Радувајте се во надежта на Царството!
„Радувајте се во надежта. Издржете во неволја“ (РИМЈАНИТЕ 12:12, NW).
1. Зошто можеме да најдеме радост во дружењето со Јехова, и на што апостол Павле ги подбудувал христијаните?
„СРЕЌНИОТ Бог“ (1. Тимотеј 1:11, NW). Колку добро тоа го опишува Јехова! Зошто? Затоа што сите негови дела му донесуваат голема среќа. Бидејќи Јехова е Изворот на сѐ што е добро и што причинува среќа, сите негови интелигентни творби можат да најдат среќа во дружењето со него. Во согласност со тоа, апостол Павле ги поттикнувал христијаните да ја ценат својата радосна предност што го познаваат Јехова Бог, да бидат благодарни за сите Негови прекрасни дарови на создавањето, и да се радуваат во љубезната доброљубивост што Тој им ја покажува. Павле напишал: „Радувајте се секогаш во Господинот, и пак велам: радувајте се“ (Филипјаните 4:4; Псалми 104:31, Даничиќ-Караџиќ).
2. Која надеж носи голема радост, и што христијаните се охрабрени да прават во врска со таа надеж?
2 Дали христијаните внимаваат на овој совет што го дал Павле? Навистина да! Духовните браќа на Исус Христос се радуваат во прославената радост што им ја дал Бог (Римјаните 8:19-21; Филипјаните 3:20, 21). Да, тие знаат дека ќе учествуваат во исполнувањето на големата надеж за иднината на човештвото, и за живите и за мртвите, со тоа што ќе служат со Христос во неговата царска влада. Замисли си колку ќе се радуваат во своите предности како сонаследници, служејќи како цареви и свештеници! (Откровение 20:6). Колку ќе бидат среќни кога ќе му помагаат на верното човештво да постигне совршенство и кога ќе помагаат во водењето на обновата на Рајот на нашата Земја! Навистина, сите Божји слуги го имаат ‚темелот на надежта во вечен живот — живот кој пред вечни времиња го ветил Бог, кој никогаш не лаже‘ (Титу 1:2, Ст). Со оглед на таа величествена надеж, апостолот Павле ги охрабрува сите христијани: „Радувајте се во надежта“ (Римјаните 12:12, NW).a
Вистинската радост — особина на срцето
3, 4. (а) Што значи изразот „да се радуваш“ и колку често христијаните треба да се радуваат? (б) Што е вистинската радост и од што таа зависи?
3 „Да се радуваш“ значи да чувствуваш и да изразуваш радост; тоа не значи да бидеш во состојба на постојана еуфорија или излив на чувства. Глаголите кои одговараат на хебрејските и грчките зборови употребени во Библијата за „радост“, „ликување“ и „радување“ го изразуваат и внатрешното и надворешното манифестирање на радост. Христијаните се охрабрени да ‚продолжат да се радуваат‘, ‚секогаш да се радуваат‘ (2. Коринтјаните 13:11, NW; 1. Солунјаните 5:16).
4 Но како може некој секогаш да се радува? Тоа е возможно бидејќи вистинската радост е особина на срцето, длабока внатрешна особина, духовна особина (5. Мојсеева 28:47; Изреките 15:13; 17:22). Таа е плод на Божјиот дух кој Павле го навел веднаш до љубовта (Галатјаните 5:22). Како внатрешна особина, таа не е зависна од надворешни работи, па дури ни од нашите браќа, туку зависи од Божјиот свет дух. А доаѓа од длабокото внатрешно задоволство поради спознанието дека ја поседуваме вистината, надежта за Царството и дека го правиме она што му се допаѓа на Јехова. Според тоа, радоста не е само обична карактерна црта со која се раѓаме; таа е дел од „новата личност“, дел од збирот на особини кои го карактеризирале Исус Христос (Ефесјаните 4:24, NW; Колосјаните 3:10).
5. Кога и како може радоста да се покаже надворешно?
5 Иако радоста е особина на [симболичното] срце, сепак, понекогаш може надворешно да се покажува. Кои се тие повремени, надворешни манифестации на радост? Тоа може да биде од смиреност на лицето па сѐ до дословно потскокнување од радост (3. Царства [1. Царевите] 1:40; Лука 1:44; Дела на св. апостоли 3:8; 6:15). Тогаш, дали тоа значи дека немаат радост луѓето кои не се зборливи или кои не се смеат секогаш? Не! Вистинската радост не се изразува во постојаното зборување, гласното смеење, насмевнувањето или смешкањето. Околностите предизвикуваат радоста да се изразува на разновидни начини. Во Царската сала не само радоста нѐ прави слични во радоста, туку и нашата братска наклоност и љубов.
6. Зошто можат христијаните секогаш да се радуваат дури и кога се соочуваат со непријатни околности?
6 Еден постојан аспект на радоста е нејзината внатрешна трајност како срдечна особина на новата личност на христијанинот. Токму тоа овозможува секогаш да се радуваме. Се разбира дека понекогаш можеби сме вознемирени поради нешто или се соочуваме со непријатни околности. Но сепак, сѐ уште можеме да имаме радост во срцето. Некои од првите христијани биле робови кои имале господари на кои тешко можело да им се угоди. Дали таквите христијани би можеле секогаш да се радуваат? Да, поради нивната надеж за Царството и радоста во срцата (Јован 15:11; 16:24; 17:13).
7. (а) Што рекол Исус за радоста во неволји? (б) Што ни помага да издржиме во потешкотии, и кој го поставил најдобриот пример во тој поглед?
7 Веднаш откако рекол: „Радувајте се во надежта“, апостол Павле додал: „Издржете во неволја“ (Римјаните 12:12, NW). И Исус зборувал за радост во неволја кога во Матеј 5:11, 12, (NW) рекол: „Среќни сте кога луѓето ќе ве срамотат и прогонуваат (...) Радувајте се и скокајте од радост, зашто голема е вашата награда на небесата“. Радувањето и скокањето од радост не мораат да бидат дословно надворешно манифестирање; првенствено тоа е длабоко внатрешно задоволство што го поседува некој кога им угодува на Јехова и Исус Христос кога останува цврст под искушение (Дела на св. апостоли 5:41). Всушност, тоа е радост која ни помага да издржиме додека сме во искушение (1. Солунјаните 1:6). Во тој поглед, Исус го поставил најдобриот пример. Библијата ни кажува: „Заради радоста која беше поставена пред него тој претрпе маченички столб“ (Хебреите 12:2, NW).
Радување во надежта и покрај проблемите
8. Со кои проблеми можат да се соочат христијаните, но зошто проблемите не му ја одземаат радоста на христијанинот?
8 Ако некој е Јеховин слуга, тоа не го ослободува од проблеми. Можат да постојат семејни проблеми, економски потешкотии, ослабнато здравје или смрт на ближните. Иако таквите работи можат да предизвикаат жалост, не ни ја одземаат основата за радување во надежта за Царството, внатрешната радост што ја имаме во срцето (1. Солунјаните 4:13).
9. Кои проблеми ги имал Авраам, и како знаеме дека имал радост во срцето?
9 Да го земеме предвид на пример Авраам. Животот не му бил секогаш пријатен. Тој имал семејни проблеми. Неговата конкубина, [прилежница] Агара и сопругата Сара не се сложувале. Имало и караници (1. Мојсеева 16:4, 5). Исмаил му се исмејувал на Исак прогонувајќи го (1. Мојсеева 21:8, 9; Галатјаните 4:29). На крајот, Авраамовата сакана жена, Сара, умрела (1. Мојсеева 23:2). И покрај тие проблеми, тој се радувал во надежта за Семето на Царството, Семето Авраамово, преку кое сите семејства на Земјата ќе бидат благословени (1. Мојсеева 22:15-18). Со радост во срцето, тој издржал во Јеховината служба сто години по напуштањето на својот роден град Ур. Затоа за него е напишано: „Го очекуваше градот кој има вистински темели, чиј градител и творец е Бог“. Поради Авраамовата вера во идното Месијанско Царство, Господ Исус, кога веќе бил наименуван од Бог да биде Цар, можел да каже: „Авраам, (...) трепереше од радост во желбата да го види мојот Ден. Го виде и се израдува“ (Хебреите 11:10, NW; Иван 8:56, Ст).
10, 11. (а) Каква борба имаме ние како христијани, и како сме спасени? (б) Што ни помага во нашата неспособност совршено да ја водиме битката против нашето грешно тело?
10 Како несовршени луѓе го имаме и грешното тело со кое мораме да се бориме и таа борба да се прави она што е исправно може да биде многу тешка. Тоа што се бориме против своите слабости сепак не значи дека немаме надеж. Павле се чувствувал бедно поради таквиот конфликт и рекол: „Кој ќе ме избави од телото на оваа смрт? Му благодарам на својот Бог преку Исуса Христа, нашиот Господ“ (Римјаните 7:24, 25). Преку Исус Христос и откупнината што тој ја дал, ние сме спасени (Римјаните 5:19-21).
11 Христовата откупна жртва ни помага во нашата неспособност совршено да ја избориме битката. Можеме да се радуваме во таа откупнина бидејќи ни овозможува прочистена совест и простување на нашите гревови. Во Евреите 9:14, Павле зборува за „крвта на Христа“ која ја има силата да „ја очисти совеста наша од мртви дела“. Затоа, совеста на христијаните не мора да биде оптоварена со осудување и чувства на вина. Тоа, заедно со надежта што ја имаме, сочинува јака сила за радосна среќа (Псалми 103:8-14, ДК; Римјаните 8:1, 2, 32). Со размислувањето за нашата надеж, сите ние ќе бидеме охрабрени успешно да ја водиме битката.
Да ја држиме нашата надеж цврсто во мислите
12. За која надеж можат да размислуваат помазаните христијани?
12 И за духовно помазаниот остаток и за другите овци е важно да ја задржат на ум својата ‚надеж за спасение‘, носејќи ја како заштитен шлем (1. Солунјаните 5:8). Помазаните христијани можат да размислуваат за прекрасната предност да постигнат бесмртност на небото, да имаат пристап кон Јехова Бог и да се радуваат на личното дружење со прославениот Исус Христос и апостолите и со сите останати од 144 000, кои ја сочувале својата беспрекорност низ вековите. Какво неописливо богатство на дружење!
13. Како се чувствуваат помазаните кои сѐ уште се на Земјата во поглед на својата надеж?
13 Како се чувствуваат малкуте помазани кои се сѐ уште на Земјата во поглед на својата надеж за Царството? Тоа може накратко да се прикаже со зборовите на Ф. В. Франц, претседател на Друштвото Стражарска кула, кој се крстил во 1913: „Нашата надеж е сигурна, и потполно ќе се исполни до последниот од 144 000 членови на малото стадо, дури и повеќе од она што сме го замислувале. Ние од остатокот во 1914 година, кога сите очекувавме да одиме на небо, не сме ја изгубиле смислата за вредноста на таа надеж. Но ние сме посилни во тоа од кога и да е порано, и ја цениме толку повеќе колку што повеќе мораме да ја очекуваме. Таа е нешто што е вредно за чекање, дури ако треба и милиони години. Јас ја ценам нашата надеж повеќе од кога и да било порано, и никогаш не сакам да го изубам ценењето за неа. Надежта на малото стадо исто така дава гаранција дека очекувањето на големото мноштво од други овци, без каква и да било можност за неуспех, ќе биде исполнето над нашите најсјајни замисли. Затоа до овој час се држиме цврсто, и ќе се држиме цврсто сѐ додека Бог навистина докаже дека е верен на своите ‚драгоцени и многу големи ветувања‘“ (2. Петрово 1:4, NW; 4. Мојсеева 23:19; Римјаните 5:5).
Радувај се сега во надежта за Рајот
14. Која надеж треба да ја има на ум големото мноштво?
14 Таков израз на ликувачка вера во оние кои се дел од големото мноштво од други овци влева величествени причини за радување (Откровение 7:15, 16). Таквите треба да ја имаат на ум надежта за преживување на Армагедон. Да, радувај се што ќе можеш да видиш како Божјето Царство го оправдува универзалниот суверенитет на Јехова Бог и го посветува неговото славно име донесувајќи ја големата неволја, која ќе ја исчисти Земјата од злобните, чиј бог е Ѓаволот. Каква радост ќе биде да се преживее таа голема неволја! (Даниел 2:44; Откровение 7:14).
15. (а) Какво дело на оздравување спровел Исус кога бил на Земјата, и зошто? (б) Кои ќе бидат здравствените потреби на преживеаните од Армагедон, и зошто се разликуваат од оние кои ќе бидат воскреснати?
15 Во врска со големото мноштво, Откровение 7:17 вели: „Јагнето (...) ќе ги пасе, и ќе ги води на извори на води на животот. И Бог ќе ја избрише секоја солза од нивните очи“. Иако тоа пророштво има духовно исполнување сега, оние кои ќе го преживеат Армагедон ќе видат како тоа буквално ќе се исполни. На кој начин? Што правел Исус додека бил на Земјата? Ги оздравувал сакатите и правел куците да одат, им ги отворал ушите на глувите и очите на слепите и ги лекувал лепрозните, парализираните и ‚лекувал секаква болест и немоќ во народот‘ (Матеј 9:35; 15:30, 31). Зарем тоа не им е потребно на христијаните денес? Големото мноштво ќе ги пренесе неспособностите и слабостите од стариот во новиот свет. Што очекуваме да стори Јагнето околу тоа? Потребите на преживеаните од Армагедон ќе бидат многу поинакви од потребите на воскреснатите. Воскреснатите веројатно ќе бидат повторно создадени со цели, цврсти и здрави тела, но сѐ уште нема да имаат човечка совршеност. Поради чудото на воскресение, јасно дека нема да имаат потреба од оздравување на поранешните неспособности преку чудото на оздравување. Од друга страна, поради нивното единствено доживување на преживувањето на Армагедон, на многумина од големото мноштво ќе им треба зачудувачко оздравување кое и ќе го добијат. Видливо е дека главна намера на Исусовите оздравувања била да го опишат радосниот изглед кој служи за охрабрување на големото мноштво, дека не само што ќе преживеат туку и ќе бидат оздравени после тоа.
16. (а) Кога може да се одигра зачудувачкото оздравување на преживеаните од Армагедон и со каков резултат? (б) На која надеж ќе продолжиме да ѝ се радуваме за време на Милениумот?
16 Логично е дека таквото зачудувачко лекување ќе се одигра помеѓу преживеаните од Армагедон, релативно брзо после Армагедон и доволно долго пред да започне воскресението (Исаија 33:24; 35:5, 6; Откровение 21:4; спореди Марко 5:25-29). Тогаш луѓето ќе ги фрлат очилата, бастуните, патериците, инвалидските колички, вештачките заби, помагалата за слушање и слично. Каква причина за радување! Колку добро таквата првобитна акција на враќање на силата од страна на Исус се подудира со улогата на преживеаните од Армагедон кои ќе ја сочинуваат основата на новата Земја! Болестите кои онеспособуваат ќе бидат отстранети за да можат тие преживеани да напредуваат со одушевеност, нестрпливо гледајќи на прекрасната Милениумска активност која се протега пред нив, и кога нема да бидат оптоварени со неволјите коишто стариот свет можеби им ги нанесувал. А во текот на Милениумот тие ќе се радуваат на надежта да ја постигнат самата полнота на совршен човечки живот до крајот на тие илјада години.
17. Какви радости ќе постојат додека продолжува работата на обновување на Рајот?
17 Ако е тоа и твоја надеж, размисли и за радоста од учествување во обновувањето на Рајот на Земјата (Лука 23:42, 43, NW). Без сомнение, преживеаните од Армагедон ќе помогнат да се исчисти Земјата, па така ќе обезбедат пријатни места кадешто мртвите ќе бидат воскреснати. Погребите ќе можат да бидат заменети со поворки за дочек на оние кои ќе бидат подигнати во воскресението, вклучувајќи ги и нашите ближни кои умреле. А размисли за збогатувачкото дружење со верните мажи и жени од минатите векови. Со кого сакаш посебно да разговараш? Можеби со Авел, Енох, Ное, Јов, Авраам, Сара, Исак, Јаков, Јосиф, Мојсеј, Исус Навин, Раав, Девора, Самсон, Давид, Илија, Јелисеј, Јеремија, Језекиил, Даниел или Јован Крстител? Тогаш, тој прекрасен изглед е исто така дел од твојата надеж. Ќе можеш да разговараш со нив, да учиш од нив и заедно со нив да работиш на претворањето на целата Земја во Рај.
18. За кои понатамошни радости можеме да размислуваме?
18 Размисли и за здравата храна, чистата вода и чистиот воздух, и за нашата Земја повторно вратена во нејзината совршена еколошка рамнотежа онака како што Јехова ја создал. Тогаш животот повеќе нема да биде само пасивно радување на совршенството, туку активно и смисловно учество во радосни активности. Размисли за светско општество од луѓе ослободени од злосторство, егоизам, љубомора, кавги — братство кадешто сите го развиваат и покажуваат плодот на духот. Колку возбудливо! (Галатјаните 5:22, 23).
Надеж која му дава смисла на животот
19. (а) Кога треба да се доживее радувањето споменато во Римјаните 12:12? (б) Зошто треба да бидеме одлучни да не дозволиме товарите на животот да ни ја одземат нашата надеж?
19 Кога некое очекување ќе се оствари, повеќе нема надеж, затоа радувањето на кое поттикнувал Павле во Римјаните 12:12 треба сега да се доживее (Римјаните 8:24). Самата помисла за идните благослови коишто ќе ги донесе Божјето Царство е причина сега да се радуваме во таа надеж. Затоа биди одлучен да не дозволиш тешкотиите на животот во овој расипан свет да ти ја одземат твојата славна надеж. Немој да се измориш и да се предадеш, губејќи го изгледот за надежта која е пред тебе (Евреите 12:3). Напуштањето на христијанскиот пат нема да ги реши твоите проблеми. Запомни, ако некој престане да му служи на Бог поради сите сегашни животни тешкотии, тој сѐ уште е заглавен со тие тешкотии, а ја губи надежта и така ја губи можноста да им се радува на прекрасните изгледи кои се близу.
20. Какво влијание има надежта за Царството на оние кои ја прифаќаат, и зошто?
20 Јеховиниот народ има многу причини да води среќен живот. Нивната сјајна, вдахновителна надеж му дава смисла на животот. А таа радосна надеж не ја чуваат само за себе. Не, спремни се да ја споделат со другите (2. Коринтјаните 3:12). На тој начин, оние кои ја прифаќаат надежта за Царството се доверлив народ и се стремат да ги охрабрат другите со тоа што им ја кажуваат добрата вест од Бог. Тоа го исполнува животот на оние кои ја прифаќаат пораката со најпрекрасната надеж која некогаш му била дадена на човештвото — надежта за Царството кое повторно ќе го обнови Рајот на Земјата. Ако луѓето не ја прифаќаат, ние и понатаму продолжуваме да се радуваме бидејќи ја имаме надежта. Оние коишто губат се оние кои не слушаат, а не ние (2. Коринтјаните 4:3, 4).
21. Што е на дофат и како треба да ја вреднуваме нашата надеж?
21 Божјето ветување е: „Ете, сѐ ново создавам“ (Откровение 21:5). Новиот свет со сите свои восхитувачки и бескрајни благослови е близу. Нашата надеж — за живот на небото или на рајската Земја — е скапоцена; цврсто држи се за неа. Во овие критични последни денови, повеќе од кога и да било, гледај на неа ‚како на доверливо и цврсто сидро на душата‘. Со нашата надеж укотвена во Јехова, „вечна карпа — Карпата на вековите“, секако дека имаме јака и разведрувачка причина уште сега да се „радуваме во надежта“ која е поставена пред нас (Хебрејима 6:19, Ст; Исаија 26:4, The Amplified Bible).
[Фуснота]
a Во текот на 1992, Јеховините сведоци ширум светот ќе имаат за годишно мото: „Радувајте се во надежта. (...) Истрајте во молитва“ (Римјаните 12:12, NW).
Прашања за повторување
◻ Која е големата надеж за човештвото?
◻ Што е вистинска радост?
◻ Кога веројатно ќе се одигра зачудувачкото оздравување на преживеаните од Армагедон?
◻ Зошто не треба да дозволиме потешкотиите на животот да ни ја одземат нашата надеж?
◻ По кои радости копнееш во новиот свет?
[Слика на страница 9]
Зарем твоето срце нема да се исполни со радост кога ќе бидеш очевидец на такви оздравувања какви што извршил Исус?
[Слика на страница 10]
Оние кои му се радуваат на Царството ги охрабруваат другите со тоа што ја споделуваат својата радост