Оддавај им чест на сите видови луѓе
”Оддавајте им чест на сите видови луѓе, (. . .) имајте страв пред Бог, оддавајте му чест на Царот“ (1. ПЕТРОВО 2:17).
1. (а) На кого, освен Бог и Христос, е исправно да му оддаваме чест? (б) На кои подрачја треба да им се искажува чест на луѓето според 1. Петрово 2:17?
ВИДОВМЕ дека сме должни да му оддаваме чест на Јехова Бог и на Исус Христос. Тоа е исправно, мудро и тоа го правиме со многу љубов. Но Божјата Реч исто така покажува дека треба да им оддаваме чест и на другите луѓе. ”Оддавајте им чест на сите видови луѓе“, речено ни е (1. Петрово 2:17). Бидејќи овој стих завршува со заповедта: ”оддавајте му чест на царот“, укажува на тоа дека треба да им се оддава чест на оние кои имаат право на тоа поради нивната положба. Тогаш, на кого треба со право да му оддаваме чест? Бројот на оние кои заслужуваат чест можеби е многу поголем отколку што некои мислат. Можеме да кажеме дека постојат четири подрачја на кои треба да им оддаваме чест на други лица.
Оддавај им чест на политичките владетели
2. Како знаеме дека ”царот“ спомнат во 1. Петрово 2:17 се однесува на било кој човечки цар или политички владетел?
2 Првото од овие подрачја се однесува на светските влади. Треба да им оддаваме чест на политичките владетели. Зошто велиме дека Петар мислел на политичките владетели кога рекол: ”оддавајте му чест на царот“? Бидејќи зборува за состојбата надвор од христијанското собрание. Токму рекол: ”Покорувајте се на секое човечко суштество, било на царот зашто е претпоставен или на управителите затоа што се испратени од него.“ Забележи дека Петар го става Бог наспроти ”царот“, со зборовите: ”имајте страв пред Бог, оддавајте му чест на царот“ (1. Петрово 2:13, 14). Значи, ”царот“ за кој говори Петар и нѐ поттикнува да му оддаваме чест, се однесува на човечките цареви и политички владетели.
3. Кои се ”вишите власти“, и што им припаѓа ним?
3 Слично заповеда и апостол Павле: ’Секоја душа да им се покорува на претпоставените власти‘. Овие ”претпоставени власти‘ не се Јехова Бог или Исус Христос, туку тоа се политичките владетели, владините службеници. Мислејќи на нив, Павле понатаму вели: ”. . . дајте секому, што сте му должни: (. . .) кому чест — чест.“ Да, оние на кои Бог им допушта да владеат се достојни за почит (Римјаните 13:1, 7, СПМ).
4. (а) Како може да им се искаже чест на политичките владетели? (б) Каков пример оставил апостол Павле во оддавањето чест на владетелите?
4 Како им оддаваме чест на политичките владетели? Еден начин е спрема нив да се однесуваме со длабока почит. (Спореди со 1. Петрово 3:15.) И поради нивната положба, должни сме да им оддаваме таква чест иако можеби се злобни. Римскиот историчар Тацит го опишал владетелот Феликс како човек кој ”мислел дека може неказнето да прави секакво зло“. Сепак, Павле ја започнал својата одбрана пред Феликс на начин полн со почитување. Исто така со почитување му рекол на кралот Херод Агрипа II: ”Се чувствувам среќен, кралу Агрипа, што смеам денес да се бранам пред тебе“, иако знаел дека Агрипа живеел во родоскврнување. Слично, Павле му оддал чест на управителот Фест, обраќајќи му се со ”Екселенцијо“, иако Фест бил обожавател на идоли (Дела на апостолите 24:10; 26:2, 3, 24, 25).
5. На кој друг начин им се искажува чест на државните власти, и како Јеховините сведоци во тоа служат како добар пример?
5 Уште еден начин за оддавање чест на владините службеници покажал апостол Павле кога пишувал дека на властите треба да им се даде она што им припаѓа. Рекол дека треба да му се даде ”данок на оној кој бара данок; признание на оној кој бара признание“ (Римјаните 13:7). Јеховините сведоци го прават тоа без разлика во која земја од светот живеат. Во Италија весникот La Stampa забележал: ”Тие се најлојални граѓани какви што може само да се посакаат: тие не го избегнуваат плаќањето данок и не бараат заради лична корист да ги изиграат незгодните закони.“ А весникот The Post од Палм Бич, Флорида, САД, во врска со Јеховините Сведоци пишувал: ”Тие ги плаќаат своите даноци. Тоа се едни од најчесните граѓани во Републикава.“
Оддавај им чест на работодавците
6. На кого уште, според зборовите на Павле и Петар, треба да му се искаже чест?
6 Друго подрачје на кое треба да искажуваме чест е на нашите работни места. И апостолите Петар и Павле ја нагласуваат важноста христијаните да им оддаваат чест на оние кои се над нив во деловните односи. Павле напишал: ”Оние, кои се под ропско иго, господарите свои нека ги сметаат достојни за секаква почест, за да не се хули на името Божјо и учењето. Оние, пак, кои имаат господари што поверувале, нека не се однесуваат кон нив незаинтересирано, затоа што се браќа; туку со поголема усрдност да служат.“ А Петар рекол: ”Слуги, покорувајте им се на господарите свои, не само на добрите и кротките, туку и на лошите!“ (Прво послание до Тимотеја 6:1, 2; Прво соборно послание на Петар 2:18, СПМ; Ефесјаните 6:5; Колосјаните 3:22, 23).
7. (а) Како може библискиот совет за ’робовите‘ кои на прикладен начин треба да им искажуваат чест на своите ’господари‘, соодветно да се примени и денес? (б) На што треба да внимаваат христијанските работници кои имаат христијански работодавачи?
7 Се разбира, ропството не е распространето денес. Но начелата од кои се раководеле христијаните во односите роб – господар можат да се применат и на односот работодавач — работник. Така христијанските работници имаат одговорност да им оддаваат чест дури и на работодавачите на кои е тешко да им се угоди. А што ако и работодавачот е во верата? Наместо поради тоа да се очекува посебен обѕир и повластици, работникот треба уште поспремно да му служи на својот христијански работодавач, и никогаш да не го искористува на било каков начин.
Чест во семејниот круг
8, 9. (а) На кого децата треба да му искажуваат чест? (б) Зошто децата треба да искажуваат таква чест, и како можат да ја искажат?
8 Третото пордачје на кое треба да се искажува чест е во кругот на семејството. На пример, децата се должни да ги почитуваат своите родители. Тоа не било само барање поставено во Законот даден на Мојсеј, туку исто така обврска и за христијаните. Апостол Павле напишал: ”Вие, деца, бидете им послушни на родителите свои, во името на Господа, зашто тоа е справедливо. ’Почитувај ги татка си и мајка си!‘“ (Послание до Ефесјаните 6:1, 2, СПМ; 2. Мојсеева 20:12).
9 Зошто децата би требало да им оддаваат чест на своите родители? Треба да им оддаваат чест поради нивниот родителски авторитет кој им е даден од Бога и поради она што нивните родители го сториле; тие ги родиле, ги негувале и се грижеле за нив уште од детството. Како би требало децата да им оддаваат чест на своите родители? Посебно ќе им оддаваат чест ако се послушни и подложни на родителите (Пословици 23:22, 25, 26; Колосјаните 3:20). Можеби во покажувањето на таквата чест ќе биде потребно возрасните деца да им даваат додатна поддршка на своите остарени родители или дедо и баба, било материјална или духовна. Тоа треба мудро да се урамнотежи со останатите одговорности, како што е грижата за децата и потполното учество во христијанското дружење и службата на проповедање (Ефесјаните 5:15-17; 1. Тимотеј 5:8; 1. Јованово 3:17).
10. На кого сопругите се должни да му искажуваат чест, и на кои начини можат да го сторат тоа?
10 Но, децата не се единствените во семејството кои се должни да им оддаваат чест на другите. Жените треба да им оддаваат чест на своите мажи. Апостол Павле исто така рекол дека ’жената треба да има длабоко почитување спрема својот маж‘ (Ефесјаните 5:33; 1. Петрово 3:1, 2). Тоа ”длабоко почитување“ кое се покажува спрема сопругот секако вклучува да му се оддава чест. Сара му оддавала чест на својот сопруг, Аврахам, кога му се обраќала со ’господару‘ (1. Петрово 3:6). Затоа, сопруги, угледајте се на Сара. Оддавајте им чест на своите сопрузи со тоа што ќе ги прифаќате нивните одлуки и ќе се трудите да ги направите успешни. Правејќи сѐ што можете за да им помогнете на своите сопрузи да го носат нивниот товар, а не да им го отежнувате, вие им искажувате чест.
11. Каква должност имаат сопрузите во врска со искажувањето чест, и зошто?
11 А како е со сопрузите? Нив Божјата Реч ги учи: ”Вие мажи, живејте со нив според спознанието, оддавајќи им чест како на послаб сад, женски, зашто и вие со нив сте сонаследници на незаслужената милост на животот, за да вашите молитви не бидат спречени“ (1. Петрово 3:7). Тоа сигурно би требало сопругот да го натера на размислување. Тоа е како жената да носи етикета: ”Скапоцено. Нежно. Постапувај внимателно! Оддавај чест!“ Затоа сопрузите нека не заборават дека доколку не им оддаваат чест на своите сопруги покажувајќи достојна обѕирност спрема нив, ќе го нарушат својот однос со Јехова Бог, бидејќи нивните молитви ќе бидат спречени. Навистина, за сите членови на семејството е од корист да си оддаваат чест еден на друг.
Во собранието
12. (а) Кој е должен да искажува чест во собранието? (б) Како покажал Исус дека е исправно да се прифаќа искажувањето на чест?
12 И во христијанското собрание секој има одговорност да оддава чест. Ни се советува: ”Предводете во меѓусебното искажување на чест“ (Римјаните 12:10). Исус покажал во една споредба дека е исправно да се прифаќа искажувањето на чест. Рекол, кога сме поканети на некоја гозба, би требало да седнеме на најниското место, зашто тогаш домаќинот ќе нѐ замоли да заземеме повисоко место, и ќе ни биде искажана чест пред сите гости (Лука 14:10). Бидејќи сите ние благодарно го примаме искажувањето на чест, зарем не би требало да имаме исто такво чувство и да си искажуваме чест едни на други? Како можеме да го правиме тоа?
13. Кои се некои од начините на кои можеме да им оддаваме чест на браќата во собранието?
13 Изразувањето ценење за добро извршената задача е еднакво на оддавање чест. Значи, можеме да си оддадеме чест едни на други така што ќе дадеме пофалба, можеби за говорот или за коментарот што некој го изнел во собранието. Освен тоа, можеме да си оддадеме чест едни на други така што ќе се облечеме во понизност на умот во односот спрема христијанските браќа и сестри, однесувајќи се спрема нив со длабоко почитување (1. Петрово 5:5). Така покажуваме дека ги цениме како слуги на Јехова Бог достојни за почит.
14. (а) Како можат браќата во собранието да им искажуваат должна чест на сестрите? (б) Што покажува дека дарувањето е еден од начините за искажување на чест?
14 Апостол Павле го советувал младиот Тимотеј спрема постарите христијански сестри да се однесува како спрема мајки, а спрема помладите како спрема телесни сестри, ”со сета честитост“. Да, кога браќата се внимателни да не си земаат слобода спрема христијанските сестри, како на пример да се однесуваат со недостојна блискост, им оддаваат чест. Павле понатаму пишувал: ”Оддавај им чест на вдовиците, кои навистина се вдовици.“ Еден начин на кој треба да ѝ се искажува чест на сиромашната вдовица е преку материјална поддршка. Но за да ги има предусловите за тоа, мора да ”има сведоштво за добрите дела“ (1. Тимотеј 5:2-10). Во врска со материјалните дарови, Лука напишал за луѓето на островот Малта: ”Тие нѐ почитуваа многу, и нѐ удостоија со големи почести, а пред заминување нѐ снабдија со сите потребни работи“ (Дела на светите апостоли 28:10, СПМ). Така, чест може да им се искаже на другите и со материјални дарови.
15. (а) На кого посебно сме должни да му искажуваме чест? (б) Кој е еден од начините на кој можеме да им искажеме чест на оние кои преземаат водство?
15 Продолжувајќи го своето писмо до Тимотеј, Павле пишува: ”[Старешините] кои претседаваат на примерен начин нека се сметаат за двократна чест, особено оние кои се трудат во говорењето и поучавањето.“ (1. Тимотеј 5:17). На кој начин можеме да им оддаваме чест на старешините или надгледниците? Павле рекол: ”Угледајте се на мене, како што и јас на Христа!“ (Прво послание до Коринтјаните 11:1, СПМ). Кога ги слушаме Павловите зборови и го имитираме, всушност му оддаваме чест. Тоа може да се примени и на оние кои денес меѓу нас го преземаат водството. Ако ги имитираме следејќи го нивниот пример, им оддаваме чест.
16. На кои други начини можеме да им искажеме чест на оние кои преземаат водство?
16 Уште еден начин на кој им искажуваме чест на надгледниците е да ги послушаме нивните опомени: ”Бидете им послушни на оние кои предводат меѓу вас и бидете подложни, зашто тие непрестајно бдеат над вашите души како оние кои ќе положат сметка“ (Евреите 13:7). На ист начин како што децата им оддаваат чест на своите родителите со тоа што им се послушни, така и ние им оддаваме чест на оние кои предводат меѓу нас со тоа што сме им послушни и подложни. И како што љубезните жители на Малта им искажале чест на Павле и неговите придружници со материјални дарови, така на патувачките застапници на Заедницата секогаш одново им се искажува чест на сличен начин. Но, се разбира, тие никогаш не би требало да молат за такви дарови или да стават на знаење дека би биле благодарни кога би ги добиле или дека им требаат.
17. Каква должност во поглед на искажувањето на чест имаат оние кои се на надгледнички места?
17 Од друга страна, сите оние кои се во надгледничка положба во организацијата — било во месното собрание, во покраината или областа како патувачки надгледници, во некоја од подружниците на Друштвото на Стражарска кула или во семејниот круг — должни се да им искажуваат чест на оние кои им се доверени. Тоа бара да бидат сочувствителни и полни со разбирање. Треба да бидат во секое време спремни да сослушаат секого, да бидат со блага нарав и понизни во срцето и мислите, како што Исус рекол за себе (Матеј 11:29, 30).
Да се работи на меѓусебното искажување чест
18. (а) Што може да нѐ спречи да им искажуваме чест на оние кои го заслужуваат тоа? (б) Зошто нема оправдување за негативното и критичкото расположение?
18 Сите ние треба силно да се трудиме да си искажуваме чест едни на други, бидејќи постои една силна препрека за тоа. Таа препрека или пречка е нашето несовршено срце. ”Помислите на срцето човечко се зли уште од младини“, вели Библијата (Прва книга Мојсеева 8:21, СПМ). Една од човечките склоности која би можела да ни пречи во искажувањето на чест на другите е ако сме негативно и критички расположени. Во светот постои изреката: ”Претераната блискост создава презир.“ Сите ние сме слаби, несовршени луѓе, на кои ни е потребна Јеховината милост и незаслужена доброта (Римјаните 3:23, 24). Уважувајќи го тоа, да бидеме внимателни да не се задржуваме на слабостите на нашите браќа или пак на браќата да им припишуваме сомнителни мотиви.
19. Што ќе ни помогне да му се спротивставиме на негативниот став?
19 Противотров за секоја таква негативна склоност е љубовта и самосовладувањето. Спрема нашите браќа треба да имаме сочувствителен, лојален, позитивен став, и да ги уочуваме нивните добри особини. Ако постои нешто што не го разбираме, секогаш да бидеме спремни да ја просудуваме работата во корист на нашите браќа и да го послушаме Петровиот совет: ”А пред сѐ, имајте постојана љубов меѓу себе; оти љубовта покрива многу гревови.“ (Прво соборно послание на Петар 4:8, СПМ). Мораме да имаме таков вид на љубов ако сакаме на браќата да им ја искажуваме честа што им ја должиме.
20, 21. (а) Која друга наклоност веројатно ќе нѐ спречува во меѓусебното искажување на чест? (б) Што ќе ни помогне да ѝ се спротивставиме на таа склоност?
20 Уште една карактерна особина која веројатно ќе нѐ спречува во тоа да им ја оддаваме должната чест на другите е склоноста да бидеме раздразливи или неоправдано осетливи. Осетливоста има свое место. Уметниците треба да бидат осетливи на тоновите или боите, што е дел од нивната професија. Но, неоправданата чувствителност или раздразливост во нашите односи со другите, е облик на себичност кој може да ни го украде мирот и да нѐ спречува да им искажуваме чест на другите.
21 Добар совет во врска со тоа ни пружат зборовите од книгата Проповедник 7:9 (СПМ): ”Не станувај со духот свој брз на гнев, зашто гневот почива во пазувите на безумните.“ Значи, ако некој е претерано осетлив или брзо се навредува, тоа открива недостиг на мудрост и разумност, како и недостиг на љубов. Мораме да бидеме внимателни за да нашите ниски склоности, како што е склоноста кон негативниот став, преголемата критичност или неоправданата осетливост, не нѐ спречат во оддавањето чест на сите оние кои го заслужуваат тоа.
22. Како можеме накратко да ја опишеме нашата должност да искажуваме чест?
22 Навистина, имаме многу причини за искажување на чест на другите. А, како што видовме, постојат многу, многу начини на кои можеме да искажуваме таква чест. Во секое време треба да бидеме будни и да не дозволиме некој себичен или негативен став да нѐ спречи да си искажуваме чест. Особено треба да бидеме внимателни во тоа да им искажуваме чест на оние од семејниот круг, мажот и жената еден спрема друг и децата спрема своите родители. А во собранието сме должни да им оддаваме чест на нашите сообожаватели, а особено, оние меѓу нас кои многу се трудат на положаите како надгледници. Но сите тие подрачја од наша корист е да им искажуваме чест на сите гореспоменати, бидејќи, како што рекол Исус: ”Поблажено е да се дава, отколку да се зема.“ (Дела на светите апостоли 20:35, СПМ).
Како би одговорил?
◻ Зошто и како треба да им оддаваме чест на властите?
◻ Кој библиски совет може да се примени на односот работник-работодавач?
◻ Како треба да се искажува чест во семејниот круг?
◻ Која посебна чест може да се искажува во собранието, и зошто?
◻ Како можат да се пребродат човечките слабости заради кои пропуштаме да им искажуваме чест на другите?