Дали си влегол во Божјиот одмор?
„Оти, кој ќе влезе во спокојот [одморот, NW] Негов, тој ќе се одмора од делата свои“ (ЕВРЕИТЕ 4:10).
1. Зошто одморот е толку пожелен?
ОДМОР. Колку само пријатен и мил збор! Живеејќи во денешниов свет кој е со брзо темпо и грозничав, повеќето од нас би се сложиле дека еден мал одмор би ни бил многу добредојден. Без разлика дали сме млади или стари, во брак или самци, можеби едноставно се чувствуваме претоварени и исцрпени од секојдневието. За оние со физички ограничувања или болести, секој ден е предизвик. Како што вели Писмото, „сите созданија заедно со нас воздивнуваат и тажат досега“ (Римјаните 8:22). Не мора да значи дека лицето кое се одмора е мрзливо. Одморот е човекова потреба која мора да биде задоволена.
2. Од кога се одмора Јехова?
2 Самиот Јехова Бог се одмора. Во 1. Мојсеева книга читаме: „Така се доврши небото и земјата и сиот украс нивни. И ги заврши Бог до седмиот ден делата Свои, што ги направи; и си отпочина во седмиот ден од сите дела Свои, што ги создаде“. Јехова му придал на „седмиот ден“ посебно значење, зашто инспирираниот извештај потоа вели: „Го благослови Бог седмиот ден, и го освети [направи свет, NW]“ (1. Мојсеева 2:1—3).
Бог се одморал од својата работа
3. Кои работи не би можеле да бидат причини зошто Бог се одморал?
3 Зошто Бог се одморал во „седмиот ден“? Се разбира, тој не се одморал затоа што бил уморен. Јехова ужива ‚изобилство динамичка енергија‘ (NW) и „не се изморува и не изнемоштува“ (Исаија 40:26, 28). Ниту, пак, Бог зел да се одмора затоа што му била потребна пауза или промена во темпото, зашто Исус ни кажал: „Мојот Отец досега работи, и Јас работам“ (Јован 5:17). Во секој случај, „Бог е Дух“ и не е ограничен со телесните циклуси и потребите на физичките суштества (Јован 4:24).
4. На кој начин „седмиот ден“ се разликува од претходните шест ‚дена‘?
4 Како можеме да стекнеме извесен увид во причината зошто Бог се одморал во „седмиот ден“? Забележувајќи дека, иако Бог бил многу задоволен од она што го постигнал во текот на долгиот период на шесте претходни ‚денови‘ на создавање, Бог особено го благословил „седмиот ден“ и го прогласил за „свет“. Concise Oxford Dictionary го дефинира „свет“ како „исклучително предаден или издвоен (на некој бог или за некоја религиозна цел)“. На тој начин, Јеховиното благословување на „седмиот ден“ и неговото прогласување за свет покажува дека тоа и неговиот „одмор“ мора да имаат некаква врска со Неговата света волја и намера, а не со некакви потреби од негова страна. Каква е таа врска?
5. Што ставил Бог во движење во текот на првите шест ‚дена‘ на создавање?
5 Во текот на шесте претходни ‚дена‘ на создавање, Бог ги направил и ги ставил во движење сите циклуси и закони кои управуваат со процесите на Земјата и на сѐ што е околу неа. Сега научниците учат колку се тие прекрасно дизајнирани. Кон крајот на ‚шестиот ден‘, Бог ја создал првата човечка двојка и ја сместил во „Едем, на исток“. На крај, Бог ја објавил својата намера во врска со човечкото семејство и со Земјата преку овие пророчки зборови: „Плодете се, и множете се, и наполнете ја земјата, и господарете над неа, и овладајте ги рибите морски, и ѕверовите, и птиците, и сиот добиток, и со целата земја, и со сите животни што лазат по земјата“ (1. Мојсеева 1:28, 31; 2:8).
6. а) На крајот од ‚шестиот ден‘, што мислел Бог за сѐ што создал? б) Во која смисла „седмиот ден“ е свет?
6 Додека ‚шестиот ден‘ на создавање привршувал, извештајот ни кажува: „И виде Бог дека е многу добро сѐ она што го беше создал“ (1. Мојсеева 1:31). Бог бил задоволен од сѐ што направил. Така, тој се одморил, т. е. се откажал од понатамошна работа на создавање во поглед на Земјата. Меѓутоа, колку и да била тогаш совршена и убава рајската градина, таа опфаќала само едно мало подрачје, а на Земјата имало само две човечки суштества. Било потребно време за Земјата и човечкото семејство да ја достигнат состојбата која ја намеравал Бог. Од таа причина, тој одредил „седми ден“ кој би овозможил сѐ што тој создал во претходните шест ‚дена‘ да се развие во склад со неговата света волја. (Спореди Ефесјаните 1:11.) Како што „седмиот ден“ ќе приврши, Земјата ќе биде претворена во еден глобален рај, вечно населен со семејство од совршени луѓе (Исаија 45:18). ‚Седмиот ден’ е одвоен, т. е. посветен за спроведување и исполнување на Божјата волја во врска со Земјата и човештвото. Во таа смисла тој е „свет“.
7. а) Во кој поглед Бог се одморал во „седмиот ден“? б) Како ќе испадне сѐ до времето кога ќе заврши „седмиот ден“?
7 Значи, во „седмиот ден“ Бог се одморал од својата работа на создавање. Тоа е како тој да се повлекол и да дозволил она што го ставил во движење да си оди по својот пат. Тој има целосна доверба дека до крајот од „седмиот ден“ сѐ ќе испадне токму онака како што тој намеравал. Дури и ако има препреки, тие ќе бидат надминати. Сето послушно човештво ќе извлече корист кога Божјата волја во потполност ќе се исполни. Ништо нема да го спречи тоа бидејќи Божјиот благослов е врз „седмиот ден“, и тој го направил ‚свет‘. Каков само славен изглед за послушното човештво!
Израел пропуштил да влезе во Божјиот одмор
8. Кога и како Израелците почнале да го држат Сабатот?
8 Израелската нација извлекла корист од Јеховиното уредување за работата и одморот. Уште пред да им го даде на Израелците Законот на гората Синај, Бог преку Мојсеј им рекол: „Ете, Господ ви дал денес сабота, затоа во шестиот ден и ви дава леб за два дена. Останете секој на своето место, и во седмиот ден никој да не го напушта местото свое“. Резултатот бил тоа што ‚народот се одмарал [го држел сабатот, NW] седмиот ден‘ (2. Мојсеева 16:22—30).
9. Зошто Сабатниот закон несомнено била добредојдена промена за Израелците?
9 Ова уредување било ново за Израелците кои тукушто биле избавени од ропството во Египет. Иако Египќаните и другите го мереле времето во периоди од по пет до десет дена, неверојатно е дека на поробените Израелци им бил дозволен ден за одмор. (Спореди 2. Мојсеева 5:1—9.) Затоа е разумно да се заклучи дека на израелскиот народ му била добредојдена оваа промена. Наместо на барањето за Сабатот да гледаат како на товар или ограничување, тие требало да бидат среќни што можат да го следат. Всушност, подоцна Бог им кажал дека Сабатот требало да служи како потсетник за нивното ропство во Египет и за тоа дека тој ги избавил (5. Мојсеева 5:15).
10, 11. а) Ако биле послушни, што можеле со радост да очекуваат Израелците дека ќе уживаат? б) Зошто Израелците пропуштиле да влезат во Божјиот одмор?
10 Доколку Израелците кои излегле со Мојсеј од Египет биле послушни, тие би ја имале предноста да влезат во ветената „земја, каде што тече мед и млеко“ (2. Мојсеева 3:8). Таму би уживале вистински одмор, не само на Сабатот туку и низ сиот свој живот (5. Мојсеева 12:9, 10). Меѓутоа, тоа не било случај. Во врска со нив, апостол Павле напишал: „Зашто некои, откако чуја, се побунија, но не сите, што со Мојсеја излегоа од Египет. Против кои негодува Он четириесет години? Нели против оние, што погрешија и чии коски останаа во пустињата? А на кои им се заколнал дека нема да влезат во Неговиот спокој [одмор, NW], ако не на оние, што не сакаа да веруваат [постапуваа непослушно, NW]? И така, гледаме дека тие не можат да влезат поради неверието [недостигот на вера, NW]“ (Евреите 3:16—19).
11 Колку само моќна поука за нас! Поради нејзиниот недостиг на вера во Јехова, таа генерација не го добила одморот кој им го ветил тој. Наместо тоа, тие изгинале во пустината. Пропуштиле да согледаат дека, како Авраамови потомци, тие биле тесно поврзани со Божјата волја во обезбедувањето на благословите за сите нации на Земјата (1. Мојсеева 17:7, 8; 22:18). Наместо да работат во склад со божествената волја, тие биле потполно одвратени од страна на нивните световни и себични желби. Никогаш да не западнеме во еден таков правец! (1. Коринтјаните 10:6, 10).
Останува почивката [одморањето, NW]
12. Каков изглед сѐ уште постоел за христијаните од првиот век, и како можеле да го постигнат?
12 Откако го истакнал пропустот на Израел да влезе во Божјиот одмор поради недостиг на вера, Павле го свртел своето внимание кон соверниците. Како што е забележано во Евреите 4:1—5, тој ги уверил дека „е оставено ветувањето за влегување во Неговиот [Божјиот] спокој [одмор, NW]“. Павле ги поттикнал да практикуваат вера во „добрата вест“ (NW), зашто „ние, кои поверувавме [практикуваме вера, NW], влегуваме во Неговиот спокој [одмор, NW]“. Бидејќи Законот веќе бил отстранет преку Исусовата откупна жртва, Павле тука не укажувал на физичкиот одмор кој бил обезбеден со Сабатот (Колосјаните 2:13, 14). Цитирајќи ги 1. Мојсеева 2:2 и Псалм 94:11 [95:11, NW], Павле ги поттикнувал еврејските христијани да влезат во Божјиот одмор.
13. Цитирајќи го Псалм 94, зошто Павле свртел внимание кон зборот „денес“?
13 Можноста да се влезе во Божјиот одмор требало да биде „добра вест“ за еврејските христијани, токму како што Сабатниот одмор требало да биде „добра вест“ за Израелците пред нив. Затоа, Павле ги поттикнал своите соверници да не ја прават истата грешка што ја направил Израел во пустината. Наведувајќи го она што сега е Псалм 94:7, 8, тој свртел внимание кон зборот „денес“, иако поминало толку долго време откако Бог се одморил од создавањето (Евреите 4:6, 7). Која била Павловата поента? Тоа било дека „седмиот ден“, кој Бог го одвоил за да дозволи неговата намера во врска со Земјата и човештвото да биде потполно извршена, сѐ уште течел. Затоа, било итно неговите сохристијани да работат во склад со таа намера наместо да бидат преокупирани со себични тежнеења. Уште еднаш го одгласил предупредувањето: „Не ги закоравувајте вашите срца“ (NW).
14. Како Павле покажал дека Божјиот „одмор“ сѐ уште останува?
14 Освен тоа, Павле покажал дека ветениот „одмор“ не бил само работа на населување на Ветената земја под водството на Исус Навин (Исус Навин 21:44). „Зашто, ако Исус Навин ги беше успокоил [однел во некое место на одмор, NW]“, поттикнал Павле, „Бог немаше да зборува веќе потоа за друг ден.“ Со оглед на тоа, Павле додал: „За народот Божји сѐ уште останува почивката саботна“ (Евреите 4:8, 9). Што е „почивката саботна“?
Влези во Божјиот одмор
15, 16. а) Кое е значењето на терминот ‚сабатна почивка‘? б) Што значи ‚некој да се одмори од својата работа‘?
15 Изразот ‚почивка саботна‘ е преведен од еден грчки збор што значи „сабатење“ (Kingdom Interlinear). Професор Вилијам Лејн наведува: „Терминот ја добил својата особена нијанса од упатството за Сабат што се развило во јудаизмот на темел на 2. Мојсеева 20:8—10, каде што било нагласено дека одморот и фалбата припаѓаат заедно . . . [Тоа] го нагласува специјалниот аспект на веселба и радост, изразен во обожавањето и фалбата на Бог“. Значи, ветениот одмор не е едноставно ослободување од работа. Тоа е промена од еден заморен, бесмислен товар во радосна служба која му донесува чест на Бог.
16 Тоа е поткрепено со следните Павлови зборови: „Оти, кој ќе влезе во спокојот [одморот, NW] Негов, тој ќе се одмора од делата свои, како и Бог од Своите“ (Евреите 4:10). Бог не се одморал во седмиот ден на создавањето затоа што бил уморен. Наместо тоа, тој се откажал од земното дело на создавање за да дозволи делото на неговите раце да се развие и да дојде во целосна слава, на негова фалба и чест. Како дел од Божјето создание, и ние би требало да се вклопиме во тоа уредување. Би требало да ‚се одмориме од нашите сопствени дела‘, т. е. да престанеме со обидот да се оправдуваме пред Бог со цел да стекнеме спасение. Наместо тоа, треба да имаме вера дека нашето спасение зависи од откупната жртва на Исус Христос преку кого сите работи повторно ќе бидат доведени во склад со Божјата намера (Ефесјаните 1:8—14; Колосјаните 1:19, 20).
Словото Божјо дејствува
17. Кој правец, по кој тежнеел телесниот Израел, мораме да го избегнуваме?
17 Израелците пропуштиле да влезат во Божјиот ветен одмор поради нивната непослушност и недостиг на вера. Затоа, Павле ги поттикнал еврејските христијани: „И така, да се погрижиме да влеземе во оној спокој [одмор, NW], та да не би некој да падне во слична непослушност“ (Евреите 4:11). Повеќето Евреи од првиот век не практикувале вера во Исус, и многумина од нив многу пострадале кога еврејскиот систем на ствари дошол до својот крај во 70 н. е. Колку само е пресудно денес да имаме вера во Божјата реч на ветување!
18. а) Кои причини ги дал Павле за практикување вера во Божјата реч? б) Како Божјата реч е ‚поостра од секаков меч со две острици‘?
18 Ние имаме здрави причини да практикуваме вера во Јеховината реч. Павле напишал: „Словото Божјо е живо и дејствува и е поостро од секаков меч со две острици; и навлегува [продира, NW] до разделување на душата и духот, до зглобовите и мозокот [нивната срж, NW], и ги проценува мислите и намерите на срцето“ (Евреите 4:12). Да, Божјата реч, т. е. порака е ‚поостра од секаков меч со две острици‘. Еврејските христијани требало да се сетат на она што им се случило на нивните прататковци. Игнорирајќи го Јеховиниот суд дека ќе изгинат во пустината, тие се обиделе да влезат во Ветената земја. Но, Мојсеј ги предупредил: „Таму пред нас се Амаликијците и Хананејците, и ќе паднете од нож“. Кога Израелците тврдоглаво продолжиле напред, ‚Амаликијците и Хананејците, што живееле на онаа планина, ги сопреле и ги гонеле дури до Ермон‘ (4. Мојсеева 14:39—45). Јеховината реч е поостра од секаков меч со две острици, и секој кој намерно ја игнорира, сигурно ќе ги пожнее последиците (Галатјаните 6:7—9).
19. Колку моќно ‚продира‘ Божјата реч, и зошто треба да ја признаеме нашата одговорност пред Бог?
19 Колку само моќно Божјата реч ‚продира до разделување на душата и духот, до зглобовите и нивната срж‘! Таа ги пробива мислите и мотивите на поединци, фигуративно продирајќи сосема до сржта во највнатрешниот дел од коските! Иако Израелците кои биле ослободени од египетското ропство се сложиле да го држат Законот, Јехова знаел дека длабоко во себе тие не ги ценеле неговите подготовки и барања (Псалм 94:7—11). Наместо да ја вршат неговата волја, тие биле заинтересирани да ги задоволат своите телесни желби. Затоа, не влегле во Божјиот ветен одмор, туку изгинале во пустината. Ние треба да го земеме при срце тоа, зашто „нема создание сокриено за Него, туку сѐ е голо и откриено за очите на Оној, пред Кого ние ќе одговараме“ (Евреите 4:13). Затоа, да го исполниме нашето предание на Јехова и да не ‚се отстрануваме за погибел‘ (Евреите 10:39).
20. Што лежи пред нас, и што мораме сега да правиме за да влеземе во Божјиот одмор?
20 Иако „седмиот ден“ — Божјиот ден на одмор — сѐ уште е во тек, тој е буден за спроведувањето на својата намера во врска со Земјата и човештвото. Наскоро, месијанскиот цар, Исус Христос, ќе преземе акција за да ја ослободи Земјата од сите противници на Божјата волја, вклучувајќи го и Сатана Ѓаволот. Во текот на Христовото илјадагодишно владеење, Исус и неговите 144.000 совладетели ќе ги доведат Земјата и човештвото до состојбата која ја намеравал Бог (Откровение 14:1; 20:1—6). Сега е време да докажеме дека нашиот живот е сосредоточен на волјата на Јехова Бог. Наместо да настојуваме да се оправдуваме пред Бог и да ги унапредуваме нашите сопствени интереси, сега е време да се ‚одмориме од нашите сопствени дела‘ и со цело срце да служиме за интересите на Царството. Правејќи го тоа и останувајќи верни на нашиот небесен Татко, Јехова, ќе ја имаме предноста да ги уживаме користите од Божјиот одмор, сега и засекогаш.
Можеш ли да објасниш?
◻ За која цел Бог одморал во „седмиот ден“?
◻ Каков одмор можеле да уживаат Израелците, но зошто тие пропуштиле да влезат во него?
◻ Што мораме да правиме за да влеземе во Божјиот одмор?
◻ Како Божјата реч е жива, моќна и поостра од секаков меч со две острици?
[Слика на страници 16 и 17]
Израелците го држеле Сабатот, но тие не влегле во Божјиот одмор. Знаеш ли зошто?