Лука
1 Многумина се трудеа да состават извештај за настаните за кои сме потполно уверени дека се случиле, 2 точно како што ни ги пренесоа оние што од почетокот беа очевидци на тие настани и ја објавуваа пораката. 3 Па така и јас, почитуван Теофиле, откако внимателно испитав сѐ од почетокот, решив да ти напишам сѐ по ред,* 4 за да се увериш дека сето она за кое си поучен е вистина.
5 Во деновите на Ирод,* царот на Јудеја, имаше еден свештеник по име Захарија, од свештеничката група на Авија. Жена му беше од ќерките на Арон и се викаше Елисавета. 6 Двајцата беа праведни во Божји очи и беспрекорно се држеа за сите заповеди и закони на Јехова. 7 Но немаа деца, бидејќи Елисавета беше неротка, а и двајцата беа во поодминати години.
8 Еден ден, Захарија ја извршуваше свештеничката служба пред Бог, бидејќи беше редот на неговата група. 9 Според свештеничкиот обичај, дојде неговиот ред да влезе во Јеховиното светилиште и да принесе темјан. 10 Додека тој принесуваше темјан, целиот народ се молеше надвор. 11 Тогаш му се појави Јеховин ангел, кој стоеше од десната страна на кадилниот жртвеник. 12 Кога го здогледа, Захарија се вознемири и многу се исплаши. 13 Но ангелот му рече: „Не плаши се, Захарија, зашто твоите сесрдни молитви се услишени и твојата жена Елисавета ќе ти роди син. Дај му го името Јован. 14 Ќе се радуваш и ќе се веселиш, и многумина ќе се израдуваат на неговото раѓање, 15 зашто тој ќе биде голем во очите на Јехова. Но не смее да пие вино ни друг алкохолен пијалак. Ќе биде исполнет со свет дух уште пред да се роди.* 16 Ќе им помогне на многу Израелци да се вратат кај својот Бог Јехова. 17 И ќе оди пред Бог полн со дух и со сила како Илија, за да направи срцето на татковците да стане како срцето на децата и да им помогне на непослушните да постапуваат мудро како праведните. Така ќе подготви народ за Јехова“.
18 А Захарија му рече на ангелот: „Како е можно тоа? Зашто, јас сум стар и жена ми е во поодминати години“. 19 Ангелот му одговори: „Јас сум Гавриел, кој стои пред Бог. Тој ме испрати да зборувам со тебе и да ти ја објавам оваа добра вест. 20 Но, бидејќи не им поверува на моите зборови, кои ќе се исполнат во свое време, ќе онемиш и нема да можеш да зборуваш сѐ до денот кога тоа ќе се случи“. 21 А народот го чекаше Захарија и се чудеше зошто толку се задржа во светилиштето. 22 Кога излезе, не можеше да зборува, па сфатија дека во светилиштето имал видение. Бидејќи беше нем, се обиде со знаци да се разбере со нив. 23 А кога завршија деновите на неговата служба во храмот, си отиде дома.
24 По некое време, неговата жена Елисавета забремени и пет месеци не излегуваше од дома. Таа велеше: 25 „Еве што направи Јехова за мене. Ми обрна внимание и го отстрани срамот од мене“.
26 Кога Елисавета беше во шестиот месец од бременоста, Бог го испрати ангелот Гавриел во галилејскиот град Назарет 27 кај една девица, која се викаше Марија. Таа беше верена со Јосиф, кој беше потомок на Давид. 28 Кога дојде кај неа, ангелот ја поздрави и ѝ рече: „Укажана ти е голема чест. Јехова е со тебе!“ 29 А таа се уплаши од неговите зборови и почна да размислува што би можеле да значат. 30 Но ангелот ѝ рече: „Не плаши се, Марија, зашто ја стекна Божјата наклоност. 31 Ќе забремениш и ќе родиш син. Дај му го името Исус. 32 Тој ќе биде голем и ќе биде наречен Син на Севишниот. Јехова Бог ќе му го даде престолот на неговиот татко Давид, 33 и тој ќе владее како Цар во домот на Јаков засекогаш, и на неговото владеење* ќе му нема крај“.
34 А Марија му рече на ангелот: „Како е можно тоа, кога уште не сум имала односи со маж?“ 35 Ангелот ѝ одговори: „Светиот дух ќе дојде врз тебе и силата на Севишниот ќе те засени. И затоа детето што ќе го родиш ќе биде свето, Син Божји. 36 Еве, и твојата роднина Елисавета забремени, иако е во поодминати години. Луѓето ја нарекуваа неротка, а сега е во шестиот месец од бременоста. 37 Зашто, за Бог ништо не е невозможно“.* 38 Тогаш Марија рече: „Еве, јас сум Јеховина робинка! Нека биде со мене така како што кажа“. И ангелот си отиде откај неа.
39 Кратко потоа, Марија се спреми и брзо отиде во планинскиот предел во еден јудејски град, 40 каде што живееше Захарија. Влезе во неговата куќа и ја поздрави Елисавета. 41 Кога Елисавета го слушна гласот на Марија, бебето во нејзината утроба потскокна. И Елисавета се исполни со свет дух 42 и извика со силен глас: „Благословена си ти меѓу жените, и благословен е плодот на твојата утроба! 43 Со што сум ја заслужила оваа чест, мајката на мојот Господар да дојде кај мене? 44 Зашто, штом го слушнав твојот поздрав, бебето во мојата утроба потскокна од радост. 45 Среќна си ти што поверува, бидејќи ќе се исполни сето она што ти го кажа Јехова“.
46 А Марија рече: „Мојата душа* го велича Јехова, 47 и мојот дух неизмерно се радува поради Бог, мојот Спасител, 48 бидејќи ѝ обрна внимание на својата безначајна робинка. Отсега сите поколенија ќе ме нарекуваат среќна, 49 бидејќи моќниот Бог направи прекрасни работи за мене, и свето е неговото име. 50 Од поколение во поколение е милостив кон оние што длабоко го почитуваат.* 51 Моќни дела направи со својата рака, ги распрсна на сите страни оние на кои намерите во срцето им се вообразени. 52 Ги собори владетелите од нивните престоли, а ги возвиши безначајните; 53 гладните ги насити со добри работи, а богатите ги отпушти со празни раце. 54 Му дојде на помош на својот слуга Израел, и така покажа дека се сеќава на ветувањето 55 кое им го даде на нашите прататковци, дека засекогаш ќе покажува милост кон Авраам и кон неговото потомство“. 56 И Марија остана кај Елисавета околу три месеци, а потоа се врати дома.
57 А на Елисавета ѝ дојде време да се породи, и роди син. 58 Соседите и нејзините роднини слушнаа дека Јехова ѝ покажал голема милост и се радуваа со неа. 59 На осмиот ден дојдоа да го обрежат детето и сакаа да му го дадат името Захарија, по неговиот татко. 60 Но неговата мајка рече: „Не! Ќе се вика Јован“. 61 Тогаш ѝ рекоа: „Никој од твоите роднини не се вика така“. 62 Потоа со знаци го прашаа таткото како би сакал да се вика детето. 63 А тој побара дрвена плочка и напиша: „Името му е Јован“. Тогаш сите се зачудија. 64 И во истиот момент, на Захарија му се врати говорот, па почна да зборува и да го фали Бог. 65 И сите нивни соседи се исполнија со стравопочит, и веста за тоа што се случи се рашири по целиот планински предел во Јудеја. 66 Сите што слушнаа, размислуваа за тоа и се прашуваа: „Што ќе стане од тоа дете?“ Зашто, беше јасно дека Јехова* е со него.
67 А татко му Захарија се исполни со свет дух, па почна да пророкува: 68 „Нека биде фален Јехова, Богот на Израел, зашто му покажа милост на својот народ и го избави. 69 Ни подигна моќен спасител* од лозата на својот слуга Давид, 70 како што вети преку своите свети пророци од дамнина, 71 дека ќе нѐ спаси од нашите непријатели и од раката на сите што нѐ мразат. 72 И ќе ни покаже милост, како што им вети на нашите прататковци, и ќе се сети на својот свет сојуз, 73 на заклетвата која му ја даде на Авраам, нашиот прататко. 74 Според таа заклетва, откако ќе бидеме ослободени од рацете на непријателите, ќе ни дозволи да му служиме* без страв, 75 лојално и праведно во сите денови од нашиот живот. 76 А ти, дете, ќе бидеш наречено пророк на Севишниот, зашто ќе одиш пред Јехова за да му го подготвиш патот, 77 за да го поучиш неговиот народ дека спасението доаѓа преку простување на нивните гревови, 78 благодарение на длабокото сочувство на нашиот Бог. Поради тоа сочувство, ќе ни дојде разденување од висините, 79 за да им донесе светлина на оние што седат во темнина и во сенката на смртта, и да ги води нашите чекори по патот на мирот“.
80 А детето порасна и стана зрел човек.* Живееше во пустината сѐ додека не дојде време да започне со својата служба во Израел.