Татко, кога ќе ја уништи секоја влада и секоја власт и сила. Зашто тој мора да владее како цар додека Бог не ги положи сите непријатели под неговите нозе“ (1. Коринќаните 15:24, 25).
19 Штом Христос ќе му го предаде Царството на Бог, како да се разберат стиховите кои говорат дека тоа ќе трае засекогаш? Во таа смисла што она што ќе го постигне тоа Царство ќе трае засекогаш. На Христос засекогаш ќе му се искажува чест поради неговата улога во напорите да го оправда Божјиот суверенитет. Но, со оглед на тоа што гревот и смртта тогаш ќе бидат во потполност отстранети, а човештвото искупено, престанува потребата од него како Искупител. Милениумското владеење на Царството исто така во потполност ќе биде исполнето; затоа повеќе нема да има потреба да остане некоја споредна влада меѓу Јехова и послушното човештво. На тој начин ‚Бог ќе им биде сѐ на сите‘ (1. Коринќаните 15:28).
20. Како можеме да дознаеме што донесува иднината за Христос и за 144.000-те?
20 Каква ќе биде идната улога на Христос и на неговите придружни владетели откако ќе заврши милениумското владеење? Библијата не зборува за тоа. Сепак, можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе им даде уште многу други предности на службата во целото негово творештво. Нека сите ние денес го поддржуваме неговиот суверенитет и добиеме вечен живот, за во иднина да бидеме живи и да дознаеме што предвидува Јехова за Царот и за неговите соцареви и сосвештеници, како и за целиот свој универзум што влева стравопочит!
Точки за повторување
• Кон каков премин во владетелството се приближуваме?
• Како Бог ќе им суди на злобните и на праведните?
• Какви околности ќе постојат во новиот свет?
• Како во потполност ќе се оправда Јеховиниот суверенитет?
[Слики на страница 17]
„Ќе има воскресение и на праведните и на неправедните“
[Слика на страница 18]
Лојалните ќе се вратат во исправен однос со Јехова