„Ќе одам во твојата вистина“
Поучи ме, о Јехова, за својот пат! Ќе одам во твојата вистина (ПС. 86:11)
1-3. а) Каков став треба да имаме кон вистината? Наведи пример. (Види ги сликите на почетокот од статијата.) б) Што ќе разгледаме во оваа статија?
ДЕНЕС е многу вообичаено луѓето да вратат некој производ што го купиле. Според проценките, во некои земји се враќаат речиси девет отсто од производите купени во продавница, а повеќе од 30 отсто од производите купени преку Интернет. Зошто купувачите го прават тоа? Можеби производот не им се допаднал или, пак, бил оштетен. Затоа одлучиле да го заменат или да си ги побараат парите назад.
2 Ние никогаш не би го направиле ова со библиската вистина. Откако сме ја „купиле“, односно сме ја дознале и прифатиле вистината, никогаш не сакаме да ја „продадеме“, односно да ја оставиме. (Прочитај Изреки 23:23; 1. Тим. 2:4.) Како што видовме во претходната статија, за да ја купиме вистината сме одвоиле многу време. Исто така, можеби сме се откажале од успешна кариера и можноста да станеме богати или, пак, ни се нарушиле односите со другите. Освен тоа, можеби сме го смениле начинот на размислување и постапување, или сме се откажале од небиблиски обичаи. Но уверени сме дека ниту една жртва што сме ја направиле не е повредна од благословите што сме ги добиле.
3 Нашиот став кон библиската вистина е сличен со ставот на трговецот со бисери кого Исус го спомнал во една своја споредба. Кога нашол еден скапоцен бисер, трговецот веднаш продал сѐ што има за да го купи. Тој бисер ја претставува вистината за Божјето Царство. Преку оваа споредба, Исус покажал колку ќе им биде скапоцена вистината на оние што ја бараат (Мат. 13:45, 46). Кога сме ја дознале вистината, во што спаѓа вистината за Божјето Царство и сите други скапоцени вистини од Божјата Реч, и ние сме биле спремни да направиме какви и да било жртви за да ја добиеме. Ако продолжиме да ја цениме вистината, никогаш нема да ја „продадеме“. За жал, некои Божји слуги престанале да ја ценат, па дури и ја „продале“. Не сакаме такво нешто да ни се случи и нам! За да покажеме дека ја цениме вистината и дека за ништо не би ја продале, мора да бидеме послушни на библискиот совет да живееме според неа. (Прочитај 3. Јованово 2-4.) Тоа значи со нашиот начин на живот да покажеме дека вистината ни е најважна од сѐ. Но, зошто и како би можело да се случи некој да ја „продаде“? Што ќе ни помогне да не ја направиме таа грешка? Како можеме да си ја зајакнеме решеноста да продолжиме да живееме според вистината? Одговорот на овие прашања ќе го добиеме во оваа статија.
ЗОШТО И КАКО НЕКОИ ЈА „ПРОДАВААТ“ ВИСТИНАТА
4. Зошто некои во првиот век ја „продале“ вистината?
4 Во времето на Исус, некои што во почетокот ја прифатиле вистината, подоцна престанале да живеат според неа. На пример, откако Исус преку чудо нахранил голем број луѓе, тие го следеле до другата страна на Галилејското Море. Но таму Исус кажал нешто што ги запрепастило: „Ако не го јадете телото на Синот човечки и не ја пиете неговата крв, немате живот во себе“. Наместо да побараат од Исус да им објасни што сакал да каже, тие се спрепнале од неговите зборови и рекле: „Овие зборови се тешки! Кој може да ги слуша?“ Затоа мнозина од неговите ученици се вратиле на она што го оставиле, и повеќе не оделе со него (Јован 6:53-66).
5, 6. а) Зошто некои денес отстапиле од вистината? б) Објасни како некој може да биде одвлечен од вистината.
5 За жал, некои и денес ја оставиле вистината. Некои се спрепнале поради промена во разбирањето на некој библиски стих, или поради нешто што кажал или направил некој брат кој има поголеми одговорности во организацијата. Некои се навредиле поради тоа што добиле библиски совет или, пак, затоа што имале големо недоразбирање со некој во собранието. А некои застанале на страната на отпадници или други противници кои шират лаги за нашите верувања. Ова се неколку причини поради кои некои свесно отстапиле од Јехова и од собранието (Евр. 3:12-14). Колку подобро би било ако имале доверба во Исус каква што имал апостол Петар. Кога другите од мноштвото биле запрепастени од Исусовите зборови, Исус ги прашал апостолите дали сакаат и тие да си одат. Петар веднаш одговорил: „Господару, кај кого да одиме? Ти ги имаш зборовите на вечниот живот“ (Јован 6:67-69).
6 Други биле одвлечени од вистината малку по малку, можеби дури и без да забележат што им се случува. Оној што постепено ја напушта вистината може да се спореди со чамец кој полека се оддалечува од брегот. Библијата нѐ советува да внимаваме никогаш да не бидеме „одвлечени од верата“ (Евр. 2:1). За разлика од оној што свесно отстапува од вистината, оној што е одвлечен од неа не го прави тоа намерно. Сепак, дозволува да ослабне неговото пријателство со Јехова, а со текот на времето може и сосема да го изгуби. Што може да ни помогне да не ни се случи такво нешто?
ШТО ЌЕ НИ ПОМОГНЕ НИКОГАШ ДА НЕ ЈА ПРОДАДЕМЕ ВИСТИНАТА?
7. Што ќе ни помогне никогаш да не ја продадеме вистината?
7 Ако сакаме да продолжиме да живееме според вистината, мора да го прифатиме сето она што го кажал Јехова и да му бидеме послушни. Вистината треба да ни биде најважна во животот и треба да ги следиме библиските начела во сѐ што правиме. Во молитва, цар Давид му ветил на Јехова: „Ќе одам во твојата вистина“ (Пс. 86:11). Давид бил цврсто решен да продолжи да живее според вистината, а и ние треба да имаме иста таква решеност. Во спротивно, би можеле да почнеме да жалиме за работите што сме ги жртвувале поради вистината, па дури и да посакаме да се вратиме на некои од нив. Но, не можеме да избираме според кои библиски вистини ќе живееме, а според кои не. Ние мора да живееме според „сета вистина“ (Јован 16:13). Во претходната статија разгледавме пет работи што можеби сме ги жртвувале за вистината. Сега ќе видиме што ќе ни помогне никогаш да не им се вратиме на работите кои сме ги оставиле зад нас (Мат. 6:19).
8. Што може да се случи ако не го користиме мудро нашето време? Наведи пример.
8 Време. Ако не сакаме да бидеме одвлечени од вистината, мора мудро да го користиме времето. Доколку не внимаваме, може да почнеме да трошиме премногу време на рекреација, на некое хоби, на Интернет или на гледање телевизија. Иако овие работи не се погрешни сами по себе, може да почнат да ни го одземаат времето што претходно сме го користеле за лично проучување и за други духовни активности. Такво нешто ѝ се случило на Ема.a Таа уште како мала многу ги сакала коњите и ја користела секоја прилика за да јава. Но совеста почнала да ја измачува бидејќи трошела премногу време на своето хоби. Затоа направила некои промени и успеала да ја стави рекреацијата на исправното место во животот. Исто така, се охрабрила од искуството на Кори Велс, една сестра која порано се занимавала со акробатско јавање на коњи.b Ема сега има повеќе време за духовни активности и за семејството и пријателите кои исто така се Сведоци. Се чувствува поблиска со Јехова и има чиста совест бидејќи мудро го користи времето.
9. Како може да се случи материјалните работи да ни станат поважни од духовните работи?
9 Материјални работи. Ако сакаме да продолжиме да живееме според вистината, мора да внимаваме материјалните работи да не ни станат премногу важни. Кога ја дознавме вистината, сфативме дека е многу поважно да му служиме на Јехова отколку да трчаме по материјални работи. За да живееме според вистината, со задоволство направивме жртви во материјален поглед. Но со текот на времето, можеби гледаме како другите ги купуваат најновите електронски уреди или уживаат во други нешта што можат да се купат со пари. Поради тоа, можеби ќе почнеме да мислиме дека пропуштаме нешто убаво во животот. Можеби повеќе нема да бидеме задоволни со она што го имаме и ќе почнеме да ги запоставуваме духовните активности за да стекнеме повеќе во материјален поглед. Ова нѐ потсетува на примерот на Димас. Тој го засакал светот до таа мера што ја напуштил задачата која ја извршувал со апостол Павле (2. Тим. 4:10). Можеби Димас ги сакал материјалните работи повеќе од духовните активности или, пак, повеќе не сакал да прави жртви за да служи заедно со Павле. Што можеме да научиме од овој пример? Можеби порано многу сме ги сакале материјалните работи. Ако не внимаваме, таквата љубов може повторно да оживее во нас и да стане толку силна што ќе ја задуши љубовта кон вистината.
10. На кој притисок не смееме да попуштиме ако сакаме да продолжиме да живееме според вистината?
10 Односите со другите. Ако сакаме да продолжиме да живееме во склад со вистината, не смееме да попуштиме на притисокот од другите. Кога ја дознавме вистината, нашите односи со пријателите и роднините кои не се Сведоци се сменија. Некои од нив можеби ги почитуваа нашите нови верувања, а други можеби ни се противеа (1. Пет. 4:4). Се разбира, ние се трудиме да имаме добри односи со членовите на семејството и да бидеме љубезни кон нив. Но не смееме да ги погазиме Јеховините мерила за да им угодиме. И, како што учиме од 1. Коринќаните 15:33, наши блиски пријатели треба да бидат оние што го сакаат Јехова.
11. Што ќе ни помогне да се чуваме од нечисти мисли и постапки?
11 Нечисти мисли и постапки. Сите што живеат според вистината мора да бидат свети (Иса. 35:8; прочитај 1. Петрово 1:14-16). Кога сме дознале за вистината, сите сме направиле промени за да живееме во склад со библиските мерила. Некои направиле големи промени. Сепак мора постојано да внимаваме да не го отфрлиме нашиот чист начин на живот и наместо тоа да почнеме да живееме неморално. Како можеме да се спротивставиме на искушението да направиме нешто неморално? Така што ќе размислуваме за високата цена што ја платил Јехова за да можеме да бидеме свети — скапоцениот живот на својот Син, Исус Христос! (1. Пет. 1:18, 19). За да останеме чисти во очите на Јехова, никогаш не треба да заборавиме колку е скапоцена откупната жртва на Исус.
12, 13. а) Зошто е важно да задржиме на ум како Јехова гледа на празниците? б) Што ќе разгледаме во наредните пасуси?
12 Небиблиски обичаи. Членовите на семејството, колегите и соучениците можеби се обидуваат да нѐ вклучат во нивните прослави како, на пример, родендени или празници. Што ќе ни помогне да не подлегнеме на притисокот да учествуваме во прослави кои не му оддаваат чест на Јехова? Треба постојано да ги имаме на ум причините поради кои Јехова не ги одобрува тие прослави. Многу ќе ни помогне и ако истражуваме во нашите публикации за потеклото на одредени празници. Кога се потсетуваме на библиските причини зошто не ги славиме овие празници, се уверуваме дека го правиме она „што е прифатливо за Господарот“ (Еф. 5:10). Ако имаме доверба во Јехова и во неговата Реч, нема да се плашиме што ќе мислат другите за нас (Изр. 29:25).
13 Ние се надеваме дека ќе живееме според вистината во сета вечност. Но, што може уште повеќе да ни ја зајакне решеноста да живееме според вистината? Во наредните пасуси ќе разгледаме три работи кои ќе ни помогнат во тоа.
ЗАЈАКНИ ЈА СВОЈАТА РЕШЕНОСТ ДА ЖИВЕЕШ СПОРЕД ВИСТИНАТА
14. а) Како тоа што ќе продолжиме да ја проучуваме Библијата ќе ни помогне да бидеме решени никогаш да не ја продадеме вистината? б) Зошто ни се потребни мудроста, поуката и разборитоста?
14 Прво, продолжи да ја проучуваш Библијата и длабоко да размислуваш за она што го учиш. Ако редовно одвојуваш време за тоа, ќе се зголеми твоето ценење за вистината и ќе се зајакне твојата решеност никогаш да не ја продадеш. Освен што ни вели да ја купуваме вистината, Божјата Реч нѐ поттикнува и на следново: „Купувај мудрост, поука и разборитост“ (Изр. 23:23). Не е доволно само да ја познаваме библиската вистина — треба и да живееме според неа. Разборитоста ни помага да ги поврзуваме новите работи што ги учиме со она што веќе го знаеме. Мудроста нѐ поттикнува да го применуваме тоа знаење. Понекогаш, вистината нѐ поучува, односно опоменува, така што ни покажува какви промени треба да направиме. Да бидеме решени веднаш да го прифаќаме таквото водство, за кое Библијата вели дека е поскапоцено од сребро (Изр. 8:10).
15. Во која смисла библиската вистина нѐ штити како ремен?
15 Второ, биди решен секој ден да живееш во склад со вистината. Библијата ја споредува вистината со ременот на еден војник (Еф. 6:14). Во библиско време, ременот ја штител половината на војникот за време на битка. Но, за да ја постигне таа цел, ременот требало да биде цврсто стегнат. Во која смисла вистината нѐ штити како ремен? Ако е цврсто припиена за нас како еден ремен, таа ќе нѐ штити од погрешно размислување и ќе ни помогне да носиме мудри одлуки. Кога се соочуваме со искушение или со некој голем проблем, библиската вистина може да ни помогне да бидеме уште порешени да го правиме она што е исправно. Еден војник никогаш не би отишол во битка без својот ремен. Слично на тоа, ние мора да бидеме решени библиската вистина секогаш да биде цврсто припиена за нас, односно постојано да живееме во склад со неа. Освен ременот, важен дел од опремата на еден војник бил и мечот. Ова е поврзано со уште еден начин на кој можеме да ја зајакнеме нашата решеност да живееме во склад со вистината.
16. Како тоа што ги поучуваме другите ја зајакнува нашата решеност да живееме според вистината?
16 Трето, поучувај ги другите за библиската вистина во колку што е можно поголема мера. На тој начин цврсто ќе се држиш за духовниот меч, односно за Божјата Реч (Еф. 6:17). Секој од нас може да се подобрува во начинот на кој ги поучува другите така што исправно ќе „се служи со речта на вистината“ (2. Тим. 2:15). Кога ја користиме Библијата за да им помогнеме на другите да ја купат вистината и да ги отфрлат лажните учења, уште подлабоко ги врежуваме Божјите поуки во нашиот ум и срце. На овој начин, уште повеќе си ја зајакнуваме решеноста да продолжиме да живееме според вистината.
17. Зошто библиската вистина е скапоцена за тебе?
17 Вистината е скапоцен подарок од Јехова. Тој подарок ни помага да бидеме блиски пријатели со нашиот небесен Татко, а тоа е највредното нешто во нашиот живот. Јехова веќе нѐ поучил за многу работи, но тоа е само почеток! Тој ни ветува дека ќе нѐ поучува во сета вечност. Затоа, цени ја вистината како еден скапоцен бисер. Продолжи да ја „купуваш“ и никогаш не ја „продавај“. На тој начин, и ти како Давид ќе го исполниш следново ветување што си му го дал на Јехова: „Ќе одам во твојата вистина“ (Пс. 86:11).
a Името е сменето.
b Оди на JW Broadcasting (на српски) и барај во делот ИНТЕРВЈУИ И ЖИВОТНЕ ПРИЧЕ > ИСТИНА МЕЊА ЖИВОТЕ.