‚Да се оди по вера, а не по гледање‘
„Ние одиме по вера, а не по гледање“ (2. КОРИНТЈАНИТЕ 5:7, NW).
1. Што е мислено со ‚одење по вера‘?
СЕКОЈ пат кога се молиме во склад со упатствата што се изложени во Божјата Реч, покажуваме дека имаме барем извесна мера на вера. Кога почнуваме да им сведочиме на другите за Божјето Царство, и тоа покажува вера. И кога му го предаваме својот живот на Јехова, даваме доказ дека наша желба е да „одиме по вера“, то ест да тежнееме по еден животен правец што е управуван по вера (2. Коринтјаните 5:7, NW; Колосјаните 1:9, 10).
2. Зошто учествувањето во собраниските активности не мора да биде доказ дека некој има вера?
2 За навистина да живееме на еден таков начин, потребна ни е вера што е добро заснована (Евреите 11:1, 6). Многу луѓе се привлечени кон Јеховините сведоци поради високите морални мерила и љубовта што ја гледаат меѓу Сведоците. Тоа е добар почеток, но не значи дека таквите луѓе имаат вера. Други, пак, можеби имаат брачен партнер или родител кој е јак во верата и можеби имаат удел во некои од активностите во кои учествува оној кого го љубат. Да се има такво влијание во својот дом навистина е благослов, но и тоа не е замена за личната љубов кон Бог и за личната вера (Лука 10:27, 28).
3. а) За да имаме добро втемелена вера, кое уверување мораме лично да го имаме во врска со Библијата? б) Зошто некои луѓе поспремно стануваат уверени во вдахновеноста на Библијата отколку некои други?
3 Оние кои навистина одат по вера, потполно се уверени дека Библијата е Реч Божја. Постојат изобилни докази дека Светото писмо навистина е „од Бога вдахновено“a (2. Тимотеј 3:16). Колку вакви докази мора да се испитаат пред некој да биде уверен? Тоа може да зависи од неговото минато. Она што во потполност задоволува едно лице, можеби нема да убеди друго. Во некои случаи, иако на некое лице му се покажани изобилство неоспорни докази, тоа може сѐ уште да се спротивставува на заклучокот на кој укажуваат тие. Зошто? Поради желбите што се длабоко закопани во неговото срце (Јеремија 17:9). На тој начин, иако едно лице може да тврди дека се интересира за Божјата намера, неговото срце може да копнее по одобрување од светот. Можеби нејќе да остави некој начин на живот што е во судир со библиските мерила. Меѓутоа, ако некој е навистина гладен за вистината, ако е чесен кон себеси и ако е понизен, со текот на времето тој ќе сфати дека Библијата навистина е Божја Реч.
4. Што се бара од поединецот за да стекне вера?
4 Честопати, за само неколку месеци луѓето на кои им се помага да ја проучуваат Библијата го ценат тоа што веќе виделе доволно докази дека тоа е Реч Божја. Ако ова ги поттикне широко да го отворат своето срце за да бидат поучени од Јехова, тогаш нивните најскриени мисли, нивните желби и нивните мотивации постепено ќе бидат обликувани од она што го учат (Псалм 142:10). Римјаните 10:10 вели дека човек „со срцето“ практикува вера. Таквата вера изразува што навистина чувствува поединецот, и тоа ќе се манифестира во неговиот животен правец.
Ное постапувал според добро втемелена вера
5, 6. На што се темелела Ноевата вера?
5 Ное бил човек кој имал добро втемелена вера (Евреите 11:7). Каков темел имал тој за неа? Ное не ја имал Божјата Реч во пишан облик, туку таа му била изговорена. 1. Мојсеева 6:13 вели: „И му рече Господ Бог на Ноја: ‚Крајот на секое тело пред очите Мои дојде, зашто се исполни земјата со неправда од нив‘“. Јехова го упатил Ное да гради арка и му дал детали во врска со нејзината градба. Потоа Бог додал: „Јас ќе пуштам потоп, вода, на земјата, за да ја истребам под небото секоја плот, во која има дух животен, сѐ, што е на земјата, ќе изгине“ (1. Мојсеева 6:14—17).
6 Дали пред тоа имало дожд? Библијата не кажува. 1. Мојсеева 2:5 вели: „Господ Бог уште не праќаше дожд на земјата“. Но, на овој начин Мојсеј, кој живеел со векови подоцна, ги изразил работите кога дискутирал не за времето на Ное, туку за едно време долго пред тоа. Како што е покажано во 1. Мојсеева 7:4, Јехова се осврнал на дожд кога му зборувал на Ное, и очигледно Ное разбрал што мислел тој со тоа. Сепак, Ноевата вера не се состоела од она што можел да го види. Апостол Павле напишал дека Ное ‚примил божествено предупредување за работите кои сѐ уште не можеле да се видат‘. Бог му рекол на Ное дека Тој на Земјата ќе донесе „потоп од води“ или „небесен океан“, како што тоа го изразува една фуснота во New World Translation во 1. Мојсеева 6:17. До тоа време, никогаш не се случило такво нешто. Но, сето творештво што било видливо за Ное стоело како очигледна демонстрација дека Бог навистина би можел да донесе една таква разорна поплава. Поттикнат од вера, Ное ја изградил арката.
7. а) Што не му било потребно на Ное за да го стори она што Бог му го заповедал? б) На кој начин ни користи разгледувањето на Ноевата вера, и како може нашата вера да биде благослов за другите?
7 Бог не му дал датум на Ное кога би почнал потопот. Но, Ное не го искористил тоа како изговор за усвојување на ставот „чекај и посматрај“, ставајќи ги градењето на арката и проповедањето на второ место во својот живот. Давајќи доволно време, Бог му кажал на Ное кога да се пресели во арката. Во меѓувреме, ‚Ное фатил да прави според сето она што му го заповедал Бог. Токму така направил‘ (1. Мојсеева 6:22, NW). Ное одел по вера, а не по гледање. Колку само сме благодарни што правел така! Поради неговата вера, ние денес сме живи. И во нашиов случај, верата што ја покажуваме ние може да има длабок ефект врз тоа што ни носи иднината не само нам туку и на нашите деца, како и на другите луѓе околу нас.
Верата на Авраам
8, 9. а) На што ја темелел Авраам својата вера? б) На кој начин Јехова му се ‚појавил‘ на Авраам?
8 Разгледај еден друг пример — оној на Авраам (Евреите 11:8—10). На што ја темелел Авраам својата вера? Околината во која пораснал во Ур Халдејски била идолопоклоничка и материјалистичка. Но, и некои други влијанија го обликувале Авраамовото гледиште. Несомнено, тој можел да се дружи со Ноевиот син Сим, чиј живот 150 години се поклопувал со неговиот. Авраам станал уверен дека Јехова е „Севишниот Господ Бог, Создател на небото и земјата“ (1. Мојсеева 14:22).
9 И нешто друго имало силно влијание врз Авраам. Јехова ‚му се јавил [појавил, NW] на . . . Авраама, кога бил во Месопотамија, уште пред да се пресели во Харан, и му рекол: „Излези од твојата Земја, од твојот род и од домот на татка ти, па дојди во земјата, што ќе ти ја покажам“‘ (Дела 7:2, 3). Како Јехова му се ‚појавил‘ на Авраам? Авраам не го видел Бог директно (2. Мојсеева 33:20). Меѓутоа, можно е Јехова да му се појавил на Авраам на сон, со некое натприродно покажување на слава или, пак, преку некој ангелски гласник, односно претставник. (Спореди 1. Мојсеева 18:1—3; 28:10—15; 3. Мојсеева 9:4, 6, 23, 24.) Каков и да бил начинот на кој Јехова му се појавил на Авраам, тој верен човек имал доверба дека Бог пред него става една драгоцена предност. Авраам се оѕвал со вера.
10. Како Јехова ја зајакнал Авраамовата вера?
10 Авраамовата вера не зависела од тоа дали тој има детали во врска со земјата во која го упатувал Бог. Таа не се вртела околу тоа да знае кога ќе му биде дадена оваа земја. Тој имал вера затоа што го знаел Јехова како Бог Семоќен (2. Мојсеева 6:3). Јехова му рекол на Авраам дека тој ќе има потомство, но понекогаш Авраам се чудел како би можело да биде тоа. Тој стареел (1. Мојсеева 15:3, 4). Јехова ја зацврснал Авраамовата вера со тоа што му кажал да погледне кон ѕвездите и да ги изброи ако може. „Толкаво ќе биде потомството твое“ — рекол Бог. Авраам бил длабоко трогнат. Било очигледно дека Создателот на тие небесни тела кои влеваат стравопочитување, би можел да го исполни она што го ветил. Авраам ‚му поверувал на Господа Бога‘ (1. Мојсеева 15:5, 6). Авраам не верувал едноставно затоа што му се допаднало она што го слушал; тој имал добро втемелена вера.
11. а) Додека се ближел кон својата стота година, како реагирал Авраам на Божјето ветување дека остарената Сара ќе роди син? б) Со каков вид вера се соочил Авраам со испитот во кој било вклучено водење на неговиот син на Гората Морија за да го принесе како жртва?
11 Кога Авраам бил близу стотата година, а неговата сопруга, Сара, близу 90-тата, Јехова повторно го навел своето ветување дека Авраам ќе има син и дека Сара ќе биде мајката. Авраам реалистично размислил за нивната ситуација. „Во ветувањето Божјо не се посомни со неверие, туку остана тврд во верата, и Го прослави Бога, наполно уверен дека Он е силен и да го изврши она, што го ветил“ (Римјаните 4:19—21). Авраам знаел дека ‚Божјето ветување‘ не би можело да пропадне. Подоцна, поради својата вера, Авраам послушал кога Бог му рекол да го земе својот син Исак во земјата Морија и да го принесе како жртва (1. Мојсеева 22:1—12). Авраам имал полна доверба дека Бог, кој на чудесен начин предизвикал да се роди тој син, би можел и да го врати во живот за да ги исполни натамошните ветувања што ги дал во врска со него (Евреите 11:17—19).
12. Колку долго продолжил Авраам да оди со вера, и какви награди го очекуваат него и членовите на неговото семејство кои покажале јака вера?
12 Дека бил воден од вера, Авраам покажал не само во извесни околности туку и преку целиот свој живот. Во текот на својот животен век, Авраам не добил од Бог како наследство никаков дел од Ветената земја (Дела 7:5). Па сепак, Авраам не се уморил и не се вратил во Ур Халдејски. Во период од 100 години, сѐ до својата смрт, тој живеел во шатори во земјата во која го упатил Бог (1. Мојсеева 25:7). Во врска со него и неговата сопруга Сара, нивниот син Исак и нивниот внук Јаков, во Евреите 11:16 се вели: „Бог не се срами за нив да се наречува нивен Бог; бидејќи им приготвил град“. Да, Јехова за нив има место во земното подрачје од своето Месијанско Царство.
13. Кој меѓу Јеховините слуги денес дава доказ дека има вера како онаа на Авраам?
13 Меѓу Јеховиниот народ денес има такви кои се како Авраам. Тие одат по вера многу години. Со силата што им ја дава Бог, тие надминале препреки слични на планини (Матеј 17:20). Тие не се колебаат во верата затоа што не знаат кога точно Бог ќе им го даде наследството што го ветил. Знаат дека Јеховината реч не може да пропадне, и сметаат дека за нив е непроценлива предност да бидат вброени меѓу неговите Сведоци. Дали и ти се чувствуваш така?
Верата која го поттикнала Мојсеј
14. Како бил положен темелот за Мојсеевата вера?
14 Друг пример за вера е Мојсеј. Кој бил темелот за неговата вера? Тој бил положен уште во периодот на доењето. Иако фараоновата ќерка го нашла Мојсеј во еден папирусен сандак во реката Нил и го зела за свој син, Мојсеевата родена еврејска мајка, Јохаведа, го доела момченцето и се грижела за него во текот на неговите рани години. Очигледно, Јохаведа добро го поучила, всадувајќи му љубов кон Јехова и ценење за Неговите ветувања на Авраам. Подоцна, како член на фараоновото домаќинство, Мојсеј ‚ја научил целата мудрост египетска‘ (Дела 7:20—22; 2. Мојсеева 2:1—10; 6:20; Евреите 11:23). Меѓутоа, и покрај неговата поволна положба, неговото срце било со Божјиот поробен народ.
15. Што значело за Мојсеј да се идентификува со Јеховиниот народ?
15 Во својата 40-та година, Мојсеј убил еден Египќанец за да избави еден Израелец со кого се постапувало неправедно. Овој инцидент покажал како гледал Мојсеј на Божјиот народ. Навистина, ‚со вера Мојсеј, кога пораснал, се откажал да се нарече син на фараоновата ќерка‘. Наместо да се прилепи за ‚преодната гревовна наслада‘ како член на египетскиот двор, тој бил поттикнат од вера да се идентификува со Божјиот народ со кој лошо се постапувало (Евреите 11:24, 25; Дела 7:23—25).
16. а) Каков налог му дал Јехова на Мојсеј, и како Бог му помогнал? б) Како Мојсеј покажал вера во извршувањето на својот налог?
16 Мојсеј бил желен да преземе акција за да му донесе олеснување на својот народ, но Божјето време за нивно избавување уште не било дојдено. Мојсеј морал да бега од Египет. Дури после 40-тина години, Јехова преку ангел му дал налог на Мојсеј да се врати во Египет за да ги изведе Израелците од таа земја (2. Мојсеева 3:2—10). Како реагирал Мојсеј? Тој не изразил сомневање во поглед на Јеховината способност да го избави Израел, туку се чувствувал недостаточен за улогата што Бог ја поставил пред него. Со љубов, Јехова му го дал охрабрувањето што му било потребно на Мојсеј (2. Мојсеева 3:11—4:17). Мојсеевата вера зацврснала. Се вратил во Египет и секогаш одново лице в лице го предупредувал фараонот за неволјите што би дошле врз Египет поради пропустот на тој владетел да го пушти Израел да оди да го обожава Јехова. Мојсеј не ја поседувал моќта да ги предизвика тие неволји. Тој одел по вера, а не по гледање. Неговата вера била во Јехова и во Неговата реч. Фараонот му се заканувал на Мојсеј. Но, Мојсеј издржал. „Со вера тој го напушти Египет, не плашејќи се од царскиот гнев, зашто веруваше во Оној, Кој не се гледа, како да Го гледа“ (Евреите 11:27). Мојсеј не бил совршен. Правел грешки (4. Мојсеева 20:7—12). Меѓутоа, откако бил овластен од Бог, неговиот севкупен животен правец бил управуван по вера.
17. Што им донело одењето по вера на Ное, Авраам и Мојсеј, иако тие не го доживеале Божјиот нов свет?
17 Нека твојата вера биде како онаа на Ное, Авраам и Мојсеј. Точно е дека тие не го виделе Божјиот нов свет во нивното време (Евреите 11:39). Сѐ уште не било Божјето одредено време; имало и други аспекти од неговата намера кои допрва требало да се исполнат. Сепак, нивната вера во Божјата реч не се поколебала, и нивните имиња се во Божјата книга на животот.
18. Зошто било неопходно оние кои се повикани за небесен живот да одат по вера?
18 „Бог за нас предвиде нешто подобро“ — напишал апостол Павле. То ест, Бог предвидел нешто подобро за оние кои, како Павле, биле повикани за небесен живот со Христос (Евреите 11:40). Тие се оние кои Павле особено ги имал на ум кога ги пишувал зборовите што се запишани во 2. Коринтјаните 5:7 (NW): „Ние одиме по вера, а не по гледање“. Кога тоа било напишано, ниту еден од нив сѐ уште ја немал постигнато својата небесна награда. Тие не можеле да ја видат со своите физички очи, но нивната вера во неа била добро втемелена. Христос бил подигнат од мртвите — првите плодови од оние кои треба да бидат благословени со небесен живот. И преку 500 сведоци го виделе пред неговото вознесување на небото (1. Коринтјаните 15:3—8). Тие имале обилни причини да го управуваат целиот свој животен правец по таа вера. И ние имаме здрави причини да одиме по вера.
19. Како што е покажано во Евреите 1:1, 2, преку кого Бог ни зборува нам?
19 Денес, Јехова не му зборува на својот народ преку некој ангел, како што го сторил тоа со Мојсеј кај разгорената грмушка. Бог зборувал преку својот Син (Евреите 1:1, 2). Она што Бог го рекол преку него, дал да се запише во Библијата која е преведена на јазиците на луѓето ширум светот.
20. Како нашата ситуација е поповолна отколку онаа на Ное, Авраам и на Мојсеј?
20 Ние имаме многу повеќе отколку што имале Ное, Авраам или Мојсеј. Ја имаме комплетната Реч Божја — чиј голем дел веќе е исполнет. Со оглед на сето она што го вели Библијата за мажите и жените кои се докажале како верни сведоци на Јехова и покрај испити од секаков вид, Евреите 12:1 поттикнува: „Да отфрлиме од себеси секакво бреме и грев, што лесно нѐ окружува [заплеткува, NW], и со трпеливост да побрзаме кон претстојната борба“. Нашата вера не е нешто што треба да се земе здраво за готово. ‚Гревот што лесно нѐ заплеткува‘ е недостигот на вера. За да продолжиме да „одиме по вера“, потребна е тешка борба.
[Фусноти]
a Види Библија — Реч Божја или човечија? издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
Како гласи твојот коментар?
◻ Што е вклучено во тоа да ‚се оди по вера‘?
◻ Како можеме да извлечеме корист од начинот на кој Ное покажал вера?
◻ Како ни помага начинот на кој Авраам практикувал вера?
◻ Зошто Библијата укажува на Мојсеј како на пример за вера?
[Слика на страница 10]
Авраам одел по вера
[Слика на страница 10]
Мојсеј и Арон покажале вера кога биле пред фараонот