Извршувај ги задачите со сета душа!
КАКО се чувствуваш кога ќе добиеш охрабрувачко писмо од некој добар пријател? Тимотеј, кој живеел во првиот век, добил такво писмо од апостол Павле. Денес тоа е дел од Библијата и е познато како Второ послание до Тимотеј. Тимотеј сигурно едвај чекал да најде мирно место, каде што ќе можел да прочита што му напишал неговиот драг пријател. Можеби тој си мислел: „Како е Павле? Дали има некој совет за мене што ќе ми помогне подобро да ја извршувам мојата служба? Ќе може ли ова писмо да ми помогне уште подобро да проповедам и да поучувам, и да им бидам од помош на другите?“ Во ова скапоцено писмо, Тимотеј го нашол одговорот на овие и на многу други прашања. Сега, да разгледаме неколку важни и корисни совети кои биле запишани во него.
„ЗАТОА ПОДНЕСУВАМ СЀ“
Кога Тимотеј ги прочитал првите зборови од ова писмо, веднаш можел да почувствува колку многу Павле го сака. Апостолот со љубов го нарекол „саканиот син“ (2. Тим. 1:2). Иако Тимотеј веројатно имал триесетина години кога го добил ова писмо, околу 65 година од н.е., тој веќе бил искусен христијански старешина. Во тоа време, веќе една деценија соработувал со Павле и научил многу од него.
Тимотеј сигурно многу се охрабрил кога дознал дека Павле верно истрајува и покрај неволјите. Тој бил затвореник во Рим, и наскоро требало да биде погубен (2. Тим. 1:15, 16; 4:6-8). Тимотеј можел да види колку е храбар Павле, бидејќи тој му напишал дека истрајно поднесува сѐ (2. Тим. 2:8-13). Исто како Тимотеј, и ние можеме да црпиме сила од извонредниот пример на истрајност што ни го дал апостол Павле.
„ТЕ ПОТСЕТУВАМ ДА ГО РАЗГОРИШ БОЖЈИОТ ДАР“
Павле го поттикнал Тимотеј да ја цени задачата што ја имал во Божјата служба. Тој сакал Тимотеј да го разгори Божјиот дар кој го имал (2. Тим. 1:6). Зборот „дар“ што го употребил Павле е превод на грчкиот збор каризма. Овој грчки збор укажува на незаслужен дар, на нешто кое му се дава некому без да му следува и без да го заработи. Тимотеј го добил овој дар кога бил избран да му служи на собранието на посебен начин (1. Тим. 4:14).
Што требало да прави Тимотеј со дарот што го имал? Кога го прочитал зборот „разгори“, можеби помислил на домашно огниште во кое останале само жарчиња што тлеат. Тие требало да се распретаат за да може огнот да се разгори и повторно да грее. Според еден лексикон, грчкиот збор (аназопирео) што овде го употребил Павле значи „разгори“, „распламти“ или „живне“. Во симболична смисла, ова би значело да се прави нешто со обновен жар. Со други зборови, Павле го поттикнал Тимотеј: „Извршувај ја задачата со сета душа!“ Веројатно сфаќаш дека и ние денес треба да го правиме истото — да ја извршуваме нашата служба ревносно и со сета душа.
„ЧУВАЈ ГО ОВА БОГАТСТВО ШТО ТИ Е ДОВЕРЕНО“
Во своето писмо, Павле спомнал уште нешто што можело да му помогне на Тимотеј успешно да ја извршува својата служба. Тој му напишал: „Ова богатство што ти е доверено чувај го со помош на светиот дух, кој престојува во нас“ (2. Тим. 1:14). Што било тоа богатство кое му било доверено на Тимотеј? Во претходниот стих, Павле ги спомнал „здравите зборови“, односно вистината која се наоѓала во светите списи (2. Тим. 1:13). Како христијанин, Тимотеј требало да ја проповеда вистината и во собранието и надвор од него (2. Тим. 4:1-5). Освен тоа, тој бил поставен како старешина кој требало да се грижи за Божјето стадо (1. Пет. 5:2). Тимотеј можел да го чува ова богатство, односно вистината за која ги поучувал другите, така што ќе се потпирал на Јеховиниот свет дух и на неговата Реч (2. Тим. 3:14-17).
Денес, и нам ни е доверена вистината за која ги поучуваме другите (Мат. 28:19, 20). И понатаму ќе ја цениме оваа огромна чест ако истраеме во молитва и ако имаме навика редовно да ја проучуваме Божјата Реч (Рим. 12:11, 12; 1. Тим. 4:13, 15, 16). Некои од нас можеби служат и како старешини во собранието или учествуваат во некој вид полновремена служба. Таквата задача треба да ни помогне да бидеме понизни и да сфатиме колку, всушност, сме зависни од Бог. Според тоа, можеме да го зачуваме богатството што ни е доверено така што ќе го цениме и ќе бараме помош од Јехова за да се грижиме за него.
„ОНА ШТО ГО ЧУ ОД МЕНЕ.. ДОВЕРИ ИМ ГО НА ВЕРНИ ЛУЃЕ“
Дел од задачата на Тимотеј било да ги поучува и другите за она што и самиот го извршувал. Затоа Павле го поттикнал: „Она што го чу од мене.. довери им го на верни луѓе, кои потоа ќе бидат оспособени да поучуваат други“ (2. Тим. 2:2). Значи, освен што требало да учи од своите соверници, Тимотеј требало и да го сподели со нив она што го знаел. Многу е важно и секој старешина во христијанското собрание денес да се труди да го прави тоа. Еден добар старешина не го чува љубоморно за себе сето она што го знае во врска со некоја задача. Напротив, ги обучува другите за да можат и тие да го прават истото. Тој не се плаши дека ќе го засенат со тоа што ќе знаат повеќе или ќе бидат поспособни од него. Затоа, кога ги поучува другите за некоја задача, не им ги кажува само основните работи. Тој сака да им помогне да научат самите да расудуваат и добро да ги проценуваат работите, односно да бидат духовно зрели христијани. На тој начин, тие „верни луѓе“ што ги поучувал ќе можат уште повеќе да му помагаат на собранието.
Тимотеј сигурно многу го ценел ова охрабрувачко писмо што го добил од Павле. Најверојатно постојано се навраќал на овие скапоцени совети и длабоко размислувал како да ги примени во својата служба.
И ние сакаме да ги примениме овие совети. Како? Така што ќе го разгоруваме нашиот дар, ќе го чуваме богатството што ни е доверено, и ќе им го пренесуваме нашето искуство и знаење на другите. На тој начин, во склад со она што Павле му го рекол на Тимотеј, потполно ќе ја извршиме нашата служба (2. Тим. 4:5).