ПОГЛАВЈЕ 20
Помагање на соверниците — света служба во чест на Јехова
1, 2. а) Во каква неволја се нашле христијаните во Јудеја? б) Како добиле помош од своите браќа во Антиохија?
ВО 46 год. од н.е., во Јудеја завладеал голем глад. Она малку жито што останало вредело како суво злато, а Христовите ученици кои живееле таму немале со што да го купат. Биле изгладнети и ситуацијата изгледала безизлезна. Но, наскоро ја почувствувале Јеховината заштита како ниту еден Христов ученик пред нив. Што се случило?
2 Кога дознале колку страдаат нивните соверници во Ерусалим и во Јудеја, еврејските и нееврејските христијани од сириска Антиохија собрале средства за да им помогнат. А потоа избрале двајца зрели браќа, Варнава и Савле, за да им ја достават помошта на собраниските старешини во Ерусалим. (Прочитај Дела 11:27-30; 12:25.) Замисли си колку биле трогнати сиромашните браќа во Јудеја од љубовта што на ваков начин им ја покажале браќата од Антиохија!
3. а) Како Божјите слуги во нашево време постапуваат слично на христијаните од Антиохија? Наведи пример. (Види ја и рамката „Нашата прва поголема акција за помош во денешно време“.) б) Кои прашања ќе ги разгледаме во ова поглавје?
3 Овој настан во првиот век од н.е. е првиот спомнат случај во Библијата кога некои христијани им испратиле помош на соверниците што живееле далеку од нив. И ние денес постапуваме како нашите браќа од Антиохија. Кога ќе дознаеме дека нашите соверници што живеат на некое друго место се погодени од неволја или катастрофа, спремно им ја пружаме потребната помош.a За да разбереме како помагањето на соверниците е поврзано со другите христијански активности, ќе разгледаме три прашања: Зошто помагањето на браќата се смета за света служба? Што сакаме да постигнеме кога им помагаме на соверниците? Зошто тоа е добро за нас?
Зошто помагањето на браќата е „света служба“
4. Кои главни обележја на христијанската служба им ги спомнал Павле на Коринќаните?
4 Во своето второ послание до Коринќаните, Павле објаснил дека службата што ја вршат христијаните има две главни обележја. Иако ова послание им било упатено на помазаните христијани, денес зборовите на Павле важат и за Христовите „други овци“ (Јован 10:16). Од една страна, Јехова ни ја доверил „службата на помирувањето“, односно нашето проповедање и поучување (2. Кор. 5:18-20; 1. Тим. 2:3-6). Но, од друга страна, треба да им служиме и на нашите соверници. На пример, Павле го спомнал „собирањето помош за светите“, односно „служењето на светите“ (2. Кор. 8:4, фус.). И во изразот „службата на помирувањето“ и во изразот „служењето на светите“ во изворниот текст се користи истиот грчки збор — дијаконија. Зошто ова е важно?
5. Зошто е значајно тоа што Павле го вброил помагањето на соверниците меѓу останатите видови служба?
5 Со тоа што го употребил истиот грчки збор за двете активности, Павле го вброил помагањето на соверниците меѓу останатите видови служба кои се вршеле во христијанското собрание. Пред тоа, тој рекол: „Службите се различни, но Господарот е ист. И има различни дејствувања... но сето тоа го прави еден и ист дух“ (1. Кор. 12:4-6, 11). Всушност, Павле зборувал за различните активности што се извршуваат во собранието како за „света служба“b (Рим. 12:1, 6-8, фус.). Според тоа, сосема е разбирливо што рекол: „Одам во Ерусалим за да им помогнам [дословно: служам] на светите“, сметајќи дека е сосема на место да посвети дел од своето време и на тој вид служба (Рим. 15:25, 26).
6. а) Како Павле објаснил зошто помагањето на соверниците е дел од светата служба? б) Опиши како денес им помагаме на соверниците низ целиот свет. (Види ја рамката „Во случај на катастрофа“.)
6 Павле им објаснил на Коринќаните зошто помагањето на браќата било дел од нивната служба за Јехова. Тој рекол дека христијаните им пружаат помош на соверниците затоа што се „подложни на добрата вест за Христос“ (2. Кор. 9:13). Со други зборови, тие им помагаат бидејќи искрено сакаат да ги применуваат Христовите учења во својот живот. Павле рекол дека добрите дела што ги прават за своите браќа, всушност, се израз на „Божјата незаслужена доброта“ (2. Кор. 9:14; 1. Пет. 4:10). Затоа, во Стражарска кула од 1 декември 1975 год., во која се зборуваше за помагање на браќата во неволја, со право пишуваше: „Воопшто не треба да се сомневаме дека овој вид служба им е многу важен на Јехова Бог и на неговиот Син, Исус Христос“. Според тоа, помагањето на браќата навистина е скапоцен вид света служба (Рим. 12:1, 7; 2. Кор. 8:7; Евр. 13:16).
Што се постигнува со овој вид служба
7, 8. Која е првата цел што ја постигнуваме кога им помагаме на нашите браќа? Објасни.
7 Што постигнуваме кога им помагаме на браќата кои се во неволја? Павле го дал одговорот на ова прашање во своето второ писмо до Коринќаните. (Прочитај 2. Коринќаните 9:11-15.) Во овие стихови, Павле нагласил дека ,службата со која се собира помош‘ има три главни цели. Да ги разгледаме една по една.
8 Прво, кога им пружаме помош на браќата, му носиме слава на Јехова. Забележи колку често во петте стихови наведени погоре Павле им го насочил вниманието на своите браќа кон Јехова Бог. Тој ги потсетил дека службата со која се собира помош ги поттикнува другите „да му благодарат на Бог“ и да му упатуваат „многубројни благодарности“ (стихови 11, 12). Освен тоа, спомнал дека христијаните што добиле помош биле поттикнати да го „слават Бог“ и да го величаат ,поради незаслужената доброта која обилно им ја покажал‘ (стихови 13, 14). Откако објаснил колку е важно „служењето на светите“, Павле заклучил: „Му благодариме на Бог за неговиот неопислив дар“ (стих 15; 1. Пет. 4:11).
9. Како помошта која им ја пружаме на нашите браќа може да влијае врз луѓето? Наведи пример.
9 Исто како Павле, Божјите слуги денес сметаат дека, кога им помагаат на браќата што се во неволја, имаат прилика да го слават Јехова и да ,го украсуваат неговото учење‘ (1. Кор. 10:31; Тит 2:10). Всушност, со тоа честопати успеваат да ги срушат предрасудите што некои луѓе ги имаат за Јехова и за неговите Сведоци. Ова многу јасно се гледа од следниов пример. Една жена, која живеела на подрачје што било опустошено од ураган, на вратата имала ставено натпис: „Не примаме Јеховини сведоци“. Но, еден ден видела како некои доброволци почнале да поправаат една оштетена куќа спроти нејзиниот дом. Таа со денови гледала како тие работници се однесуваат срдечно и пријателски еден со друг, и затоа отишла да ги праша кои се. Кога дознала дека се Јеховини сведоци, многу се изненадила, и рекла: „Очигледно имав сосема погрешно мислење за вас“. Потоа го тргнала натписот од вратата.
10, 11. а) Која е втората цел што ја постигнуваме кога им помагаме на браќата кои се во неволја? Наведи примери. б) Зошто била издадена брошура во која се зборува за нашите акции за помош? (Види ја рамката „Корисна публикација за оние што ги организираат акциите за помош“.)
10 Второ, пружаме помош ,за да ги задоволиме потребите‘ на соверниците. (2. Кор. 9:12а). Ние сакаме да им го дадеме на нашите браќа она што им е најпотребно и да им го ублажиме страдањето. Зошто? Затоа што членовите на христијанското собрание се делови од ,едно тело‘ и, „ако еден дел трпи, сите други делови трпат со него“ (1. Кор. 12:20, 26). Поттикнати од братска љубов и сочувство, денес многу браќа и сестри се спремни веднаш да остават сѐ што прават, да ги земат потребните алати и да заминат на места погодени од катастрофи за да им помогнат на своите соверници (Јак. 2:15, 16). На пример, откако Јапонија беше погодена од цунами во 2011 год., американската подружница испрати писмо до Регионалните одбори за изградба во САД за да се распраша дали „неколку браќа со градежно искуство“ можат да помогнат во поправањето и градењето на сали за состаноци во Јапонија. Каков беше одѕивот? За неколку седмици, се пријавија речиси 600 доброволци, кои беа спремни да отпатуваат за Јапонија на свој трошок! „Таквиот одѕив ги надмина сите наши очекувања!“, напиша подружницата на САД. Што одговорил еден од доброволците кога еден брат од Јапонија го прашал зошто дошол да помага? „Браќата во Јапонија се дел од ,нашето тело‘“, му рекол тој. „И ние чувствуваме болка кога тие страдаат.“ Поттикнати од самопожртвувана љубов, Сведоците понекогаш дури и си го ризикуваат животот за да им помогнат на соверниците.c (1. Јов. 3:16).
11 И оние што не се Сведоци изразуваат ценење за помошта што ја пружаме при катастрофи. На пример, кога државата Арканзас (САД) беше погодена од елементарна непогода во 2013 год., во еден весник пишуваше: „Јеховините сведоци се толку добро организирани што своите акции за помош ги имаат доведено до совршенство“. Навистина, како што рекол апостол Павле, ние правиме сѐ за да ги ,задоволиме потребите‘ на нашите браќа во неволја.
12-14. а) Која е третата цел што ја постигнуваме кога им помагаме на браќата кои се во неволја, и зошто е многу важна? б) Кои изјави покажуваат колку е важно што побрзо да се продолжи со духовните активности?
12 Трето, им помагаме на настраданите браќа повторно да се посветат на духовните активности. Зошто е важно ова? Павле рекол дека тие што добиваат помош ќе бидат поттикнати да му упатуваат „многубројни благодарности на Бог“ (2. Кор. 9:12б). А има ли подобар начин да му ја покажат својата благодарност на Јехова од тоа да се вратат што е можно побрзо на своите христијански активности? (Фил. 1:10). Во Стражарска кула од 1945 год. пишувало: „Павле го одобрувал... собирањето прилози бидејќи така им се помагало во материјален поглед... на сиромашните браќа, па тие можеле да сведочат за Јехова уште поревносно и во поголема мера“. И ние денес имаме иста цел. Кога повторно ќе почнат да проповедаат, Божјите слуги што биле погодени од неволја ги тешат другите луѓе, но и самите добиваат утеха. (Прочитај 2. Коринќаните 1:3, 4.)
13 Да видиме што рекле некои браќа кои, откако ја добиле неопходната помош, почнале повторно да проповедаат и биле зајакнати поради тоа. „Бевме среќни што како семејство можевме да одиме во служба“, рекол еден брат. „Додека ги тешевме другите, барем накратко заборававме на нашите лични грижи и проблеми.“ Една сестра рекла: „Духовните активности ми помогнаа да не мислам на хаосот околу нас. Проповедањето ми влеа чувство на сигурност“. Друга сестра рекла: „Иако многу работи беа вон наша контрола, службата ни помогна на сите во семејството да мислиме на нешто позитивно. Тоа што ја споделувавме со другите надежта за новиот свет, ни помогна со доверба да гледаме на иднината кога Јехова ќе обнови сѐ“.
14 Состаноците се друга духовна активност со која нашите соверници кои се погодени од неволја треба да продолжат што е можно побрзо. Да видиме што се случило со Кијоко, една сестра која имала околу 60 год. кога Јапонија беше погодена од цунами. Откако изгубила сѐ освен облеката и сандалите што ги имала на себе, таа била многу загрижена бидејќи не знаела од што ќе живее. Тогаш еден старешина ѝ рекол дека ќе го одржат собранискиот состанок во неговата кола. Кијоко вели: „Во колата бевме јас, една сестра и старешината со жена му. Состанокот беше едноставен, но ми помогна, како со чудо, да заборавам на ужасот од цунамито. Почувствував душевен мир. Тој состанок ми покажа колку може да нѐ зајакне дружењето со браќата и сестрите“. Во врска со состаноците на кои одела откако се случила катастрофа, друга сестра рекла: „Тие ми беа јаже за спасување!“ (Рим. 1:11, 12; 12:12).
Помагањето на браќата носи трајни благослови
15, 16. а) Какви благослови имале христијаните во Коринт, како и другите кои им помагале на своите браќа во неволја? б) Зошто може да се каже дека и денес акциите за помош ни носат благослови?
15 Во своето послание до Коринќаните, Павле им објаснил какви благослови ќе имаат тие и другите христијани ако им помагаат на соверниците кои се во неволја. Тој изјавил: „Тие [еврејските христијани во Ерусалим кои ја добиле помошта] со голема љубов ќе се молат за вас, затоа што Бог токму преку вас им покажа колку милосрдно им е благонаклонет“ (2. Кор. 9:14, Радосна Вест). Великодушната помош која ја добиле еврејските христијани ја продлабочила нивната љубов кон браќата во Коринт — меѓу кои имало и не-Евреи — и ги поттикнала сесрдно да се молат за нив.
16 Во Стражарска кула од 1 декември 1945 год., овие зборови на Павле биле применети на нашево време. Таму пишувало: „Кога верните Божји слуги од едниот крај на светот собираат помош за потребите на своите соверници од другиот крај на светот, тоа уште повеќе го зацврстува нивното единство“. Браќата кои денес учествуваат во акциите за помош се увериле во вистинитоста на овие зборови. Еден старешина кој помагал на подрачје кое било погодено од поплави вели: „Овие акции ми помогнаа да се зближам со браќата како никогаш порано“. А една сестра која била благодарна што добила ваква помош рекла: „Нашето братство ни помага уште денес да вкусиме каков ќе биде животот во прекрасниот нов свет!“ (Прочитај Изреки 17:17.)
17. а) Како зборовите од Исаија 41:13 се исполнуваат со акциите за помош? б) Наведи некои примери кои покажуваат како акциите за помош му носат чест на Јехова и го зацврстуваат нашето единство. (Види ја и рамката „Доброволците им помагаат на браќата низ целиот свет“.)
17 Кога доброволците ќе пристигнат на опустошеното подрачје, браќата што се погодени од катастрофата чувствуваат на посебен начин како Бог го исполнува следново ветување: „Јас, Јехова, твојот Бог, те држам за десницата и ти велам: ,Не плаши се! Јас ќе ти помогнам‘“ (Иса. 41:13). На пример, една сестра рекла: „Се чувствував безнадежно кога гледав колкава штета беше направена. Но, Јехова беше покрај мене. Не можам да опишам колку многу ми помогнаа браќата“. Двајца старешини од едно подрачје кое било погодено од земјотрес, го напишале следново во име на своите собранија: „Тоа беше неописливо тежок период за нас. Но, Јехова многу ни помогна преку нашите браќа. Порано само читавме за акциите за помош, а сега гледавме како се извршуваат пред наши очи“.
Можеш ли и ти да помагаш?
18. Што можеш да правиш ако сакаш да учествуваш во некоја акција за помош? (Види ја и рамката „Влијаела врз целиот негов живот“.)
18 Дали би сакал и ти да почувствуваш радост така што ќе учествуваш во некоја акција за помош? Ако да, имај на ум дека за овие акции обично се избираат браќа и сестри кои работат на изградба на сали за состаноци. Затоа, спомни им на старешините во твоето собрание дека би сакал да пополниш молба за оваа служба. Еден старешина, кој со години учествува во акции за помош, го дава следново корисно потсетување: „Одете на погоденото подрачје дури откако ќе добиете покана од некој Одбор за помош при катастрофи“. Тоа ќе го олесни организирањето на работата.
19. Како со акциите за помош покажуваме дека сме вистински следбеници на Христос?
19 Кога им помагаме на браќата што се во неволја, ние на посебен начин покажуваме послушност кон Христовата заповед: „Сакајте се еден со друг“. Таквата љубов е доказ дека навистина сме ученици на Исус (Јован 13:34, 35). Колку сме среќни што има толку многу браќа кои му носат слава на Јехова така што спремно им помагаат на сите кои верно го поддржуваат Божјето Царство!
a Во ова поглавје се зборува за помошта која им ја пружаме на нашите соверници. Но, понекогаш со таквите акции им помагаме и на другите луѓе (Гал. 6:10).
b На пример, Павле го употребил зборот дијаконос (слуга) во множина кога се осврнал на ,слуга-помошниците‘ кои вршат света служба во собранието (1. Тим. 3:12).
c Види ја статијата „Помагање на нашата фамилија верници во Босна“ во Стражарска кула од 1 ноември 1994, страници 23-27.