Јован
3 А имаше еден фарисеј по име Никодим, кој беше еден од еврејските поглавари. 2 Тој дојде ноќе кај Исус и му рече: „Учителе,* знаеме дека ти си учител испратен од Бог, зашто никој не може да ги прави чудата што ги правиш ти ако Бог не е со него“. 3 Исус му рече: „Вистина, вистина ти велам, ако некој не се роди повторно,* не може да го види Божјето Царство“. 4 А Никодим го праша: „Како може човек да се роди кога е стар? Зар може по вторпат да влезе во утробата на својата мајка и да се роди?“ 5 Исус одговори: „Вистина, вистина ти велам, ако некој не се роди од вода и дух, не може да влезе во Божјето Царство. 6 Она што е родено од тело е тело‚ а она што е родено од дух е дух. 7 Не чуди се што ти реков: ’Мора да се родите повторно‘. 8 Ветрот дува каде што сака, и го слушаш неговиот шум, но не знаеш од каде доаѓа и каде оди. Така е со секој што е роден од духот“.
9 Тогаш Никодим го праша: „Како е можно тоа?“ 10 Исус му одговори: „Ти си учител во Израел, и не го знаеш тоа? 11 Вистина, вистина ти велам, го зборуваме она што го знаеме и сведочиме за она што сме го виделе, но вие не го прифаќате нашето сведоштво. 12 Ако не верувате кога ви зборувам за она што е на земјата, како ќе верувате ако ви зборувам за она што е на небото? 13 Никој не се вознел на небото, освен оној што слезе од небото, Синот човечки. 14 И како што Мојсеј во пустината ја подигна змијата на столб, така мора да биде подигнат и Синот човечки, 15 за секој што верува во него да има вечен живот.
16 Зашто, Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот. 17 Бог не го испрати својот Син во светот за тој да го осуди светот, туку за светот да се спаси преку него. 18 Кој верува во него, нема да биде осуден. Кој не верува, веќе е осуден, бидејќи не верувал во името на единородниот Божји Син. 19 А ова е темелот за осуда: светлината дојде во светот, но луѓето ја сакаа темнината, а не светлината, зашто нивните дела беа зли. 20 Оној што прави зло ја мрази светлината и не доаѓа кај светлината за да не бидат разоткриени неговите дела. 21 Но оној што го прави она што е исправно доаѓа кај светлината за да се види дека неговите дела се во склад со Божјата волја“.
22 Потоа Исус и неговите ученици отидоа во јудејските села. Таму останаа некое време и крштаваа. 23 Но и Јован крштаваше, во Енон, близу Салим, бидејќи таму имаше многу вода. Луѓето доаѓаа кај него, и тој ги крштаваше. 24 Тоа беше пред Јован да биде фрлен во затвор.
25 А учениците на Јован почнаа да се препираат со еден Евреин околу очистувањето. 26 И така дојдоа кај Јован и му рекоа: „Учителе,* човекот што беше со тебе од другата страна на Јордан, за кого ти сведочеше, сега тој крштава и сите одат кај него“. 27 А Јован одговори: „Човек не може да добие ништо ако не му е дадено од небото. 28 Самите вие сте ми сведоци дека реков: ’Јас не сум Христос, туку сум испратен пред него‘. 29 Кој ја има невестата, тој е младоженецот. А пријателот на младоженецот стои покрај него и многу се радува кога го слуша неговиот глас. Така и јас сум исполнет со радост. 30 Тој мора да расте, а јас мора да се смалувам“.
31 Кој доаѓа одозгора, тој е над сите други. Кој е од земјата, тој зборува за она што е на земјата, бидејќи од земјата и доаѓа. Кој доаѓа од небото, тој е над сите други. 32 Тој сведочи за она што го видел и чул, но никој не го прифаќа неговото сведоштво. 33 Кој го прифаќа неговото сведоштво, потврдува дека Бог ја зборува вистината. 34 Оној кого Бог го испрати ги кажува Божјите зборови, бидејќи Бог великодушно го дава својот дух. 35 Таткото го сака Синот и му даде власт над сѐ. 36 Кој верува во Синот, ќе има вечен живот. Кој не му е послушен на Синот, нема да добие живот, туку врз него ќе остане Божјиот гнев.