‚Продолжете да одите во заедница со Христос‘
„Поради тоа, како што Го примивте Господа Исуса Христа, така и одете по [продолжете да одите во заедница со, NW] Него“ (КОЛОСЈАНИТЕ 2:6).
1, 2. а) Како Библијата го опишува Еноховиот живот на верна служба на Јехова? б) На кој начин Јехова ни помага да одиме со него, како што покажува Колосјаните 2:6, 7?
ДАЛИ некогаш си видел мало момче како оди со својот татко? Малиот го имитира секое движење на својот татко, неговото лице блеска од восхит; таткото му помага, а неговото сопствено лице е осветлено од љубов и одобрување. Соодветно на тоа, Јехова користи токму таква слика за да го опише животот на верна служба на него. На пример, Божјата Реч вели дека верниот човек Енох ‚постојано одел со [вистинитиот] Бог‘ (1. Мојсеева 5:24, NW; 6:9).
2 Токму како што еден обѕирен татко му помага на својот мал син да оди со него, така и Јехова ни го дал најдоброто можно помагало. Тој го испратил на Земјата својот единороден Син. Во секој чекор од неговиот доживотен о̂д тука на Земјата, Исус Христос совршено го одразувал својот небесен Татко (Јован 14:9, 10; Евреите 1:3). Така, за да одиме со Бог, треба да одиме со Исус. Апостол Павле напишал: „Затоа, како што го прифативте Господ Христос Исус, продолжете да одите во заедница со него, вкоренети и изградени во него и стабилизирани во верата, токму како што сте научени, прелевајќи се со вера во благодарење“ (Колосјаните 2:6, 7, NW).
3. Според Колосјаните 2:6, 7, зошто можеме да кажеме дека одењето во заедница со Христос вклучува повеќе отколку само крштавање?
3 Бидејќи сакаат да одат во заедница со Христос, настојувајќи да ги следат неговите совршени чекори, библиските студенти кои се со чесни срца, се крштаваат (Лука 3:21; Евреите 10:7—9). Ширум светот, само во 1997, овој витален чекор го презеле над 375.000 — секој ден просечно по повеќе од 1.000 лица. Овој пораст е возбудлив! Меѓутоа, Павловите зборови запишани во Колосјаните 2:6, 7 покажуваат дека одењето во заедница со Христос вклучува повеќе отколку само крштавање. Грчкиот глагол преведен со „продолжете да одите“ опишува постапка која мора да биде континуирана, во тек. Понатаму, Павле додава дека одењето со Христос вклучува четири работи: да се биде вкоренет во Христос, да се биде изграден во него, да се биде стабилизиран во верата и прелевање од благодарност. Да ја разгледаме секоја фраза и да видиме како таа ни помага да продолжиме да одиме во заедница со Христос.
Дали си ‚вкоренет во Христос‘?
4. Што значи да се биде ‚вкоренет во Христос‘?
4 Прво, пишува Павле, треба да се биде ‚вкоренет во Христос‘. (Спореди Матеј 13:20, 21.) Како може едно лице да работи на тоа да биде вкоренето во Христос? Па, корењата на едно растение се скриени од видикот, но тие се витални за растението — тие му даваат стабилност и го снабдуваат со храна. Слично, Христовиот пример и поучување влијаат врз нас првин невидливо, со тоа што се вградуваат во нашиот ум и срце. Таму нѐ хранат и нѐ зајакнуваат. Кога им дозволуваме да управуваат со нашето размислување, со нашите постапки и со нашите одлуки, ние сме трогнати да му го предадеме својот живот на Јехова (1. Петрово 2:21).
5. Како можеме да ‚развиваме копнеж‘ за духовната храна?
5 Исус го љубел спознанието од Бог. Дури го споредил со храна (Матеј 4:4). Па, во својата Проповед на гората, тој навел 21 цитат од осум различни книги од Хебрејските списи. За да го следиме неговиот пример, мораме да правиме онака како што силно поттикнува апостол Петар — ‚да развиваме копнеж‘ по духовната храна „како новороденчиња“ (1. Петрово 2:2, NW). Кога едно новороденче копнее по храна, тоа не остава сомнение во врска со својот силен копнеж. Доколку моментално не се чувствуваме така во врска со духовната храна, Петровите зборови нѐ охрабруваат да го „развиваме“ тој копнеж. Како? Може да ни помогне принципот кој се наоѓа во Псалм 33:8: „Вкусете и ќе видите, колку е благ Господ!“ Доколку редовно ‚вкусуваме‘ од Јеховината Реч, Библијата, можеби читајќи дел од неа секојдневно, ќе видиме дека таа е духовно хранлива и добра. Со текот на времето, нашиот копнеж по неа ќе порасне.
6. Зошто е важно да медитираме за она што го читаме?
6 Меѓутоа, штом храната ќе се внесе, важно е добро да се свари. Затоа, треба да медитираме за она што го читаме (Псалм 77:11, 12, NW). На пример, додека ја читаме книгата Најголемиот човек кој некогаш живеел, секое поглавје поприма поголема вредност ако застанеме и се запрашаме: ‚Која фасета од Христовата личност ја гледам во овој извештај и како можам да ја имитирам во мојот сопствен живот?‘ Медитирањето на тој начин ќе ни овозможи да го применуваме она што го учиме. Тогаш, кога ќе се соочиме со некоја одлука, можеме да се запрашаме што можеби би направил Исус. Доколку нашата одлука ја донесуваме според тоа, даваме доказ дека сме вистински вкоренети во Христос.
7. Какво би требало да биде нашето гледиште за тврдата духовна храна?
7 Исто така, Павле нѐ поттикнува да внесуваме „тврда храна“, подлабоките вистини од Божјата Реч (Евреите 5:14). Во тој поглед, прва наша цел би можело да биде читањето на целата Библија. Потоа, постојат поспецифични теми за проучување, како што се откупната жртва на Христос, различните завети кои Јехова ги склопил со својот народ или, пак, некои од пророчките пораки во Библијата. Постои изобилство материјал кој ќе ни помогне да ја впиеме и да ја свариме таквата тврда духовна храна. Која е целта на примањето на таквото спознание? Таа не е за да ни даде причина за фалење, туку за да ја изгради нашата љубов кон Јехова и уште повеќе да нѐ приближи кон него (1. Коринтјаните 8:1; Јаков 4:8). Доколку желно го примаме ова спознание, го применуваме на себе и го користиме за да им помагаме на другите, навистина ќе го имитираме Христос. Тоа ќе ни помогне да бидеме правилно вкоренети во него.
Дали си ‚изграден во Христос‘?
8. Што значи да се биде ‚изграден во Христос‘?
8 За следниот аспект од одењето во заедница со Христос, Павле брзо се префрлува од една визуелна претстава на друга — од таа за растение на онаа за градење. Кога помислуваме на една зграда која е во изградба, помислуваме не само на темелот туку и на зданието кое јасно се гледа додека се подигнува преку многу напорна работа. Слично на тоа, и ние мораме многу напорно да работиме за да изградиме особини и навики како Христовите. Таквата напорна работа не поминува незабележана, токму како што Павле му напишал на Тимотеј: „Твојот напредок да се покаже пред сите луѓе“ (1. Тимотеј 4:15, NW; Матеј 5:16). Кои се некои од христијанските дела кои нѐ изградуваат?
9. а) За да го имитираме Христос во нашата служба, кои се некои практични цели кои би можеле да си ги поставиме? б) Како знаеме дека Јехова сака да уживаме во нашата служба?
9 Исус ни доделил да проповедаме и да поучуваме за добрата вест (Матеј 24:14; 28:19, 20). Тој дал совршен пример, сведочејќи смело и делотворно. Се разбира, ние никогаш нема да го правиме тоа толку добро како него. Меѓутоа, апостол Петар ни ја поставува оваа цел: „Господа Бога почитувајте Го во срцата свои; а бидете секогаш подготвени со кротост и страв за одговор [одбрана, NW] на секого, кој од вас побара сметка за вашата надеж“ (1. Петрово 3:15). Доколку не се чувствуваш дека ‚секогаш си спремен за одбрана‘, не очајувај. Постави си разумни цели кои ќе ти помогнат малку по малку да се приближуваш кон тоа мерило. Подготвувањето однапред може да ти овозможи да ја промениш твојата презентација или, пак, да вклучиш еден или два стиха. Би можел да си поставиш за цел да даваш повеќе библиска литература, да правиш повеќе повторни посети или да започнеш библиска студија. Нагласокот не би требало да биде стриктно на квантитетот — како што е бројот на часови, дадена литература или студии — туку на квалитетот. Поставувањето разумни цели и посегнувањето за да ги достигнеме може да ни помогне да уживаме кога се даваме себеси во службата. Тоа е она што го сака Јехова — да му служиме „со радост“ (Псалм 99:2; спореди 2. Коринтјаните 9:7).
10. Кои се некои други христијански дела кои треба да ги извршуваме, и како тие ни помагаат?
10 Постојат и работи кои ги извршуваме во собранието, а кои нѐ изградуваат во Христос. Најважната е да покажуваме љубов еден кон друг, зашто тоа е знакот за препознавање на вистинските христијани (Јован 13:34, 35). Додека сѐ уште сме проучувале, многумина од нас станале привлечени кон нашиот учител, што е сосема природно. Меѓутоа, би можеле ли сега да го следиме Павловиот совет да ‚се рашириме‘, така што ќе ги запознаеме другите во собранието? (2. Коринтјаните 6:13). И на старешините им треба нашата љубов и ценење. Соработувајќи со нив, барајќи го и прифаќајќи го нивниот библиски совет, многу ќе ја олесниме нивната напорна работа (Евреите 13:17). Истовремено, ова ќе придонесе кон тоа да бидеме изградени во Христос.
11. Кое реалистично гледиште би требало да го заземеме за крштавањето?
11 Крштавањето е една возбудлива прилика! Меѓутоа, не би требало да очекуваме дека секој момент од животот после тоа ќе биде подеднакво восхитувачки. Еден голем дел од нашето изградување во Христос вклучува „да одиме и понатаму уредно по оваа иста рутина“ (Филипјаните 3:16, NW). Тоа не значи едноличен, здодевен начин на живеење. Ова едноставно значи да одиме напред по права линија, со други зборови, да изградуваме добри духовни навики и да се придржуваме кон нив од ден во ден, од година в година. Запомни, „кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен“ (Матеј 24:13).
Дали си ‚стабилизиран во верата‘?
12. Што значи да се биде ‚стабилизиран во верата‘?
12 Во својата трета фраза, опишувајќи го нашето одење во заедница со Христос, Павле нѐ поттикнува да бидеме „стабилизирани во верата“. Една верзија гласи: „потврдени во поглед на верата“, зашто грчкиот збор кој го употребил Павле може да значи „да се потврди, гарантира и да се направи неотповикливо законски“. Додека растеме во спознанието, ни се даваат понатамошни причини да увидиме дека нашата вера во Јехова Бог е добро заснована и дека, всушност, е законски установена. Резултатот е зголемување на нашата стабилност. На сатанскиот свет му станува сѐ потешко да нѐ улулка за да скршнеме. Тоа нѐ потсетува на Павловата опомена да „се стремиме кон совршенство [зрелост, NW]“ (Евреите 6:1). Зрелоста и стабилноста одат рака под рака.
13, 14. а) Со кои закани за нивната стабилност се соочиле христијаните од Колоси во првиот век? б) Што можеби го загрижувало апостол Павле?
13 Христијаните од Колоси во првиот век се соочиле со закани за нивната стабилност. Павле предупредил: „Браќа, пазете некој да не ве заведе [одвлече како негов плен, NW] со философија и со празна измама според човечкото предание, според стихиите на светот, а не по Христа“ (Колосјаните 2:8). Павле не сакал колосјаните, кои станале поданици на „царството на Својот [Божјиот] возљубен Син“ да бидат ‚одвлечени‘, одведени од нивната благословена духовна состојба (Колосјаните 1:13). Со какво средство заведени? Павле истакнал „философија“, единствено место во Библијата каде што се појавува овој збор. Дали тој зборувал за грчките филозофи, како што биле Платон и Сократ? Иако тие претставувале закана за вистинските христијани, во тие денови зборот „философија“ имал широка примена. Обично укажувал на многу групи и школи на мислења — па дури и религиозни. На пример, Евреите од првиот век, како што биле Јосиф и Фило, својата сопствена религија ја нарекувале филозофија — можеби за да ја зголемат нејзината привлечност.
14 Некои филозофии, за кои можеби бил загрижен Павле, биле од религиозна природа. Подоцна во истото поглавје од своето писмо до колосјаните, тој им се обратил на оние кои поучувале: „Не се фаќај, не вкусувај, не пипај!“, алудирајќи со тоа на обележјата на Мозаитскиот закон кои биле окончани со Христовата смрт (Римјаните 10:4). Заедно со паганските филозофии, дејствувале и влијанија кои се заканувале на духовноста на собранието (Колосјаните 2:20—22). Павле предупредил на филозофијата која била дел од „световните стихии“. Таквото лажно поучување имало човечко потекло.
15. Како можеме да избегнеме да бидеме залулани од небиблиско размислување со кое честопати се судираме?
15 Унапредувањето на човечки идеи и размислувањето кое не се темели цврсто на Божјата Реч можат да претставуваат закана за христијанската стабилност. Денес ние мораме да бидеме претпазливи на таквите закани. Апостол Јован поттикнал: „Возљубени, не верувајте му на секој дух, туку испитувајте ги духовите: дали се од Бога“ (1. Јованово 4:1). Така, доколку некој соученик се обидува да те убеди дека живеењето според библиските мерила е старомодно, или доколку некој сосед е склон да врши влијание врз тебе да усвоиш материјалистички став или, пак, доколку некој колега врши едвај забележлив притисок да ја повредиш својата библиски школувана совест, или дури и ако некој соверник изразува критики, негативни коментари за другите од собранието, темелени на свое сопствено мислење, немој едноставно да го впиваш она што го велат тие. Отфрли го она што не е во склад со Божјата Реч. Додека правиме така, ќе ја задржиме својата стабилност додека одиме во заедница со Христос.
„Прелевање со вера во благодарење“
16. Кој е четвртиот аспект на одењето во заедница со Христос, и кое прашање би можеле да си го поставиме?
16 Четвртиот аспект од одењето во заедница со Христос, што го спомнува Павле, е дека ние треба да ‚се прелеваме со вера во благодарење‘ (Колосјаните 2:7, NW). Зборот ‚прелевање‘ потсетува на река која ги прелева своите брегови. Ова сугерира дека за нас како христијани, нашето благодарење треба да биде една континуирана или вообичаена работа. Секој од нас со право би можел да се праша: ‚Дали сум јас благодарен?‘
17. а) Зошто може да се рече дека сите ние имаме многу за што треба да бидеме благодарни, па дури и во тешки времиња? б) Кои се некои дарови од Јехова за кои ти се чувствуваш особено благодарен?
17 Навистина, сите ние имаме обилни причини да се прелеваме од благодарности кон Јехова секој ден. Дури и во најлоши времиња може да постојат некои едноставни работи кои обезбедуваат моменти на олеснување. Еден пријател покажува сочувство. Некој љубен ти пружа успокојувачки допир. Еден добар ноќен одмор се покажува закрепнувачки. Еден вкусен оброк го потиснува жегањето од глад. Една птичја песна, детска насмевка, блескаво сино небо, освежувачки ветрец — сето тоа и уште повеќе можеме да доживееме во само еден единствен ден. Толку е лесно да се земат таквите дарови здраво за готово. Зарем сето тоа не заслужува едно „Ти благодарам“? Сето тоа доаѓа од Јехова, Изворот на „секој добар дар и секој совршен подарок“ (Јаков 1:17). А тој ни дал и дарови кои ги засенуваат овие — на пример, самиот живот (Псалм 35:9). Понатаму, тој ни дал прилика да живееме засекогаш. За да го обезбеди тој дар, Јехова ја направил крајната жртва — испраќајќи го својот единороден Син, ‚оној спрема кого тој имал особена наклоност‘ (Изреки 8:30, NW; Јован 3:16).
18. Како можеме да се покажеме благодарни на Јехова?
18 Тогаш, колку само се вистинити зборовите на псалмистот: „Добро е да се слави [да му се даваат благодарности на, NW] Господ“ (Псалм 91:1). На сличен начин, Павле ги потсетил христијаните во Солун: „Благодарете за сѐ“ (1. Солунјаните 5:18; Ефесјаните 5:20; Колосјаните 3:15). Секој од нас би можел да биде решен да биде уште поблагодарен. Нашите молитви не треба да се состојат единствено од молби до Бог во врска со нашите потреби. Тие се добри кога се на свое место. Но, замисли си да имаш еден пријател кој разговара со тебе само кога му треба нешто од тебе! Тогаш, зошто не му се молиш на Јехова едноставно за да му се заблагодариш и да го фалиш? Колку само мора да му се угодни таквите молитви кога погледнува долу кон овој неблагодарен свет! Секундарна корист е тоа што таквите молитви можат да ни помогнат да се сосредоточиме на позитивните аспекти од животот, потсетувајќи нѐ на тоа колку навистина сме благословени.
19. Како Павловиот јазик во Колосјаните 2:6, 7 сугерира дека сите ние можеме да продолжиме да се подобруваме во одењето со Христос?
19 Зарем не е извонредно тоа колку мудро водство може да се извлече само од еден единствен пасус од Божјата Реч? Павловиот совет да продолжиме да одиме со Христос е нешто што секој од нас би требало да го земе при срце. Тогаш, да бидеме решени да сме ‚вкоренети во Христос‘, ‚изградени во него‘, ‚стабилизирани во верата‘ и ‚да се прелеваме во благодарност‘. Таквиот совет е особено витален за оние кои се новокрстени. Но, тој важи и за сите нас. Размислувај за тоа како еден главен корен расте подлабоко и подлабоко и како една зграда која е во изградба станува сѐ повисока и повисока. Така, нашето одење со Христос никогаш не завршува. Постои обилен простор за пораст. Јехова ќе ни помогне и ќе нѐ благослови, зашто тој сака да продолжиме да одиме со него и со неговиот љубен син бескрајно.
Како би одговорил?
◻ Што е вклучено во одењето во заедница со Христос?
◻ Што значи да се биде ‚вкоренет во Христос‘?
◻ Како можеме да бидеме ‚изградени во Христос‘?
◻ Зошто е толку важно да бидеме „стабилизирани во верата“?
◻ Кои причини ги имаме да се ‚прелеваме во благодарење‘?
[Слика на страница 10]
Корењата на едно дрво можеби не се видливи, но го снабдуваат со храна и цврсто го всидруваат