ПОГЛАВЈЕ 4
До каде може да се оди?
Точно или неточно...
Секогаш е погрешно ако двајца што се во врска се допираат.
□ Точно
□ Неточно
Иако немаат сексуални односи, сепак можат да бидат виновни за блуд.
□ Точно
□ Неточно
Ако не си покажуваат наклоност со физички допири, тие не се сакаат вистински.
□ Точно
□ Неточно
СИГУРНО многу си размислувал на оваа тема. И нормално, ако си во врска со некого, може да биде тешко да знаеш каде да ја повлечеш границата во изразите на љубов. Да ги разгледаме сега трите изјави од уводот и да видиме како Божјата реч ни помага да одговориме на прашањето „До каде може да се оди?“
● Секогаш е погрешно ако двајца што се во врска се допираат.
Неточно. Библијата не ги осудува исправните, чисти изрази на љубов. На пример, во Библијата читаме за една Суламка и еден пастир што биле вљубени. Нивната врска била чиста. Но сепак, тие очигледно си размениле некои изрази на љубов пред се земат (Песна над песните 1:2; 2:6; 8:5). И денес некои двојки што сериозно размислуваат за брак можеби сметаат дека е на место на некој чист начин да си покажат љубов.a
Меѓутоа, кога двајца се во врска, мораат да бидат многу претпазливи. Бакнувањето, прегрнувањето или што и да е друго што ги возбудува сексуално, може да ги наведе на нешто погрешно. Многу е лесно двајца што имаат чесни намери да изгубат контрола и да направат неморал (Колошаните 3:5).
● Иако немаат сексуални односи, сепак можат да бидат виновни за блуд.
Точно. Изворниот грчки збор преведен со „блуд“ (порни́а) има широко значење. Тој ги опфаќа сите облици на сексуални односи надвор од бракот и укажува на противприродната употреба на половите органи. Според тоа, во блуд не спаѓа само половиот однос туку и милување на половите органи на друго лице, орален и анален секс и други работи.
Освен тоа, Библијата не го осудува само блудот. Апостол Павле напишал: „Делата на телото се очигледни. Тоа се: блуд, нечистотија, бесрамност“. Потоа додал: „Оние што прават такво нешто нема да го наследат Божјето царство“ (Галатите 5:19-21).
Што е „нечистотија“? Според грчкиот збор, во тоа спаѓа секаква валканост, и во говорот и во постапките. Нема ништо чисто во тоа ако некој лута со рацете под облеката на другиот, ако го соблекува, или ако го милува по интимните делови од телото, на пример, по градите. Во Библијата, милувањето на градите се поврзува со нежностите што си ги разменуваат брачните партнери (Изреки 5:18, 19).
Некои млади бесрамно ги погазуваат Божјите мерила. Тие намерно ја преминуваат границата на дозволеното, или незаситно ги менуваат партнерите со кои можат да прават валкани работи. Поради тоа можат да бидат виновни за „бесрамни дела“, како што ги нарекува апостол Павле. Грчкиот збор преведен со „бесрамни дела“ значи ‚срамотни постапки, неумереност, безобразие, разуздана страст‘. Сигурно не би сакал да ‚изгубиш секакво чувство за тоа што е чесно‘ препуштајќи се на ‚бесрамни дела за лакомо да вршиш секаква нечистотија‘ (Ефешаните 4:17-19).
● Ако не си покажуваат наклоност со физички допири, тие не се сакаат вистински.
Неточно. Иако некои мислат поинаку, една врска не се продлабочува ако двајцата си покажуваат непристојна физичка наклоност. Напротив, тоа ги поткопува почитта и довербата. Размисли за она што ѝ се случило на Лора. „Еден ден, кога мајка ми не беше дома, мојот дечко дојде кај мене, наводно за да гледаме ТВ“, вели таа. „Отпрвин само ме држеше за рака. Но, одеднаш рацете почнаа да му лутаат по моето тело. Ми беше страв да му речам да престане. Си мислев дека ќе се налути и ќе си замине.“
Што мислиш? Дали дечкото на Лора навистина мислел на неа или само гледал тој да си ги задоволи желбите? Дали некој што се обидува да те натера да направиш нешто валкано покажува дека навистина те сака?
Кога едно момче присилува некоја девојка да оди против своето христијанско воспитание и против својата совест, го прекршува Божјиот закон и со тоа покажува дека не ја сака вистински. Освен тоа, кога една девојка попушта под таквиот притисок, остава простор да биде искористена. Но, што е уште полошо, со тоа прави нешто нечисто — можеби дури и блудb (1. Коринќаните 6:9, 10).
Постави јасни граници
Ако имаш врска, што можеш да направиш за да не дојде до недолични физички контакти? Најмудро е однапред да поставиш јасни граници. Во Изреки 13:10 пишува: „Мудри се оние што меѓусебно се советуваат“. Затоа, разговарај со својот партнер кои изрази на наклоност се на место. Ако чекаш да се најдеш во ситуација кога ќе бидете понесени од чувствата, па тогаш да поставиш граници, тоа е исто како да чекаш куќата да ти ја зафати пожар, па тогаш да поставиш противпожарен аларм.
Точно, не е лесно — дури е и незгодно — да се зборува за такви осетливи теми, особено во раните фази од една врска. Но, со тоа што ќе поставиш граници можеш во голема мера да спречиш да дојде до сериозни проблеми подоцна. Мудро поставените граници може да бидат како еден детектор за чад кој го активира алармот при првите знаци за пожар. Освен тоа, кога ќе зборувате за вакви теми, ќе имаш уште една прилика да видиш дали вашата врска има иднина. Всушност, самоконтролата, стрпливоста и несебичноста се темел за во бракот да имате сексуални односи што ќе ве исполнуваат (1. Коринќаните 7:3, 4).
Мора да се признае дека не е секогаш лесно да се живее според Божјите мерила. Но, можеш да имаш доверба во советите што ни ги дава Јехова. На крајот на краиштата, во Исаија 48:17 Јехова за себе вели дека тој е оној „кој те учи да го правиш она што е за твое добро, кој те води по патот по кој треба да одиш“. Јехова секогаш ти го мисли само доброто!
ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ИМА ВО ТОМ 1, ПОГЛАВЈЕ 24
Ако досега си немал сексуални односи, не значи дека со тебе нешто не е во ред. Напротив, тоа е мудра одлука. Дознај зошто.
[Фусноти]
a Во некои делови од светот се смета за неумесно и навредливо кога двајца што не се во брак си покажуваат наклоност во јавност. Христијаните внимаваат да не ги спрепнат другите со своето однесување (2. Коринќаните 6:3).
b Се разбира, овие работи важат и за девојките и за момчињата.
КЛУЧЕН СТИХ
„Љубовта... не се однесува непристојно“ (1. Коринќаните 13:4, 5)
ПРЕДЛОГ
Излегувајте во група, или инсистирај секогаш да има трето лице со вас. Избегнувај опасни ситуации, на пример, да бидете сами во паркиран автомобил или дома.
СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?
Ако сте свршени, ќе треба да разговарате за некои интимни работи. Но, разговорите за секс кои имаат цел да ги разбудат сексуалните желби се облик на нечистотија — дури и ако се водат по телефон или преку СМС-пораки.
ПЛАН!
За да не се најдам на искушение да направам неморал, ќе ․․․․․
Ако мојот партнер се обиде да ме присили да направам нешто валкано, ќе ․․․․․
Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․
ШТО МИСЛИШ?
● Какви граници би поставил во поглед на физичките контакти меѓу тебе и некој од спротивниот пол?
● Објасни ја разликата помеѓу блуд, нечистотија и бесрамни дела.
[Истакната мисла на страница 46]
››Заедно со мојот свршеник читавме библиски статии во кои се зборуваше за моралната чистота. Многу сме благодарни затоа што ни помогнаа да задржиме чиста совест‹‹ (Летиција)
[Рамка на страница 44]
Што ако сме ја преминале границата?
Што ако сте направиле нешто погрешно? Немој да си мислиш дека сам можеш да го решиш проблемот. „Се молев: ‚Помогни ни да не ни се повтори‘“, признава една девојка. „Понекогаш ни успеваше, понекогаш не.“ Затоа, разговарај со своите родители. Библијата ни го дава и овој убав совет: ‚Повикај ги старешините од собранието‘ (Јаков 5:14). Овие христијански пастири можат да ти дадат совети и опомени што ќе ти помогнат да си го поправиш односот со Бог.
[Слики на страница 47]
Дали ќе чекаш куќата да ти ја зафати пожар, па да ставиш противпожарен аларм? Затоа, не чекај страста да те обземе, па тогаш да поставиш граници до каде може да се оди