Поглавје 18
Постави си цел да му служиш на Бог засекогаш
1, 2. Што е потребно освен да поседуваме спознание за Бог?
ЗАМИСЛИ СИ дека стоиш пред заклучена врата која води во една соба со големо богатство. Да речеме дека некое овластено лице ти го дало клучот и ти рекло да се послужиш со овие вредни работи. Тој клуч нема да ти биде од никаква корист ако не го употребиш. На сличен начин, мораш да го употребиш спознанието ако сакаш да извлечеш корист од него.
2 Тоа особено се однесува на спознанието за Бог. Всушност, точното спознание за Јехова Бог и за Исус Христос значи вечен живот (Јован 17:3). Сепак, тој изглед не може да се оствари само со тоа што некој поседува спознание. Исто како што би употребил еден вреден клуч, така треба да го примениш и спознанието за Бог во својот живот. Исус рекол дека оние кои ја вршат Божјата волја, ќе ‚влезат во царството‘. Таквите поединци ќе имаат предност да му служат на Бог засекогаш! (Матеј 7:21; 1. Јованово 2:17).
3. Која е Божјата волја за нас?
3 Откако си научил која е Божјата волја, од животна важност е и да ја вршиш. Што мислиш, која е Божјата волја за тебе? Тоа би можело да се сумира во овие зборови: Имитирај го Исус. Прво послание Петрово 2:21 ни кажува: „Вие сте за тоа повикани, оти и Христос пострада за нас, оставајќи ни пример, за да врвиме по Неговите стапки“. Значи, за да ја вршиш Божјата волја, треба да го следиш Исусовиот пример колку што е можно потесно. На тој начин ќе го употребиш спознанието за Бог.
КАКО ГО УПОТРЕБУВАЛ ИСУС СПОЗНАНИЕТО ЗА БОГ
4. Зошто Исус знае толку многу за Јехова, и како го употребил ова спознание?
4 Исус Христос има поблиско спознание за Бог отколку кој и да е друг. Со векови пред да дојде на Земјата, тој живеел и работел со Јехова Бог на небото (Колосјаните 1:15, 16). А што сторил Исус со сето тоа спознание? Тој не бил задоволен само со тоа да го поседува. Исус живеел според него. Затоа тој бил толку љубезен, стрплив и полн со љубов во своите постапки со другите луѓе. На тој начин, Исус го имитирал својот небесен Татко и постапувал во склад со своето спознание за Јеховините патишта и личност (Јован 8:23, 28, 29, 38; 1. Јованово 4:8).
5. Зошто Исус се крстил, и како живеел во склад со значењето на неговото крштавање?
5 Спознанието што го имал, го мотивирало Исуса да преземе и еден решавачки чекор. Дошол од Галилеја на реката Јордан, каде што Јован го крстил (Матеј 3:13-15). Што симболизирало Исусовото крштавање? Како Евреин, тој се родил во нација која му била предадена на Бог. Според тоа, Исус бил предаден уште од раѓање (2. Мојсеева 19:5, 6). Подложувајќи се на крштавање, тој му се претставил на Јехова да ја врши божествената волја за него во тоа време (Евреите 10:5, 7). А Исус и живеел според значењето на своето крштавање. Тој се трошел во Јеховината служба така што во секоја прилика со луѓето го споделувал спознанието за Бог. Исус уживал во вршењето на Јеховината волја, па дури и рекол дека за него тоа било како храна (Јован 4:34).
6. На кој начин Исус се одрекол од себеси?
6 Исус потполно сфатил дека вршењето на Јеховината волја ќе чини многу — дека ќе го чини дури и живот. Па сепак, тој се одрекол од себеси и ги ставил своите лични интереси на второ место. Вршењето на Божјата волја секогаш доаѓало на прво место. Како можеме да го следиме Исусовиот совршен пример во овој поглед?
ЧЕКОРИ ШТО ВОДАТ ДО ВЕЧЕН ЖИВОТ
7. Кои се некои од чекорите што еден човек мора да ги направи за да ги исполни условите за крштавање?
7 За разлика од Исус, ние сме несовршени и можеме да го достигнеме клучниот момент на крштавањето дури откако ќе ги преземеме другите важни чекори. Тоа започнува кога во нашето срце ќе го примиме точното спознание за Јехова Бог и Исус Христос. Ако го правиме тоа, ќе бидеме мотивирани да покажуваме вера и да имаме длабока љубов кон Бог (Матеј 22:37-40; Римјаните 10:17; Евреите 11:6). Потчинувањето на Божјите закони, начела и мерила треба да нѐ поттикне да се покаеме и да покажуваме побожно жалење поради нашите гревови во минатото. Тоа води до обраќање, односно до свртување и напуштање на секаков погрешен правец што сме го следеле кога сме биле без спознанието за Бог (Дела 3:19). Се разбира, ако сѐ уште тајно практицираме некаков грев наместо да го правиме она што е праведно, тогаш не сме се свртеле вистински ниту сме го изиграле Бог. Јехова го разоткрива секое лицемерство (Лука 12:2, 3).
8. Каква е постапката ако сакаш да имаш удел во активноста на проповедање на Царството?
8 Сега кога го примаш спознанието за Бог, зарем не е прикладно да размислуваш за духовните работи на еден сосема личен начин? Веројатно си желен да им кажеш на своите роднини, пријатели и на другите што учиш. Всушност, ти можеби веќе го правиш тоа, исто како што Исус ја споделувал добрата вест со другите во неформални ситуации (Лука 10:38, 39; Јован 4:6-15). Можеби сега сакаш да правиш и повеќе. Христијанските старешини радо ќе поразговараат со тебе за да одлучат дали си оспособен и дали си во состојба да имаш некаков удел во редовната активност на проповедање на Царството што ја вршат Јеховините сведоци. Ако си, старешините ќе направат подготовки за да придружуваш некој Сведок во службата. Исусовите ученици ги следеле неговите упатства за да ја извршат својата служба на уреден начин (Марко 6:7, 30; Лука 10:1). Ќе извлечеш корист од слична помош додека учествуваш во ширењето на пораката за Царството од куќа до куќа, како и на други начини (Дела 20:20, 21).
9. Како се врши предание на Бог, и како влијае преданието врз животот на лицето?
9 Проповедањето на добрата вест на сите видови луѓе на собраниското подрачје е начин да се пронајдат лицата кои се исправно настроени, а тоа спаѓа во извонредните дела кои докажуваат дека имаш вера (Дела 10:34, 35; Јаков 2:17, 18, 26). Редовното присуство на христијанските состаноци и смисловниот удел во делото на проповедање исто така претставуваат начини кои покажуваат дека си се покајал и си се преобратил, и дека сега си одлучен да живееш во склад со спознанието за Бог. Кој е следниот логичен чекор? Да се предадеш на Јехова Бог. Тоа значи, во искрена молитва да му кажеш на Бог дека спремно и со цело срце му го даваш својот живот за да ја вршиш неговата волја. Така му се предаваш на Јехова и го прифаќаш благиот јарем на Исус Христос (Матеј 11:29, 30).
ШТО ЗНАЧИ ЗА ТЕБЕ КРШТАВАЊЕТО
10. Зошто треба да се крстиш откако си се предал на Јехова?
10 Според Исус, сите оние кои стануваат негови ученици, мораат да се крстат (Матеј 28:19, 20). Зошто е тоа неопходен чекор откако си се предал на Бог? Со оглед на тоа што си се предал на Јехова, тој знае дека го сакаш. Но, без сомнение, ќе сакаш да преземеш натамошни чекори за да им кажеш на другите за твојата љубов кон Бог. Затоа, крштавањето ти нуди прилика твоето предание на Јехова Бог да го направиш јавно (Римјаните 10:9, 10).
11. Какво значење има крштавањето?
11 Крштавањето има големо симболично значење. Кога си нурнат, односно „погребан“ под водата, тоа е како да си умрел во поглед на твојот поранешен начин на живот. Кога излегуваш од водата, тоа е како да си изнуркал во нов живот, живот кој е управуван од Божјата, а не од твојата сопствена волја. Се разбира, тоа не значи дека повеќе нема да грешиш, зашто сите ние сме несовршени и затоа секојдневно грешиме. Меѓутоа, како предаден, крстен слуга на Јехова, ти ќе стапиш во еден посебен однос со него. Поради твоето покајание и понизно подложување на крштавање, Јехова е спремен да ти ги прости гревовите на темел на Исусовата откупна жртва. На тој начин, крштавањето доведува до чиста совест пред Бог (1. Петрово 3:21).
12. Што значи да бидеш крстен а) „во името на Отецот“; б) ,во името на Синот‘; в) ,во името на Светиот Дух‘?
12 Исус им заповедал на своите следбеници да ги крстат новите ученици „во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух“ (Матеј 28:19). Што мислел Исус со тоа? Крштавањето „во името на Отецот“ покажува дека лицето што се крштава, сесрдно го прифаќа Јехова Бог како Творец и законски Суверен на вселената (Псалм 35:9; 82:18; Проповедник 12:1). Да се биде крстен ‚во името на Синот‘ значи дека поединецот го признава Исус Христос — а особено Неговата откупна жртва — како единствено средство за спасение што го дал Бог (Дела 4:12). Крштавањето ‚во името на Светиот Дух‘ означува дека кандидатот за крштавање го признава Јеховиниот свет дух, односно активна сила, како Божје средство за извршување на Неговите намери и за овластување на Неговите слуги да ја вршат Неговата праведна волја во врска со Неговата организација водена со дух (1. Мојсеева 1:2; Псалм 103:30; Јован 14:26; 2. Петрово 1:21).
ДАЛИ СИ СПРЕМЕН ЗА КРШТАВАЊЕ?
13, 14. Зошто не треба да се плашиме да избереме да му служиме на Јехова Бог?
13 Со оглед на тоа што крштавањето значи толку многу и е најважниот чекор во животот на еден човек, дали е тоа чекор од којшто треба да се плашиш? Воопшто не! Иако одлуката за крштавање не треба да се сфаќа површно, тоа е, без сомнение, најмудрата одлука што си можел да ја донесеш.
14 Крштавањето е доказ дека ти си избрал да му служиш на Јехова Бог. Помисли на луѓето со коишто контактираш. Зарем секој од нив не служи на некој господар на еден или на друг начин? Некои му робуваат на богатството (Матеј 6:24). Други желно тежнеат по кариера или си угодуваат себеси така што исполнувањето на сопствените желби им е најважно во животот. Други, пак, им служат на лажни богови. Но, ти си избрал да му служиш на вистинскиот Бог, Јехова. Никој друг не покажува толку добрина, сочувство и љубов. Бог ги удостојува луѓето со смисловна работа која ги води до спасение. Тој ги наградува своите слуги со вечен живот. Секако, да го следиш Исусовиот пример и да му го дадеш својот живот на Јехова, не е нешто од кое треба да се плашиш. Всушност, тоа е единствениот пат кој му е угоден на Бог и кој има совршена смисла (3. Царства 18:21).
15. Кои се некои вообичаени препреки за крштавањето?
15 Сепак, крштавањето не е чекор што треба да се направи поради притисок. Тоа е лична работа помеѓу тебе и Јехова (Галатјаните 6:4). Поради тоа што духовно си напредувал, можеби си се прашал: „Што ми пречи да се крстам?“ (Дела 8:35, 36). Би можел да се запрашаш: ‚Дали ме спречува противењето од страна на семејството? Дали сум сѐ уште вклучен во некаква небиблиска ситуација или грешно постапување? Дали можеби се плашам да не ја изгубам наклоноста во мојата средина?‘ Ова се некои од факторите за кои треба да размислиш, но и реалистично да ги одмериш.
16. Каква корист ќе имаш ако му служиш на Јехова?
16 Не е реалистично да ги одмеруваш негативните фактори без да размислиш за користите од служењето на Јехова. На пример, размисли за противењето од страна на семејството. Исус ветил дека ако неговите ученици ги изгубат своите роднини затоа што го следат него, ќе добијат поголемо духовно семејство (Марко 10:29, 30). Овие соверници ќе ти покажат братска љубов, ќе ти помогнат да го издржиш прогонството и ќе те поддржат на патот што води во живот (1. Петрово 5:9). Особено собраниските старешини можат да ти помогнат да излезеш на крај со проблемите и успешно да совладаш други тешки ситуации (Јаков 5:14-16). А што се однесува до губењето на наклоност кај овој свет, можеш да се прашаш: ‚Што би можело да се спореди со одобрувањето од Творецот на вселената, кој ќе се радува поради животниот пат што сум го избрал?‘ (Изреки 27:11).
ДА СЕ ЖИВЕЕ СПОРЕД ПРЕДАНИЕТО И КРШТАВАЊЕТО
17. Зошто треба крштавањето да го сметаш за почеток, а не за крај?
17 Важно е да запомниш дека крштавањето не е крај на твојот духовен напредок. Тоа означува почеток на доживотното служење на Бог како ординиран слуга и Јеховин сведок. Иако крштавањето е животоважно, тоа не е гаранција за спасение. Исус не рекол: ‚Секој што ќе се крсти, ќе се спаси‘, туку: „Кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен“ (Матеј 24:13). Затоа, битно е најнапред да го бараш Царството, така што ќе го направиш најважната работа во својот живот (Матеј 6:25-34).
18. Кои се некои од целите што треба да ги следиш после крштавањето?
18 За да истраеш во својата служба за Јехова, ќе сакаш да си поставиш духовни цели. Една вредна цел е да го зголемиш своето спознание за Бог преку редовното лично проучување на неговата Реч. Планирај да ја читаш Библијата секој ден (Псалм 1:1, 2). Редовно присуствувај на христијанските состаноци, бидејќи друштвото што ќе го најдеш таму ќе ти помогне да добиеш духовна сила. Зошто не си поставиш лична цел да коментираш на собраниските состаноци и да се трудиш да ги изградуваш другите? (Римјаните 1:11, 12). Една друга цел би можело да ти биде подобрувањето на квалитетот на твоите молитви (Лука 11:2-4).
19. Кои особини можеш да ги покажуваш со помош на светиот дух?
19 Ако сакаш да живееш според значењето на твоето крштавање, треба постојано да внимаваш што правиш, и да дозволиш Божјиот свет дух да произведе во тебе такви особини како што се љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост и самосовладување (Галатјаните 5:22, 23; 2. Петрово 3:11). Запомни, Јехова им го дава својот свет дух на сите оние кои молат за неговиот дух и кои Го слушаат како негови верни слуги (Лука 11:13; Дела 5:32). Затоа, моли го Бог за неговиот дух и барај помош од Него за да ги покажуваш особините кои му се допадливи. Таквите особини ќе станат уште поочигледни во твојот говор и однесувањето додека реагираш на влијанието на Божјиот дух. Се разбира, секој поединец во христијанското собрание се труди да ја развие ‚новата личност‘ за да биде посличен на Христос (Колосјаните 3:9-14, НС). Додека го прави тоа, секој од нас се соочува со различни предизвици затоа што сме на различни степени од духовниот напредок. Со оглед на тоа дека си несовршен, мораш да се напрегаш за да бидеш личност слична на Христовата. Но, никогаш не очајувај во овој поглед, зашто тоа е можно со Божја помош.
20. На кои начини можеш да го имитираш Исус во службата?
20 Меѓу твоите духовни цели треба да биде и тоа колку што можеш потесно да го имитираш Исусовиот радосен пример (Евреите 12:1-3). Тој ја сакал службата. Ако имаш предност да учествуваш во активноста на проповедање на Царството, тогаш не дозволувај таа да ти стане обична рутина. Обиди се да најдеш задоволство во поучувањето на другите за Божјето Царство како што наоѓал и Исус. Применувај ги упатствата што ги дава собранието за да ти помогне да се подобриш како учител. И биди уверен дека Јехова може да ти даде сила за да ја извршиш твојата служба (1. Коринтјаните 9:19-23).
21. а) Како знаеме дека Јехова ги цени верните крстени поединци? б) Што покажува дека крштавањето е важно за преживување на Божјиот суд врз овој зол систем на ствари?
21 Предаденото, крстено лице, кое верно настојува да го следи Исуса, е нешто вредно за Бог. Јехова ги испитува сите милијарди човечки срца и знае колку се ретки таквите поединци. Тој ги смета за богатство, односно ‚пожелни работи‘ (Агеј 2:7, НС). Библиските пророштва покажуваат дека Бог ги смета таквите како обележани за преживување на неговиот суд што наскоро треба да дојде врз овој зол систем на ствари (Језекиил 9:1-6; Малахија 3:16, 18). Дали си ‚определен [исправно наклонет, НС] за вечен живот‘? (Дела 13:48). Дали имаш сериозна желба да бидеш обележан како лице кое му служи на Бог? Преданието и крштавањето се дел од тој белег и се битни за преживување.
22. На кои изгледи може да се надева ‚големото мноштво‘?
22 После општиот потоп, Ное и неговото семејство излегле од арката на исчистена Земја. Слично и денес, едно „големо мноштво“ луѓе кои го применуваат спознанието за Бог во своите животи и кои постигнуваат Јеховино одобрување, имаат можност да го преживеат крајот на овој зол систем на ствари и да се радуваат на вечен живот на трајно исчистена Земја (Откровение 7:9, 14). Каков ќе биде тој живот?
ПРОВЕРИ ГО СВОЕТО СПОЗНАНИЕ
Како сака Јехова да го употребиш твоето спознание за него?
Кои се некои од чекорите што водат до крштавање?
Зошто крштавањето не е крај, туку почеток?
Како можеме да живееме според нашето предание и крштавање?
[Слика на страница 172]
Дали си се предал на Бог во молитва?
[Слики на страница 174]
Што те спречува да се крстиш?