„Света служба со вашата сила на разумот“
„Подајте ги телата ваши во жртва жива, света и благоугодна на Бога, и тоа ќе биде вашата духовна служба [света служба со вашата сила на разумот, НС]“ (РИМЈАНИТЕ 12:1).
1, 2. На кој начин учењето да се применуваат библиските начела е како совладување на нов јазик?
ДАЛИ некогаш си се обидел да научиш некој нов јазик? Ако да, без сомнение се сложуваш дека тоа е напорна работа. Сепак, во тоа е вклучено повеќе отколку само учење на нови зборови. За вешто да се употребува еден јазик, неопходно е да се совлада и неговата граматика. Ти мораш да сфатиш во каква меѓусебна врска стојат зборовите и како се комбинираат за да создадат потполни мисли.
2 Слично е и со нашето примање на спознание за Божјата Реч. Вклучено е многу повеќе отколку само учење на суви библиски стихови. Мораме, така да се рече, да ја научиме и библиската граматика. Треба да сфатиме во каква меѓусебна врска стојат стиховите и на кој начин служат како начела што можат да се применат во секојдневниот живот. На тој начин, можеме да бидеме ‚потполно способни, целосно опремени за секое добро дело‘ (2. Тимотеј 3:17, НС).
3. Каква промена се случила во 33 година н. е. во врска со службата за Бог?
3 Под уредувањето на Мозаитскиот законски зборник, во голема мера верноста можела да се покаже преку стриктното придржување за јасно дефинираните правила. Меѓутоа, во 33 година н. е., Јехова го избришал Законот, всушност ‚го приковал на крстот‘, на којшто бил убиен неговиот Син (Колосјаните 2:13, 14). После тоа, на Божјиот народ не му била дадена долга листа на жртви што треба да се принесуваат и правила што треба да се следат. Напротив, ним им било речено: „Подајте ги телата ваши во жртва жива, света и благоугодна на Бога, и тоа ќе биде вашата духовна служба [света служба со вашата сила на разумот, НС]“ (Римјаните 12:1). Да, христијаните требало да се трошат во Божјата служба со сето свое срце, душа, ум и сила (Марко 12:30; спореди Псалм 110:3, НС). Но, што значи да се принесува „света служба со вашата сила на разумот“?
4, 5. Што подразбира тоа да му служиме на Јехова со својата сила на разумот?
4 Фразата „сила на разумот“ е преведена од грчкиот збор логико́с, што значи „разумен“ или „интелигентен“. Божјите слуги се повикани да ја употребуваат својата библиски школувана совест. Наместо своите одлуки да ги темелат на бројни однапред поставени правила, христијаните треба внимателно да ги одмерат библиските начела. Треба да ја разберат „граматиката“ на Библијата, односно како нејзините различни начела меѓусебно се поврзани. Така ќе можат да донесат урамнотежени одлуки со нивната сила на разумот.
5 Значи ли ова дека христијаните се без закон? Секако дека не. Христијанските грчки списи јасно забрануваат идолопоклонство, сексуален неморал, убиство, лажење, спиритизам, злоупотреба на крв и разни други гревови (Дела 15:28, 29; 1. Коринтјаните 6:9, 10; Откровение 21:8). Сепак, ние, за разлика од Израелците, во многу поголем степен мораме да ја користиме својата сила на разумот за да ги научиме и да ги применуваме библиските начела. Како што е случај со разбирањето на еден нов јазик, така и тоа бара време и напор. Како можеме да ја негуваме нашата сила на разумот?
Негувај ја својата сила на разумот
6. Што вклучува проучувањето на Библијата?
6 Како прво, мораме да бидеме ревносни истражувачи на Библијата. Божјата инспирирана Реч е ‚полезна за поука, за изобличување, поправање и поучување во правдата‘ (2. Тимотеј 3:16). Не треба секогаш да очекуваме одговорот на некој проблем да се наоѓа во еден единствен библиски стих. Напротив, можеби треба да размислуваме за повеќе стихови кои расветлуваат некоја одредена ситуација или проблем. Треба марливо да истражуваме околу тоа кое е Божјето мислење за таа работа (Изреки 2:3-5). Потребно ни е и разбирање, зашто „разумниот ќе најде мудри совети“ (Изреки 1:5). Разумното лице може да ги одвои поединечните фактори од некоја работа и потоа да го сфати нивниот меѓусебен однос. Исто како кај една слагалка, разумното лице ги составува парченцата за да може да ја види целата слика.
7. Како можат родителите да резонираат за библиските начела во врска со стегата?
7 Да го земеме за пример родителството. Изреки 13:25 вели дека таткото кој го сака својот син, „го казнува за да го поправи“. Сам по себе, овој стих би можел погрешно да се примени за да се оправда грубото, непопустливо казнување. Сепак, Колосјаните 3:21 дава урамнотежена опомена: „Татковци, не дразнете ја челадта своја, за да не паѓаат со духот!“ Родителите кои ја користат својата сила на разумот и ги ускладуваат овие начела, нема да прибегнат кон стега која би можела да се нарече „навредлива“. Тие ќе постапуваат со своите деца срдечно, со разбирање и достоинство (Ефесјаните 6:4). Значи, било преку родителството било преку некоја друга работа во која се вклучени библиски начела, можеме да ја развиваме својата сила на разумот така што ќе ги одмериме сите фактори кои се вклучени. На овој начин, ќе можеме да ја сфатиме „граматиката“ на библиските начела, која е Божјата намера и како да се постигне тоа.
8. Како можеме да избегнеме да усвоиме крут, догматичен став во поглед на забавата?
8 Втор начин на кој можеме да ја развиваме својата сила на разумот е да избегнуваме да усвојуваме крути, догматични ставови. Нефлексибилниот став го спречува растот на нашата сила на разумот. Размисли за подрачјето на забавата. Библијата вели: „Целиот свет лежи во зло [во власта на злобниот, НС]“ (1. Јованово 5:19). Дали ова значи дека секоја книга, филм или телевизиска програма што е произведена во светот е расипана и сатанска? Таквото гледиште едвај би било разумно. Секако, некои можеби сакаат потполно да избегнуваат телевизија, филмови или световна литература. Тоа е нивно право и не треба да бидат критизирани поради тоа. Но, ниту, пак, тие треба да се обидуваат да влијаат врз другите да го заземат истиот строг став. Заедницата има објавено статии што ги објаснуваат библиските начела кои треба да ни овозможат да бидеме мудро избирливи во нашата разонода или забава. Ако одиме над овие упатства и се изложуваме на неморално размислување, грубо насилство или на спиритизам, кои се присутни во голем дел од забавата на овој свет, ќе биде крајно немудро. Навистина, мудриот избор на забава бара да ја користиме нашата сила на разумот за да ги примениме библиските начела со цел да имаме чиста совест пред Бог и пред луѓето (1. Коринтјаните 10:31-33).
9. Што се мисли со „сета способност на разликување“?
9 Очигледно е дека голем дел од денешната забава е неприкладна за христијаните.a Затоа, мораме да ги вежбаме нашите срца да ‚го мразат злото‘ за да не станеме како некои од првиот век кои биле „дојдени до бесчувство“ (Псалм 96:10; Ефесјаните 4:17-19). За да размислуваме за такви работи, потребно ни е „точно спознание и сета способност на разликување“ (Филипјаните 1:9, НС). Грчкиот збор преведен со „способност на разликување“ означува „сетилно сфаќање за моралот“. Зборот се однесува на дословните човечки сетила, како што е видот. Кога се работи за забава или некоја друга работа во која се бара лична одлука, нашето морално сетило треба да биде така сосредоточено што ќе можеме да ги забележиме не само јасно дефинираните, црно-бели спорни прашања туку и оние со сиви сенки. Во исто време, треба да избегнуваме да ги применуваме библиските начела во некаква неразумна крајност и да инсистираме сите наши браќа да го прават истото (Филипјаните 4:5).
10. Како можеме да ја разбереме Јеховината личност како што е одразена во Псалм 14?
10 Трет начин да ја негуваме нашата сила на разумот е да бидеме свесни за Јеховиното мислење и да го всадиме длабоко во нашите срца. Во неговата Реч, Јехова ја открива својата личност и мерилата. На пример, во Псалм 14 читаме за тоа каква личност Јехова поканува да биде гостин во неговиот шатор. Таквата личност практицира праведност, ја зборува вистината во своето срце, верна е на своите ветувања и не ги искористува другите на себичен начин. Додека го читаш овој псалм, запрашај се: ‚Дали овие особини се однесуваат на мене? Дали Јехова би ме поканил да бидам гостин во неговиот шатор?‘ Нашата моќ на забележување е зајакната кога живееме во склад со Јеховините патишта и мислење (Изреки 3:5, 6; Евреите 5:14).
11. На кој начин фарисеите ‚преминале преку судот и љубовта Божја‘?
11 Токму на ова подрачје фарисеите направиле тежок пропуст. Тие ја познавале техничката рамка на Законот, но не можеле да ја сфатат неговата „граматика“. Иако можеле да рецитираат мирјади детали од Законот, не успеале да ја сфатат Личноста која стоела зад него. Исус им рекол: „Давате десеток од нане и рута, и од секаков зелен, а преминувате преку судот и љубовта Божја“ (Лука 11:42). Поради нивните крути мисли и тврдите срца, фарисеите не успеале да ја употребат својата сила на разумот. Нивното недоследно резонирање станало очигледно кога ги критизирале Исусовите ученици затоа што кинеле класје и јаделе зрна на Сабат; сепак, истиот тој ден подоцна, не чувствувале никаква грижа на совеста кога сковале завера да го убијат Исус! (Матеј 12:1, 2, 14).
12. Како можеме да бидеме во поголем склад со Јехова како Личност?
12 Ние не сакаме да бидеме како фарисеите. Нашето спознание за Божјата Реч мора да ни помогне да бидеме во поголем склад со Јехова како Личност. Како да го постигнеме тоа? Откако прочитале некој дел од Библијата или од литературата што се темели на Библијата, некои лица извлекле корист од размислувањето за прашања како овие: ‚Што ми кажува оваа информација за Јехова и за неговите особини? Како можам да ги покажувам Јеховините особини во моите постапки со другите?‘ Медитирањето за таквите прашања ја развива нашата сила на разумот и нѐ оспособува да бидеме ‚имитатори на Бог‘ (Ефесјаните 5:1, НС).
Робови на Бога и Христа, а не на луѓе
13. На кој начин фарисеите постапувале како морални диктатори?
13 Старешините мораат да им дозволат на оние кои се под нивна грижа да ја користат својата сила на разумот. Членовите на собранието не се робови на луѓе. „Ако бев сакал да им угодувам на луѓето“, напишал Павле, „немаше да бидам Христов слуга“ (Галатјаните 1:10; Колосјаните 3:23, 24). Спротивно на тоа, фарисеите сакале луѓето да веруваат дека е поважно да се има одобрение од луѓето, отколку од Бог (Матеј 23:2-7; Јован 12:42, 43). Фарисеите си зеле за право да бидат морални диктатори, поставувајќи свои сопствени правила, а потоа ги суделе другите на темел на тоа во колкава мера ги исполнувале истите. Оние коишто ги следеле фарисеите, ослабеле во користењето на својата библиски школувана совест и, всушност, станале робови на луѓе.
14, 15. а) Како можат старешините да се покажат како соработници со стадото? б) Како треба старешините да постапуваат со работите во кои одлучува совеста?
14 Денешните христијански старешини знаат дека стадото во суштина не одговара пред нив. Секој христијанин мора сам да си го носи својот сопствен товар (Римјаните 14:4; 2. Коринтјаните 1:24; Галатјаните 6:5). Така и треба да биде. Всушност, ако членовите на стадото би биле робови на луѓе и ако се послушни само затоа што се набљудувани, што би правеле тогаш кога овие мажи не би биле во нивна близина? Павле имал причина да се радува поради Филипјаните: „Како што секогаш ме слушавте, не само во мое присуство, туку многу повеќе сега, кога сум отсутен, со страв и трепет градете го вашето спасение“. Тие навистина биле робови на Христос, а не на Павле (Филипјаните 2:12).
15 Затоа, во работите во кои одлучува совеста, старешините не донесуваат одлуки за оние кои се под нивната грижа. Тие ги објаснуваат библиските начела кои се однесуваат на одредената работа, а потоа им допуштаат на дотичните поединци да ги користат своите сопствени сили на разумот за самите да донесат одлука. Тоа е сериозна одговорност, но сепак поединецот мора сам да ја сноси.
16. Каков систем за решавање на проблемите постоел во Израел?
16 Размисли за периодот кога Јехова користел судии за да го води Израел. Библијата ни кажува: „Во тие денови Израел немаше цар: секој го правеше она, што му се чинеше дека е право“ (Судии 21:25). Јехова сепак обезбедувал начини на кои неговиот народ добивал водство. Секој град си имал постари мажи кои можеле да дадат зрела помош околу прашањата и проблемите. Освен тоа, левитските свештеници дејствувале како позитивна сила така што ги поучувале луѓето за Божјите закони. Кога ќе се појавеле некои особено тешки работи, првосвештеникот можел да се консултира со Бог преку урим и тумим. Insight on the Scriptures (Увид во Писмото) коментира: „Поединецот кој ги користел овие подготовки, кој постигнал спознание за Божјиот закон и го применувал, имал сигурно водство за својата совест. Ако во ваквиот случај го правел ‚она што било исправно во негови сопствени очи‘, немало лоши последици. Јехова му дозволил на народот да покаже дали во неговиот став и начин на живот покажува спремност или одбивност“ (том 2, страници 162,163).b
17. Како можат старешините да покажат дека советуваат според Божји а не според сопствени мерила?
17 Како израелските судии и свештеници, така и собраниските старешини даваат драгоцен совет и зрела помош при решавањето на проблемите. Повремено, тие дури и ‚изобличуваат [караат, НС], забрануваат [укоруваат, НС], советуваат со голема долготрпеливост и поука‘ (2. Тимотеј 4:2). Тоа го прават во склад со Божјите а не според сопствените мерила. Колку е само делотворно ова кога старешините даваат пример и настојуваат да ги достигнат срцата!
18. Зошто е особено делотворно старешините да ги достигнат срцата?
18 Срцето е „моторот“ на нашата христијанска активност. Затоа, Библијата вели: „Од него се изворите на животот“ (Изреки 4:23). Старешините кои ги поттикнуваат срцата, ќе заклучат дека, на тој начин, лицата во собранието се мотивирани да прават сѐ што можат во Божјата служба. Тие ќе бидат самоиницијативни и тогаш не ќе биде потребно други да ги подбудуваат. Јехова не сака послушност сосила. Тој бара послушност која доаѓа од срце исполнето со љубов. Старешините можат да охрабрат на една таква служба мотивирана од срце така што ќе им помогнат на лицата во стадото да ја развијат својата сила на разумот.
Негување на ‚Христовиот ум‘
19, 20. Зошто е важно да го негуваме Христовиот ум?
19 Како што беше забележано, не е доволно само да се знаат Божјите закони. „Вразуми ме“, преколнувал псалмистот, „и ќе се држам за законот Твој и ќе го пазам со сето срце свое“ (Псалм 118:34). Во својата Реч, Јехова го открил ‚Христовиот ум‘ (1. Коринтјаните 2:16). Како лице кое му служело на Јехова со својата сила на разумот, Исус ни оставил совршен пример. Тој ги разбирал Божјите закони и начела и беспрекорно ги применувал. Ако го проучуваме неговиот пример, ќе бидеме ‚потполно способни да сфатиме умствено . . . која е широчината и должината и висината и длабочината, и да ја спознаеме љубовта Христова која го надминува спознанието‘ (Ефесјаните 3:17-19, НС). Да, она што го учиме за Исус од Библијата, е многу повеќе од академско знаење; тоа ни дава јасна слика за тоа каков е самиот Јехова (Јован 14:9, 10).
20 На тој начин, додека ја проучуваме Божјата Реч, можеме да го распознаеме Јеховиното гледиште за работите и да донесуваме урамнотежени одлуки. Тоа ќе бара напор. Мораме да бидеме ревносни истражувачи на Божјата Реч, да ја почувствуваме Јеховината личност и мерила. Ние, така да се рече, учиме една нова граматика. Сепак, оние кои прават така, ќе ја следат Павловата опомена да ги ‚подадат своите тела во жртва жива, света и благоугодна на Бога, и тоа ќе биде нивната духовна служба [света служба со нивната сила на разумот, НС]‘ (Римјаните 12:1).
[Фусноти]
a Тоа би исклучило секаква забава која има демонска, порнографска или садистичка содржина, како и таканаречена семејна забава која унапредува сексуално слободни или попустливи идеи коишто христијаните не можат да ги одобрат.
b Издадена од Библиското и трактатно друштво Стражарска кула од Њујорк, Инк.
Што си научил?
◻ Каква промена во врска со службата за Бог се случила во 33 година н. е.?
◻ Како можеме да ја негуваме својата сила на разумот?
◻ Како можат старешините да им помогнат на оние во стадото да бидат робови на Бога и Христа?
◻ Зошто треба да го негуваме ‚Христовиот ум‘?
[Слика на страница 23]
Старешините им помагаат на другите да ја користат својата сила на разумот