„Мртвите ќе воскреснат“
‚Трубата ќе затруби, и мртвите ќе воскреснат нераспадливи, а ние ќе се измениме‘ (1. КОРИНТЈАНИТЕ 15:52).
1, 2. а) Кое утешително ветување било дадено преку пророкот Осија? б) Како знаеме дека Бог е настроен да ги врати мртвите во живот?
ДАЛИ имаш изгубено во смрт некој близок? Тогаш ти ја знаеш болката што може да ја донесе смртта. Сепак, христијаните наоѓаат утеха во ветувањето кое го дал Бог преку пророкот Осија: „Од власта на пеколот [шеолот, NW] ќе ги откупам, од смртта ќе ги избавам. Смрт — каде ти е силата? Каде ти е тебе, пеколу [шеолу, NW], победата?“ (Осија 13:14).
2 Идејата за враќањето на мртвите во живот, на скептиците им изгледа апсурдна. Но, Семоќниот Бог сигурно има моќ да изврши такво чудо! Вистинското спорно прашање е дали Јехова е настроен да ги врати мртвите во живот. Праведниот човек Јов прашал: „Кога ќе умре човек ќе живее ли пак?“ Потоа, тој го дал овој успокојувачки одговор: „Ти би викнал, и јас би Ти дал одговор, и Ти би покажал благоволение [ќе имаш копнеж, NW] кон созданието на Твоите раце“ (Јов 14:14, 15). Зборот „копнеж“ означува желно жеднеење или желба. (Спореди Псалм 83:2.) Да, Јехова желно го очекува воскресението — тој копнее пак да ги види верните кои се починати, а кои се живи во неговото сеќавање (Матеј 22:31, 32).
Исус фрла светлина врз воскресението
3, 4. а) Каква светлина фрлил Исус врз надежта за воскресение? б) Зошто Исус бил подигнат како дух, а не во тело?
3 Древните мажи од вера, како Јов, имале само делумно разбирање за воскресението. Исус Христос бил тој кој фрлил полна светлина врз оваа прекрасна надеж. Тој ја покажал клучната улога што самиот ја игра, кога рекол: „Кој верува [практикува вера, NW] во Синот, има живот вечен“ (Јован 3:36). Каде ќе се ужива во тој живот? За огромното мнозинство од оние кои практикуваат вера, тоа ќе биде на Земјата (Псалм 36:11). Меѓутоа, на своите ученици Исус им рекол: „Не бој се, мало стадо! Зашто волјата на вашиот Отец е вам да ви го даде царството“ (Лука 12:32). Божјето Царство е небесно. Според тоа, ова ветување значи дека едно „мало стадо“ ќе мора да биде со Исус на небото како духовни суштества (Јован 14:2, 3; 1. Петрово 1:3, 4). Каков само славен изглед! Понатаму, Исус му открил на апостол Јован дека ова „мало стадо“ ќе брои само 144.000 (Откровение 14:1).
4 Но, како 144.000-те ќе влезат во небесна слава? Исус го ‚осветлил [фрлил светлина врз, NW] животот и нераспаѓањето преку Евангелието‘. Преку својата крв, тој отворил „нов и жив пат“ во небесата (2. Тимотеј 1:10; Евреите 10:19, 20). Прво, тој умрел, како што и претскажала Библијата (Исаија 53:12). Потоа, како што изјавил подоцна апостол Петар, „овој Исус Го воскресна Бог“ (Дела 2:32). Но, Исус не бил подигнат како човек. Тој рекол: „Лебот што ќе го дадам Јас, е Моето тело, што ќе го предадам за животот на светот“ (Јован 6:51). Ако си го земел своето тело назад, тоа би ја поништило таа жртва. Затоа, Исус бил „мртов по тело, но оживе духом“ (1. Петрово 3:18). На тој начин, Исус ‚извршил вечен откуп [за нас, NW]‘, што значи за ‚малото стадо‘ (Евреите 9:12). Тој му ја претставил на Бог вредноста на својот совршен човечки живот како откупнина за грешното човештво, а 144.000 биле првите кои извлекле корист од тоа.
5. Која надеж им била понудена на Исусовите следбеници од првиот век?
5 Исус не би бил единствениот воскреснат за небесен живот. На сохристијаните во Рим Павле им рекол дека тие биле помазани со светиот дух за да бидат синови Божји и здружени наследници со Христос доколку своето помазание го потврдат со тоа што ќе истраат до крајот (Римјаните 8:16, 17). Исто така, Павле објаснил: „Ако сме сраснати со Него во еднаква смрт, ќе бидеме соучесници и во воскресението“ (Римјаните 6:5).
Во одбрана на надежта во воскресение
6. Зошто верувањето во воскресението било изложено на напад во Коринт, и како реагирал апостол Павле?
6 Воскресението е дел од „примарната доктрина“ на христијанството (Евреите 6:1, 2, NW). И покрај тоа, во Коринт таа доктрина била изложена на напад. Некои во собранието, очигледно под влијание на грчката филозофија, велеле: „Немало воскресение на мртвите“ (1. Коринтјаните 15:12). Кога извештаите за тоа стигнале до апостол Павле, тој застанал во одбрана на надежта во воскресение, особено на надежта на помазаните христијани. Да ги разгледаме Павловите зборови запишани во 1. Коринтјаните, поглавје 15. Ќе увидиш дека е корисно ако го прочиташ поглавјето во целост, како што беше препорачано во претходната статија.
7. а) На кое клучно спорно прашање се сосредоточил Павле? б) Кој го видел воскреснатиот Исус?
7 Во првите два стиха од 1. Коринтјаните, поглавје 15, Павле ја поставува темата на својата дискусија: „Браќа, ви напомнувам за Евангелието, Кое ви го проповедав, а Кое вие го примивте и во Кое стоите. Преку Него и се спасувате . . . освен ако не сте поверувале напразно“. Доколку коринтјаните пропуштиле цврсто да стојат во добрата вест, тие залудно ја прифатиле вистината. Павле продолжил: „Ви го предадов најнапред она, што го бев и примил, дека Христос умре за нашите гревови, според Писмата; дека Он беше погребан и дека на третиот ден воскресна, според Писмата, и дека му се јави на Кифа и потоа на единаесетте [дванаесетте, NW]; после им се јави еднаш на повеќе од петстотини браќа, од кои повеќето се живи и до денес, а некои починаа [заспаа во смрт, NW]; потоа му се јави на Јакова и на сите апостоли, а по сите, најпосле ми се јави и мене, како на некое недоносче“ (1. Коринтјаните 15:3—8).
8, 9. а) Колку е важно верувањето во воскресението? б) Веројатно во која прилика Исус се појавил пред „повеќе од петстотини браќа“?
8 За оние кои ја прифатиле добрата вест, верувањето во воскресението на Исус не било работа на избор. Постоеле многу очевидци кои можеле да потврдат дека ‚Христос умрел за нашите гревови‘ и дека бил подигнат. Еден бил Кифа, т. е. Петар, како што е подобро познат. Откако Петар се одрекол од Исус — ноќта кога Исус бил издаден и уапсен — тој сигурно бил многу утешен од тоа што Исус му се појавил. „Дванаесетте“, апостолите како група, биле исто така посетени од воскреснатиот Исус — искуство кое без сомнение им помогнало да го надминат својот страв и да станат смели сведоци на Исусовото воскресение (Јован 20:19—23; Дела 2:32).
9 Христос се појавил и пред една поголема група, „повеќе од петстотини браќа“. Бидејќи тој имал следбеници во толку голем број само во Галилеја, можеби тоа било во приликата која е опишана во Матеј 28:16—20, кога Исус ја дал заповедта да се прават ученици. Какво само моќно сведоштво можеле да дадат овие поединци! Некои сѐ уште биле живи во 55 н. е. кога Павле го составил ова прво писмо до коринтјаните. Но, забележи дека за оние кои умреле кажано е како да ‚заспале во смрт‘. Тие сѐ уште не биле воскреснати за да ја примат својата небесна награда.
10. а) Каков бил ефектот од Исусовата последна средба со неговите ученици? б) На кој начин Исус му се појавил на Павле „како на недоносче“?
10 Еден друг извонреден сведок на Исусовото воскресение бил Јаков, синот на Јосиф и Исусовата мајка, Марија. Пред воскресението, очигледно Јаков не бил верник (Јован 7:5). Но, откако Исус му се појавил, Јаков станал верник и можеби одиграл улога во преобраќањето на другите свои браќа (Дела 1:13, 14). При последната средба со своите ученици, во приликата кога се вознел на небото, Исус им наложил да ‚бидат сведоци . . . дури до крајот на земјата‘ (Дела 1:6—11). Подоцна, тој му се појавил на Савле од Тарс — прогонител на христијаните (Дела 22:6—8). Исус му се појавил на Савле „како на некое недоносче“. Тоа било како Савле веќе да бил воскреснат во духовен живот и да можел да го види славниот Господ со векови пред времето кога требало да се случи тоа воскресение. Ова искуство нагло го запрело Савле во неговиот правец на убиствено противење на христијанското собрание и предизвикало значајна промена (Дела 9:3—9, 17—19). Савле станал апостол Павле, еден од најистакнатите бранители на христијанската вера (1. Коринтјаните 15:9, 10).
Верата во воскресението неопходна
11. Како Павле ја разоткрил заблудата на тоа да се каже: ‚Нема воскресение‘?
11 Според тоа, воскресението на Исус е добро посведочен факт. „И кога за Христа се проповеда дека воскреснал од мртвите“, аргументира Павле, „како тогаш некои помеѓу вас велат дека немало воскресение на мртвите?“ (1. Коринтјаните 15:12). Таквите не само што имале лични сомненија или прашања во врска со воскресението туку и отворено изразувале неверување во него. Затоа, Павле ја разоткрива заблудата на нивното резонирање. Тој вели дека, доколку Христос не бил подигнат, тогаш христијанската порака била лага, а оние кои посведочиле за Христовото воскресение биле „лажни сведоци Божји“. Доколку Христос не бил подигнат, тогаш не му била платена откупнина на Бог; христијаните биле „уште во своите гревови“ (1. Коринтјаните 15:13—19; Римјаните 3:23, 24; Евреите 9:11—14). А христијаните кои ‚заспале во смрт‘, во некои случаи како маченици, загинале без вистинска надеж. Во каква само јадна положба би биле христијаните доколку овој живот е сѐ што тие би можеле да очекуваат! Сите нивни страдања би биле џабе.
12. а) Што е имплицирано со тоа што Христос е наречен „првина за умрените“? б) Како Христос го овозможил воскресението?
12 Меѓутоа, тоа не било случај. Павле продолжува: „Христос воскресна од мртвите“. Уште повеќе, тој е „првина за умрените“ (1. Коринтјаните 15:20). Кога Израелците послушно му ги давале на Јехова првините од своите производи, Јехова ги благословувал со огромна берба (2. Мојсеева 22:29, 30; 23:19; Изреки 3:9, 10). Нарекувајќи го Христос „првина“, Павле имплицира една понатамошна берба на поединци кои ќе бидат подигнати од смрт за небесен живот. „Бидејќи смртта дојде преку човекот“, вели Павле, „така и воскресението од мртвите стана преку човек. И како што по Адама сите умираат, така и во Христа сите ќе оживеат“ (1. Коринтјаните 15:21, 22). Исус го овозможил воскресението со тоа што го дал својот совршен човечки живот како откупнина, отворајќи го патот за човештвото да биде избавено од ропството на гревот и смртта (Галатјаните 1:4; 1. Петрово 1:18, 19).a
13. а) Кога се случува небесното воскресение? б) Како некои помазаници не ‚заспиваат во смрт‘?
13 Павле продолжува: „Но секој по својот ред: прв е Христос; потоа, при Неговото доаѓање [за време на Неговата присутност, NW], ќе воскреснат сите што се Христови“ (1. Коринтјаните 15:23). Христос бил воскреснат во 33 н. е. Меѓутоа, неговите помазани следбеници — „сите што се Христови“ — морале да чекаат сѐ до кратко време откако Исус ја започнал својата царска присутност, за која библиското пророштво покажува дека се случила во 1914 (1. Солунјаните 4:14—16; Откровение 11:18). Што е со оние кои би биле живи во текот на таа присутност? Павле вели: „Еве, тајна ви кажувам; сите нема да умреме, но сите ќе се измениме, одеднаш, во еден миг, при последната труба; ќе затруби, и мртвите ќе воскреснат нераспадливи, а ние ќе се измениме“ (1. Коринтјаните 15:51, 52). Јасно, сите помазаници не спијат во гробот чекајќи воскресение. Оние кои умираат за време на Христовата присутност моментално се преобразуваат (Откровение 14:13).
14. Како помазаниците ‚се крштаваат со цел да бидат мртви‘?
14 „Инаку“, прашува Павле, „што ќе направат оние, кои се крштаваат, верувајќи во воскресение на мртвите [со цел да бидат мртви, NW], ако воопшто мртвите не воскреснуваат? Кога мртвите не воскреснуваат, зошто тогаш тие се крштаваат, верувајќи во воскресение на мртвите? Зошто, пак, и ние секој час се подложуваме на опасност?“ (1. Коринтјаните 15:29, 30). Павле не мислел дека живите поединци се крштавале во корист на мртвите, како што некои библиски преводи прават да изгледа тоа. Впрочем, крштавањето е поврзано со христијанското учеништво, а мртвите души не можат да бидат ученици (Јован 4:1). Наместо тоа, Павле дискутирал за живите христијани, од кои многумина, како и самиот Павле, биле ‚во опасност секој час‘. Помазаните христијани биле ‚крстени во Христовата смрт‘ (Римјаните 6:3). Од нивното помазание, тие се ‚крштавале‘, така да се каже, во еден правец кој би водел до смрт — ист како Христовиот (Марко 10:35—40). Тие би умреле со надеж за едно славно небесно воскресение (1. Коринтјаните 6:14; Филипјаните 3:10, 11).
15. Какви опасности можеби доживеал Павле, и како верата во воскресението одиграла улога во поднесувањето на истите?
15 Сега Павле објаснува дека самиот тој се соочил со опасност до толкав степен што можел да каже: „Секојдневно се соочувам со смрт“. За да не го обвинуваат некои дека претерува, Павле додава: „Ова го потврдувам преку ликувањето над вас, браќа, што го имам во Христос Исус нашиот Господ“ (NW). Библијата на македонски јазик овој стих го преведува вака: „Секој ден умирам, браќа, жими пофалбата ваша, која ја имам во Христа Исуса, нашиот Господ“. Како пример за опасностите со кои се соочувал, во стих 32 Павле зборува за ‚борење со ѕверови во Ефес‘. Римјаните честопати ги погубувале криминалците фрлајќи ги на дивите ѕверови во арените. Доколку Павле поднел битка со дословни диви ѕверови, тој можел да преживее само со Јеховина помош. Без надежта за воскресение, избирањето на еден животен правец кој го изложувал на таква опасност навистина би било луда смелост. Без надеж за иден живот, поднесувањето тешкотии и жртви кои доаѓале со служењето на Бог, би имало мало значење. „Што полза имам, штом мртвите не воскреснуват? ‚Да јадеме и да пиеме, бидејќи утре ќе умреме!‘“ (1. Коринтјаните 15:31, 32; види 2. Коринтјаните 1:8, 9; 11:23—27).
16. а) Од каде можеби потекнува изразот „да јадеме и да пиеме, бидејќи утре ќе умреме“? б) Кои биле опасностите од прегрнувањето на ова мислење?
16 Можеби Павле го цитирал Исаија 22:13, кој го опишува фаталистичкиот став на непослушните жители на Ерусалим. Или, пак, можеби ги имал на ум верувањата на епикурејците кои презирале секаква надеж за живот после смртта и верувале дека телесното задоволство било главната корист во животот. Каков и да бил случајот, филозофијата на ‚јадење и пиење‘ била безбожна. Затоа, Павле предупредува: „Не лажете се: ‚Лошите зборови [друштва, NW] ги расипуваат добрите обичаи!‘ (1. Коринтјаните 15:33). Мешањето со оние кои го отфрлиле воскресението би можело да биде отровно. Можеби таквото друштво одиграло улога во проблемите со кои морал да се справува Павле во коринтското собрание, како што биле сексуалниот неморал, поделбите, судските парници и непочитувањето кон Господовата вечера (1. Коринтјаните 1:11; 5:1; 6:1; 11:20—22).
17. а) Кое силно поттикнување им го дал Павле на коринтјаните? б) Кои прашања остануваат да бидат одговорени?
17 На тој начин, Павле им го дава на коринтјаните ова силно позитивно поттикнување: „Освестете [Отрезнете, NW] се еднаш како треба, па не грешете! Оти некои од вас не знаат за Бога — за ваш срам го велам ова“ (1. Коринтјаните 15:34). Негативното гледиште кон воскресението довело некои до духовна зашеметеност, како да се пијани. Тие требало да се разбудат, да останат трезни. На сличен начин, помазаните христијани денес треба да бидат духовно будни, да не паднат под влијание на скептичните гледишта на светот. Тие мораат цврсто да се држат за својата надеж за небесно воскресение. Но, остануваат уште прашања — како за коринтјаните тогаш така и за нас сега. На пример: Во каков облик 144.000 се подигнати на небото? И што е со милионите други кои сѐ уште се во гробот и кои немаат небесна надеж? Што ќе значи воскресението за таквите? Во нашата следна статија ќе го испитаме остатокот од Павловата дискусија за воскресението.
[Фуснота]
a За дискусија за откупнината, види издание на Стражарска кула од 15 февруари 1991.
Дали се сеќаваш?
◻ Каква светлина фрлил Исус врз воскресението?
◻ Кои биле некои од сведоците на Христовото воскресение?
◻ Зошто била оспорена доктрината за воскресение, и каква била Павловата реакција?
◻ Зошто верата во воскресение им била неопходна на помазаните христијани?
[Слика на страница 15]
Јаировата ќерка станала доказ за тоа дека воскресението е можно
[Слика на страници 16 и 17]
Без надежта во воскресение, мачеништвото на верните христијани би било безначајно