Јован
1 Во почетокот беше Речта, и Речта беше кај Бог, и Речта беше бог.* 2 Тој* во почетокот беше кај Бог. 3 Сѐ настана преку него, и без него ништо не настана.
4 Преку него настана животот, и животот им беше светлина на луѓето. 5 Светлината свети во темнината, и темнината не може да ја надвладее.
6 Бог испрати еден човек кој се викаше Јован. 7 Тој дојде како сведок, да сведочи за светлината, за да можат најразлични луѓе да поверуваат преку него. 8 Тој не беше таа светлина, туку требаше да сведочи за таа светлина.
9 Вистинската светлина, која им свети на најразлични луѓе, наскоро требаше да дојде во светот. 10 Тој беше во светот, и светот настана преку него, но светот не го препозна. 11 Дојде кај своите, но тие не го прифатија. 12 А на сите што го прифатија им даде право да станат Божји деца, бидејќи веруваа во неговото име. 13 Тие не се родени од човечки родители, ниту поради волјата на човек, туку поради Божја волја.
14 И Речта стана човек и живееше меѓу нас, и ја видовме неговата слава, слава каква што единороден син добива од својот татко. Тој беше полн со Божјата милост* и секогаш ја зборуваше вистината. 15 (Јован сведочеше за него, објавувајќи на сет глас: „Тоа е оној за кого реков: ’Тој што доаѓа по мене, сега е пред мене, бидејќи постоеше пред мене‘“.) 16 А сите ние постојано го добиваме она кое тој го имаше во изобилство — незаслужена добрина. 17 Зашто, Законот беше даден преку Мојсеј, а незаслужената добрина и вистината дојдоа преку Исус Христос. 18 Ниту еден човек никогаш не го видел Бог. Единородниот бог, кој му е најблизок на Таткото,* е оној што ни откри кој е Тој.
19 Ова е сведоштвото на Јован. Евреите испратија кај него свештеници и левити од Ерусалим за да го прашаат: „Кој си ти?“ 20 А Јован, без двоумење, отворено им кажа: „Јас не сум Христос“. 21 Тие го прашаа: „Тогаш, кој си? Да не си Илија?“ Тој рече: „Не сум“. „Да не си Пророкот што треба да дојде?“ Тој одговори: „Не сум!“ 22 А тие му рекоа: „Кој си? Кажи ни, за да можеме да им одговориме на оние што нѐ испратија. Што велиш ти, кој си?“ 23 Тој одговори: „Јас сум оној чиј силен глас се слуша во пустината: ’Израмнете му го патот на Јехова!‘, како што рече пророкот Исаија“. 24 А тие луѓе беа испратени од фарисеите. 25 И го прашаа: „Тогаш, зошто крштаваш ако не си ниту Христос, ниту Илија, ниту Пророкот?“ 26 Јован им одговори: „Јас крштавам со вода. Меѓу вас има некој кого вие не го познавате, 27 оној што доаѓа по мене, а јас не сум достоен ни да му ги одврзам сандалите“. 28 Тоа се случи во Витанија* од другата страна на Јордан, каде што Јован крштаваше.
29 Утредента го здогледа Исус како доаѓа кон него, па рече: „Еве го Божјето Јагне кое го отстранува гревот на светот! 30 Тоа е оној за кого реков: ’По мене доаѓа човек кој сега е пред мене, бидејќи постоеше пред мене‘. 31 Дури ни јас не го познавав, но дојдов да крштавам со вода за Израел да разбере кој е тој“. 32 Јован уште посведочи: „Видов како духот слегува од небото како гулаб и останува на него. 33 И јас не го познавав, но оној што ме испрати да крштавам со вода ми рече: ’Врз кого ќе видиш дека слегува духот и останува на него, тој е оној што крштава со свет дух‘. 34 Јас го видов тоа и сведочам дека тој е Божјиот Син“.
35 Следниот ден, Јован повторно стоеше со двајца свои ученици. 36 Кога виде дека Исус поминува оттаму, рече: „Еве го Божјето Јагне!“ 37 А двајцата ученици слушнаа што рече, па тргнаа по Исус. 38 Тогаш Исус се сврте и виде дека одат по него, па ги праша: „Што барате?“ Тие му одговорија: „Раби (што значи ’Учителе‘), каде престојуваш?“ 39 Тогаш тој им рече: „Дојдете и ќе видите“. И така околу 10-тиот час* отидоа и видоа каде престојува, и останаа тој ден кај него. 40 Еден од тие двајца кои слушнаа што рече Јован и тргнаа по Исус беше Андреј, братот на Симон Петар. 41 Тој најпрво го најде својот брат Симон и му рече: „Го најдовме Месијата!“ („Месија“ на грчки е „Христос“.) 42 И го одведе кај Исус, а Исус го погледна и рече: „Ти си Симон, синот на Јован. Ќе се викаш Кифа“. („Кифа“ на грчки е „Петар“.)*
43 Утредента, Исус сакаше да отиде во Галилеја. И го сретна Филип и му рече: „Појди по мене“.* 44 А Филип беше од Витсаида, од каде што беа Андреј и Петар. 45 Филип го најде Натанаел и му рече: „Го најдовме оној за кого пишуваше Мојсеј во Законот и за кого пишуваа Пророците: Исус, синот на Јосиф, од Назарет“. 46 А Натанаел му рече: „Може ли нешто добро да излезе од Назарет?“ Филип му одговори: „Дојди и види“. 47 Исус виде дека Натанаел доаѓа накај него и рече: „Еве вистински Израелец во кого нема измама“. 48 А Натанаел го праша: „Од каде ме познаваш?“ Исус му одговори: „Те видов пред да те повика Филип, додека беше под смоквата“. 49 А Натанаел му одговори: „Учителе,* ти си Божјиот Син, ти си Царот на Израел“. 50 Тогаш Исус му рече: „Зарем веруваш затоа што ти реков дека те видов под смоквата? Ќе видиш и многу повеќе“. 51 Уште рече: „Вистина, вистина ви велам, ќе го видите небото отворено и Божјите ангели како се качуваат таму и слегуваат кај Синот човечки“.