Дали си спремен за Јеховиниот ден?
„Близу е денот велик на Господа, близу е — и многу брза“ (СОФОНИЈА 1:14).
1. На кој начин Писмото го опишува Јеховиниот ден?
ЈЕХОВИНИОТ ‚велик и страшен ден‘ наскоро ќе дојде врз овој зол систем на ствари. Писмото го опишува Јеховиниот ден како ден на битка, темнина, бес, неволја, тескоба, тревога и опустошување. Сепак, ќе има преживеани, зашто „секој, што ќе го призове името Господово, ќе се спаси“ (Јоил 2:30—32; Амос 5:18—20). Да, Бог тогаш ќе ги уништи своите непријатели и ќе го спаси својот народ.
2. Зошто треба да имаме чувство на итност во врска со Јеховиниот ден?
2 Божјите пророци му придавале чувство на итност на Јеховиниот ден. На пример, Софонија напишал: „Близу е денот велик на Господа, близу е — и многу брза“ (Софонија 1:14). Денешната ситуација е дотолку поитна што Божјиот Главен Егзекутор, Царот Исус Христос, само што не го ‚препашал на бедрото мечот Свој и не поитал заради вистината, кротоста и правдата‘ (Псалм 44:3, 4). Дали ти си спремен за тој ден?
Тие имале големи очекувања
3. Какви очекувања имале некои солунски христијани, и од кои две причини тие погрешно ги сфатиле?
3 Мнозина имале неисполнети очекувања во врска со Јеховиниот ден. Некои рани христијани во Солун рекле: ‚Јеховиниот ден е овде‘ (2. Солунјаните 2:2, НС). Но, имало две основни причини зошто тој не бил близу. Наведувајќи една од нив, апостол Павле рекол: „Кога ќе речат: ‚Мир и безопасност!‘, тогаш ненадејно ќе ги стигне погибел“ (1. Солунјаните 5:1—6). Во ова ‚време на крајот‘, ние сме тие кои го очекуваат исполнувањето на овие зборови (Даниил 12:4, НС). На солунјаните им недостасувал и еден друг доказ за тоа дека Јеховиниот голем ден дошол, зашто Павле им рекол: „Нема да настапи додека најнапред не дојде отпаѓањето“ (2. Солунјаните 2:3). Кога Павле ги напишал овие зборови (околу 51 година н. е.), „отпаѓањето“ од вистинското христијанство не било потполно развиено. Денес го гледаме во полн цут во христијанскиот свет. Сепак, и покрај нивните неисполнети очекувања, тие верни помазаници во Солун, кои продолжиле да му служат на Бог верно до смртта, на крајот добиле небесна награда (Откровение 2:10). И ние ќе бидеме наградени ако останеме верни додека го очекуваме Јеховиниот ден.
4. а) Со што е поврзан Јеховиниот ден во 2. Солунјаните 2:1, 2? б) Какви гледишта имале таканаречените црковни отци во врска со Христовото враќање и работите поврзани со тоа?
4 Библијата го поврзува ‚великиот Господов ден‘ со „доаѓањето [присутноста, НС] на нашиот Господ Исус Христос“ (2. Солунјаните 2:1, 2). Таканаречените црковни отци имале различни идеи во врска со Христовото враќање, неговата присутност и неговото Илјадагодишно владеење (Откровение 20:4). Во вториот век н. е., Папиј од Ерапол очекувал прекрасна плодност на Земјата за време на Христовото Илјадагодишно владеење. Јустин Маченик секогаш одново зборувал за Исусовата присутност и очекувал обновениот Ерусалим да биде седиштето на Неговото Царство. Иренеј од Лион поучувал дека, откако Римското Царство ќе биде уништено, Исус ќе се појави видливо, ќе го врзе Сатана и ќе владее во земниот Ерусалим.
5. Што рекле извесни научници за Христовото ‚Второ доаѓање‘ и неговото Милениумско владеење?
5 Историчарот Филип Шаф забележал дека „највпечатливото обележје“ во периодот пред концилот во Никеја во 325 година н. е. било „верувањето во илјадагодишното видливо владеење на Христос во слава на Земјата, заедно со подигнатите светци, пред општото воскресение и суд“. A Dictionary of the Bible (Речникот на Библијата), приреден од Џемс Хејстингс, наведува: „Тертулијан, Иренеј и Иполит сѐ уште очекуваат брзо Доаѓање [на Исус Христос]; но кај александриските отци навлегуваме во еден нов круг на размислување . . . Поради тоа што Августин го идентификувал Милениумот со периодот на Војувачката црква, Второто доаѓање е одложено за една далечна иднина“.
Јеховиниот ден и Исусовата присутност
6. Зошто не треба да заклучиме дека Јеховиниот ден е уште далеку?
6 Иако погрешните сфаќања довеле до разочарувања, да не мислиме дека Јеховиниот ден уште е далеку. Исусовата невидлива присутност, со која Јеховиниот ден е библиски поврзан, веќе започнала. Стражарска кула и сродните публикации на Јеховините сведоци честопати давале библиски доказ дека Христовата присутност започнала во 1914 година.a Според тоа, што рекол Исус за својата присутност?
7. а) Кои се некои одлики на знакот на Исусовата присутност и завршетокот на системот на ствари? б) Како можеме да бидеме спасени?
7 Исусовата присутност станала тема за дискусија кратко пред неговата смрт. Откако го чуле како го претскажува уништувањето на ерусалимскиот храм, неговите апостоли Петар, Јаков, Јован и Андреј запрашале: „Кога ќе биде тоа, и каков ќе биде знакот за Твоето доаѓање [присутност, НС] и за свршетокот на светот?“ (Матеј 24:1—3; Марко 13:3, 4). Како одговор, Исус прорекол војни, глад, земјотреси и други одлики на „знакот“ на неговата присутност и на завршетокот на системот на ствари. Исто така, тој рекол: „А кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен“ (Матеј 24:13). Ние ќе бидеме спасени ако верно истраеме до крајот на нашиот сегашен живот или до крајот на овој зол систем.
8. Што требало да биде извршено пред крајот на еврејскиот систем, и што се прави денес во врска со тоа?
8 Пред крајот, ќе се исполни една особена значајна одлика на Исусовата присутност. Во врска со тоа, тој рекол: „Ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14). Пред римјаните да го уништат Ерусалим и пред да заврши еврејскиот систем во 70 година н. е., Павле можел да рече дека добрата вест ‚му била проповедана на секое поднебесно создание‘ (Колосјаните 1:23). Меѓутоа, Јеховините сведоци денес вршат едно далеку пообемно проповедничко дело „по целиот свет“. Во текот на последниве неколку години, Бог го отвори патот да се даде огромно сведоштво во Источна Европа. Со печатниците, како и со други објекти ширум светот, Јеховината организација е спремна за зголемена активност, дури и на „недопрено подрачје“ (Римјаните 15:22, 23, НС). Дали твоето срце те поттикнува да дадеш сѐ од себе во сведочењето, пред да дојде крајот? Ако да, Бог може да те зајакне да имаш наградувачки удел во делото што претстои (Филипјаните 4:13, НС; 2. Тимотеј 4:17).
9. На што укажал Исус, како што е забележано во Матеј 24:36?
9 Прореченото дело на проповедање на Царството, како и други одлики на знакот на Исусовата присутност се исполнуваат токму сега. Според тоа, близу е крајот на овој зол систем на ствари. Вистина, Исус рекол: „А за тој ден и час никој не знае, ниту ангелите небесни, а само Мојот Отец“ (Матеј 24:4—14, 36). Но, Исусовото пророштво може да ни помогне да бидеме спремни за „тој ден и час“.
Тие биле спремни
10. Како знаеме дека е можно да се остане духовно буден?
10 За да го преживееме големиот Јеховин ден, мораме да останеме духовно будни и смело да го застапуваме вистинското обожавање (1. Коринтјаните 16:13). Ние знаеме дека таквата истрајност е можна, бидејќи едно побожно семејство го сторило тоа и го преживеало општиот потоп кој ги уништил злобните луѓе во 2370-тата година пр. н. е. Споредувајќи ја таа ера со својата присутност, Исус рекол: „Како што беше во деновите на Ноја, така ќе биде и при доаѓањето [присутноста, НС] на Синот Човечки; оти, како што во деновите пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и се мажеа до оној ден, кога Ное влезе во ковчегот, и не узнаа, додека не дојде потопот и истреби сѐ, — така ќе биде и доаѓањето [присутноста, НС] на Синот Човечки“ (Матеј 24:37—39).
11. Каков правец следел Ное и покрај насилството што постоело во негово време?
11 Како што е случај со нас, и Ное со неговото семејство живеел во еден насилнички свет. Непослушните ангелски ‚синови Божји‘ се материјализирале и земале жени со чие посредство станале татковци на злогласните нефилими — силеџии кои несомнено ги направиле условите уште понасилни (1. Мојсеева 6:1, 2, 4; 1. Петрово 3:19, 20). Меѓутоа, ‚Ное живеел секогаш според волјата Божја‘ со вера. Тој се докажал „праведен и непорочен во својот род“ — злобната генерација од неговото време (1. Мојсеева 6:9—11). Ослонувајќи се во молитва на Бога, и ние можеме да го сториме истото во овој насилнички и зол свет додека го очекуваме Јеховиниот ден.
12. а) Освен што градел арка, какво дело вршел Ное? б) Како реагирале луѓето на Ноевото проповедање, и какви биле последиците за нив?
12 Ное е добро познат како градител на една арка за сочувување на животот низ општиот потоп. Тој бил и ‚проповедник на правдата‘, но неговите современици ‚не ја узнале [не ја забележале, НС]‘ неговата порака дадена од Бог. Јаделе и пиеле, се женеле и мажеле, подигале семејства и се занимавале со нормалните работи од животот, сѐ додека општиот потоп не ги однел сите нив (2. Петрово 2:5; 1. Мојсеева 6:14). Тие не сакале да чујат за исправен говор и однесување, исто како што денешната зла генерација ги затвора своите уши пред она што Јеховините сведоци го велат за „покајание пред Бога“, вера во Христа, за праведноста и „за идниот суд“ (Дела 20:20, 21; 24:24, 25). Не постои никаков расположлив запис за тоа колку луѓе живееле на Земјата кога Ное ја објавувал Божјата порака. Но, едно е сигурно — населението на Земјата било драстично намалено во 2370 година пр. н. е.! Општиот потоп ги избришал злобните, поштедувајќи ги само оние кои биле спремни за тој Божји чин — Ное и седуммината други од неговото семејство (1. Мојсеева 7:19—23; 2. Петрово 3:5, 6).
13. Во која судска пресуда Ное положил потполна доверба, и на кој начин тој постапувал во склад со тоа?
13 Бог не го известил Ное со години однапред за точниот ден и час на општиот потоп. Меѓутоа, кога Ное имал 480 години, Јехова донел пресуда: „Духот Мој нема вечно да пребива во луѓето, зашто тие се тело; ете, деновите нивни нека им бидат сто и дваесет години“ (1. Мојсеева 6:3). Ное положил потполна доверба во оваа божествена судска пресуда. Откако достигнал возраст од 500 години, тој ‚ги родил Сим, Хам и Јафет‘, а обичајот од тие денови укажува дека поминале 50 до 60 години додека се ожениле неговите синови. Кога на Ное му било кажано да ја изгради арката заради сочувување низ општиот потоп, тие синови и нивните сопруги очигледно му помагале во тоа настојување. Градењето на арката веројатно се совпаднало со Ноевата служба како ‚проповедник на правдата‘, одржувајќи го зафатен во последните 40 до 50 години пред општиот потоп (1. Мојсеева 5:32; 6:13—22). Низ сите тие години, тој и неговото семејство постапувале со вера. Да покажуваме и ние вера додека ја проповедаме добрата вест и додека го очекуваме Јеховиниот ден (Евреите 11:7).
14. Што му кажал најпосле Јехова на Ное, и зошто?
14 Додека арката се привршувала, Ное можеби мислел дека општиот потоп непосредно доаѓа, иако не знаел точно кога ќе се случи тоа. Најпосле, Јехова му рекол: „По седум дена ќе пуштам дожд на земјата, што ќе се излива четириесет дена и четириесет ноќи“ (1. Мојсеева 7:4). Тоа им дало доволно време на Ное и на неговото семејство да ги внесат сите животински видови во арката, како и самите да влезат во неа пред да почне општиот потоп. Ние не треба да го знаеме денот и часот за почетокот на уништувањето на овој систем; преживувањето на животните не ни е доверено нам, а потенцијалните луѓе што ќе преживеат, веќе влегуваат во симболичната арка — духовниот рај на Божјиот народ.
„Бидете будни“
15. а) Како би ги објаснил со свои зборови Исусовите зборови што се наоѓаат во Матеј 24:40—44? б) Каков ефект има фактот што не го знаеме точното време на Исусовото доаѓање за да изврши Божја одмазда?
15 Во врска со својата присутност, Исус објаснил: „Тогаш ќе бидат двајца [работејќи] на нива: еден ќе се земе, а другиот ќе се остави; две жени ќе мелат [жито во брашно] на рачници: едната ќе се земе, а другата ќе се остави. Па така, бидете будни, зашто не знаете во кој час ќе дојде вашиот Господ. Знајте го и тоа, дека, ако домаќинот на куќата би знаел во кој час ќе дојде крадецот, тој би стоел буден и не би позволил да му ја поткопаат куќата. Затоа бидете и вие готови, зашто во кој час и не мислите, ќе дојде Синот Човечки“ (Матеј 24:40—44; Лука 17:34, 35). Фактот што не го знаеме точното време на Исусовото доаѓање за да изврши Божја освета, ни помага да останеме будни и ни дава секојдневна прилика да докажуваме дека му служиме на Јехова од несебични мотиви.
16. Што ќе се случи со поединците кои се ‚оставени‘, а што со оние кои се ‚земени‘?
16 Меѓу поединците кои се ‚оставени‘ за уништување заедно со злобните, ќе спаѓаат и оние кои некогаш биле просветлени, но кои потонале во еден себичен начин на живот. Да бидеме и ние меѓу оние кои се ‚земени‘, кои потполно му се оддадени на Јехова и кои навистина се благодарни за неговите духовни подготовки преку ‚верниот и разборит роб‘ (Матеј 24:45—47, НС). Сѐ до крајот, да му служиме на Бог со „љубов од чисто срце, добра совест и нелицемерна вера“ (1. Тимотеј 1:5).
Битни се светите постапки
17. а) Што било проречено во 2. Петрово 3:10? б) Кои се некои од постапките и делата на кои охрабрува 2. Петрово 3:11?
17 Апостол Петар напишал: „Ќе дојде денот Господов, како крадец во ноќно време; тогаш небесата со голема бучава ќе ги снема, и стихиите ќе пламнат и ќе се разрушат, а земјата, и сѐ што е на неа, ќе изгори [ќе биде откриено, НС]“ (2. Петрово 3:10). Симболичните небеса и Земја нема да ја преживеат жештината на Божјиот пламенен гнев. Затоа Петар додава: „И така, бидејќи сето тоа ќе се разруши, каков треба да ви биде вашиот живот и побожноста ваша [светите постапки на однесување и делата на оддаденост на Бог, НС]“ (2. Петрово 3:11). Меѓу овие постапки и дела спаѓаат редовното присуствување на христијанските состаноци, правење добро на другите и значајно учество во проповедањето на добрата вест (Матеј 24:14; Евреите 10:24, 25; 13:16).
18. Што треба да правиме ако развиваме приврзаност кон светот?
18 „Светите постапки на однесување и делата на оддаденост на Бог“ изискуваат ‚да пазиме да останеме неосквернети од светот‘ (Јаков 1:27). Но, што ако развиваме приврзаност кон овој свет? Можеби сме намамувани да се најдеме во некоја опасна положба пред Бог со тоа што бараме нечиста забава или слушаме музика и песни кои го унапредуваат безбожниот дух на овој свет (2. Коринтјаните 6:14—18). Ако тоа е случај, тогаш да бараме Божја помош во молитва за да не исчезнеме со светот, туку да имаме одобрена положба пред Синот човечки (Лука 21:34—36; 1. Јованово 2:15—17). Ако сме му се предале на Бог, секако ќе сакаме да го сториме најдоброто за да изградиме и да задржиме срдечен однос со него и на тој начин да бидеме спремни за големиот Јеховин ден кој влева страв.
19. Зошто можат мноштва од објавители на Царството да очекуваат да го преживеат завршетокот на овој зол систем на ствари?
19 Побожниот Ное и неговото семејство го преживеале општиот потоп кој го уништил древниот свет. Исправно настроените поединци го преживеале крајот на еврејскиот систем на ствари во 70-тата година н. е. На пример, апостол Јован сѐ уште бил активен во Божјата служба околу 96—98 година н. е., кога ги напишал книгата Откровение, евангелскиот извештај и трите инспирирани писма. Од илјадниците кои ја прифатиле вистинската вера на Пентакост 33 година н. е., веројатно мнозина го преживеале крајот на еврејскиот систем (Дела 1:15, 16а; 2:41, 47; 4:4). Денес, мноштва од објавители на Царството можат да се надеваат дека ќе го преживеат завршетокот на сегашниот зол систем на ствари.
20. Зошто треба да бидеме ревносни ‚проповедници на праведноста‘?
20 Имајќи го пред себе изгледот за сочувување во новиот свет, да бидеме ревносни ‚проповедници на праведноста‘. Каква само предност е да му се служи на Бог во овие последни денови! И каква само радост е да се упатуваат луѓето кон денешната „арка“ — духовниот рај што го ужива Божјиот народ! Милионите лица што се сега во него, нека останат верни, духовно будни и спремни за големиот Јеховин ден. Но, што ќе ни помогне на сите нас да останеме будни?
[Фуснота]
a Види ги поглавјата 10 и 11 во книгата Спознание кое води до вечен живот, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
Како би одговорил?
◻ Какви очекувања имале некои во врска со Јеховиниот ден и Христовата присутност?
◻ Зошто можеме да речеме дека Ное и неговото семејство биле спремни за општиот потоп?
◻ Што ќе се случи со оние кои ‚се будни‘, а што со оние кои не се?
◻ Зошто се битни светите дела, особено додека се приближуваме кон Јеховиниот голем ден?