Прашања од читателите
Дали тоа што Давид во Псалм 61:8 кажал дека ќе го слави Божјето име „засекогаш“ било преувеличено, односно нереално?
Не. Она што го напишал Давид било вистина.
Размисли за она што го напишал Давид во овој стих и во други слични стихови: „Јас засекогаш ќе го славам твоето име со песна, за да ги исполнувам моите завети од ден на ден“. „Ќе те фалам, о Јехова, Боже мој, со сето свое срце, ќе го славам твоето име довека.“ „Ќе го фалам твоето име довека, во сета вечност“ (Пс. 61:8; 86:12; 145:1, 2).
Кога ги напишал овие зборови, Давид не мислел дека никогаш нема да умре. Тој знаел дека Јехова одредил луѓето да умираат поради гревот што го наследиле. Освен тоа, и самиот признал дека е грешник (1. Мој. 3:3, 17-19; Пс. 51:4, 5). Давид бил свесен дека дури и верните Божји слуги, како Авраам, Исак и Јаков, умреле. И бил свесен дека еден ден и неговиот живот ќе заврши (Пс. 37:25; 39:4). Но, од неговите зборови од Псалм 61:8 се гледа неговата желба и решеност да го фали Бог засекогаш, односно сѐ додека е жив (2. Сам. 7:12).
Понекогаш Давид пишувал за работи кои му се случиле во животот, како што се гледа од натписите на Псалм 18, 51 и 52. Во Псалм 23, Давид го опишал Јехова како пастир кој им дава на своите слуги водство, поткрепа и заштита. Давид бил токму таков пастир. И, тој сакал да му служи на Бог „во сите денови на [својот] живот“ (Пс. 23:6).
Исто така, треба да имаме на ум дека Давид пишувал под водство на светиот дух. Меѓу другото, тој запишал пророштва кои требало да се исполнат многу подоцна. На пример, во Псалм 110 Давид укажал на времето кога неговиот Господар ќе седел од десната страна на Бог на небото и ќе добиел голема моќ. За која цел? За да ги покори Божјите непријатели и за да „изврши пресуда над народите“ на Земјата. Давид бил предок на Месијата, за кого било проречено дека ќе владее од небото и ќе биде „довека свештеник“ (Пс. 110:1-6). Исус потврдил дека пророштвото од Псалм 110 се однесува на него и дека требало да се исполни во иднина (Мат. 22:41-45).
Јехова го водел Давид да пишува и за времето во кое живеел и за иднината — времето кога ќе воскресне и ќе може да го фали Јехова засекогаш. Ова ни помага да сфатиме дека Псалм 37:10, 11, 29 може да се разбере како опис на условите кои владееле во древниот Израел, како и на условите кои ќе владеат низ целиот свет во иднина кога Бог ќе ги исполни своите ветувања. (Види во пасус 8 од статијата „Ќе бидеш со мене во Рајот“, која се наоѓа во овој број.)
Според ова, Псалм 61:8 и други слични стихови покажуваат дека Давид сакал да го фали Јехова во древниот Израел сѐ додека бил жив. Исто така, тие покажуваат што навистина ќе може да прави Давид во иднина кога Јехова ќе го врати во живот.