Поглавје 10
Божјето Царство владее
1, 2. Како човечките влади се покажале неспособни?
МОЖЕБИ некогаш си купил некаков апарат и си утврдил дека не работи. Да речеме дека си викнал мајстор. Но, набргу откако тој го „поправил“, апаратот пак се расипал. Колку разочарувачки би било тоа!
2 Слично е и со човечките влади. Човештвото отсекогаш посакувало влада која ќе обезбеди мир и среќа. Сепак, огромните напори да се поправат дефектите во општеството, не биле вистински успешни. Биле склучени голем број мировни договори, а потоа прекршени. Освен тоа, која влада била во состојба да ги искорени сиромаштвото, предрасудите, криминалот, болестите и еколошкото уништување? Човечката влада е непоправлива. Дури и мудриот израелски цар Соломон прашал: „Како човекот може да го дознае патот свој?“ (Изреки 20:24).
3. а) Која била темата на Исусовото проповедање? б) Како некои луѓе го опишуваат Божјето Царство?
3 Не очајувај! Една стабилна светска влада не е само сон. Таа била темата на Исусовото проповедање. Тој ја нарекол ‚Божје царство‘ и ги учел своите следбеници да се молат за неа (Лука 11:2; 21:31). Се разбира, Божјето Царство понекогаш се споменува во религиозните кругови. Всушност, милиони луѓе секојдневно молат за него кога ја повторуваат Господовата молитва (наречена уште Оченаш или пример-молитва). Но, луѓето одговараат различно ако ги запрашаш: „Што е Божјето Царство?“ Некои велат: „Тоа е во твоето срце“. Други го викаат небо. Библијата дава јасен одговор, како што ќе видиме подоцна.
ЦАРСТВО КОЕ ИМА ЦЕЛ
4, 5. Зошто Јехова избрал да ја изрази својата сувереност на еден нов начин, и што ќе постигне тоа?
4 Јехова Бог отсекогаш бил Цар, односно Суверен Владетел на универзумот. Фактот дека тој ги создал сите суштества, го издигнува на ваквиот возвишен положај (1. Летописи 29:11; Псалм 102:19; Дела 4:24). Но, Царството за кое проповедал Исус е споредно, односно секундарно во однос на Божјата универзална сувереност. Тоа Месијанско Царство има одредена намера. Каква?
5 Како што беше објаснето во 6. поглавје, првата човечка двојка се побунила против Божјиот авторитет. Поради спорните прашања што биле покренати, Јехова избрал да ја изрази својата сувереност на еден нов начин. Тој ја објавил својата намера дека ќе создаде „семе“ (НС), кое ќе ја згмечи Змијата, Сатана, и ќе ги отстрани последиците од наследениот грев на човештвото. Првостепеното „семе“ е Исус Христос, а „Божјето Царство“ е посредништвото со кое потполно ќе биде поразен Сатана. Преку ова Царство, Исус Христос ќе ја обнови владата над Земјата во Јеховино име и ќе ја оправда Божјата праведна сувереност за сите времиња (1. Мојсеева 3:15; Псалм 2:2-9).
6, 7. а) Каде е Царството и кои се Царот и неговите придружни владетели? б) Кои се поданиците на Царството?
6 Според еден превод, на злобните фарисеи Исус им рекол: „Царството Божјо е во вас внатре“ (Лука 17:21). Дали Исус мислел дека Царството било во злобните срца на тие расипани луѓе? Не. Еден поточен превод од оригиналниот грчки јазик гласи: „Царството Божјо е во вашата средина“ (New World Translation). Со тоа, Исус, кој се наоѓал во нивната средина, се осврнал на себе како на иден Цар. Далеку од тоа да претставува нешто што човек го има во срцето, Божјето Царство е една вистинска влада која делува и која има свој владетел и поданици. Тоа е небесна влада, бидејќи е наречена и ‚небесно царство‘ и ‚Божје царство‘ (Матеј 13:11; Лука 8:10). Во визија, пророкот Даниил го видел неговиот Владетел ‚како Син Човечки‘ кој бил доведен пред Семоќниот Бог и му била дадена трајна „власт, слава и царство, за да Му служат сите народи, племиња и јазици“ (Даниил 7:13, 14). Кој е овој Цар? Па, Библијата го нарекува Исус Христос — ‚Син Човечки‘ (Матеј 12:40; Лука 17:26). Да, Јехова го поставил својот Син, Исус Христос, за Цар.
7 Исус не владее сам. Со него се 144.000 кои се „откупени од земјата“ за да бидат негови придружни цареви и свештеници (Откровение 5:9, 10, НС; 14:1, 3; Лука 22:28-30). Поданиците на Божјето Царство ќе бидат едно глобално семејство од луѓе кои се подложни на Христовото водство (Псалм 71:7, 8). Но, како можеме да бидеме сигурни дека Царството навистина ќе ја оправда Божјата сувереност и дека ќе ги обнови рајските услови на нашата Земја?
РЕАЛНОСТА НА БОЖЈЕТО ЦАРСТВО
8, 9. а) Како би можеле да ја илустрираме веродостојноста на Божјите ветувања за Царството? б) Зошто можеме да бидеме сигурни во реалноста на Царството?
8 Замисли си дека куќата ти изгорела во пожар. И сега, некој пријател кој располага со средства за изградба на куќа, ветува дека ќе ти помогне повторно да ја изградиш и дека ќе обезбеди храна за твоето семејство. Ако тој пријател секогаш ти ја кажувал вистината, зарем нема да му поверуваш и овој пат? Да претпоставиме дека следниот ден се враќаш дома од работа и затекнуваш како работниците веќе почнале да ги расчистуваат остатоците од пожарот и дека му е донесена храна на твоето семејство. Без сомнение, ќе бидеш потполно уверен дека со текот на времето, не само што сѐ ќе се поправи туку и ќе биде многу подобро отколку порано.
9 На сличен начин, Јехова нѐ уверува во реалноста на Царството. Како што е покажано во библиската книга Евреите, многу аспекти на Законот ја навестувале подготовката за Царството (Евреите 10:1). Претсликите на Божјето Царство биле очигледни и во земното царство Израел. Тоа не била обична влада, затоа што нејзините владетели седеле на ‚Господовиот [Јеховиниот, НС] престол‘ (1. Летописи 29:23). Освен тоа, било проречено: „Скиптарот нема да се отстрани од Јуда ниту заповедничката палка од [местото] меѓу неговите нозе, додека не дојде Шило; и нему ќе му припаѓа послушноста на народите“ (1. Мојсеева 49:10, НС).a Да, токму во оваа јудејска лоза на цареви требало да се роди Исус, трајниот Цар на Божјата влада (Лука 1:32, 33).
10. а) Кога бил поставен темелот на Божјето Месијанско Царство? б) Какво важно дело на Земјата требало да предводат Исусовите идни совладетели?
10 Темелот на Божјето Месијанско Царство бил поставен со избирањето на Исусовите апостоли (Ефесјаните 2:19, 20; Откровение 21:14). Тие биле првите од 144-те илјади кои требало да владеат на небото со Исус Христос како придружни цареви. Додека биле на Земјата, овие идни совладетели требало да предводат една кампања на сведочење, во склад со Исусовата заповед: „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух“ (Матеј 28:19).
11. Како се извршува денес делото на проповедање на Царството, и што се постигнува со тоа?
11 Заповедта да се прават ученици сега се извршува во невидени размери. Јеховините сведоци ја објавуваат добрата вест за Царството по целата Земјина топка, во согласност со Исусовите пророчки зборови: „Ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14). Еден од аспектите на делото на проповедање на Царството е тоа што се спроведува една огромна образовна програма. Оние кои се потчинуваат на законите и на начелата на Божјето Царство, веќе доживуваат мир и единство какви што човечките влади не можат да постигнат. Сето ова дава јасен доказ дека Божјето Царство е реалност!
12. а) Зошто е прикладно објавителите на Царството да се нарекуваат Јеховини сведоци? б) По што се разликува Божјето Царство од човечките влади?
12 Јехова им рекол на Израелците: „Мои сведоци . . . сте вие и Мојот слуга, што го избрав“ (Исаија 43:10-12). Исус, ‚верниот сведок‘, ревносно ја објавувал добрата вест за Царството (Откровение 1:5; Матеј 4:17). Затоа е прикладно што денешните објавители на Царството го носат божествено одреденото име Јеховини сведоци. Но, зошто Сведоците трошат толку многу време и напор да разговараат со другите за Божјето Царство? Тие го прават тоа затоа што Царството е единствената надеж за човештвото. Порано или подоцна, човечките влади пропаѓаат, но Божјето Царство нема никогаш да пропадне. Во Исаија 9:6, 7, неговиот Владетел, Исус, е наречен „Кнез на мирот“ и уште се вели: „Неговата власт и мирот бескраен ќе растат“. Божјето Царство не е како човечките влади — денес се тука, утре ги нема. Всушност, Даниил 2:44 вели: „Небесниот Бог ќе подигне царство, кое нема да се разруши никогаш, и тоа царство нема да биде предадено на друг народ; . . . само тоа ќе остане вечно“.
13. а) Кои се некои од проблемите со кои Божјето Царство успешно ќе се зафати? б) Зошто можеме да бидеме уверени дека Божјите ветувања ќе се исполнат?
13 Кој човечки цар би можел да ги отстрани војните, криминалот, болестите, гладот и бездомништвото? Освен тоа, кој земен владетел би можел да ги воскресне оние кои умреле? Божјето Царство и неговиот Цар ќе се зафатат токму со овие работи. Царството нема да се покаже неспособно, како некоја слаба опрема која постојано треба да се поправа. Напротив, Божјето Царство ќе успее, зашто Јехова ветува: „Така и Моето слово, што излегува од устата Моја, не се враќа кон Мене празно, туку го исполнува она, што Ми е угодно, и го прави она за што сум го испратил Јас“ (Исаија 55:11). Божјата намера нема да пропадне. Но, кога требало да започне владеењето на Царството?
ВЛАДЕЕЊЕ НА ЦАРСТВОТО — КОГА?
14. Какво погрешно разбирање имале Исусовите ученици во поглед на Царството, но што знаел Исус за неговото владеење?
14 „Во ова време ли го востановуваш, Господи, царството Израилево?“ Ова прашање што го поставиле Исусовите ученици, открило дека сѐ дотогаш тие не ја знаеле целта на Божјето Царство и одреденото време кога требало да започне неговото владеење. Откако ги предупредил да не нагаѓаат околу тоа, Исус рекол: „Не е ваше да ги знаете времињата или годините, што Отецот ги задржал во Своја власт“. Исус знаел дека неговото владеење над Земјата било резервирано за во иднина, долго по неговото воскресение и вознесување на небото (Дела 1:6-11; Лука 19:11, 12, 15). Ова било проречено во Светото писмо. Како тоа?
15. Како Псалм 109:1 го расветлува времето кога започнува Исусовото владеење?
15 Осврнувајќи се пророчки на Исус како на „Господ“, цар Давид рекол: „Му рече Господ [Јехова, НС] на мојот Господ: ‚Седи од Мојата десна страна, додека ги ставам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои‘“ (Псалм 109:1; спореди Дела 2:34-36). Ова пророштво покажува дека Исусовото владеење немало да започне веднаш по неговото вознесување на небото, туку дека тој требало да чека од десната страна на Бог (Евреите 10:12, 13). Колку долго требало да чека? Кога требало да започне неговото владетелство? Библијата ни помага да ги пронајдеме одговорите на овие прашања.
16. Што се случило во 607 година пр. н. е., и како било поврзано тоа со Божјето Царство?
16 Единствениот град на целата Земја врз кој Јехова го ставил своето име, бил Ерусалим (3. Царства 11:36). Тој бил и престолнина на од Бог одобреното земно царство кое го предочувало Божјето небесно Царство. Затоа, уништувањето на Ерусалим од страна на Вавилонците во 607 година пр. н. е. било од особена важност. Овој настан го означил почетокот на еден подолг прекин на Божјето директно владеење над својот народ на Земјата. Околу шест векови подоцна, Исус покажал дека овој период на прекинато владеење сѐ уште бил во сила, бидејќи рекол: ‚Ерусалим ќе го газат незнабошци, сѐ додека не се свршат [одредените, НС] времиња на незнабошците‘ (Лука 21:24).
17. а) Што претставуваат ‚одредените времиња на незнабошците‘, и колку долго требало да траат? б) Кога започнале и кога завршиле ‚одредените времиња на незнабошците‘?
17 Во текот на ‚одредените времиња на незнабошците‘, на световните влади требало да им биде дозволено да го прекинат владетелството кое имало Божје одобрување. Тој период започнал со уништувањето на Ерусалим во 607 година пр. н. е. и, како што покажал Даниил, требало да трае ‚седум времиња‘ (Даниил 4:20-22). Колку долго е тоа? Библијата покажува дека три и пол „времиња“ изнесуваат 1.260 дена (Откровение 12:6, 14). Ако тој период се помножи со два — односно седум времиња — тоа се 2.520 дена. Сепак, по 2.520 дена не се случило ништо значајно. Но, ако на Данииловото пророштво се примени „година за ден“ и се избројат 2.520 години од 607 година пр. н. е. па наваму, доаѓаме до 1914 година (4. Мојсеева 14:34; Језекиил 4:6).
18. Што сторил Исус набргу по добивањето на царската моќ, и како се одразило тоа на Земјата?
18 Дали Исус почнал да владее на небото во тоа време? Библиските одговори во врска со тоа ќе бидат разгледани во следното поглавје. Се разбира, почетокот на Исусовото владеење не требало да биде обележан со непосреден мир на Земјата. Откровение 12:7-12 покажува дека веднаш по добивањето на Царството, Исус требало да ги исфрли Сатана и демонските ангели од небото. Тоа би значело несреќа за Земјата. Но, охрабрувачки е да се прочита дека на Ѓаволот му преостанува само „малку време“. Наскоро ќе можеме да се радуваме не само за тоа дека Божјето Царство владее туку и за тоа дека истото ќе донесе благослови и за Земјата и за послушното човештво (Псалм 71:7, 8). Од каде знаеме дека тоа ќе се случи наскоро?
[Фуснота]
a Името Шило значи „Оној, чие е; Оној, кому му припаѓа“. Со текот на времето, станало очигледно дека тој „Шило“ бил Исус Христос, „Лавот, Кој е од Јудиното колено“ (Откровение 5:5). Некои од еврејските Таргуми едноставно го замениле зборот „Шило“ со „Месија“ или „царот Месија“.
ПРОВЕРИ ГО СВОЕТО СПОЗНАНИЕ
Што е Божјето Царство, и од каде владее тоа?
Кој владее во Царството, и кои се неговите поданици?
Какво уверување ни дал Јехова дека неговото Царство е реалност?
Кога започнале и кога завршиле ‚одредените времиња на незнабошците‘?
[Рамка на страница 94]
НЕКОИ ИСТАКНАТИ НАСТАНИ ПОВРЗАНИ СО БОЖЈЕТО ЦАРСТВО
• Јехова ја објавува својата намера да произведе „семе“ (НС), кое ќе ѝ ја смачка главата на Змијата, Сатана Ѓаволот (1. Мојсеева 3:15).
• Во 1943 година пр. н. е., Јехова покажува дека ова „семе“ ќе биде потомок на Авраам (1. Мојсеева 12:1-3, 7; 22:18).
• Сојузот на Законот што му бил даден на Израел во 1513 година пр. н. е., претставува ‚сенка на идните добра‘ (2. Мојсеева 24:6-8; Евреите 10:1).
• Во 1117 година пр. н. е. започнува земното царство Израел и продолжува подоцна во лозата на Давид (1. Царства 11:15; 2. Царства 7:8, 16).
• Ерусалим е уништен во 607 година пр. н. е.; започнуваат ‚одредените времиња на незнабошците‘ (4. Царства 25:8-10, 25, 26; Лука 21:24).
• Во 29 година н. е., Исус е помазан како Наименуван Цар и почнува со неговата земна служба (Матеј 3:16, 17; 4:17; 21:9-11).
• Во 33 година н. е., Исус се вознесува на небото каде што треба да чека од десната страна на Бог сѐ додека не почне да владее (Дела 5:30, 31; Евреите 10:12, 13).
• Во 1914 година, кога завршуваат ‚одредените времиња на незнабошците‘, Исус е востоличен во небесното Царство (Откровение 11:15).
• Сатана и неговите демони се исфрлени во близината на Земјата и му нанесуваат сѐ поголема несреќа на човештвото (Откровение 12:9-12).
• Исус го надгледува проповедањето на добрата вест за Божјето Царство низ целиот свет (Матеј 24:14; 28:19, 20).