Лука
10 Потоа Господарот избра уште 70 други ученици и ги испрати двајца по двајца во секој град и во секое место каде што и самиот мислеше да отиде. 2 И им рече: „Жетвата е голема, а работници има малку. Затоа, молете го Господарот на жетвата да испрати работници на својата жетва. 3 Одете! Еве, ве праќам како јагниња меѓу волци. 4 Не носете пари, ниту торба со храна, ниту сандали, и по пат никого не поздравувајте.* 5 Кога ќе влезете во некоја куќа, најпрво речете: ’Нека има мир во оваа куќа!‘ 6 Ако таму има мирољубив човек, мирот што сте му го посакале ќе остане на него. А ако нема, ќе се врати кај вас. 7 Останете во таа куќа, па јадете и пијте што ќе ви понудат, зашто работникот ја заслужува својата плата. Не барајте сместување во друга куќа.
8 Кога ќе влезете во некој град и луѓето таму ве примат, јадете што ќе ви принесат. 9 Лекувајте ги болните во тој град и кажувајте им: ’Се приближи Божјето Царство!‘ 10 А ако влезете во некој град и не ве примат, излезете на главните улици и речете: 11 ’Го истресуваме од своите нозе дури и правот од вашиот град. Но знајте го ова: се приближи Божјето Царство!‘ 12 Ви велам дека на Содом ќе му биде полесно во оној ден отколку на тој град.
13 Тешко тебе, Хоразине! Тешко тебе, Витсаидо! Зашто, да се случеа истите чуда во Тир и во Сидон, тие уште одамна ќе се покаеја во облека за жалење* и во пепел. 14 Затоа, на Тир и на Сидон ќе им биде полесно во Судниот ден отколку вам. 15 А ти, Капернауме, зарем ќе се возвишиш до небото? Во гробот* ќе паднеш!
16 Кој ве слуша вас, ме слуша и мене. Кој ве отфрла вас, ме отфрла и мене. А кој ме отфрла мене, го отфрла и оној што ме испрати“.
17 Потоа 70-те ученици се вратија радосни и рекоа: „Господару, дури и демоните ни се покоруваат кога го користиме твоето име!“ 18 Тогаш тој им рече: „Видов како Сатана падна од небото како молња. 19 Еве, ви дадов власт да газите по змии и скорпии и да ја надвладеете силата на непријателите, и ништо нема да ви наштети. 20 Но, не радувајте се што духовите ви се покоруваат, туку радувајте се што вашите имиња се запишани на небото“. 21 Во тој момент, светиот дух го исполни Исус со радост и тој рече: „Те славам пред сите, Татко, Господару на небото и на земјата, зашто си го скрил ова од мудрите и учените, а си им го открил на малите деца. Да, Татко, зашто ти сакаше да биде така. 22 Мојот Татко ми предаде сѐ. Никој не знае кој е Синот освен Таткото, и никој не знае кој е Таткото освен Синот и оној кому Синот сака да му открие кој навистина е Таткото“.
23 Кога остана насамо со учениците, им рече: „Среќни се оние кои го гледаат она што вие го гледате. 24 Ви велам, многу пророци и цареви сакаа да го видат она што вие го гледате, но не го видоа, и да го чујат она што вие го слушате, но не го чуја“.
25 А еден човек, кој добро го познаваше Законот, сакаше да го искуша, па го праша: „Учителе, што треба да правам за да наследам вечен живот?“ 26 А тој му рече: „Што е напишано во Законот? Што читаш таму?“ 27 Човекот му одговори: „’Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сиот свој ум‘ и ’сакај го својот ближен* како себеси‘“. 28 Тогаш Исус му рече: „Точно одговори. Прави го тоа и ќе добиеш живот“.
29 А човекот сакаше да се покаже праведен, па му рече на Исус: „А кој е мојот ближен?“ 30 Тогаш Исус рече: „Еден човек слегуваше од Ерусалим кон Ерихон и го нападнаа разбојници. Го соблекоа и го претепаа, па си заминаа, оставајќи го полумртов. 31 По истиот пат случајно слегуваше еден свештеник, но кога го виде, премина на спротивната страна. 32 Оттаму поминуваше и еден левит, но и тој премина на спротивната страна кога го виде. 33 Но, кога еден Самарјанин поминуваше оттаму, го виде и се сожали на него. 34 И дојде до него и му ги преврза раните, поливајќи ги со масло и со вино. Потоа го качи на своето магаре, па го однесе во еден конак и се погрижи за него. 35 Утредента му даде два денарија на сопственикот на конакот и му рече: ’Погрижи се за него, а ако потрошиш повеќе од ова, ќе ти платам кога ќе се вратам‘. 36 Што мислиш, кој од овие тројца му покажа љубов* на човекот што беше нападнат од разбојниците?“ 37 Тој одговори: „Оној што се сожали на него“.* Тогаш Исус му рече: „Оди, па и ти прави така“.
38 Додека патуваа, влезе во едно село. Таму една жена, која се викаше Марта, го прими на гости во својата куќа. 39 Таа имаше сестра, по име Марија, која седна крај нозете на Господарот и го слушаше што зборува. 40 Марта, пак, беше многу зафатена со подготвување храна и послужување. Затоа дојде кај него и рече: „Господару, ништо ли нема да кажеш? Гледаш дека сестра ми ме остави сѐ сама да правам. Речи ѝ да ми помогне“. 41 А Господарот ѝ одговори: „Марта, Марта, се грижиш и се вознемируваш за многу работи. 42 А не е потребно многу, дури и само едно е доволно. Марија го избра подоброто,* а тоа нема да ѝ се одземе“.