Угледај се на Исус — служи му на Бог како што сака тој
Бог со љубов ги повикува луѓето „од сите народи и племиња и народности и јазици“ да му служат (Отк. 7:9, 10; 15:3, 4). Оние што ја прифаќаат оваа покана гледаат „колку е добар Јехова“ (Пс. 27:4; 90:17). Исто како псалмистот, тие со силен глас го фалат Бог, велејќи: „Да паднеме ничкум и да му се поклониме! Да клекнеме пред Јехова, својот Творец!“ (Пс. 95:6).
Служење што Јехова многу го ценел
Како единороден Божји Син, Исус имал многу време да дознае како размислува неговиот Татко и кои се Неговите начела и мерила. Затоа со сигурност можел да им каже на другите како сака Бог да му служат. Исус рекол: „Јас сум патот и вистината и животот. Никој не доаѓа кај Таткото, освен преку мене“ (Јован 1:14; 14:6).
Исус дал совршен пример за понизна подложност на Бог. Тој рекол: „Ништо не правам сам од себе, туку зборувам така како што ме научи Таткото“. А потоа додал: „Јас секогаш го правам она што нему му е по волја“ (Јован 8:28, 29). Во кој поглед Исус го правел она што било по волја на неговиот Татко?
Како прво, Исус му бил потполно оддаден на својот Татко, и тоа, всушност, е клучното нешто што Јехова го бара од нас за да му служиме на прифатлив начин. Исус покажал колку е приврзан кон својот Татко со тоа што му бил послушен и ја вршел Неговата волја, дури и по голема лична цена (Фил. 2:7, 8). Важен дел од службата на Исус за Бог било тоа што редовно ги поучувал луѓето — до тој степен што и верниците и неверниците го нарекувале Учител (Мат. 22:23, 24; Јован 3:2). Освен тоа, Исус се трошел за другите. Бидејќи бил самопожртвуван, тој имал малку време за себеси, но се радувал што можел да им служи на луѓето (Мат. 14:13, 14; 20:28). И, макар што бил многу зафатен, Исус секогаш наоѓал време за да разговара во молитва со својот небесен Татко (Лука 6:12). Бог навистина многу ја ценел службата на Исус!
Битка за да му се угоди на Бог
Јехова гледал како постапува неговиот Син, и јавно кажал дека тој е по неговата волја (Мат. 17:5). Но, и Сатана Ѓаволот гледал дека Исус му е верен на Бог. Така Исус станал негова посебна мета. Зошто? Затоа што ниту еден човек дотогаш не му бил потполно верен на Бог онака како што сака Тој. Ѓаволот сакал да го спречи Исус да му служи на Бог на начин кој само Тој го заслужува (Отк. 4:11).
Со намера да го наведе да згреши, Сатана му пристапил на Исус со една примамлива понуда. Го одвел на ‚една мошне висока планина и му ги покажал сите царства на светот и нивната слава‘. Потоа му рекол: „Сето ова ќе ти го дадам ако паднеш и ми се поклониш“. Како реагирал Исус? Тој рекол: „Бегај, Сатано! Зашто, напишано е: ‚Јехова, својот Бог, обожавај го и само нему служи му!‘“ (Мат. 4:8-10). На Исус му било сосема јасно дека ќе изврши чин на идолопоклонство ако му се поклони на Сатана, иако ова навидум изгледало многу корисно за него. Тој не сакал да покаже ниту со една постапка дека му служи на кој и да било друг освен на Јехова.
Најверојатно Сатана нема да ни ги понуди нам сите царства на светот и нивната слава за да престанеме да му служиме на Бог. Сепак, тој сѐ уште се обидува да ги спречи искрените христијани да му служат на Бог. Ѓаволот сака да служиме на некој друг или на нешто друго (2. Кор. 4:4).
Исус Христос останал верен до смрт. Со тоа го прославил Јехова на начин на кој тоа не го сторил ниту еден друг човек. Како вистински христијани денес, ние се трудиме да го следиме Исусовиот пример на верност со тоа што на прво место во животот го ставаме служењето на Творецот. Всушност, најскапоценото нешто што го имаме е блиското пријателство со Бог.
Благослови за оние што му служат на Бог како што сака Тој
Служењето, односно „почитувањето кое е чисто и неизвалкано“ пред Бог, носи многу благослови (Јак. 1:27). На пример, живееме во време кога сѐ повеќе луѓе се „себељубиви, алчни за пари, вообразени“ и „без љубов кон добротата“ (2. Тим. 3:1-5). Но, во Божјето домаќинство имаме чест да се дружиме со чист и добар народ кој се труди да живее според мерилата што Бог ги поставил за своите слуги. Зарем тоа не е вистински извор на освежување?
Бидејќи се трудиме да останеме неизвалкани од светот, ние сме благословени и со чиста совест. Сакаме да задржиме чиста совест така што и понатаму ќе се подложуваме на Божјите праведни мерила и ќе им бидеме послушни на оние закони на „цезарот“ кои не се косат со Божјите закони (Мар. 12:17; Дела 5:27-29).
Кога му служиме на Бог со сета душа, благословени сме на уште еден начин. Бидејќи со сите сили се трудиме да ја вршиме Божјата волја, а не својата, водиме смисловен и исполнет живот. Наместо да велиме: „Да јадеме и да пиеме, зашто утре ќе умреме“, ние цврсто се надеваме дека ќе живееме вечно во Рајот на Земјата (1. Кор. 15:32).
Книгата Откровение зборува за времето кога оние што се чисти во Јеховини очи ќе бидат избавени од „големата неволја“. Извештајот вели дека „оној што седи на престолот ќе го распне својот шатор над нив“ (Отк. 7:13-15). Оној што седи на престолот е самиот Јехова Бог, највеличествената Личност во вселената. Замисли само колку ќе бидеш радосен кога Тој ќе ти изрази добредојде како гостин во неговиот шатор, ќе се грижи за тебе и ќе те чува за да не ти се случи ништо лошо! Всушност, во извесна мера, уште денес уживаме во неговата грижа и заштита.
Освен тоа, за сите што му служат на Бог како што сака Тој се вели дека ќе бидат водени „на извори на води на животот“. Овие освежителни извори го претставуваат сето она што Јехова го прави за да имаме вечен живот. Благодарение на Христовата откупнина, „Бог ќе ја избрише секоја солза од нивните очи“ (Отк. 7:17). Луѓето ќе бидат доведени до совршенство, и тоа ќе им донесе неопислива радост на сите што ќе имаат можност да живеат засекогаш на Земјата. Уште денес, среќните слуги на Бог радосно извикуваат, покажувајќи му го своето длабоко ценење на Јехова и служејќи му заедно со оние на небото, кои пеат: „Големи и чудесни се твоите дела, Јехова Боже, Семоќен! Праведни и сигурни се твоите патишта, Царе на вечноста! Кој нема да се плаши од тебе, Јехова, и да го слави твоето име? Зашто, само ти си лојален. Сите народи ќе дојдат и ќе се поклонат пред тебе, бидејќи се покажа праведноста на твоите одредби“ (Отк. 15:3, 4).
[Слика на страница 27]
Што ни нуди Сатана за да престанеме да му служиме на Бог?