Даниел
8 Во третата година од владеењето на цар Валтазар, јас, Даниел, имав уште едно видение. 2 За време на видението, се наоѓав во тврдината* Суза, која е во покраината Елам, и бев покрај реката* Улај. 3 Погледнав нагоре и видов како покрај реката стои овен со два рога. И двата рога беа долги,* но едниот беше подолг* од другиот, а подолгиот* израсна подоцна. 4 Видов како овенот напаѓа* на запад, на север и на југ. Ниту еден од ѕверовите не можеше да му се спротивстави и никој не можеше да ги спаси од него. Правеше што сакаше и се вообрази.
5 Тогаш видов како од запад се појавува еден јарец кој трчаше толку брзо по целата земја што не го допираше тлото. Тој имаше голем рог меѓу очите 6 и со голем гнев трчаше право кон овенот со двата рога, кој го видов како стои покрај реката.
7 И видов како бесно му се нафрли на овенот. Го удри и му ги скрши двата рога, а овенот немаше сила да му се спротивстави. Јарецот го собори на земја и го згази, и никој не можеше да го спаси овенот од него.
8 Потоа јарецот претерано се вообрази. Но, штом стана моќен, големиот рог му се скрши. На негово место израснаа четири големи рога свртени кон четирите страни на светот.*
9 Од едниот од овие рогови израсна мал рог, кој стануваше сѐ поголем. Тој растеше кон југ, кон исток и кон земјата наречена Убавина. 10 Стана толку голем што се издигна дури до небесната војска, па успеа да собори на земја дел од таа војска и од ѕвездите, а потоа ги згази. 11 Толку се возгордеа што му се спротивстави дури и на Кнезот на војската. Му ја прекина секојдневната* жртва и го опустоши светилиштето кое Тој го втемели. 12 А поради престапот, војската и секојдневната* жртва му паднаа в раце на рогот. Тој ја соборуваше вистината на земја* и успеваше во она што го правеше.
13 Потоа чув како зборува еден ангел.* А еден друг ангел го праша оној што зборуваше: „До кога ќе траат настаните од видението за секојдневната* жртва и за престапот поради кој се пустоши? До кога ќе се газат светото место и војската?“ 14 Тогаш тој ми рече: „Додека не поминат 2.300 вечери и утра.* Потоа светото место пак ќе биде доведено во исправна состојба“.
15 Додека јас, Даниел, го гледав видението и се трудев да го разберам, одеднаш пред мене се појави некој што личеше на човек. 16 Тогаш од средината на Улај чув човечки глас кој повика: „Гавриел, објасни му што значи видението!“ 17 Но, кога тој се приближи до местото каде што стоев, толку се уплашив што паднав на колена со лицето кон земјата. А тој ми рече: „Сине човечки, знај дека ова видение ќе се исполни во времето на крајот“. 18 Но, додека тој зборуваше со мене, јас цврсто заспав со лицето свртено кон земјата. А тој ме допре и повторно ме подигна на нозе. 19 Потоа рече: „Ќе ти кажам што ќе се случи во последниот дел од извршувањето на осудата,* бидејќи видението се однесува на времето на крајот.
20 Овенот со двата рога, кој го виде, ги претставува царевите на Медија и Персија. 21 Рунтавиот јарец го претставува царот на Грција, а големиот рог меѓу неговите очи го претставува првиот цар. 22 Четирите рога што израснаа кога овој рог се скрши ги претставуваат четирите царства кои ќе се издигнат од неговиот народ, но нема да бидат моќни како него.
23 При крајот на нивното царување, кога злоделата на престапниците ќе го достигнат својот врв, ќе се подигне цар со свиреп изглед кој ќе биде вешт во правењето сплетки.* 24 Тој ќе стане многу моќен, но не со сопствена сила. Ќе пустоши со разорна моќ и ќе биде успешен во сѐ што прави. Ќе ги пустоши моќните, а и светиот народ. 25 Тој ќе успее да измами многумина со својата лукавост. Ќе се возгордее во срцето и во мирно време* ќе сотре мнозина. Ќе му се спротивстави дури и на Кнезот над кнезовите, но ќе му дојде крајот, и тоа не од човечка рака.
26 Она што беше речено во видението за вечерите и утрата е точно. Но, ова видение чувај го како тајна, бидејќи ќе се исполни во далечна иднина“.*
27 Тогаш јас, Даниел, се почувствував исцрпено и бев болен неколку дена. Потоа станав и продолжив да му служам на царот. Но, и понатаму бев збунет од видението, кое никој не можеше да го разбере.