Угледајте се на нивната вера
Истрајал и покрај разочарувањата
САМОИЛ можел да ја почувствува болката на жителите на Сило. Изгледало како градот да се капе во солзи. Од колку многу куќи се слушал лелекот на жени и деца, кои плачеле поради веста дека многу татковци, сопрузи, синови и браќа никогаш повторно нема да се вратат дома! Кратко откако во една битка загинале 4.000 Израелци, Филистејците му нанеле на Израел уште еден тежок пораз во кој биле убиени околу 30.000 војници (1. Самоилова 4:1, 2, 10).
Тоа било само една од низата трагедии. Првосвештеникот Илиј имал двајца лоши синови, Офни и Финес, кои заминале од Сило носејќи го светиот ковчег на сојузот. Овој скапоцен ковчег го симболизирал Божјето присуство и обично бил сместен во светиот оддел на шаторот — кој имал улога на храм. Сепак, народот го однел во битката, мислејќи дека ќе им послужи како амајлија и ќе им донесе победа. Но, Филистејците го заплениле ковчегот и ги убиле Офни и Финес (1. Самоилова 4:3-11).
Тој ковчег со векови бил во светиот шатор во Сило. Сега повеќе го немало. Кога ја чул таа вест, 98-годишниот Илиј паднал од столот и умрел. Неговата снаа, која истиот ден останала вдовица, умрела при породувањето. Пред да издивне, таа рекла: „Славата отиде од Израел во изгнанство“. И навистина, оттогаш во Сило ништо повеќе не било како порано (1. Самоилова 4:12-22).
Како се справил Самоил со тие големи разочарувања? Дали неговата вера останала непоколеблива додека му помагал на еден народ што ја изгубил Јеховината заштита и наклоност? И ние денес понекогаш можеби ќе имаме неволји и ќе доживееме разочарувања што ќе бидат испит за нашата вера. Затоа, да видиме што можеме да научиме од Самоил во врска со тоа.
‚Го направил она што е праведно‘
По овој настан, Библијата го свртува вниманието кон светиот ковчег што го зеле Филистејците, но потоа биле принудени да го вратат поради страдањата што ги доживеале. Самоил се спомнува повторно дури во настаните што се случиле 20 години подоцна (1. Самоилова 7:2). Што правел сите тие години? Одговорот го наоѓаме во Библијата.
Од неа дознаваме дека, пред овој период, ‚Самоил му ги пренесувал Божјите зборови на целиот Израел‘ (1. Самоилова 4:1). Откако поминало тоа време, тој почнал секоја година да обиколува три града во Израел решавајќи спорови и одговарајќи на прашања. Потоа се враќал во својот роден град, Рама (1. Самоилова 7:15-17). Значи, Самоил постојано бил зафатен, и во текот на тој период од 20 години имал полни раце работа.
Неморалот и расипаноста на синовите на Илиј ја поткопале верата на народот. Изгледа дека од таа причина многу луѓе почнале да вршат идолопоклонство. Но, по две децении напорна служба, Самоил му ја пренел на народот оваа порака: „Ако му се враќате на Јехова со сето свое срце, отстранете ги од својата средина туѓите богови и Астартите, па решително насочете го своето срце кон Јехова и служете му само нему! И тој ќе ве избави од филистејската рака“ (1. Самоилова 7:3).
„Филистејската рака“ силно ги притискала Израелците. Кога израелската војска претрпела тежок пораз, Филистејците си зеле слобода да го угнетуваат Божјиот народ. Но, Самоил ги уверил Израелците дека работите ќе се променат само ако му се вратат на Јехова. Дали народот бил спремен да го направи тоа? На радост на Самоил, тие ги отстраниле своите идоли и почнале ‚да му служат само на Јехова‘. Самоил ги повикал во Миспа, град во планинскиот предел северно од Ерусалим. Луѓето се собрале, постеле и се покајале заради тоа што обожавале идоли (1. Самоилова 7:4-6).
Меѓутоа, Филистејците дознале за овој масовен собир и во тоа виделе поволна прилика за напад. Ја испратиле војската во Миспа за да удри на Јеховините слуги. Израелците чуле за опасноста која им се заканувала. Преплашени, му рекле на Самоил да се моли за нив. Тој се помолил за народот и принел жртва. За време на тој свет обред, филистејската војска тргнала против Миспа. Но, тогаш Јехова одговорил на молитвата на Самоил и го покажал својот гнев преку грмотевици. „Во тој ден Јехова згрме на Филистејците со силни грмотевици“ (1. Самоилова 7:7-10).
Зар би било логично да помислиме дека тие Филистејци биле како мали деца што се стресуваат од страв кога ќе чујат грмење и трчаат да се скријат кај својата мајка? Не, тие биле силни, искусни војници. Значи, овие грмотевици мора да биле нешто дотогаш невидено и нечуено. Зошто Филистејците толку се уплашиле? Дали можеби силниот звук што го чуле бил необично продорен? Дали грмотевиците дошле од ведро небо или, пак, заглушувачки одекнувале од планините? Како и да е, Филистејците биле смртно преплашени. Во паника, наместо да напаѓаат тие се разбегале. Израелците нагрнале од Миспа, ги поразиле и ги гонеле со километри југозападно од Ерусалим (1. Самоилова 7:11).
Таа битка била пресвртница. Филистејците продолжиле да се повлекуваат сето време додека Самоил бил судија. Градовите еден по еден се враќале под власта на Божјиот народ (1. Самоилова 7:13, 14).
По многу векови, апостол Павле го вброил Самоил меѓу верните судии и пророци кои ‚го направиле она што е праведно‘ (Евреите 11:32, 33). Самоил навистина помогнал да се прави она што било добро и праведно во Божји очи. Бил успешен бидејќи стрпливо чекал на Јехова и верно си ја извршувал задачата и покрај разочарувањата. Исто така, покажал благодарност. По победата кај Миспа, Самоил подигнал споменик во знак на сеќавање на помошта што Јехова му ја дал на својот народ (1. Самоилова 7:12).
Дали и ти сакаш ‚да го правиш она што е праведно‘? Ако да, би било добро да научиш нешто од стрпливоста на Самоил и од неговата понизност и благодарност. Кому од нас не му требаат тие особини? Добро било што Самоил стекнал и покажувал такви особини уште кога бил млад, бидејќи подоцна во животот се соочил со уште поголеми разочарувања.
„Твоите синови не одат по твоите патишта“
Самоил се спомнува повторно дури кога ‚остарел‘. Тогаш имал два возрасни сина, Јоил и Авија, на кои им ја доверил задачата да му помагаат во судењето. За жал, тие не ја оправдале неговата доверба. Иако Самоил бил чесен и праведен, неговите синови ја злоупотребувале својата положба за себични цели, ја извртувале правдата и примале мито (1. Самоилова 8:1-3).
Еден ден, старешините на Израел отишле да се пожалат кај овој остарен пророк. „Твоите синови не одат по твоите патишта“, му рекле (1. Самоилова 8:4, 5). Дали Самоил знаел за тој проблем? Извештајот не ни го открива тоа. Меѓутоа, за разлика од Илиј, немало што да му се префрли на Самоил како татко. Јехова го прекорил и го казнил Илиј затоа што не направил ништо за да им помогне на своите злобни синови да се сменат и им укажал поголема чест ним отколку на Бог (1. Самоилова 2:27-29). Но, Јехова никогаш не му приговорил на Самоил за такво нешто.
Извештајот не кажува дека Самоил се срамел, се измачувал или се разочарал кога дознал за злобата на своите синови. Меѓутоа, многу родители лесно можат да сфатат како му било. Во денешниве тешки времиња не е реткост да се покажува непочитување кон родителите и кон нивните поуки (2. Тимотеј 3:1-5). Родителите кои на своја кожа чувствуваат таква болка може да се утешат и да научат нешто од примерот на Самоил. Тој воопшто не дозволил гревовите на неговите синови да влијаат врз неговото постапување. Не заборавај, дури и ако зборовите и прекорот не допрат до закоравените срца, примерот на родителите сепак може да го омекне срцето на детето. А родителите, пак, од своја страна, секогаш имаат можност да го радуваат нивниот небесен Татко, Јехова Бог — како што го радувал и Самоил.
„Постави ни цар“
Синовите на Самоил не можеле ни да си замислат колкави ќе бидат последиците од нивната алчност и себичност. Старешините на Израел му рекле на Самоил: „Постави ни цар за да ни суди, како што е кај сите народи“. Дали со тоа барање народот го отфрлил лично Самоил? Па, тој со децении им судел на луѓето во името на Јехова. А сега тие не сакале да им биде судија некаков обичен пророк како Самоил, туку цар. Околните народи имале цареви, па и Израелците сакале да имаат свој цар! Како реагирал Самоил? Во очите на Самоил ‚тоа било лошо‘ (1. Самоилова 8:5, 6).
Забележи што му рекол Јехова кога пророкот му се помолил во врска со таа работа: „Послушај го гласот на народот во сѐ што ти вели, зашто не те отфрлија тебе, туку ме отфрлија мене за да не царувам над нив“. Колку утешни биле тие зборови за Самоил, а сепак, колку многу тој народ го навредил Семоќниот Бог! Преку својот пророк, Јехова ги предупредил Израелците дека ќе платат висока цена ако имаат човек за цар. Кога Самоил им го кажал ова, тие упорно барале: „Нека има цар над нас!“ Самоил, кој секогаш му бил послушен на својот Бог, отишол и го помазал царот што Јехова го избрал (1. Самоилова 8:7-19).
Но, со каков став послушал Самоил? Дали бил безволен и налутен? Дозволил ли разочарувањето и огорченоста да фатат корен во неговото срце? Да се на негово место, многу луѓе можеби би реагирале така. Но, не и Самоил, кој го помазал Саул и признал дека тој бил избран лично од Јехова. Го бакнал, што било знак дека го прифаќа и му се подложува на новиот цар. А на народот му рекол: „Го видовте ли оној кого Јехова го избра? Во сиот народ нема друг како него“ (1. Самоилова 10:1, 24).
Самоил не ги гледал лошите, туку добрите особини на човекот кој бил избран од Јехова. А што се однесува до себе лично, најважно му било да му остане верен на Бог, а не да биде одобрен од превртливиот народ (1. Самоилова 12:1-4). Исто така, верно ја извршувал својата задача. Го советувал Божјиот народ кога се соочувал со духовни опасности и го храбрел да му остане верен на Јехова. Неговите совети ги допреле срцата на луѓето, кои го преколнувале Самоил да се моли за нив. Тој им го дал следниов убав одговор: „Јас во никој случај не сакам да му згрешам на Јехова и да престанам да се молам за вас. Ќе ве поучам за пат кој е добар и исправен“ (1. Самоилова 12:21-24).
Дали некогаш си бил разочаран кога друг бил избран за извесна положба или задача? Примерот на Самоил служи како важно потсетување дека не смееме да дозволиме љубомората или огорченоста да фатат корен во нашето срце. За секој свој верен слуга Бог има задачи што носат радост.
„До кога ќе тагуваш за Саул?“
Самоил не згрешил што ги гледал убавите особини на Саул, кој бил многу добар човек. Бил висок и претставителен, храбар и снаодлив, а сепак, во почетокот бил скромен и воопшто не бил вообразен (1. Самоилова 10:22, 23, 27). Освен таквите дарби, тој имал уште еден дар — слободна волја, односно способност да избере како ќе живее и право самиот да донесува одлуки (5. Мојсеева 30:19). Дали добро го искористил тој дар?
За жал, кога човек ќе почне да се насладува на новостекнатата моќ, честопати скромноста е првата особина на која заборава. По кратко време, Саул се возгордеал. Одлучил да не ги послуша Јеховините наредби што му ги кажал Самоил. Во една прилика станал нестрплив и принел жртва што смеел да ја принесе само Самоил. Пророкот остро го прекорил и му рекол дека царството нема да остане во семејството на Саул. Наместо да научи нешто од тоа, Саул почнал да покажува уште поголема непослушност (1. Самоилова 13:8, 9, 13, 14).
Преку Самоил, Јехова му рекол на Саул да војува против Амаличаните и да го погуби нивниот злобен цар, Агаг. Меѓутоа, Саул му го поштедил животот на Агаг, како и најдобриот плен што требало да се уништи. Кога Самоил дошол да го прекори, Саул покажал каков човек станал. Наместо скромно да ја прифати исправката, тој се оправдувал, наоѓал изговори, ја намалувал сериозноста на проблемот и се обидел да ја префрли вината врз народот. А кога сакал да ја омаловажи исправката велејќи дека имал намера дел од пленот да му го принесе како жртва на Јехова, Самоил ги кажал познатите зборови: „Знај, послушноста е подобра од жртвите“. Храбро, Самоил го прекорил и отворено му ја кажал Јеховината одлука: Царството ќе се одземе од Саул и ќе му се даде на друг — подобар човек (1. Самоилова 15:1-33).
На Самоил му било многу тешко поради грешките на Саул. Цела ноќ го молел Јехова. Дури и тагувал по Саул. Тој видел толкав потенцијал во него, толку добри работи, а сега сите надежи му пропаднале. Саул повеќе не бил таков каков што го познавал — ги изгубил најубавите особини и му свртел грб на Јехова. Затоа, Самоил не сакал никогаш повторно да го види. Но, по некое време, Јехова нежно го прекорил: „До кога ќе тагуваш за Саул, кога јас го отфрлив за да не царува повеќе над Израел? Наполни го со масло својот рог и тргни на пат! Те праќам кај Јесеј од Витлеем, зашто меѓу неговите синови си избрав цар“ (1. Самоилова 15:34, 35; 16:1).
Јеховината намера не зависи од несовршените луѓе кои не се секогаш верни. Ако еден човек стане неверен, Јехова ќе најде друг што ќе ја изврши неговата волја. Така, остарениот Самоил престанал да жали по Саул. По заповед на Јехова, отишол во домот на Јесеј во Витлеем, каде што сретнал некои од неговите убави синови. Сепак, уште во почетокот Јехова го потсетил: „Не гледај на неговата надворешност, ниту на неговата висока става... Бог не го гледа она што го гледа човекот, зашто човекот го гледа она што го гледаат очите, а Јехова го гледа она што е во срцето“ (1. Самоилова 16:7). На крајот, Самоил го видел и најмладиот син, кој бил по избор на Јехова. Тој син бил Давид!
Во последните години од својот живот, Самоил уште појасно видел колку била исправна Јеховината одлука да го замени Саул со Давид. Саул го обзела убиствена љубомора и станал отпадник. Меѓутоа, Давид покажал прекрасни особини — храброст, лојалност и вера. Како што наближувал крајот на неговиот живот, верата на Самоил станувала сѐ поцврста. Сфатил дека ниедно разочарување не е преголемо за Јехова да помогне да се надмине, па дури и да го претвори во благослов. А Самоил, откако скоро еден век верно му служел на Јехова, умрел. Целиот Израел ја оплакувал загубата на тој верен човек — што не е за изненадување! И денес, Јеховините слуги треба да се прашаат: ‚Ќе се угледам ли на верата на Самоил?‘
[Слика на страница 25]
Како можел Самоил да му помогне на својот народ да се справи со тешката загуба и разочарувањето?
[Слика на страница 26]
Како се справил Самоил со разочарувањето што го доживеал од неговите синови?