Отфрли ги ‚безвредните работи‘
„Кој трча по безвредни работи, неразумен е“ (ИЗР. 12:11).
1. Кои вредни работи можеби ги поседуваме, и како можеме најдобро да ги искористиме?
СИТЕ ние поседуваме некои вредни работи. Можеби имаме добро здравје и сила, или, пак, вродени таленти или богатство. Бидејќи го сакаме Јехова, среќни сме што можеме да ги користиме додека му служиме и што на тој начин сме послушни на вдахновениот совет: „Искажувај му чест на Јехова со својот имот“ (Изр. 3:9).
2. Кое предупредување ни го дава Библијата во врска со безвредните работи, и кое е неговото дословно значење?
2 Од друга страна, Библијата зборува и за безвредни работи и нѐ предупредува да не трчаме залудно по нив. Во врска со ова, размисли за следниве зборови од Изреки 12:11: „Кој ја обработува својата земја, ќе се насити со леб, а кој трча по безвредни работи, неразумен е“. Не е тешко да се сфати дословното значење на оваа изрека. Ако некој се троши себеси работејќи напорно за да го издржува семејството, има добри шанси донекаде да ги задоволи основните потреби на своите домашни (1. Тим. 5:8). Но, ако троши време и сила на безвредни работи, покажува дека е „неразумен“, односно дека нема исправни мотиви и не може добро да ги процени работите. Постои голема веројатност таквиот да се најде во немаштија.
3. Во која смисла предупредувањето што го дава Библијата во врска со безвредните работи важи за нашата служба за Бог?
3 Начелото од оваа изрека важи и за нашата служба за Бог. Христијанинот кој трудољубиво и верно му служи на Јехова ќе има вистинска сигурност. Тој може да биде уверен дека Бог ќе го благослови сега, а има и цврста надеж за иднината (Мат. 6:33; 1. Тим. 4:10). Но, христијанинот кој дозволува безвредните работи да му го одвлечат вниманието си го доведува во опасност своето пријателство со Јехова и можноста да живее вечно. Како може да избегнеме да ни се случи вакво нешто? Мора да утврдиме кои работи во нашиот живот се „безвредни“ и мора да бидеме решени да ги отфрлиме. (Прочитај Тит 2:11, 12.)
4. Општо земено, што се безвредните работи?
4 Што, всушност, се безвредните работи? Општо земено, сето она што може да ни го одвлече вниманието и да нѐ спречи да му служиме на Јехова со сета душа. Во нив можат да спаѓаат различните видови релаксација. Се разбира, не е погрешно одвреме-навреме да се опуштиме. Но, кога трошиме премногу време на забава, наместо на активности што се поврзани со служењето на Бог, релаксацијата станува безвредна работа која лошо влијае врз нашата духовност (Проп. 2:24; 4:6). За да не дојде до вакво нешто, христијаните се трудат да бидат урамнотежени, и затоа многу внимаваат како го трошат своето скапоцено време. (Прочитај Колошаните 4:5.) Меѓутоа, има други безвредни работи што се многу поопасни од релаксацијата. Една од нив се лажните богови.
Отфрли ги безвредните богови
5. Што е опишано честопати со зборот „безвредни“ во Библијата?
5 Интересно е што Библијата најчесто го користи зборот „безвредни“ за да ги опише лажните богови. На пример, Јехова им рекол на Израелците: „Не правете си безвредни богови, не подигајте си режани ликови, ни обредни столбови, и не поставувајте во својата земја камења украсени со слики за да се клањате пред нив“ (3. Мој. 26:1). Цар Давид напишал: „Јехова е велик и достоен за најголема фалба, од него треба да се бојат повеќе отколку од сите други богови. Зашто, сите богови на другите народи се безвредни, а Јехова ги направи небесата“ (1. Лет. 16:25, 26).
6. Зошто лажните богови се безвредни?
6 Како што покажал Давид, опкружени сме со докази за Јеховината величественост (Пс. 139:14; 148:1-10). Каква само чест имале Израелците да бидат во сојуз со Јехова! И колку било глупаво што се одвратиле од него и се клањале на режани ликови и на обредни столбови! Кога биле во неволја, се покажало дека нивните лажни богови се навистина безвредни, немоќни да се спасат себеси, а камоли своите обожаватели (Суд. 10:14, 15; Иса. 46:5-7).
7, 8. Како може „богатството“ да ни стане како бог?
7 Во многу земји, луѓето до ден-денес се клањаат на слики и кипови направени од човек, и таквите богови се исто толку бескорисни колку што биле и во минатото (1. Јов. 5:21). Но, Библијата вели дека луѓето имаат и други богови освен идолите. Размисли, на пример, за следниве зборови на Исус: „Никој не може да им робува на двајца господари, зашто или едниот ќе го мрази, а другиот ќе го сака, или ќе биде приврзан кон едниот, а другиот ќе го презира. Не можете да му робувате и на Бог и на богатството“ (Мат. 6:24).
8 Како може „богатството“ да ни стане бог? За споредба, да земеме, на пример, еден камен што лежел во некоја нива во древниот Израел. Таквиот камен можел да послужи во градбата на некоја куќа или ѕид. Но, можел да биде поставен и како ‚обреден столб‘ или да биде украсен со слики, и така да му стане камен за спрепнување на Јеховиниот народ (3. Мој. 26:1). Слично на ова, и парите си имаат свое место во животот. Ни требаат за да преживееме, и можеме добро да ги користиме во службата за Јехова (Проп. 7:12; Лука 16:9). Но, ако ја ставиме трката по пари пред нашата христијанска служба, парите, всушност, ни стануваат бог. (Прочитај 1. Тимотеј 6:9, 10.) Бидејќи живееме во свет исполнет со луѓе на кои им е многу важно да стекнат богатство, мора да се преиспитаме за да видиме дали сме урамнотежени во ова (1. Тим. 6:17-19).
9, 10. а) Како христијаните гледаат на образованието? б) Која е опасноста од високото образование?
9 Друг пример за некоја корисна работа што може да стане безвредна е световното образование. Секој сака децата да му бидат добро образовани за да се пробијат во животот. Освен тоа, добро образованиот христијанин може да ја чита Библијата со поголемо разбирање, може повеќе да размислува за проблемите и да донесува добри заклучоци, а може и да ги поучува другите за библиската вистина појасно и поуверливо. Иако е потребно време да се стекне добро образование, тоа време не е потрошено залудно.
10 Но, што да се каже за високото образование кое се стекнува на факултет? Многу луѓе сметаат дека и тоа е неопходно за успех. Сепак, факт е дека умот на мнозина што одлучиле да студираат им се полни со штетна пропаганда. Жално би било човек да ги потроши најубавите години од младоста на вакво образование кога најдобро би можел да ги употреби во службата за Јехова (Проп. 12:1). Можеби и затоа во земјите каде што мнозина стекнале високо образование, помалку луѓе од кога и да било порано веруваат во Бог. Меѓутоа, христијанинот, наместо да бара сигурност во високообразовните институции на овој свет, има доверба во Јехова (Изр. 3:5).
Не дозволувај телесните желби да ти станат бог
11, 12. Зошто Павле рекол за некои: „Нивни бог се желбите на телото“?
11 Во своето писмо до Филипјаните, апостол Павле укажува на уште една работа што би можела да ни стане бог. Во врска со некои поранешни соверници, тој вели: „Мнозина — често зборував за нив, а и сега плачејќи зборувам за нив — живеат како непријатели на Христовиот маченички столб. Крајот им е пропаст, нивни бог се желбите на телото... и мислат на она што е земно“ (Фил. 3:18, 19). Како можат желбите на телото да станат нечиј бог?
12 Се чини дека на тие познајници на Павле им станало поважно да си ги задоволат желбите на телото отколку да му служат на Јехова заедно со Павле. Можеби некои дословно претерувале со храна и пиење, и станале изедници и пијаници (Изр. 23:20, 21; спореди 5. Мојсеева 21:18-21). Некои можеби решиле во потполност да ги искористат можностите што им ги нудел светот во првиот век, и така постепено престанале да му служат на Јехова. Никогаш да не дозволиме желбата за таканаречениот добар живот да нѐ наведе да ја намалиме службата што му ја вршиме на Јехова со сета душа (Кол. 3:23, 24).
13. а) Што е лакомост, и што рекол Павле за неа? б) Што ќе ни помогне да не бидеме лакоми?
13 Павле спомнува уште еден аспект од обожавањето на лажни богови. Тој напишал: „Усмртете го она што е земно во вашите делови на телото: блудот, нечистотијата, сексуалната страст, лошата желба и лакомоста, која е идолопоклонство“ (Кол. 3:5). Лакомост е силна желба за нешто што го немаме. Може да биде желба за материјални работи, но може да биде и желба за недозволени интимни односи (2. Мој. 20:17). Зарем не нѐ отрезнува помислата дека таквите желби се рамни на идолопоклонство, на обожавање на некој лажен бог? Исус употребил една живописна споредба за да покаже колку е важно по секоја цена да се контролираат таквите погрешни желби (Прочитај Марко 9:47; 1. Јов. 2:16).
Пази се од празни зборови
14, 15. а) На која ‚безвредна работа‘ се спрепнале мнозина во времето на Еремија? б) Зошто зборовите на Мојсеј биле скапоцени?
14 Во безвредните работи можат да спаѓаат и зборови. На пример, Јехова му рекол на Еремија: „Тие пророци пророкуваат лага во мое име. Ниту ги испратив, ниту им дадов некаква заповед, ниту им реков нешто. Тие ви пророкуваат од своето срце лажни виденија, гатање, празни зборови и измами“ (Ерем. 14:14). Иако овие лажни пророци тврделе дека зборуваат во Јеховино име, всушност, застапувале свои идеи, своја мудрост. Затоа нивните зборови биле „празни“, односно безвредни, и претставувале вистинска опасност за Божјиот народ. Во 607 год. пр.н.е., мнозина од оние што ги послушале тие празни зборови биле убиени од рацете на вавилонските војници.
15 Спротивно на ова, Мојсеј им рекол на Израелците: „Всадете ги во срцето сите зборови со кои ве опоменувам денес... Зашто, за вас ова не се празни зборови, туку за вас значат живот, и држејќи ги овие зборови ќе ги продолжите своите денови во земјата во која одите преку Јордан за да ја заземете“ (5. Мој. 32:46, 47). Зборовите на Мојсеј биле вдахновени од Бог. Затоа биле скапоцени, односно животоважни за доброто на целиот народ. Оние што ги послушале имале долг живот и уживале благосостојба. Секогаш да ги отфрламе празните зборови и да се држиме за скапоцените зборови на вистината.
16. Како гледаме на изјавите на научниците кои се во спротивност со Божјата реч?
16 Дали и денес слушаме празни зборови? Да. На пример, некои научници тврдат дека теоријата на еволуцијата и научните откритија на други полиња покажуваат дека повеќе нема потреба да се верува во Бог, дека сѐ може да се објасни со помош на природните процеси. Дали ваквите горделиви изјави треба да нѐ загрижуваат? Воопшто не! Човечката мудрост се разликува од Божјата мудрост (1. Кор. 2:6, 7). Но, ние знаеме дека, кога човечкото мислење е спротивно на она што ни го открил Бог, секогаш човечкото мислење е погрешно. (Прочитај Римјаните 3:4.) И покрај тоа што науката доста напреднала на некои полиња, она што го вели Библијата во врска со човечката мудрост сѐ уште важи: „Мудроста на овој свет е глупост пред Бог“. Споредено со бескрајната Божја мудрост, човечкото размислување е бескорисно (1. Кор. 3:18-20).
17. Како треба да гледаме на зборовите на водачите во христијанскиот свет и на отпадниците?
17 Друг пример за празни или безвредни зборови е она што го кажуваат верските водачи во христијанскиот свет. Тие тврдат дека зборуваат во Божје име, но повеќето од она што го кажуваат не се темели на Светото писмо, а нивните зборови, општо земено, се бескорисни. И отпадниците кажуваат празни зборови кога тврдат дека се помудри од „верниот и разборит роб“ кого го поставил Исус (Мат. 24:45-47). Но, всушност, отпадниците изнесуваат своја мудрост и нивните зборови се безвредни, а можат да бидат и камен за спрепнување за секој што ги слуша (Лука 17:1, 2). Што да сториме за да не нѐ заведат?
Како да ги отфрлиме празните зборови
18. Како можеме да го примениме советот од 1. Јованово 4:1?
18 Остарениот апостол Јован дал убав совет во врска со ова. (Прочитај 1. Јованово 4:1.) Во склад со советот на Јован, секогаш ги поттикнуваме луѓето на кои им проповедаме да проверат дали она за кое биле поучени е во согласност со учењата на Библијата. Ова е добро правило и за нас. Ако до наши уши дојдат изјави со кои се критикува вистината или се клевети собранието, старешините или некој од нашите браќа, нема веднаш да поверуваме во нив. Напротив, ќе се прашаме: „Дали тој што ги шири овие приказни постапува во склад со она што го вели Библијата? Дали со тие тврдења се поддржува Јеховината намера? Дали придонесуваат за мирот во собранието?“ Сето она што ќе го слушнеме, а кое го поткопува братството, наместо да го изградува, е нешто безвредно (2. Кор. 13:10, 11).
19. Како старешините можат да бидат сигурни дека нивните зборови не се безвредни?
19 Во врска со празните зборови, и старешините учат една важна лекција. Секогаш кога треба да дадат совет, тие се свесни за своите ограничувања и не си дозволуваат да советуваат само на темел на своето сопствено искуство, туку треба да укажуваат на она што стои во Библијата. Едно добро правило се следниве зборови на апостол Павле: „Не одете преку она што е напишано“ (1. Кор. 4:6). Старешините не одат преку работите што се запишани во Библијата. И, во поширока смисла, не одат преку библиските совети што излегуваат во публикациите на верниот и разборит роб.
20. Која помош ни се дава за да ги отфрлиме безвредните работи?
20 Безвредните работи, сеедно дали се „богови“, зборови или нешто друго, се многу штетни. Од таа причина, секогаш го молиме Јехова да ни помогне да ги видиме такви какви што се, и бараме водство од него да ни помогне да ги отфрлиме. Кога правиме така, всушност го велиме истото што го рекол и псалмистот: „Одврати ми ги очите од безвредни работи, зачувај ме жив на својот пат“ (Пс. 119:37). Во следната статија, ќе видиме зошто е корисно да се прифати Јеховиното водство.
Можеш ли да објасниш?
• Општо земено, кои „безвредни работи“ треба да ги отфрлиме?
• Што можеме да сториме за парите да не ни станат бог?
• Во која смисла можат желбите на телото да бидат рамни на идолопоклонство?
• Како можеме да ги отфрлиме празните зборови?
[Слика на страница 3]
Израелците биле поттикнати да „ја обработуваат својата земја“, а не да трчаат по безвредни работи
[Слика на страница 5]
Не дозволувај желбата за материјални работи да те забави во Јеховината служба
[Слика на страница 6]
Зборовите на старешините можат да бидат скапоцени