Квалитетот на твојата вера — испитан сега
„Радувајте се, браќа мои, кога ќе паднете во разни искушенија, знаејќи дека испитувањето [испитаниот квалитет, NW] на вашата вера создава трпеливост [истрајност, NW]“ (ЈАКОВ 1:2, 3).
1. Зошто христијаните очекуваат испити на нивната вера?
ВИСТИНСКИТЕ христијани немаат желба да страдаат и тие не црпат задоволство од болката или од понижувањето. Сепак, тие ги имаат на ум горните зборови кои ги напишал Исусовиот полубрат Јаков. Христос јасно им покажал на своите ученици дека поради тоа што се придржуваат кон Божјите мерила, би можеле да очекуваат прогонство и други тешкотии (Матеј 10:34; 24:9—13; Јован 16:33). И покрај тоа, од таквите испити може да произлезе радост. Како тоа?
2. а) Како можат испитите на нашата вера да резултираат во радост? б) Како може истрајноста да го доврши своето дело во нашиот случај?
2 Клучна причина зошто наоѓаме радост кога сме под испити или тестови на верата е тоа што тие можат да произведат добри плодови. Како што вели Јаков, издржувањето наспроти испитите или тешкотиите „создава истрајност“. Ние можеме да извлечеме корист од развивањето на таа вредна христијанска особина. Јаков напишал: „Истрајноста нека го доврши своето дело, за да бидете потполни и здрави во секој поглед и ништо да не ви недостига“ (Јаков 1:4, NW). Истрајноста има една работа, едно „дело“. Нејзината задача е да нѐ направи потполни во секој поглед, помагајќи ни да бидеме добро заокружени како христијани. Оттука, со тоа што дозволуваме испитите да течат по својот пат без некакви обиди да користиме небиблиски средства за да ги доведеме до брз крај, нашата вера се испитува и рафинира. Доколку ни недостигаат стрпливост, сожалување, љубезност или љубов во справувањето со некои ситуации или со другите луѓе, истрајноста може да нѐ направи попотполни. Да, редоследот е: Испитите создаваат истрајност; истрајноста ги зголемува христијанските особини; а тие се причина за радост (1. Петрово 4:14, NW; 2. Петрово 1:5—8).
3. Зошто не би требало да се повлекуваме поради страв од испитите или тестовите на верата?
3 Исто така, апостол Павле истакнал зошто не треба да се плашиме или да се повлекуваме од испитите на нашата вера. Тој напишал: „Затоа радувајте се, макар сега да сте малку во скрб — ако е потребно —, во разни искушенија, та вашата вера испитана [испитаниот квалитет на вашата вера, NW], да излезе подрагоцена од нетрајното злато, па било тоа да е испитано и преку оган, за пофалба и чест и слава, кога ќе се појави Исус Христос“ (1. Петрово 1:6, 7). Овие зборови особено се охрабрувачки сега бидејќи ‚големата неволја‘ — времето на фалба, слава, чест и преживување — е многу поблизу отколку што можеби некои мислат и многу поблизу отколку кога сме станале верници (Матеј 24:21, NW; Римјаните 13:11, 12).
4. Што мислел еден брат за испитите што ги доживувале тој и другите помазани христијани?
4 Во претходната статија ги разгледавме испитите со кои се соочил помазаниот остаток од 1914 па наваму. Дали тие биле основа за радост? А. Х. Мекмилан го дал ова ретроспективно гледиште: „Видов како доаѓаат многу жестоки испити врз организацијата и тестови на верата врз оние кои се во неа. Со помошта на Божјиот дух, таа преживеа и продолжи да цвета. Ја видов мудроста од стрпливото чекање на Јехова да го разјасни нашето разбирање на работите од Писмото наместо да се вознемируваме поради некоја нова мисла . . . Без разлика на тоа какви преиначувања одвреме навреме моравме да правиме во нашите гледишта, тоа не ја менуваше милосрдната подготовка за откупнината и Божјето ветување за вечен живот. Затоа, немаше потреба да дозволиме нашата вера да ослабне поради неисполнетите очекувања или промените во гледиштата“ (Стражарска кула од 15 август 1966, страница 504 [англ.]).
5. а) Кои користи произлегле од тоа што остатокот бил подложен на испити? б) Зошто работата во врска со испитувањето би требало да нѐ интересира сега?
5 Помазаните христијани кои го преживеале периодот на испитување од 1914 до 1919 биле ослободени од доминантното влијание на светот и од многу вавилонски религиозни практики. Остатокот напредувал како исчистен и рафиниран народ, спремно принесувајќи му жртви на фалба на Бог и имајќи засигурување дека тој како народ му е прифатлив (Исаија 52:11; 2. Коринтјаните 6:14—18). Судењето започнало во Божјиот дом, но тоа не требало да биде завршено во еден фиксен период. Испитувањето и просејувањето на Божјиот народ продолжува. Испитувана е верата и на оние кои се надеваат да ја преживеат претстојната „голема неволја“, како дел од ‚големото мноштво‘ (Откровение 7:9, 14). Тоа се прави на начини слични на оние со кои се соочил остатокот, како и на други начини.
Како би можел да бидеш испитан ти?
6. Кој е еден вид жесток испит што го доживеале многумина?
6 Многу христијани помислуваат на предизвикот храбро да застанат наспроти испитите кои се во облик на директни фронтални напади. Тие се присетуваат на овој извештај: „[Еврејските водачи] ги повикаа апостолите, ги биеја, и им заповедаа да не зборуваат за името Исусово, па ги пуштија. А тие излегоа од Синедрионот радосни, зашто се беа удостоиле да поднесат навреди за името на Господа Исуса“ (Дела 5:40, 41). И современата историја на Божјиот народ, а особено во текот на светските војни, јасно покажува дека многу Јеховини сведоци всушност доживеале тепање и уште полоши работи од рацете на прогонителите.
7. До кој степен во покажувањето вера отишле некои современи христијани?
7 Во врска со тоа што христијаните се предмет на прогонство, светот не прави разлика меѓу помазаниот остаток и големото мноштво од „други овци“ (Јован 10:16). Низ годините, членови на обете групи биле жестоко испитувани преку затворање па дури и мачеништво поради нивната љубов кон Бог и нивната вера во него. На обете групи им бил потребен Божјиот дух, без оглед на нивната надеж. (Спореди Стражарска кула од 15 јуни 1996, страница 31.) Во текот на 1930-тите и 1940-тите во нацистичка Германија, многу Јеховини слуги, вклучувајќи и деца, покажале извонредна вера, и не биле малку оние кои биле испитани до крај. Во поново време, Јеховиниот народ се соочил со испитот на прогонство во земји како што се Бурунди, Еритреја, Етиопија, Малави, Мозамбик, Руанда, Сингапур и Заир. А испитите од тој вид продолжуваат.
8. Како коментарите на еден африкански брат покажуваат дека во испитувањето на нашата вера е вклучено повеќе отколку само да се поднесе прогонство во облик на тепање?
8 Меѓутоа, како што веќе е забележано, нашата вера е испитувана и на многу поприкриени начини. Некои од испитите не се така директни и лесно препознатливи. Размисли како би реагирал на нешто како следново. Еден брат од Ангола, кој има десет деца, бил во едно собрание чија комуникација со одговорните браќа извесно време била отсечена. Подоцна, станало возможно други да го посетат собранието. Бил запрашан како успевал да го прехрани своето семејство. Не му било лесно да одговори, и сѐ што рекол е тоа дека ситуацијата е тешка. Дали можел да ги нахрани своите деца барем со еден оброк дневно? Тој одговорил: „Па, тешко. Научивме да се снаоѓаме со она што го имаме“. Потоа, со глас полн со уверување, рекол: „Но, зарем ова не е она што го очекуваме во овие последни денови?“ Таквата вера вреди да се забележи во светот, но не е необична меѓу лојалните христијани кои имаат целосна доверба дека ветувањата за Царството ќе се исполнат.
9. Како сме испитувани во врска со 1. Коринтјаните 11:3?
9 Големото мноштво е испитувано и во врска со теократските процедури. Христијанското собрание ширум светот е управувано според божествени принципи и теократски мерила. Пред сѐ, тоа значи да се признае Исус како Водач, оној кој е наименуван како Глава на собранието (1. Коринтјаните 11:3). Спремната подложност кон него и кон неговиот Татко ја манифестираме преку нашата вера во теократските наименувања и одлуки кои се поврзани со нашето обединето извршување на Јеховината волја. Понатаму, во секое локално собрание постојат мажи кои се наименувани да преземат водство. Тоа се несовршени мажи, чии грешки можеме лесно да ги видиме; па сепак, поттикнати сме да ги почитуваме таквите надгледници и да им бидеме подложни (Евреите 13:7, 17). Дали понекогаш увидуваш дека тоа е предизвикувачки? Дали тоа всушност е испит за тебе? Ако да, дали извлекуваш корист од овој испит на твојата вера?
10. Со каков испит се соочуваме во однос на службата на теренот?
10 Исто така, ние сме испитувани и во врска со предноста и барањето редовно да учествуваме во службата на теренот. За да го положиме овој испит, мораме да сфатиме дека имањето целосен удел во службата вклучува повеќе отколку само еден минимален, т. е. површен, износ во проповедањето. Сети се на Исусовиот пофален коментар во врска со сиромашната вдовица која дала сѐ што имала (Марко 12:41—44). Ние би можеле да се запрашаме: ‚Дали јас на сличен начин се давам себеси во врска со мојата служба на теренот?‘ Сите ние треба да бидеме Сведоци на Јехова преку целиот ден, спремни да дозволиме нашата светлина да светли во секоја прилика (Матеј 5:16).
11. Како промените во разбирањето или советот за однесувањето можат да бидат испит?
11 Еден друг испит со кој би можеле да се соочиме се однесува на степенот на нашето ценење за сѐ поголемата светлина која се излева врз библиската вистина и за советот кој го обезбедува класата на верниот роб (Матеј 24:45). Понекогаш тоа бара преиначувања во личното однесување, како на пример, кога станало јасно дека оние кои користат тутун ќе мораат да прекинат доколку сакаат да останат во собраниетоa (2. Коринтјаните 7:1). Или, пак, тестот може да биде во врска со нашето прифаќање на потребата да го преиначиме нашиот вкус за музиката или за некои други облици на забава.b Дали ќе се сомневаме во мудроста на понудениот совет? Или, пак, ќе дозволиме Божјиот дух да го обликува нашето размислување и да ни помага да ја облечеме христијанската личност? (Ефесјаните 4:20—24; 5:3—5).
12. Што е потребно за да се зајакне верата откако некој се крстил?
12 Со децении, бројот на оние од големото мноштво се зголемува, и после нивното крштавање тие продолжуваат да го зајакнуваат својот однос со Јехова. Тоа вклучува повеќе отколку само присуствување на некој христијански собир, одење на некои состаноци во Салата на Царството или, пак, повремено учество во службата на теренот. Да илустрираме: Едно лице може физички да биде надвор од Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија, но дали тоа вистински го оставило зад себе? Дали тоа сѐ уште се држи за оние работи кои го рефлектираат духот на Големиот Вавилон — дух кој покажува презир кон Божјите праведни мерила? Дали тоа несериозно гледа на моралот и на брачната верност? Дали личните и материјалните интереси ги нагласува повеќе од духовните интереси? Да, дали тоа останува неизвалкано од светот? (Јаков 1:27).
Извлечи корист од испитаната вера
13, 14. Што направиле некои откако тргнале по патот на вистинското обожавање?
13 Доколку вистински сме избегале од Големиот Вавилон и сме излегле и од светот, да не гледаме веќе на работите кои се зад нас. Во склад со принципот кој се наоѓа во Лука 9:62, свртувањето назад за некои од нас би можело да значи пропуштање да се биде поданик на Божјето Царство. Исус рекол: „Никој, што ја ставил раката своја на ралото и погледува назад, не е достоен за царството Божјо“.
14 Но, некои кои станале христијани во минатото, оттогаш па наваму дозволиле да бидат обликувани според овој систем на ствари. Тие не се спротивставиле на духот на светот (2. Петрово 2:20—22). Световните одвраќања го впиле нивниот интерес и време, попречувајќи го на тој начин нивниот напредок. Наместо умот и срцето да ги држат цврсто фиксирани на Божјето Царство и неговата праведност, ставајќи ги таквите работи на прво место во животот, тие скршнале тежнеејќи по материјалистички цели. Ако не се трогнати да ја признаат својата слаба вера и млака состојба и да го променат својот правец барајќи божествен совет, тие се во опасност да го изгубат својот драгоцен однос со Јехова и со неговата организација (Откровение 3:15—19).
15. Што е потребно за да се остане прифатлив за Бог?
15 Дали ќе бидеме најдени како одобрени и дали ќе бидеме на пат за преживување на големата неволја која брзо се приближува, зависи од тоа дали се одржуваме чисти откако сме ги ‚испрале нашите облеки во крвта на Агнецот‘ (Откровение 7:9—14; 1. Коринтјаните 6:11). Доколку не одржуваме една чиста, праведна положба пред Бог, нашата света служба нема да биде прифатлива. Се разбира, секој од нас би требало да сфати дека испитаниот квалитет на верата ќе ни помогне да истраеме и да избегнеме да си навлечеме Божје незадоволство.
16. На кои начини може лагите да се докажат како испит за нашата вера?
16 Понекогаш, новинските медиуми и световните власти му прикачуваат лажни етикети на Божјиот народ, погрешно претставувајќи ги нашите христијански верувања и начин на живот. Тоа не би требало да нѐ изненади, бидејќи Исус јасно покажува дека ‚светот ќе нѐ мрази зашто не сме [дел, NW] од него‘ (Јован 17:14). Дали ќе им дозволиме на оние кои се заслепени од Сатана да нѐ застрашат, да нѐ обесхрабрат и да нѐ наведат да се чувствуваме засрамени од добрата вест? Дали ќе дозволиме лагите за вистината да влијаат врз нашето редовно присуство на состаноците и врз нашата проповедничка активност? Или, пак, ќе останеме цврсти и ќе бидеме храбри и поодлучни од кога и да е порано да продолжиме да ја објавуваме вистината за Јехова и за неговото Царство?
17. Кое засигурување може да нѐ стимулира да продолжиме да покажуваме вера?
17 Според исполнетото библиско пророштво, сега живееме длабоко во времето на крајот. Нашите библиски темелени очекувања за еден нов свет на праведност сигурно ќе станат прекрасна реалност. Додека дојде тој ден, сите ние да практикуваме непоколеблива вера во Божјата Реч и да ја докажеме нашата вера со тоа што нема да попуштаме во проповедањето на добрата вест за Царството ширум светот. Размислувај за илјадниците нови ученици кои се крштаваат секоја седмица. Зарем ова не е доволна причина да го цениме тоа што Јеховината стрпливост во врска со извршувањето на својот суд може да резултира во спасение уште на многу луѓе? Зарем не сме радосни што Бог дозволил да продолжи животоспасувачката активност на проповедање на Царството? И зарем не сме восхитени што милиони ја прифатиле вистината и ја покажуваат својата вера?
18. Каква е твојата решеност што се однесува до служењето на Јехова?
18 Уште колку долго ќе продолжи сегашното испитување на нашата вера не можеме да кажеме. Но едно е сигурно: Јехова има фиксиран ден за пресметка со сегашните зли небеса и земја. Во меѓувреме, да бидеме решени да го имитираме одличниот квалитет на испитаната вера кој го покажал Усовршителот на нашата вера, Исус. И да го следиме примерот на помазаниот остаток кој старее и примерот на другите кои храбро служат меѓу нас.
19. Што е тоа за кое можеш да бидеш сигурен дека ќе го победи овој свет?
19 Би требало да бидеме решени без попуштање да ја објавуваме вечната добра вест до секоја нација, племе, јазик и народ во соработка со ангелот кој лета по средината на небото. Нека ја чујат ангелската објава: „Бојте се од Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд“ (Откровение 14:6, 7). Кога тој божествен суд ќе биде извршен, каков ќе биде резултатот во поглед на испитаниот квалитет на нашата вера? Зарем тоа нема да биде еден величествен триумф — избавување од сегашниот систем на ствари во Божјиот праведен нов свет? Поднесувајќи ги испитите на нашата вера, ќе можеме да кажеме, како што рекол и апостол Јован: „Ова е победата што го победи светот — верата наша“ (1. Јованово 5:4).
[Фусноти]
a Види Стражарска кула од 1 декември 1973, страници 19—27 (срп.) и 1 јули 1973, страници 409—411 (англ.).
b Види Стражарска кула од 15 јули 1983, страници 27—31 (англ.).
Дали се сеќаваш?
◻ Како испитите на нашата вера можат да бидат причина за радост?
◻ Кои се некои испити на нашата вера кои не можат лесно да се препознаат?
◻ Како можеме да извлечеме корист успешно поднесувајќи ги испитите на нашата вера?
[Слики на страница 17]
А. Х. Мекмилан (напред лево) отприлика во времето кога тој и службениците на Watch Tower Society биле неправедно затворени
Тој беше делегат на конгресот во Детроит (Мичиген) во 1928
Во своите последни години, брат Мекмилан сѐ уште покажуваше вера
[Слика на страница 18]
Како и ова семејство, многу христијани во Африка покажале испитан квалитет на верата