Христијанско гледиште за погребните обичаи
НЕНАДЕЈНАТА, неочекувана смрт на некој љубен е особено трагична. Има за последица шок, проследен со силна емоционална болка. Да се гледа како некој љубен заспива во смрт после една долга и мачна болест е малку поинаку, но тагата и чувството на длабока загуба остануваат.
Без оглед на околностите за смртта на некој љубен, на ужалените им е потребна поддршка и утеха. Можеби еден ужален христијанин ќе мора да се соочи и со прогонство од оние кои инсистираат на придржување кон небиблиски погребни обичаи. Ова е вообичаено за многу земји во Африка и во некои други делови од Земјата.
Што ќе му помогне на еден ужален христијанин да избегне небиблиски погребни обичаи? Како можат соверниците да дадат поддршка во такви времиња на испит? Одговорите на овие прашања се од интерес за сите кои настојуваат да му угодат на Јехова, зашто „чиста и непорочна вера пред Бога и Отецот е оваа: да пригледуваш сираци и вдовици во нивните маки и да пазиш да останеш неосквернет од светот“ (Јаков 1:27).
Поврзани преку верување
Еден заеднички фактор кој поврзува многу погребни обичаи е верувањето дека мртвите продолжуваат да живеат во некое невидливо подрачје на предците. За да ги смират, многу ожалостени се чувствуваат обврзани да вршат извесни ритуали. Или, пак, се плашат да не предизвикаат незадоволство кај соседите кои веруваат дека, доколку не се извршат ритуалите, ќе дојде некакво зло врз заедницата.
Еден вистински христијанин не смее да попушти пред стравот од човек и да учествува во обичаи кои не му се угодни на Бог (Изреки 29:25; Матеј 10:28). Библијата покажува дека мртвите се несвесни, зашто таа вели: „Живите знаат, дека ќе умрат, а мртвите ништо не знаат [за ништо не се свесни, NW] . . . зашто во гробот, каде што ќе појдеш, нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост“ (Проповедник 9:5, 10). Затоа, Јехова Бог го предупредил својот народ од древните времиња да не се обидува да ги смирува мртвите ниту да комуницира со нив (5. Мојсеева 14:1; 18:10—12; Исаија 8:19, 20). Овие библиски вистини се судруваат со многу популарни погребни обичаи.
Што е со „сексуалното очистување“?
Во некои земји од централна Африка, од ужалениот брачен другар се очекува да има сексуални односи со некој близок роднина на починатиот. Се верува дека, ако тоа не се стори, мртвиот ќе им наштети на живите во семејството. Овој ритуал е означен како „сексуално очистување“. Но, каков и да било сексуален однос надвор од бракот, Библијата го дефинира како „блуд“. Бидејќи христијаните треба да ‚бегаат од блудство‘, тие храбро одолеваат на овој небиблиски обичај (1. Коринтјаните 6:18).
Размисли за една вдовица по име Мерси.a Кога во 1989 умрел нејзиниот сопруг, роднините барале таа да изврши сексуално очистување со некој роднина. Одбила, објаснувајќи дека тој ритуал е спротивен на Божјиот закон. Исфрустрирани, откако вербално ја измалтретирале, роднините си заминале. После еден месец ѝ го опљачкале домот, отстранувајќи ги железните плочи од нејзиниот покрив. „Твојата религија може да се грижи за тебе“, ѝ рекле.
Собранието ја утешило Мерси, па дури ѝ изградило нова куќа. Соседите биле толку импресионирани што некои решиле да учествуваат во проектот, а сопруга на поглаварот која била католичка, била прва која носела трева за покривот. Верното однесување на Мерси ги охрабрило нејзините деца. Оттогаш, четири од нив му се предале на Јехова Бог, а неодамна едно ја посетило Школата за оспособување на слуги.
Поради обичајот на сексуално очистување, некои христијани си дозволиле да бидат присилени на брак со неверник. На пример, еден вдовец во своите 70-ти години, избрзано се оженил со една млада девојка која била во роднинска врска со неговата покојна сопруга. Со тоа, тој можел да тврди дека го извршил сексуалното очистување. Меѓутоа, таков правец е во конфликт со библискиот совет дека христијаните треба да се венчаваат „само во Господа“ (1. Коринтјаните 7:39).
Церемонии на целоноќно бдеење
Во многу земји, ожалостените се собираат во домот на починатиот и остануваат будни цела ноќ. Овие бдеења често вклучуваат гоштавање и гласна музика. Се верува дека тоа го смирува умрениот и ги заштитува живите во семејството од магија. Може да се одржат ласкави говори за да се стекне наклоноста на умреното лице. После некој говор, ожалостените може да испеат една религиозна песна пред да стане да зборува друг поединец. Тоа може да продолжи сѐ до разденување.b
Еден вистински христијанин не учествува во такви церемонии на целоноќно бдеење бидејќи Библијата покажува дека мртвите не можат да им помогнат ниту, пак, да им наштетат на живите (1. Мојсеева 3:19; Псалм 145:3, 4; Јован 11:11—14). Писмото ја осудува практиката спиритизам (Откровение 9:21; 22:15). Сепак, на една христијанска вдовица може да ѝ биде тешко да ги спречи другите да внесат спиритистички практики. Можеби тие инсистираат на тоа да се изведе целоноќно бдеење во нејзиниот дом. Што можат да сторат соверниците за да им помогнат на ужалените христијани кои се соочуваат со оваа додатна неволја?
Честопати, собраниските старешини можат да го поддржат ужаленото христијанско семејство со тоа што ќе резонираат со роднините и соседите. После едно такво резонирање, тие поединци можеби ќе се сложат мирно да го напуштат домот и повторно да се соберат за погребната служба друг ден. Но, што ако некои станат воинствени? Натамошните обиди да се резонира, може да резултираат во насилство. ‚Слугата Господов не треба да влегува во расправии; туку да биде незлобив‘ (2. Тимотеј 2:24). Затоа, доколку роднините кои не сакаат да соработуваат агресивно ја преземат работата во свои раце, можеби христијанската вдовица и нејзините деца нема да можат да го спречат тоа. Но, тие нема да учествуваат во ниедна лажна религиозна церемонија која се случува во нивниот дом, зашто тие ја слушаат библиската заповед: „Не впрегнувајте се заедно со неверниците“ (2. Коринтјаните 6:14).
Ова начело се применува и на закопот. Јеховините сведоци не учествуваат во пеење, молење или ритуали кои ги води некој министер на лажната религија. Доколку христијаните кои се блиски членови на семејството сметаат дека е неопходно да присуствуваат на една таква служба, тие не земаат учество во неа (2. Коринтјаните 6:17; Откровение 18:4).
Достоинствени погребни служби
Погребните служби кои ги одржуваат Јеховините сведоци не вклучуваат ритуали кои се наменети за да го смират умрениот. Се држи еден библиски говор или во Салата на Царството, или во погребниот завод, или во домот на починатиот или, пак, на гробот. Целта на говорот е да ги утеши ужалените, објаснувајќи што вели Библијата во врска со смртта и со надежта за воскресение (Јован 11:25; Римјаните 5:12; 2. Петрово 3:13). Може да се испее песна темелена на Писмото, и службата се завршува со една утешителна молитва.
Неодамна, една таква погребна служба се одржа за една жена Јеховин сведок, која се погоди да биде најмладата сестра на Нелсон Мандела, претседателот на Јужна Африка. После службата, претседателот искрено му се заблагодари на говорникот. Беа присутни многу достоинственици и виши службеници. „Ова е најдостоинствениот погреб на кој некогаш сум присуствувала“, рече една жена, член на кабинетот.
Дали е прифатлива облека за тагување?
Јеховините сведоци тагуваат заради смртта на љубените. Како и Исус, може да леат солзи (Јован 11:35, 36). Но, тие сметаат дека не е потребно јавно да ја покажуваат својата жалост преку некој надворешен симбол. (Спореди Матеј 6:16—18.) Во многу земји, од вдовиците се очекува да облечат посебна облека за тагување за да го смират умрениот. Овие облеки мораат да се носат неколку месеци или дури една година после погребот, а нивното симнување е прилика за една друга гозба.
Пропустот да се покажат знаци на тагување се смета како престап против умреното лице. Од таа причина, во некои делови на Свазиленд, племенските поглавари ги протерувале Јеховините сведоци од нивните домови и земјишта. Меѓутоа, таквите верни христијани секогаш се згрижувани од своите духовни браќа кои живеат на други места.
Свазилендскиот врховен суд одлучи во корист на Јеховините сведоци, наведувајќи дека нив треба да им се дозволи да се вратат во своите домови и земјишта. Во еден друг случај, на една христијанска вдовица ѝ беше дозволено да остане на својот имот откако беше донесено писмо и магнетофонска снимка во кои нејзиниот покоен сопруг јасно навел дека неговата сопруга не треба да носи облека за тагување. На тој начин, можела да докаже дека навистина била полна со почитување кон нејзиниот сопруг.
Од голема вредност е ако некој уште пред смртта јасно ги наведе упатствата за погребот, особено во места каде што се вообичаени небиблиски практики. Разгледај го примерот на Виктор, жител на Камерун. Тој ја запишал програмата која би требало да се следи на неговиот погреб. Во неговото семејство имало многу влијателни луѓе кои припаѓале на една култура која имала јаки традиции што се однесува до мртвите, вклучувајќи и обожавање на човечки черепи. Бидејќи Виктор бил почитуван член на семејството, тој знаел дека веројатно и со неговиот череп ќе постапуваат на тој начин. Затоа дал јасни упатства за тоа како треба Јеховините сведоци да го извршат неговиот погреб. Тоа ја олеснило ситуацијата за неговата вдовица и за неговите деца, а во заедницата било дадено добро сведоштво.
Избегнувај да имитираш небиблиски обичаи
Некои кои имаат спознание за Библијата се уплашиле да се издвојат како поинакви. За да избегнат прогонство, тие се обиделе да им угодат на своите соседи со тоа што направиле да изгледа дека се држат за традиционалното бдеење за мртвите. Иако е пофално да се посетат ужалените за да им се даде лична утеха, тоа не бара секоја ноќ пред погребот да се одржува мала погребна служба во домот на починатиот. Ако се прави тоа, може да се спрепнат набљудувачите, бидејќи тоа може да остави впечаток дека учесниците не веруваат вистински во она што го вели Библијата за состојбата на мртвите (1. Коринтјаните 10:32).
Библијата ги поттикнува христијаните да го стават обожавањето на Бог на прво место во животот и мудро да го користат своето време (Матеј 6:33; Ефесјаните 5:15, 16). Но, на некои места, собраниската активност била доведена до застој една седмица или повеќе поради погреб. Овој проблем не е случај само во Африка. Во врска со некој погреб, еден извештај од Јужна Америка вели: „Три христијански состаноци имаа крајно ниска посетеност. Службата на теренот не беше поддржувана отприлика десет дена. Дури и луѓето надвор од собранието и библиските студенти беа изненадени и разочарани кога видоа дека некои наши браќа и сестри земаа учество во тоа“.
Во некои заедници, ужаленото семејство може да покани неколку блиски пријатели во својот дом заради мала закуска после погребот. Но, во многу делови од Африка, стотици кои присуствуваат на погребот, навалуваат во домот на починатиот и очекуваат гозба, каде што честопати се жртвуваат животни. Некои кои се поврзани со христијанското собрание го имитирале овој обичај, оставајќи впечаток дека се држат за вообичаените гозби за да се смири умрениот.
Погребните служби кои ги држат Јеховините сведоци не им наметнуваат скап товар на ужалените. Затоа, нема потреба од некоја специјална подготовка со цел оние кои се присутни да дадат пари за да ги покријат обилните погребни трошоци. Доколку сиромашните вдовици не можат да ги покријат потребните трошоци, несомнено, на другите во собранието ќе им биде драго да помогнат. Ако таквата помош е неадекватна, старешините можат да уредат да се обезбеди материјална помош за достојните (1. Тимотеј 5:3, 4).
Погребните обичаи не се секогаш во конфликт со библиските принципи. Кога се во конфликт, христијаните се одлучни да постапуваат во склад со Писмотоc (Дела 5:29). Иако ова може да донесе додатна неволја, многу Божји слуги можат да посведочат дека тие успешно се соочиле со таквите испити. Тоа го сториле со сила од Јехова, ‚Богот на секоја утеха‘ и со помошта, полна со љубов, од соверниците кои ги утешиле во нивната неволја (2. Коринтјаните 1:3, 4).
[Фусноти]
a Во статијава се користени изменети имиња.
b Во некои јазични групи и култури, терминот „бдее“ се применува на една кратка посета за да се утешат ужалените. Можеби не е вклучено ништо небиблиско. Види Разбудете се! од 22 мај 1979, страници 27, 28 (англ.).
c Онаму каде што погребните обичаи можат да донесат жестоки испити врз некој христијанин, старешините можат да ги подготват кандидатите за крштавање за она што можеби стои пред нив. Кога се состануваат со овие нови за да дискутираат за прашањата од книгата Организирани да ја извршуваме нашата служба, треба да се посвети грижливо внимание на деловите „Душа, грев и смрт“ и „Меѓуверство“. Обата дела имаат незадолжителни прашања за дискусија. Тука старешините можат да обезбедат информации во врска со небиблиските погребни обичаи со цел кандидатот за крштавање да знае што бара Божјата Реч од него доколку треба да се соочи со такви ситуации.
[Рамка на страница 23]
Благословени заради својот цврст став
Сибонгили е храбра христијанска вдовица која живее во Свазиленд. После неодамнешната смрт на нејзиниот сопруг, таа одбила да ги следи обичаите за кои многу мислат дека ги смируваат мртвите. На пример, таа не си ја избричила косата на главата (5. Мојсеева 14:1). Осум членови на семејството се налутиле заради тоа и сосила ѝ ја избричиле главата. Исто така, тие ги спречиле Јеховините сведоци да го посетат домот за да ја утешат Сибонгили. Меѓутоа, други поединци кои биле заинтересирани за пораката на Царството биле среќни што можеле да ја посетат со охрабрувачки писма кои ги напишале старешините. На денот кога се очекувало Сибонгили да облече посебна облека за тагување, се случило нешто изненадувачко. Еден влијателен член на семејството свикал состанок за да дискутираат за нејзиното одбивање да се повини на традиционалните обичаи за тагување.
Сибонгили известува: „Тие ме прашаа дали моите религиозни убедувања ми дозволуваат да ја изразам жалоста преку облекување црна наметка за тагување. Откако го објаснив мојот став, ми рекоа дека нема да ме присилат на тоа. На мое изненадување, сите ми се извинија заради малтретирањето и заради тоа што ми ја избричија главата против мојата волја. Сите ме замолија да им простам“. Подоцна, сестрата на Сибонгили го изразила своето уверување дека Јеховините сведоци ја имаат вистинската религија, и побарала библиска студија.
Разгледај еден друг пример: Еден човек од Јужна Африка, Бенџамин, имал 29 години кога чул за ненадејната смрт на својот татко. Во тоа време, Бенџамин бил единствениот Сведок во неговото семејство. За време на службата за закоп, од секого се очекувало да оди во колона околу гробот и да фрли една рака земја врз сандакот.d После закопот, сите членови на потесното семејство ги избричиле главите. Бидејќи Бенџамин не учествувал во тие ритуали, соседите и членовите на семејството предвиделе дека тој ќе биде казнет од духот на неговиот умрен татко.
„Бидејќи ја положив мојата доверба во Јехова, ништо не ми се случи“, вели Бенџамин. Членовите на семејството забележале како испаднале работите со него. Со текот на времето, извесен број од нив почнале да ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци и се крстиле како симбол на нивното предание на Бог. А Бенџамин? Тој стапил во полновременото евангелизаторско дело. Во изминативе неколку години, тој имаше убава предност да им служи на собранијата на Јеховините сведоци како патувачки надгледник.
[Фуснота]
d Можеби некои не гледаат ништо погрешно во тоа да се фрлат цвеќиња или рака земја во гробот. Меѓутоа, христијанинот ќе ја избегнува оваа практика доколку заедницата гледа на тоа како на начин да го смири умрениот или доколку тоа е дел од некоја церемонија во која претседава некој министер од лажната религија. (Види Разбудете се! од 22 март 1977, страница 15 [англ.].)